Denko Maleski
Professor at Doctoral School of Political Science
Ss. Cyril and Methodius University in Skopje

ЛЕКЦИИ НАУЧЕНИ: БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА, ДЕСЕТ ГОДИНИ ПОТОА

"... Овие народи ... кои се нарекуваат со различни имиња и проповедаат различни религии, ќе мораат, еден ден, да ја најдат заедничката основица на својот опстанок - една поширока, подобра, поразумна и почовечна формула..."
Иво Андриќ

Пред десет години, народите на Балканот ги зафати уште една политичка спазма и, не наоѓајќи ја новата формула на својот опстанок, посегнаа по историјски испробани методи на етнички делби и војни. Центрипеталните сили кои ја зафатија југословенската федерација и кои својата сила ја црпеа од демократијата и желбата за независност, но и од стравот, етничката нетолеранција и борбата за територии, ја разбија федерацијата, за потоа да ги зафатат републиките кои, во меѓувреме, станаа самостојни држави. Движејќи се од север кон југ, овие моќни струи кои настојуваат да ги раскинат општествата вдолж етничките линии, во овој момент, се наоѓаат во Косово, точката на нивниот почеток.Така, во последниве десет години, историјата на балканските народи доживеа уште една своја крвава реприза. Но, за иронијата да биде поголема, ова се случува во време кога се чинеше дека патот кон обединета и демократска Европа е отворен. Патот е навистина отворен, но тешкиот историски багаж кој го носат народите на Балканот е тежок и ја прави средбата помеѓу двете Европи, онаа Источната и онаа Западната, полна со неизвесности.

[Врати се]

 

Средба на две Европи со различно историско наследство [Врати се]

Би можеле да речеме дека денешната поделба на Источна и Западна Европа, датира некаде од шеснаесеттиот век, кога дотогашниот центар на светот се поместува од Медитеранот кон Атлантикот. и додека народите од западниот дел на Европа стануваат главни актери и корисници на плодовите на трговската револуција, создавајќи ја така материјалната основа на идната индустријска и демократска револуција, оние од источниот дел заостануваат. Европската периферија - Западна Европа, станува центарот, а центарот, Источна Европа, станува периферија на Континентот. Во столетијата што следат, различните економски и социјални процеси произведоа различни политички институции и различни политички вредности. Ова мошне јасно се гледа во релацијата држава - општество. Имено, додека "западните услови" произведоа плурализам и фрагментација на моќта, што ќе рече, силно (цивилно) општество, "источните услови" произведоа силна држава и слабо општество. Се разбира, зборуваме за доминантните трендови кои содадоа различна политичка традиција и различен политички морал во двата дела на Континентот, свесни дека елементи од двата процеси се присутни ширум Европа.

Политичката етика којашто настана на почвата на Западна Европа би можела да се објасни со тезата дека општеството има право да учествува во формулирањето на политиката на државата, а со текот на еволуцијата на демократијата и да определува како да се алоцираат богатствата кои ги создава народот. Низ еден повеќестолетен процес, и не без падови, правата и слободите на човекот стануваат дел од политичкиот морал на Западна Европа. Источна Европа, пак, има еден поинаков развој. Географски лоцирана помеѓу Западот и Ориентот, во неа се среќаваат западната традиција на поделба на власта, и источната традиција на концентрација на власта. Оттаму и фактот дека основната карактеристика на политичкиот живот на Источна Европа се манифестира преку силната држава со многубројни дискрециони права. Тоа е и почетокот на доминацијата на бирократијата врз разните домени на човековото живеење - политиката, економијата, религијата... И додека освојувањето на слободата во Западна Европа е дело на граѓаните организирани во цивилното општество, што ќе рече, на групи кои се независни од моќта на државата, во Источна Европа, тоа е дело на самата држава. Реформите, со столетија наназад, по правило, се иницираат "одозгора", па оттаму и нивниот краток домет. Имено, тешката рака на бирократијата ги прекинувала промените секогаш кога тие почнувале да ја загрозуваат нејзината позиција, значи, кога ја минувале границата на дозволената слобода. Овие процеси, пак, оставаат траги врз верувањата и вредностите на поединците, формирајќи еден специфичен "источен" менталитет. На државата, без оглед на нејзиниот идеолошки карактер, луѓето гледале како на институцијата која го обезбедувала саканиот степен на безбедност и благосостојба за поединецот, по далеку помала цена отколку што тоа го нудела независната економска или политичката активност. Згора на ова, привлечноста да се биде во државата произлегувала и од сознанието дека не постојат сериозни (демократски) ограничувања околу начинот на освојувањето на власта или нејзиното користење за лично богатење. Во континуитет, пак, со ова авторитарно наследство е и она од поновата историја на Источна Европа, која трае до моментот кога, под товарот на нерешени економски, социјални, политички и етнички проблеми, не се распадна центарот во Москва. Рушејќи ја еднопартиската диктатура во Источна Европа, демократијата со сета силина ги исфрли на виделина сите оние проблеми кои беа потиснати под површината на политичкиот живот - сериозни дефекти на политичкиот и економскиот систем, нерешени етнички тензии, нерешени граници, иредентизам, национализам, да споменеме само некои од нив. Стоејќи среде тој хаос народите на Источна Европа, на почетокот од деведесеттите години на дваесеттиот век, се соочија со сериозната дилема - како, од сега натаму, да ги разрешуваат вечните проблеми на општеството на еден демократски начин?

[Врати се]

 

Кризата и местото на Југославија во меѓународната политика

Со рушењето на биполарниот свет кон крајот на осумдесеттите години од дваесеттиот век, се сруши и уникатната меѓународна позиција на Југославија како водач на неврзаното движење и, на моменти, важен "поштар" помеѓу двата блока. Демократијата, но и демагогијата, ги ослободија националните чувства на нејзините народи кои набргу дојдоа во судир со тесните рамки на политичката организација на еднопартиската федерација. Сцената беше поставена за конфликт, а текот на настаните зависеше од мудроста и од способноста на раководствата на федералните единици како да ги разрешат конфликтите на еден мирољубив начин. Тие, како што ќе се покаже, недостасуваа. Така, наместо мирно раздвојување, кога веќе стана евидентно дека заедничкиот живот е невозможен, избија серија војни. Овој развој на настаните, поттикнат од највисоките политички места, придонесе да се загуби секаков интерес за зачувување на каква било форма на соработка меѓу републиките, која, спречувајќи го тоталниот и бескомпромисен расцеп, евентуално, ќе ја спречеше војната и економскиот слом што следеше. Посилно од животот и благосостојбата на народите, беше желбата на водачите на републиките за своја држава, и тоа веднаш. Сите тие беа зафатени со еуфоријата која ја произведе самата помисла за сопствена држава. Мотивите, пак се оние за кои пишувале Тукидид, Макијавели и Хобс - моќ, профит, слава. Како кај кој, а кој некои - сите три.

Почетокот на настаните кои доведоа до војните во поранешна Југославија коинцидираа со крајот на успешната интервенција на сојузничките војски предводени од САД во Заливската криза. Можеше ли да се очекува слична реакција и во Југославија? Се испостави дека ефикасната реакција на САД беше предизвикана од загрозеноста на виталните "нафтени" интереси на индустријските земји и дека таква реакција не може да се очекува во Југославија. Американците тоа и не го криеја. На состанокот со (скараните) раководства на југословенски републики во 1991 Џејмс Бејкер, одејќи од една до друга просторија во зградата на Сојузниот извршен совет, и се обрати македонската делегација со зборовите дека политичките водачи на југословенските републики треба да сторат сé да не дојде до војна, дека таа лесно почнува, но тешко се сопира и дека никој не треба да очекува Америка да се инволвира во евентуалната војна. Констатирајќи дека двапати во текот на дваесеттиот век американски војници гинеле на тлото на Европа, Бејкер заклучи дека во политиката и во јавното мнение на неговата земја нема расположение тоа да се повтори и третпат. Отрезнувачки зборови на еден разумен човек кои ќе имаат позитивен ефект врз раскараните страни!?. Подоцна станува јасно дека ваквото "откривање на картите" во меѓународната политика, се злоупотреби од оние кои имаа повеќе сила, користејќи ја за да го наметнат сопственото решение во Југославија. Дали ефектот ќе беше поинаков ако Бејкер, на почетокот од војната, се заканеше со американска интервенција против оној кој прв ќе го прекрши диктатот на Запад - да се решаваат проблемите со мирољубиви средства? Тоа е возможно. Меѓутоа, државниците внимаваат на угледот на својата земја кој може да биде загрозен ако настаните покажат дека нејзините политички претставници не си стојат на зборот. Така, проблемот им беше оставен на европјаните кои, според кажувањата на луксембуршкиот министер и тогашен претседавач, се чувствуваа способни да го решат.

