ПОЛИТИКА НА СПАС

Да се интервенира или не? - ова секогаш би требало да е тешко прашање. Дури и во случај на брутална граѓанска војна, политички предизвикана глад или масакр врз локално малцинство, примената на сила во друга земја секогаш треба да предизвика двоумење и нервоза. Таков е случајот кај мали групи загрижени луѓе, од кои некои ја поддржуваат, а другите се опираат на интервенционистичката политика. Но, се чини дека на многу влади и на уште повеќе политичари ова прашање им е лесно: одговорот е не! Релативно мал контингент војници се испраќаат на помош во случаи во кои не се очекува борба - таков е случајот со Соединетите Држави во Сомалија, Европјаните во Босна, Французите во Руанда. Целта во сите овие земји (иако накусо експериментиравме со нешто повеќе во Могадишу) не е да се изменат односите на моќ, туку да се подобрат последиците од нив - да се донесе храна и медицинска опрема за населението што е, на пример, под опасада и бомбардирано, без мешање во опсадата и бомбардирањето.

  Ова може да се смета за триумф на стариот принцип на неинтервенирање, со исклучок на тоа што причините врз кои се базира овој принцип, а кои ќе ги наведам во продолжение, не се оние што ги мотивираат владите и политичарите денес. Тие не се фокусирани на цената на интервенцијата или, пак, неинтервенцијата за мажите и жените чија опасност и страдање го наметнува ова прашање, туку само на цената за нивните војници и самите нив, односно, за нивната политичка репутација во земјата. Нема сомнение дека владите мора да мислат на овие работи: политичките лидери мора да ја задржат својата поддршка дома ако сакаат ефикасно да дејствуваат во странство.[1] Но, тие мора и да делуваат ефикасно во странство кога приликите тоа го бараат и тие мора да бидат способни да ја проценат итноста на оваа потреба во соодветните морални и политички услови. Идеологијата на студената војна порано претставуваше група на услови, кои всушност и не беа соодветни за сите тогашни случаи, но со кои можеа да се надминат домашните размислувања. По студената војна, ниту една идеологија не го нуди тоа. На прашањето да се интервенира или не? се одговара секој ден, но без знаци дека се прават проценките потребни за тоа.

Што со хуманитарната интервенција?                                                                                                                          [Врати се]

Ќе се фокусирам на аргументите за и против хуманитарна интервенција, бидејќи за тоа станува збор во поранешна Југославија, Кавказот, делови на Азија и најголемиот дел од Африка. Масакри, силувања, етничко чистење, државен тероризам, современи верзии на копилски феудализам со безмилосни воини и беззаконски банди на вооружени лица: ова се чиновите и приликите кои не повикуваат и бараат од нас да ја надминеме определбата против испраќањето војски преку граници и примената на сила во земји што не им се заканиле и не ги нападнале своите соседи. Не постои надворешна агресија, само домашна бруталност, граѓанска војна, политичка тиранија, етничко или религиозно прогонство. Кога светските сили (Обединетите нации, Европската Унија, Панамериканската алијанса, Организацијата за африканско единство, Соединетите Држави) треба само да набљудуваат и да протестираат? Кога треба да протестираат и потоа да интервенираат?

Определбата против агресијата е силна: ние (особено од левицата) имаме причини за тоа, кои потекнуваат од нашата спротивставеност на империјалната политика и нашата посветеност на самоопределба, дури и кога процесот на самоопределба не е сосема мирен и демократски. Уште од римско време империите се ширеа преку интервенирање во граѓанските војни, заменувајќи ја анархијата со ред и мир, со симнување на наводно штетните режими. Можно е ваквата експанзија да спасила животи, но само преку формирање на затвори за нации чија натамошна историја е долга приказна на затворски револти кои се брутално потиснати. Така се чини дека е најдобро на луѓето, кои живееле заедно во минатото и ќе мора да го прават тоа и во иднина, да им биде дозволено да ги решат своите несогласувања без империјална помош, самите. Решението нема да биде стабилно ако нема локална основа; мали се шансите тоа да биде прифатено од сите ако не биде локално смислено.