Но, Европската заедница на почетокот од последната деценија на дваесеттиот век имаше искуство со интеграции но не и со дезинтеграции каква што се случуваа во Југославија. Непостоењето на заедничка надворешна политика, како последица на отсуство на заедничка визија за проблемите на континентот, но и институционална недоизграденост на Заедницата, набргу стана евидентно. Анегдотата врзана за Кисинџер кој на нечија забелешка дека Европа мисли вака или така, го побарал невозможното - нејзиниот телефонски број, фрла светлина врз односите во Заедницата. Но, таква каква што е, со дивергентни и противречни ставови на нејзините членки, Европа се обиде да го реши проблемот меѓу скараните раководства на републиките на мирен начин. Со Конференцијата за поранешна Југославија свикана од Европската заедница, раководеше Питер Карингтон, поранешен министер за одбрана на Велика Британија и поранешен генерален секретар на НАТО. Фактот дека Карингтон ги вршел овие "воени" функции можеше да импресионира само за кратко време, зашто набргу стана јасно дека зад неговата дипломатија не стои она што стана нужно во југословенскиот случај - закана од употреба на сила. Така, воениот пожар почна да се разгорува, а како и секој пожар, кога еднаш ќе се разгори ќе му треба време да догори. Проценките дека современите војни во Европа траат меѓу три и четри години, се покажаа точни. Залудни беа обидите на Заедницата, со дипломатски средства, да ја спречи трагедијата. Поведението на главните протагонисти на кризата, раководствата на југословенските федерални единици, беше воинствено и на самата дипломатска маса. Кога стана јасно дека министрите за надворешни работи на републиките не се во состојба да произведат мир, на масата беа повикани и претседателите. Кога и тоа се покажа недоволно, беше повикано и целото претседателство на СФРЈ. На крајот се свика и Лондонската меѓународна конференција на која беа поканети мноштво релевантни играчи на светската политика, но резултати од сите овие силни меѓународни акции немаше. Поведението во домашната и надворешната политика на секоја од републиките, беше одлучувачко за тоа дали ќе има војна или мир на нејзина територија и со нејзините соседи.

[Врати се]

 

Македонија и кризата

Во политичкиот метеж кој ја зафати југословенската федерација, Македонија се раководеше од начелото на мирољубиво самоопределување. Недостигот на елементарна воена моќ наложуваше да се избегне тепачка, како дома, меѓу етничките групи, така и со југословенската армија која беше под српска доминација. Меѓутоа, кај големото мнозинство, разумот ретко функционира успешно во атмосфера на вжештени чувства, па оттаму, големи беа личните ризици на застапниците на тезата за мирољубиво самоопределување ( peaceful- selfdetermination). Имено, на гласниот аргумент дека никој во историјата не освоил независност без крв, и дека не смее да се пропушти историската прилика (и со оружје во рака) да се оствари независност, не можеше да му се најде забелешка. Можеше само да му се спротистави аргументот дека живееме во нова Европа во која народите можат по мирољубив пат да се стекнат со независност, теза за чија исправност нејзините малубројни застапници не можеа да гарантираат. Сепак, опстојувањето на курсот за мирно раздвојување, наспроти воинствените повици на поодделни политички кругови, значеше, ако ништо друго, одлагање на војната. Одложената војна, пак, да го парафразираме Черчил, можеше да биде избегната војна. И, за среќа, беше. Се разбира дека и на домашен план мораше да се издржи на позицијата на неупотреба на сила, особено кога, по угледот на сите етнички групи во Југославија, и албанците во Македонија организираа референдум за автономија, таканаречената Илирида. И тука, одложената војна околу нешто што во тоа време се чинеше како отворен повик за сецесија, стана избегната војна. Враќајќи се на меѓународни релации, мораме да констатираме дека и радикалите, луѓето, вистински или наводно, спремни веднаш да загинат за својата држава, играат значајна улога во зачувувањето на безбедноста на секоја земја. Имено, тие се силен фактор на одвраќање на оние однадвор со планови воено да интервенираат. Зашто, има по малку вистина во тврдењето дека да се однесуваш разумно меѓу будали, е лудост. Но, среќна околност е тоа што политичкото клатно во Македонија веднаш не отиде во другата крајност - во агресивен национализам, каков што беше случајот со другите југословенски републики, туку привремено застана на средина. Имено, во политичкиот потрес кој се случи пред една деценија, власта падна од "догматското" во рацете на "либералното" крило на дотогашниот Сојуз на комунистите, за дури осум години подоцна, на демократски избори, да падне во рацете на националистите. Но, тогаш веќе, националистите не беа исти. Битно изменетите меѓународни и домашни услови (конечно, Македонија успеа на мирен начин да се здобие со независност) ги променија и водачите на националистичките партии, повеќето доживеаја и визуелна трансформација, со уредно скратени коси и бради. Се чини дека отсуството на револуција, овој пат ја поштеди Македонија од неизвесностите кои таа ги носи и од повторувањето на крвавите сценарија од другите делови на поранешната Федерација. Притоа, за иронијата да биде поголема, историјата се пошегува со политичките репрезенти на Македонците. Имено, оние кои сметаа дека со распаѓањето на еднопартиската диктатура на ред е демократијата, интеграцијата и социјално-економските теми, беа ставени во ситуација да се борат за држава; оние,пак, кои беа огнени заговорници на националната држава мака мачат денес со демократијата, интеграциите и социјално- економските теми.

Умерениот, еволутивен пат на политички промени на домашен план, се отсликуваше и на меѓународен план, и не без недоразбирања. На преговорите во Хаг, покрај словенечката и српската позиција, постоеше и македонска позиција. Тоа, се разбира предизвика недоразбирања и со двете страни, бидејќи секоја сакаше да ја има Македонија во поткрепа на својата кауза. Требаше да помине извесно време за да сватат дека и она , според нивните сфаќања, "нешто помеѓу", е легитимна трета позиција. Од што извираше оваа трета позиција на Македонија на хашките преговори? Од свеста за ранливоста на Македонија доколку се прифати српската, словенечката и хрватската позиција, кои раководени од начелото"секој за себе" внесуваа хаос и нетрпеливост во преговарачкиот процес. Во таквиот хаос, само посилниот можеше да профитира. Значи, нашиот државен интерес, како што го толкуваше македонската дипломатија, диктираше процесот на раздвојување да се реализира на еден мирен, постепен и, пред се, организиран начин. Оттаму и нашето инсистирање за целосно решавање на "југословенскиот проблем" на конференцијска маса, пристап кој од некои домашни политичари се толкуваше како (намерно!?) забавување на процесот на осамостојување и работење против Македонија, а во корист на Југославија.

Но, наспроти меѓународните напори да се избегне најлошото - војната, во тоа не се успеа. Во односите меѓу државите, како впрочем и во односите меѓу поединците, има граница до која едните на другите можат да си помогнат. Така, ако една држава или еден поединец реши да изврши самоубиство, тука малку што може да се стори. Колективниот транс во кој, поттикнати од политичките водства, се наоѓаа југословенските народи не ветуваше ништо добро. Од друга страна, и можностите"меѓународната заедница" да ја разреши кризата со помош на правото и на правдата, беа предмет на многубројни ограничувања. Така, правниот пристап на Европската заедница беше постојано изложуван на притисоци на реалните политички процеси внатре во Заедницата. Идејата дека Карингтон и Бадантер ќе можат неограничено долго да работат според принципите на правото и правдата не го издржа притисокот на европската политика. Најдобра илустрација за овој судир помеѓу правото и политиката е заклучокот на Бадинтеровата арбитражна комисија, составена од претседатели на уставни судови на неколку земји-членки на ЕУ, која анализирајќи ги нашите одговори на доставените прашалници и ценејќи ја нашата меѓународна позиција од правен аспект, констатира дека Македонија и Словенија се единствените две републики кои ги исполнуваат критериумите за независност. Зашто, реалните процеси во меѓународната заедница, покажуваа во друга насока. Имено, Германија раководена од своите регионални амбиции, спротивно на мислењето на арбитражната комисија на Бадантер, ги призна Словенија и Хрватска, предизвикувајќи бран признавања од други земји. Изземајќи се од решавањето на проблемите на југословенската федерација и препуштајќи им ги на европските држави, САД овозможуваат најмоќната од нив, Германија, непречено да ја демонстрира својата политичка волја. Дури откога, подоцна во процесот на крвавото распаѓање на несреќната федерација, САД влегоа во политичката игра, се воспостави нова хиерархија на сили со доминација на Америка. Фактот, пак, дека Грција, земја членка на ЕЗ, беше ставена во ситуација на неутрален арбитер во спор во кој и самата е инволвирана, покажа дека не само што е тоа невозможно, туку и дека, сакале или не, и останатите членки на унијата се солидаризираат. Имено, основната цел на секој сојуз на држави е да ги штити интересите на своите членки. Клаузулата дека тие треба да покажат солидарност со партнерот секогаш кога неговиот национален интерес е загрозен, обврзува. Притоа, националниот интерес претставува она што една држава ќе рече дека е нејзин национален интерес, без оглед како на тоа гледаат останатите членови на сојузот. А, мора да се признае, европските партнери не гледаа со разбирање на поведението на Грција, но сепак застанаа зад неа.

Лекцијата која и од ова искуство можеше да се научи е дека во меѓународните односи политиката доминира над правото. Правните норми се, сепак, средство за комуницирање меѓу државите, и често, не многу повеќе од тоа. Обидот на послабите земји, со помош на правото да создадат политичка еднаквост меѓу државите, за жал, во реалниот живот не постои и често е осуден на неуспех. Влијанието на една држава врз друга преку притисок да го произведе саканото однесување значи примена на моќ, а тоа е суштината на политиката. Обидот, пак, да се неутрализира моќта така што вршењето притисок на една држава врз друга ќе се прогласи за нелегално, би значело елиминирање на политиката. Бидејќи не постои начин да се елиминираат разликите меѓу членовите на меѓународниото општество, ниту, пак, последиците што таквите разлики ги произведуваат во секојдневниот живот, не може да се "укине" политиката со помош на правото. Обидот со правото да се забрани политиката, е рамен на обидот да се забрани реалноста. А реалноста го покажува она до што, во своето истражување, дошол де Мескита, анализирајќи ги конфликтите во светот во последниве 200 година, а имено, дека во 86 отсто од случаите на конфликт меѓу државите, "правото" е на страната на посилните. Во толкав процент споровите завршиле во корист на посилните.

И колку да се непријатни, овие факти на животот мораат да се разберат, а во тој контекст и поведението на земјите на Европската заедница. За волја на вистината, Македонија ја доби поддршката на меѓународното општество за својата политика на мирољубиво самоопределување и успеа да стане независна земја по мирен пат. Тоа, во една значајна мерка, го овозможија земјите кои го сочинуваат сегашниот систем на држави, согласувајќи се во своите редови да ја примат Македонија. Но, Република Македонија не го доби сето она што и следуваше според словото на законот. Не го доби, да речеме, името. Само во еден имагинарен меѓународен систем во кој нема политика, туку само право, може да се очекува сé да се одвива според словото на законот. Во реалниот систем на држави, моќта, т.е. способноста да натерате некого да стори нешто што инаку не би го сторил, која, пак, се манифестира како сила, убедување, авторитет, принуда или манипулација, секогаш добива во значење кога "виталните" интереси на една земја не можат да се остварат преку правото. Поголемата моќ на Грција во однос на Република Македонија, како и нејзината позиција во ЕУ и НАТО се факторите кои го кочат решението на проблемот во наша полза.Тоа се истите оние фактори кои, најверојатно, ќе го решат проблемот во полза на посилниот, освен, се разбира, ако Грција, од кои било причини се откаже од спорот. Таква причина, на пример, би можела да биде "опасното" доближување на Македонците до Бугарите, а во полза на афирмацијата на македонската национална посебност, како веќе Грците ја разбираат. Надежите дека Обединетите нации се местото каде што сигурно ќе се добие битката за името бидејќи оваа организација мора да делува во согласност со правото изразено во нејзините документи, се нереални. Обединетите нации не се суд, туку политичка институција. Тоа значи дека во нејзината асамблеја се прекршуваат интересите на 188 држави членки. Донесувањето на одлуки е еден процес на прилагодување на интересите, во кој формално еднакви, но фактички, според својата моќ, нееднакви држави, го промовираат својот национален или државен интерес, без премногу да се грижи за интересите на другите. Во промовирањето на тој свој национален интерес државите се потпираат врз својата моќ, па оттаму, донесувањето на одлука на Организацијата е натпревар за моќ, или, да употребиме една од нејзините појавни форми - влијание. Забуните доаѓаат оттаму што порастот на меѓународното законодавство, кое е производ на еден меѓузависен свет во кој интересите на државите често се поклопуваат, некои го толкуваат како крај на доминацијата на "политиката на сила". Таа политика е сé уште доминантна иако, во овој свет на растечка меѓузависност, е намален барем еден од нејзините облици на моќта - голата сила. Но, како што покажа најновиот пример со Косово, и таа не е исклучена.

Може да звучи чудно, но и во меѓународниот судски процес доминира политиката над правото. Тоа доаѓа и оттаму што и во овој домен државите настојуваат да си обезбедат што е возможно поголем простор за дејствување. Само во ретки ситуации тие се согласни да се подложат на судски процес, иако станува збор за организација која е најугледна и најосмислена меѓународна институција - Меѓународниот суд на правдата. И тука постои страв дека политиката ќе го супституира непристрасното судење. Тој реален страв, пак, ја раѓа дистинкцијата помеѓу правни и политички спорови, што ќе рече, помеѓу спорови кои државите се спремни да ги изнесат на суд и на оние кои не се спремни да ги изнесат на суд. Во првите би влегле несогласувањата меѓу страните околу нивните права и обврски, додека вторите се опишуваат со општи формулации какви што се "сé што е во исклучива надлежност на една суверена држава" или "сé што се однесува на виталните интереси на една суверена држава". Значи, државите можат секогаш да го одбегнат Меѓународниот суд на правдата прогласувајќи го спорот за политички. Она што е интересно е дека практично сите земји се приврзеници на слободата да си ги одбираат инструментите за разрешување на конфликтите, а се противници на "задолжителна јуриздикција". Причините за ваквиот став на државите се многубројни, а меѓу нив е и онаа која произлегува од стравот дека, во конечната пресуда, ќе триумфира влијанието на земјата, а не правдата. Отттаму и ставот на Генералниот секретар на ОН од 1995 дека му е "разбирливо" зошто за своите несогласувања државите бараат политичка солуција, дури и кога станува збор за правно прашање! Дел од причините заради кои државите одбиваат да ги поднесат своите спорови пред Меѓународниот суд произлегува од фактот дека судиите судат според обемниот корпус на меѓународните норми. Тоа, пак, неминовно значи определена интерпретација на тие норми, што ќе рече, судот учествува во креирањето на тие норми. Оттаму и стравот од можноста тоа што судот ќе го "креира" да биде на штета на некоја од страните, бидејќи во процесот на "креирање" судот е изложен на притисоци и влијанија. Сето ова ја потврдува општоприфатената, иако парадоксална, теза дека почитувањето на меѓународното право и неговата примена и прифаќањето судски методи за разрешување на спорови, се политичка одлука!

Само очите на некој "правен идеалист" гледаат на Обединетите нации како на наднационална организација која создава и применува норми обврзувачки за членството. Обединетите нации се политичка организација, а моќта на секоја поединечна држава се проектира врз одлуките на организацијата. Еве еден пример од сопственото дипломатско искуство кој може да послужи како добра илустрација за улогата на политиката и моќта во Обединетите нации. При изборот на последниот Генерален секретар, беше ставена на искушение моќта, или, ако сакате, влијанието на САД. Имено, оваа држава членка на ОН сметаше дека на дотогашниот генерален секретар Бутрос Гали му е доволен еден мандат и дека тој треба да замине по неговиот истек. Причините беа повеќе, но најважната беше незадоволството на САД со текот и темпото на реформите на ОН и желбата да донесат подинамичен генерален секретар. САД, исто така, се повикуваа на јавно дадената изјава на Гали дека тој, заради возраста, ќе бара само еден петгодишен мандат. Но, Гали се премисли и, благодарејќи на угледот кој го уживаше меѓу членството, како личниот, така и оној од позицијата на Генерален секретар, успеа да обезбеди масовна поддршка за својот повторен избор. Поддршката беше таква што на првото гласање во Советот за безбедност Гали доби 14 од можните 15 гласови. Се разбира, гласот што недостасуваше беше оној на САД, што доведе до обновено гласање, согласно правото кое го има секоја постојана членка на Советот за безбедност. Процесот на изјаснување се повторуваше повеќе пати, а во меѓувреме, активната дипломатска машинерија на САД доби забрзување и сила, во ОН и ширум светот. На крајот од тој процес на убедување Бутрос Гали загуби со 15:0!

[Врати се]

 

За политичарот ( личниот наспроти општествениот интерес)

Политичарот е човек кој, промовирајќи го сопствениот, го промовира поширокиот општествен интерес. Оваа контрадикција, заедно со онаа која што извира од специфичниот однос домашно општество - меѓународно општество го определува поведението на секој политичар во светот. Следејќи го својот интерес, или што би рекле старите мајстори на политичката мисла, следејќи ја сопствената желба за профит, моќ и (или) слава, политичарот настојува да ја освои власта и да остане на власт што е можно подолго. Желбата, пак, да остане долго на власт го "програмира" да размислува краткорочно, до наредните избори. Бидејќи неговиот опстанок зависи од гласовите на граѓаните, тој исто така е "програмиран" да не покренува теми кои се непопуларни и кои би можеле да го чинат губење на функцијата. И контрадикцијата врз која почива меѓународното општество - ем суверен, ем под меѓународното право се рефлектира врз поведението на политичарот. Имено, меѓународното општество е, веројатно, единствениот вид општество во кое нејзините членови инсистираат на целосна независност. Ноторни се фактите дека интересот за опстанокот на државата има приоритет над оној за меѓународното општество или дека народите се емоционално приврзани за своите национални заедници, а не за некакво апстракна меѓународна заедница. Меѓународното право, пак, е рефлексија на овие вредности. Затоа, она што во домашното општество претставува заеднички интерес кој произведува обврзувачки одлуки за нејзините членови, во меѓународното општество, или не постои или, пак, е во најрудиментарна форма. Хоризонталната основа на оваа структура наречена меѓународно општество значи дека моќта е разлеана меѓу неговите членови. Со патриотизмот, пак, како една од основните доблести, кој не ретко се манифестира во својата најнеразумна форма "my country, right or wrong" ("мојата земја, во право или не"), државите во своите односи со надворешниот свет од себе прават цел за себе. Или, според зборовите на Џереми Бентам (1747 - 1832):"Ние сме секогаш во право, без можност да биде поинаку. Доколку сме во право според судските одлуки кои важат помеѓу две индивидуи, тогаш сме во право според правилата на правдата; ако, пак, не сме, тогаш сме во право според законите на патриотизмот, доблест повеќе почитувана од правдата". Оттаму и историски потврденото сознание дека луѓе, а да не зборуваме за политичари, кои би се осмелиле да зборуваат и за некои други интереси, а не оние на сопствената држава, ризикуваат да го навлечат на себе нејзиниот гнев и да бидат отфрлени од неа. Кога, пак, ќе дојде до несогласувања помеѓу две држави, и кога, за да се избегне конфликт, е најпотребно да се разбере "другата страна", политичарот кој сака да го заслужи аплаузот на својата земја( а со тоа, уште еден мандат), одбива да подлегне на надворешни притисоци. "Што е поарогантно одбивањето, поголем е аплаузот", ќе запише еден автор. Ова е сосема нормално, затоа што не постои меѓународно избирачко тело, туку судбината на политичарот зависи од домашните избирачи. Кога, пак, се знае дека во политиката емоциите доминираат над разумот, политичарот јава на емотивните бранови на популацијата, онолку долго колку што тие ќе го носат. Должината, пак, се мери со години на функција. Оттаму, кога ќе се сукобат националните барања со интересите на некоја странска земја или група земји, без многу размислување, политичарите се определуваат за првите. И уште повеќе: меѓу конкурентските политички групи во една држава набргу доаѓа до своевидно наддавање, а на крајот на тој процес е максималистичката варијанта која носи најширока поддршка дома. Притоа, жестокоста со која политичарот се бори за своето "национално право" е таа што носи гласови. Жестокоста на неговиот настап, а не нужно крајниот исход! Последиците од поведението на политичарот, кое произлегува од логиката на политичкиот ангажман, ги забележал и Бентам кога запишал дека во историјата на Англија"повеќе министри биле казнети затоа што склучиле мир, но ниту еден затоа што предизвикал војна".

Елементи од овие генерални опсервации за поведението на политичарот во домашната и во меѓународната политика најдоа своја потврда и во грчко-македонскиот спор, кој изби со осамостојувањето на Република Македонија. Се разбира, истите елементи се наоѓаат и во грчката политика, но нив подобро ги знаат Грците. Спиралата на недоразбирања почна со условите кои ги постави Грција врзани за името и уставот, а нешто подоцна и знамето. Во историјата на меѓудржавните спорови ваквите длабокоемотивни теми, што задираат во честа на народот, се најтешки за разрешување Од друга страна, фактот дека во еден момент во 1991 на улиците на Атина и Солун беа изнесени еден и половина милион луѓе под паролата "Македонија е грчка", заедно со повредите на воздушниот простор на Република Македонија од страна на грчки авиони и проблемите со транзит на стока и луѓе преку грчка територија и повремени ембарга, беа сигнали за можна војна. Македонија, тотално разоружана по заминувањето на ЈНА, значи без оружје и војска, реално гледано, немаше друга алтернатива освен да бара мирен излез од наметнатиот спор. Проблемот е во тоа што кога се задира во емоциите на еден народ малкумина политичари се осмелуваат "реално да гледаат", зашто тоа не носи политички поени кај домашната публика. Во склопот на таквото "реално" гледање спаѓа и сознанието дека членството во ЕУ и НАТО, идните гаранти на нашата безбедност и благосостојба, не можеше ( и се уште не може) да се оствари без решение на спорот со една земја-членка на овие меѓународни организации. Раководена од овие сознанија македонската дипломатија, една институција во настанување, инсистираше на средби со секого што беше подготвен да помогне во решавањето на нашите проблеми, а најмногу со грчките политичари и дипломати. Меѓутоа, официјалните претставници на Грција беа недостапни. Партиските калкулации за останување или освојување на власта беа врзани за аплаузот од веќе национално запалениот грчки електорат и тоа налагаше заострување на односите и одбивање секаков директен контакт со претставници од Македонија. Меѓу оние кои го поттикнаа процесот на воинствено наддавање беше тогашниот шеф на грчката дипломатија, инаку, по функција задолжен за мирољубиво решавање на споровите. Севкупниот грчки социјален живот беше зафатен од националистичкиот синдром кој, како што не учи историјата, скоро секогаш води во војна. Но, меѓународниот притисок, пред сé оној на САД и ЕУ и свеста која, сепак, преовладеа во Грција дека војна не решение, доведе до постепено смирување.

Проблемот со Грција беше еден од најтешките со кои се соочи дипломатијата на државата во настанување - Република Македонија. Државните интереси во чие средиште се секогаш безбедноста и благосостојбата за граѓаните налагаа брзо решавање на проблемот со оваа земја-членка на ЕУ и НАТО. Персоналните интереси на политичарите, државните службеници и експертите, пак, го наложуваа токму спротивното - бескрајни преговори и одлагање на едно екстремно непопуларно решение. Зашто, таквото решение ќе ги чинеше губење на функциите и, се разбира, на привилегиите кои одат со нив. Сите тие беа свесни дека грчкото вето го кочеше виталниот процес на нашето интегрирање во ЕУ и НАТО. Беа свесни дека се забавува и самото меѓународно признавање на државата, зашто јавна тајна во кулуарите на ОН беше дека инструкциите од Атина до грчките дипломати во светот, во однос на она што ќе го сработат македонските дипломати, беа: "What they do, you undo!" Од друга страна, способноста за компромис на македонското општество не беше многу поголема од онаа на грчкото. Гордоста кај Македонецот заради штотуку стекнатата независност го правеше чувствителен на диктатот од соседната земја. Таа гордост почиваше и врз жестокиот дух на независност со кој беа задоени овие поранешните "Југословени", победници од Втората светска војна, родена во отпорот кон сите надворешни притисоци последниве пет децении, вклучувајќи го, се разбира, и она историјско"не" на Сталин. Тој факт не одеше во прилог на умерените политички ставови и спремноста за компромис. Меѓутоа, сé до моментот додека не беше јасно дека ќе бидеме примени во Обединетите нации, политиката како да ја оставаше отворена вратата за компромис околу спорните прашања, став кој наидуваше на сесрдна поддршка од ЕУ и САД. Впрочем, таквата политика беше најдобра и за безбедносните и економските интереси на Република Македонија, затоа што одбегнуваше да влезе во отворена кавга која може да заврши во еден нерамноправен воен судир. Се разбира, компромисот беше можен дури откога формулата од Лисабон, со која се инсистираше на исфрлање на зборот Македонија од називот на нашата држава, беше напуштена. Но, оној момент кога стана јасно дека ќе станеме членка на ОН без да успееме да го решиме спорот во своја полза, зашто Грција едноставно го префрли проблемот и своето влијание во ОН, настана комешање на домашната политичка сцена. Наместо во тие драматични моменти, кога веќе тоа не се стори многу порано,да се побараше основата за заеднички настап на власта и опозицијата, со што сите ќе ја споделеа одговорноста за тешките одлуки кои требаа да се донесат, во интерес на благосостојбата и безбедноста на народот, кај сите проработе политичкиот рефлекс. Како да се остане на власт, или како да се освои власта, беше основното прашање за сите кои го сочинуваа политичкиот спектар на Македонија. Носителите на власта беа одлучни сами, без било чија асистенција, да и донесат меѓународен легитимитет на државата и да ја заслужат целата слава. Опозицијата, пак, настојуваше да собере што е можно повеќе политички поени од веќе очигледниот факт дека приемот на државата во ОН ќе биде под "срамното име" Поранешна... Целокупниот политички естаблишмент го делеше само чекор од политичката проценка дека на власт може да се остане ако се застане "цврсто" во одбрана на "уставното име", односно на власт може да се дојде ако се застане "уште поцврсто" во одбрана на уставното име. Простор за компромис веќе не постоеше. Почна политичкото наддавање кое што заврши во максимализам - уставното име не го даваме! Перспективите за благосостојба и безбедност на граѓаните на Република Македонија беа во сукоб со оние на политичарите. Ниту еден релевантен политички фактор не се изјасни во прилог на едно непопуларно решение кое, мнозина го сметаа за чин на политичко самоубиство. Надвладеава интересите на политичарите. Но, понудата Македонија да влезе во светската организација и шансата државата дефинитивно да си го најде местото на политичката карта на светот не можеше да се пропушти, зашто беше во интерес и на политичарите. Така настана една парадоксална ситуација: ниту еден релевантен политички фактор во државата не се согласи со референцата со која големите сили, под притисок на Грција, решија да не примат во ОН, а сепак никој не се спротистави на таквиот прием. За секој случај, највисоките државни функционери своето несогласување го ставија написмено. А сепак, си го завзедоа своето седиште во Генералната асамблеја. И опозицијата, со желба да ја дискредитира власта за да го завземе нејзиното место, го искажуваше своето несогласување во континуитет. Сметката изразена во година и половина економско ембарго која ја чинеше Македонија страотно многу, како и во доцнење во приклучувањето кон ЕУ и НАТО, толку евидентно денес, ја плати народот. Но, и народот не треба да се идеализира. На мојата забелешка, како министер за надворешни работи, дека конфронтацијата со Грција ќе го осиромаши народот, оддалечувајки нé од нашата стратешка цел, членство во ЕУ и НАТО, добив поучен одговор од човек кој направил кариера во државната служба. Истиот тој народот, ќе забележи тој, ќе те обеси доколку се направи компромис околу името, за да заклучи дека дури откога народот ќе ја плати економска цена на својата воспаленост и ќе моли за решение, на сцена стапува политичарот. Но, како да се помират рационалните потези на една добра надворешна политика со емотивните барања на јавното мислење, во еден систем на демократија каде што најлесен начин за здобивање со поддршка е да се задоволат желбите на масите? Оваа дилема е карактеристична за секој вид политика, а особено за надворешната политика на слаба земја што не може да смета на победа, туку најмногу на компромис со кој прифаќа некои од барањата на другата страна, откажувајќи се од некои свои барања. Лесен излез нема. Политичарот или ќе остане"политичар" и ќе се грижи за својата кожа, или ќе се издигне на нивото на државник, одбивајќи да биде роб на јавното мислење, туку негов водач. Со сите непријатности кои нужно следат, од кои некои можат да го чинат и живот.

Отсуството на државничка традиција и на државничко искуство кај огромниот дела на политичкиот естаблишмент во Македонија ги тераше луѓето да зазираат или отворено да не се согласуваат со дипломатските потези на Република Македонија во првите години по прогласувањето на независност. Всушност, отсуствуваше свеста дека, како што пишува Моргентау, "дипломатија која завршува со војна ја изневерила својата основна задача: унапредување на националниот интерес по мирен пат". Од трите средства кои и стојат на располагање на секоја дипломатија: убедување, компромис и закана од употреба на сила , на Македонија и недостасуваше последното. Можеби најважното, зашто како што велел славниот пруски владетел Фридрих Великиот, дипломатија без војска е како музика без инструменти. Значи, на македонската дипломатија и остана да произведе музика свиркајќи и пеејќи. И, тоа добро го правеше. Оттаму, не е воопшто чудно што упорно ја следеше епитетот "плашлива надворешна политика", како кај опозицијата, така и меѓу членовите на владата. И додека во нормалните земји секому му е јасно дека воените сили се инструменти на војна, а надворешната политика е инструмент на мир, некои луѓе во Македонија го компензираа отсуството на првиот елемент притискајќи врз дипломатијата да се однесува воинствено. "Да се тресне со рака на маса", чинам, беше омилената фраза на критичарите, а нешто подоцна, "да се стои цврсто како камен". Што се однесува до првата забелешка, поучно е да се потсетиме на рецептот на Теодор Рузвелт за успешна надворешна политика: "Зборувај тивко и држи голема суровица во раката". Што се однесува, пак, до второто, "камена дипломатија" не е дипломатија, туку нешто друго. Имено, додека улогата на војската е да го скрши и да го порази непријателот и да размислува во категории на апсолутна победа или пораз, дипломатскиот ум мора да размислува поинаку. Иако и војската и дипломатијата имаат цел да го промовираат националниот интерес на државата, тие тоа го прават на различен начин. Имено, улогата на дипломатијата е да не ги упропасти шансите за мирно решавање на спорот и да избегне војна правејќи, кога е нужно, компромиси.

Македонската, како впрочем и секоја друга дипломатија во светот, мора да ги определува целите на македонската надворешна политика во согласност со моќта која и стои на располагање за да ги реализира. Таа мора да ги разбере и целите на другите држави и моќта која ја поседуваат за да ги реализираат. Натаму, мора да го определи степенот на различност и на компатибилност помеѓу "домашните" и "меѓународните" цели, за, на крајот, да примени соодветни средства за постигнување на овие цели. Како што забележува Моргентау, "доколку некоја од овие задачи не се исполни, тоа би значело загрозување на успехот на надворешната политика". Анализирајќи ги државите според нивната моќ разликуваме три вида земји: големи сили, кои водат глобална светска политика, регионални сили -кои го проектираат своето влијание во регионот во кој се лоцирани и мали држави, чија цел е нивниот опстанок. Надворешните политики на овие три вида земји мораат да го имаат предвид факторот моќ и така да ги формулираат своите надворешно политички цели. При формулирањето на својата надворешна политика, Република Македонија мора да ја земе предвид меѓузависноста меѓу внатрешните процеси кај балканските држави, нивните меѓусебни односи и односите на балканските држави со големите сили. Притоа, треба да се прави јасна дистинкција помеѓу периодот пред воената интервенција на НАТО и оној по воената интервенција.

[Врати се]

 

Ревизионистичките сили и силите на статус кво на Балканот

Историјското искуство на Балканот зборува за етничкиот конфликт како основен извор на сукоби и војни. Истото тоа искуство покажува дека меѓудржавните несогласувања не се решаваат со договор помеѓу инволвираните страни и дека силата е крајниот арбитар. Приказните за мирната размена на населението, за плебисцити или за некакви балкански федерации, завршувале во хоророт на војните. Имено, исходот секогаш зависел од воената моќ на страните во спорот, како и онаа на инволвираните надворешни сили. Мирот последниве педесетина години се должи на окупацијата на Југоисточна Европа од страна на Советскиот Сојуз и на неговата способност и спремност со сила да интервенира во случај која било источно-европска и балканска земја да одлучи да нападне друга. Распадот на источниот блок и повлекувањето на моќта на Русија во нејзините национални граници, како и распадот на Југославија, зад себе остави вакуум кој, во деловите на поранешните југословенски републики, се исполни со хаос и војни. Одмрзнатите етнички анимозитети и територијални аспирации одново ја воспоставија "класичната балканска шема", испробаниот рецепт за етнички војни.

Етничките конфликти на Балканот се должат и на фактот дека државните граници не се протегаат долж етничките линии, туку сечат преку нив. Така, секоја балканска држава има "свои" малцинства во некоја од соседните земји и лесно влегува во полемика и сукоб како околу положбата на "нејзиното" малцинство, така и околу праведноста на границите. Фактот, пак, дека нема балканска етничка група на која "историјата" не и сторила зло ги прави современиве балкански држави податливи на малигнен национализам кој ја црпи својата омраза од длабочините на историјата. Споделувањето на иста етничка група помеѓу две држави, во кои во едната е малцинство, а во другата мнозинство, овозможува инструментализација на малцинствата со цел да се менуваат границите. Феноменот наречен иредентизам, што се манифестира како тенденција кон ревизија на границите за да се инкорпорира етничкото малцинство и територијата на соседната земја, експлодира со сета сила кога за таква политика се определија Србија и Хрватска, двете најсилни федерални единки на Југославија. Албанскиот иредентизам од седумдесеттите и осумдесеттите, пак, загуби од својата силина кога се распадна политичкиот систем на Албанија и кога нејзината политика падна под влијание на Запад, моќната алијанса на статус квото, која не го одобрува ревизионистичкото меѓународно поведение. Значи, двете иредентистички сили а Балканот, Србија и Хрватска, во обидот да го инкорпорираат своето малцинство, посегнаа по суверенитетот на Босна и Херцеговина. Природен сојузник на кој било од двете држави би била земја која исто така настојува да ги"исправи" меѓудржавните граници во своја полза. Од останатите четри републики кои ја сочинуваа југословенската Федерација, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија, само Македонија имаше "историски" потенцијал да стане иредентистичка земја. Меѓутоа, недостигот на реален воен потенцијал и надворешна политика која уште на почетокот од деведесеттите години се откажа од "историските" аспирации за Голема Македонија изјаснувајќи се во прилог на неменување на границите и Европска интеграција, ја направи државата неподобна за партнерство со иредентистичките сили, но подобна за соработка со ЕУ и САД. Други две држави, со можни иредентистички аспирации, беа Грција и Бугарија. Подобен партнер за Србија можеше да биде Грција, традиционален сојузник, доколку нејзината статус кво политика се трансформираше во ревизионистичка. Паролите за грчкоста на Македонија во рацете на милиони луѓе на улиците на Атина и Солун и на националист на чело на грчката дипломатија, како и зачестените повреди на воздушниот простор и економските блокади, беа симптоми на подготовка за воена интервенција. Дека тоа нужно не мораа да останат само безопасни симптоми и дека Грција можеше лесно да најде сојузник за политиката на ревизија на балканските граници зборува и овој настан од времето кога растеше кризата во регионот. Во текот на еден работен ручек во Брисел, покривајќи ја устата со салвета, висок претставник на ЕУ ми дошепнува, покажувајќи со поглед кон Милошевиќ, седнат спроти нас, дека и понудил на Грција да ја поделат Македонија. Многу е веројатно дека, ако не на директен тогаш барем на индиректен начин, таквата понуда била направена. Уште една иредентистичка сила на Балканот во сојуз со Србија драматично ќе и го олеснеше патот кон освојување на "српските" територии. Но, сосема е извесно дека кога премиерот на Грција ја обелоденил понудата на Србија пред европските партнери, а, следејќи го виталниот интерес на својата земја да остане членка на ЕУ тоа морал да го стори, не добил поддршка за таквата авантура. Бугарија, пак, чиј историски иредентизам кон Македонија во минатото скапо ја чинел државата и народот, во услови на распаѓање на системот и економска беда, ја гледа својата иднина во европските и атлантските интеграции и затоа се определува за политика на статус кво. Ставајќи ги своите "историски" стремежи под контрола, таа е задоволна што Македонија , барем, е вон српска контрола. Албанија, пак, со распаднат економски и политички систем, барајќи спас за сопствената ситуација на Запад, мора да ја следи западната политика.

Значи, иако интегративните европски струи не го елиминираа иредентизмот кај балканските држави на крајот од дваесеттиот век, тие, сепак, драматично го ублажија. Имено, сите држави на Балканот, ако историјата е мерилото, имаат свои "етнички" и територијални побарувања кон соседите, но само две прокламираа иредентизам како основа на својата надворешна политика: Србија и Хрватска. Сите останати, некои порано а некои подоцна, некои по своја волја, а некои по волја на други, ја одбраа европската опција која значи почитување на статус квото. Во контраст со ваквото поведение беше она на Србија и Хрватска. Српско-хрватскиот иредентизам беше моторната сила на разградувањето на југословенската Федерација на еден насилен начин. Војната беше логичното продолжение на политиката да се отфрлат административните граници на федералните единици како нови меѓудржавни граници. Гневот на светското јавно мнение, заслужено, се истури врз Србија и нејзината политика, а Хрватска беше поштедена затоа што Туѓман, правејќи го истото што го правеше Милошевиќ, се движеше еден чекор поназад. Со напуштањето на политиката на иредентизам од страна на новите власти во Хрватска, Србија останува сама.

[Врати се]

 

Албанската етничка група во Македонија - конфликт и соработка

Кога се работи за поведението на едно етничко малцинство наспроти фактичките или латентни иредентистички барања на соседната земја во кое се мнозинство припадници на иста етничка група, теоријата ги познава следниве три ситуации: 1. Малцинството да ги прифати постоечките граници и да работи на подобрување на својата положба внатре во државата, работејќи и на подобрување на односите помеѓу државата во која е малцинство и соседната во која припадници на нејзината етничка група се мнозинство; 2. Малцинството може да работи на обединување со своите роднини од другата страна на границата, изразувајќи поддршка на политика на иредентизам; 3. Доколку една етничка група е малцинство во две соседни земји тие можат да работат на обединување во една заедничка држава.

Оваа теоретска шема може да ни помогне во објаснувањето на поведението на албанското малцинство во Македонија и на државата Албанија во последниве десет години. Во таа смисла, во нашиов случај, релевантни се првите две ситуации. Средбите со дипломатските претставници на Албанија во периодот 1991-1993 покажуваа дека тие редовно искажуваа грижа за статусот на албанското етничко малцинство. Теоретскиот модел вели дека првиот чекор на една политика на иредентизам е искажување грижа за статусот на етничкото малцинство во соседната земја. Меѓутоа, ако е тоа така тогаш никој на Балканот, вклучувајќи ги и Македонците, не е имун од соништа за Големи држави. Парадоксално, но вистинито е дека една од темите на разговор на која инсистираше романскиот министер за надворешни работи кој, во тие години, на некакво пропатување, се најде во Скопје, беше положбата на влашкото малцинство во Македонија и желбата да се сретне со претставници на нивната организација. Значи, барем за балкански прилики, искажувањето грижа за "своето" етничко малцинство не може да се смета како политика на отворен иредентизам. Но, латентен, да. На средбата со албанскиот министер за надворешни работи во Скопје првата точка на неговиот потсетник беше положбата на Албанците во Македонија. На прашањето каква е нивната положба, му предложив да се обидеме да изградиме телефонска линија помеѓу Македонија и Албанија, за луѓето да можат да се прашуваат како се. Имено, во тоа време единствен начин да се телефонира во Албанија беше преку Атина или преку Рим! Да не зборуваме за состојбата на патиштата и на граничните премини или непостоечкиот воздушен сообраќај. Но, во регион каков што е Балканот, каде што постои силна традиција на недефинирани лојалности, сомневањата околу "вистинските" намери на другата етничка група или соседната држава лесно водат во конфликт.

Но, останува фактот дека со исклучок на Србија и Хрватска, ниту една балканска држава отворено не бараше ревизија на границите и, што е уште поважно, активно не работеше во таа насока. Кога, на пример, Албанија би барала ревизија на државните граници кон Македонија, дел од албанското малцинство во Македонија би можел да изрази поддршка на таквата идеја за остварување на национално единство. Но таквата ревизионистичка политика би ја соочило земјата со мноштво непријатели меѓу балканските држави. Отсуството на поддршка за таквиот проект и кај големите сили и слабоста на албанската држава се исто така силни фактори на одвраќање. Ваквото поведение на Албанија кореспондира со она на политичките партии во Македонија кои се изјаснуваат во прилог на зачувувањето на територијалниот интегритет на Македонија и во прилог на подобрувањето на својот статус во рамките на единствената држава. Меѓутоа, како и во случајот на други етнички поделени општества во светот, каде што етничката група бара поголема автономија или некаков вид на федерална солуција, така и во Македонија постои таква цел која се изразува низ формулата конститутивен народ. Со оваа формулација, присутна во програмите на двете најзначајни албански партии, албанското малцинство го остава отворено прашањето на својот статус во Република Македонија. Оваа формулација е максималистичка и имплицира дека Македонија е национална држава на два народа - албанскиот и македонскиот. Всушност, несогласувањето со статусот на својата етничка група во Македонија Албанците го изразија уште 1991, кога се донесе нов устав на државата, којшто тие не го прифатија. Фактот дека на крајот на процесот на усогласување на ставовите меѓу политичките групи застапени во парламентот не се постигна согласност околу текст кој би бил прифатлив и за најбројното етничко малцинство, заборува дека тој беше неуспешен, барем кога се работи за статусот на најбројната етничка група. Компромисот кој се постигна беше оној помеѓу "граѓанската" и "националната" политичка опција во македонскиот блок. Имено, додека првите преферираа еден "технички", национално необоен, устав, вторите инсистираа да се подвлече националниот карактер на државата. Компромисот произведе устав во кој преамбулата е "национално обоена", додека уставниот текст, по себе, е една неутрална повелба за правата и обврските на граѓаните. Меѓутоа, останува фактот дека не е постигната согласност со најбројното малцинство (кое себеси одбива да се доживее како малцинство) и дека од суштинско значење за стабилноста на секоја политичка заедница на Балканот е токму такавата согласност. Овој податок самиот по себе кажува дека во Македонија не успеал политичкиот процес на "еквилибрирање на интереси и балансирање на групи" (Бентли) на крајот од кој е уставната норма.

Тука некаде, се раздвојуваат ставовите на мислечките луѓе во светот за тоа што е од одлучувачко значење за стабилноста на државата: правниот или политичкиот процес. Притоа, на Балканот, оние кои власта ја доживуваат како креатор на реалните односи во животот, како машина за наметнување на уставот и законите врз поединецот, се дел на една долга традиција. Во денешни, демократски услови, за нив битно е да се обезбеди мнозинството да застане зад еден проект, за да можат да го прогласат како валиден. Бидејќи мнозинството во Република Македонија е за концептот "граѓанска држава", држава во која не е важно на која етничка група и припаѓаш, туку дали ги уживаш сите демократски права на слободен граѓанин (се разбира, откога во Уставот е запишано дека се работи за национална држава на Македонците), Уставот е израз на волјата на големото мнозинство. Притоа, на самиот граѓански концепт нема што да му се забележи: апстрактно гледано, тој е најдобриот концепт. Единствениот проблем е што него не го прифаќа најголемата етничка група од малцинскиот дел во Македонија. Дури би можеле да заклучиме дека припадниците на албанската етничка група во Македонија не се во состојба да се издигнат на нивото на еден прогресивен политички концепт, оној на граѓанското општество. Но, тука веќе сме чекор до циничната констатација дека концептот е добар, а реалноста не чини, па штета за реалноста! Ваквото гледање може да биде опасно по стабилноста на секое демократско општество, па и на македонското, зашто социјален мир може да се оствари само преку процес на прилагодување на интересите. Обидот овие процеси да се стават во рамка (па макар и уставна) која не соодветствува со желбите на поголеми делови од населението води кон немири. Концептот кој го промовираше претходната власт се базираше врз вакви, теоретски гледано одлични идеи, но тој заврши во серија опасни меѓуетнички експлозии во кои имаше и убиени. Погрешно е да се мисли дека со продолжувањето на истата политика, која ни за милиметар нема да отстапува од Уставот и законите, ќе се произведеше стабилност. Имено, повеќепати е докажано на примери на други земји дека кога основните конфликти на едно општество (а меѓуетничкиот е таков основен или базичен конфликт во Македонија) ќе ја надминат моќта и способноста на политичарите да ги канализираат во мирно прилагодување (акомодација), тогаш е можна граѓанска војна.

Исцрпената моќ за мирно прилагодување, на изборите од 1998 произведе нова, национално порадикална коалиција. Имено, и двете страни, и македонската и албанската, инсистираат на својата национална посебност и немаат особено разбирање за "граѓанскиот" концепт, разбран како доминација на "граѓанското" врз "националното". Наспроти многуте очекувања, таквата коалиција произведе мир и соработка на меѓуетнички план. Дојде до споделување на власта (power sharing) која, пак, произведе стабилност. Она што не можеа да го произведат Уставот и законите, го произведе политичкиот процес. Ова е уште еден доказ дека во едно демократско, плуралистичко, општество, што ќе рече, во едно општество во кое слободно се натпреваруваат групи, политиката а не правото имаат примат во спречувањето на насилството. Под притисок на околностите, домашни и меѓународни, во Македонија постепено ќе созрева свеста за владеењето како уметност на прилагодувањето во еден политички процес во кој власта преговара со водачите на незадоволните општествени групи, а не ги фрла во затвор. Лекцијата која мораше бргу да се научи е дека во демократските општества, какво што Македонија претендира да биде, не смеат да се игнорираат барањата на потесните асоцијации во државата, ниту, пак, да се третираат водачите на тие групи како луѓе кои се претставуваат самите себеси и никој друг.Со други зборови, научената лекција во сите плуралистички општества е дека репресијата ретко успева против значајни колективитети, решителни да ги бранат своите интереси (онака како што тие ги разбираат) наспроти интересите на централната власт. Ако оваа лекција е точна и ако одржувањето на стабилноста на поредокот во една држава значи избегнување на граѓанска војна (а не победа во граѓанска војна) тогаш прилагодувањето во односите меѓу многуте групи во едно општество е нужност. Притоа, алтернативата наречена граѓанска војна е секогаш отворена, како што тоа го покажаа низа случаи во поранешните југославенски републики, кога власта не успеа да воспостави ред преку политичкото прилагодување. Зашто прилагодувањето или акомодацијата е во основата на секој успешен политички процес во едно плурално општество. Лесно е да се прогласи владеењето на правото во односите меѓу групите во едно општество преку еден семоќен центар на власт способен да го скрши отпорот на сите оние кои ќе се огрешат од нормите. Далеку е потешко државата да стане центар на еден процес на прилагодување.Сериозни граѓански немири не се избегнуваат со полиција и судови туку преку прилагодување меѓу општествените групи, низ еден отворен процес на надминување на разликите пред тие да достигнат емоционално ниво кое експлодира во насилство. Значи, политичарите во сложените балкански услови мораат, ако сакаат мир а не војна, да бидат државници: луѓе кои со помош на политичката интелигенција ги спречуваат таквите ситуации, чувајќи ја домашната стабилност преку еден отворен процес на, како што вели Нимејер, "постојано прилагодување, компензации, мирење и балансирање". Притоа, "правната машинерија помага да се сочува стабилноста која е така постигната, но таа, самата по себе, не е основниот услов за мир", зашто, "спречувањето на војната, како и спречувањето на револуцијата во државата не зависи од правните процедури, туку од уметноста на прилагодувањето". Причината зошто во развиените плуралистички демократии денес нема граѓански војни е во доброто функционирање на политичкиот процес кој е способен да произведе компромиси и да промовира прилагодување.

Дека процесот на прилагодување во Македонија ќе се одвива независно од уставниот концепт со кој се промовира "граѓанската опција" (граѓанска кога се работи за Албанците, но граѓанска и национална кога се работи за Македонците) зборуваат и подготовките за легализација на тетовскиот универзитет. Имено, ако е точна англиската поговорка дека уставот е она што го имате во реалниот живот, Македонија ќе мора да произведе политички решенија во однос на своите малцинства кои ќе ја отсликуваат таа реалност. А реалноста е дека близу 30% од населението е од албанско етничко потекло, со тенденција на рапидно зголемување. Спасот од идни граѓански немири треба да се бара во политички решенија со кои ќе се придобие лојалноста на Албанецот кон државата Македонија. Поинаку речено, да се пристапи кон нужната акомодација етничките Албанци да станат политички Македонци. Спасот од драматичното и наглото пореметување на постоечката етничка рамнотежа, пак, треба да се бара во културната и економската еманципација на обичниот Албанец и Албанка, како и во отворање економски перспективи за Македонците да не емигрираат. Како етничките Албанци да станат политички Македонци? Обидот да се наметне граѓанскиот концепт, според кој не е важно на која етничка група и припаѓаш, туку дали ги уживаш сите човекови права, е концепт кој не профункционирал во Белгија и Канада, на пример, па тешко може да се очекува да профункционира на Балканот. Значи, и во нашиов дел од светот, или особено тука, може да се очекува реалните процеси да влечат кон некаква комбинација на гарантирање на индивидуалните и на колективните права на позначајните етнички групи. Би можеле да се воведат елементи на консенсуалност во одлучувањето по определени прашања, какви што се оние од сферата на образованието, на пример, со кои би се вградиле колективни гаранции во политичкиот систем на Македонија. Во замена, би можело да се прифати статусот на малцинство од страна на Албанците и обврската, низ системот на образованието, да се стави акцент на знаењето на македонскиот јазик. Прифаќањето на статус национално малцинство од страна на Албанците во Македонија би ја зајакнало "националната" позиција на македонското население и би произвело меѓународна стабилност на државата, наспроти надворешните аспирации, што, пак, е од корист за сите етнички групи. Ова би биле контурите на еден, условно речено, автентичен македонски пат. Меѓутоа, можни се и други опции.

Бранот на етнички делби кои изминативе десет години ги зафати поранешните југословенски републики остава зад себе измнета етничка конфигурација. Основна карактеристика на таа нова етничка кофигурација е етничката хомогенизација наспроти дотогашниот мултикултурализам. Од Хрватска, преку Босна и Косово, мултиетницизмот е срушен, а создадени се "етнички чисти" политичко-територијални ентитети, наспроти желбата и заложбите на меѓународниот фактор. Така, ако се погледне политичката карта на Босна и Херцеговина и врз неа, на прозирен лист хартија, се постави поделбата на зони на воените сили на НАТО, ќе се види дека додека првата ги раздвојува етничките заедници, втората сече преку нив. Првата карта го отсликува исходот од етничките војни, додека втората, желбата на меѓународната заедница за обновување на мултикултурализмот. Идејата за мултикултурализам доживеа сличен пораз и на Косово каде што само желбата на големите сили да не дозволат менување на границите, денес, и стои на патот на, номинално, југословенската покранина да не прогласи самостојна држава или, доколку тоа го посака, да не се обедини со Албанија. Идејата за мултикултурализам доживува различни интерпретации и во Македонија, но едно е извесно, дека "граѓанското" нема да успее да го потисне "националното", па ќе биде потребна натамошна акомодација на интересите меѓу двете главни етнички групи - македонците и албанците. Згора на ова, внатре во македонската етничка група се отвораат теми врзани за "вистинскиот" национален идентитет, со укажувања на "бугарските корени" на македонецот. Фактот дека некои од заговорниците за ревизија на педесетгодишната "комунистичка" историја на Македонија, кои настојуваат да покажат дека во еден значаен период од поновата историја македонската и бугарската историја се едно исто, се луѓе од новата власт, зборува за тоа дека овој процес е во една поодмината фаза. Идејата за заедничка историја на Македонецот и Бугаринот би можела да им одговара и на плановите за обединување на Албанците во една држава затоа што тогаш процесот на поделба на Македонија не би се одвивал преку насилство, туку "природно". Ако албанската популација гравитира кон Албанија, а македонската кон Бугарија, тогаш, во Македонија би се создале босанските услови без војна. Крајниот исход од ова ново балканско сценарио кое, под покровителство на големите сили, би се остварило со мирољубиво изјаснување на разните, веќе делумно хомогенизирани групи, би било создавање на четри големи држави на Балканот: Хрватска, Србија, Албанија и Бугарија. Но, големата опасност од ваквото сценарио произлегува од отсуството на демократска култура кај балканските народи на почитување на волјата на мнозинството изразена на референдум, па тоа лесно би можело да стане увертира во нови војни. Уште долго, силата а не демократските форми на изјаснување на народот ќе ја определува насоката на развојот на Балканот. Оттаму, најдоброто од сите лоши решенија е одбраната на територијалното статус кво создадено по дисолуцијата на југословенската федерација. За зачувување на територијалното статус кво, пак, нужно е долгорочно присуство на странски воените сили, како потенцијал на принуда кој далеку ги надминува потенцијалите на секоја балканска држава поединечно и на сите нив заедно.

Таа улога на стабилизатор ја имаат силите на НАТО распоредени на Балканот. Нивното присуство е своевидна моментална солуција на вечната безбедносна дилема што ги прави државите сомничави и нервозни кога се работи за воените планови на нивните соседи. Но, едновремено, ова е "челична рамка" на дозволеното поведение на балканските држави која драматично го ограничува нивниот суверенитет, барем кога станува збор за одлуки какви што се оние за војна или мир. Крајната цел на ова директно воено и политичко туторство на Запад врз балканските држави, изнудено од поведението на локалните политичари кои, во изминатава декада регионот го претворија во жариште на војни и нестабилност, е некогашните диктатури мирољубиво да се трансформираат во демократски општества. Насочувајќи ги своите потенцијали кон изградба на своите економски и политички системи, а не кон војни и "етнички чистења", овие некогашни диктатури имаат шанса побргу ќе станат дел од светот на демократиите. Интересот на Запад, пак, е да ја проширува оваа зона на демократија, мир и стабилност врз земји кои се спремни да ги споделуваат вредностите на западната демократија.Но, за да се оствари тоа, не е доволна странско воено присуство. Нужно е политичките садови наречени балкански држави да се исполнат со сопствена демократска содржина, производ на сопствен напор, како можен почеток на еден процес на демократски spill-over меѓу државите. Можеби тогаш "овие народи...кои се нарекуваат со различни имиња и проповедаат различни религии", ќе ја "најдат заедничката основица на својот опстанок - една поширока, подобра, поразумна и почовечна формула...".