Сепак, неинтервенирањето не е апсолутно морално правило: понекогаш, она што се случува на локален план не може да се толерира. Оттука и праксата на хуманитарна интервенција- без сомнение, многу злоупотребувана, но морално неопходна, секогаш кога суровоста и страдањето се екстремни и ниту една локална сила не може да им стави крај. Хуманитарните интервенции не се оправдани поради демократијата, слободната иницијатива, економската правда, доброволното здружување и која било друга општествена практика на која се надеваме и ја бараме во другите земји. Нивната цел е негативна по карактер: да им се стави крај на постапките кои, да употребам една старомодна, но прецизна фраза, ја шокираат совеста на човештвото. Постојат некои корисни, и според мене, оправдани современи примери: Индија, во источен Пакистан, Танзанија во Уганда, Виетнам во Камбоџа. Ваквите интервенции најверојатно најдобро ги извршуваат соседите, како во овие три случаи, бидејќи соседите ја разбираат локалната култура. Но, тие можеби треба да решат и некои стари проблеми или имаат стари (или нови) амбиции за доминација во регионот. Ако повеќе веруваме во ефикасноста на Обединетите нации и на другите регионални здруженија, можеме да бараме меѓународна или барем мултилатерална поддршка, соработка и воздржување од употреба на сила. Оваа можност ќе ја разгледам подоцна. Тоа може да биде начин за контрола на интервенциите на одделни држави со цел за економска и политичка придобивка. Но, засега, прифатливи се сите оние што се доволно блиску и се доволно силни за да го спречат она што треба да се спречи.

Но, ова не е секогаш лесно. Што се однесува до стандардниот став кон хуманитарната интервенција (што го прифатив кога ја пишував во Праведни и неправедни војни пред речиси 20 години), изворот на нечовечноста се смета дека е надворешен и по својот карактер: тиран, освојувач, узурпатор или надворешна сила врз маса жртви. Тогаш интервенцијата има цел која е едноставна, но и негативна: да се отстрани тиранот (Пол Пот, Иди Амин), да се ослободи народот (Бангладеш) и потоа да се замине. Да се спасат луѓето во неволја од оние што ги предизвикуваат неволјите и да се остават да си го продолжат животот. Да им се помогне и после да се остават да се снаоѓаат сами како што најдобро знаат и умеат. Тестот за една вистинска хуманитарна интервенција, според овој став, е дека силите што интервенираат брзо ќе влезат и ќе излезат од земјата. Тие не интервенираат и не влегуваат во земјата од сопствени причини, како Виетнамците во Камбоџа.

Но, што ако проблемот е внатрешен, нечовечноста е локално и широко распространета, ако се работи за политичка култура, општествени структури, историски сеќавања, етнички страв, презир и омраза? А, што ако проблемите произлегуваат од неуспехот на државата, од колапсот на владата, со резултати поблиски до предвидувањата на Хобс отколку на Кропоткин - не сосема војна на сите против сите, туку широко распространета, неорганизирана и убиствена војна на некои против некои? Без сомнение и тогаш постојат злосторници кои лесно се идентификуваат, но, да речеме дека тие имаат поддршка дома, резервни идни злосторници: што тогаш? А, што ако доаѓа до совпаѓање на жртвите и мачителите, како кај сомалиските кланови и воини или можеби како кај религиозните/етничките/националните групи во Босна? Во сите овие случаи лесно може да се случи по брзото заминување на силите за интервенција повторно да се појават условите кои довеле до интервенцијата. Ако се откажеме од идејата за надворешно и единствено зло, тогаш многу е тешко да се примени тестот влези-излези.

Ние сме необично зависни од моделот жртва/мачител, добри/лоши. Една од причините за слабоста на Обединетите нации во Босна беше таа што многу нејзини претставници не веруваа дека овој модел е соодветен за ситуацијата со која мора да се соочат. Тие не ги оправдуваат сосема Србите, кои (заслужено) се осудени во многу резолуции на Обединетите нации, но не ги сметаат Србите ни за сосема лоши или за единствени лоши момци во поранешна Југославија. Затоа им беше тешко да ги оправдаат мерките потребни за да се спречат убиствата и етничкото чистење. Замислете си да ги преземеа тие мерки, како и што требаше (спред мене) да направат: немаше ли да треба да преземат колатерални мерки и против Хрватите и босанските Муслимани? Во случаи како овој, политиката на спас секогаш е сложена и нејасна.

Многу е полесно да се влезе во место како Босна отколку да се излезе и цената што ќе ја платат силите за интервенција и локалното население е многу поголема отколку во класичните хуманитарни интервенции од поновата историја. Затоа американските политичари и офицери инсистираа да постои стратегија за излез пред да се интервенира. Но, ова барање е, всушност, аргумент против интервенирањето. Стратегиите за излез ретко кога можат да се подготват однапред, а јавното ветување за повлекување во тој и тој временски период ќе им даде на непријателските сили силен поттик да се засолнат и да чекаат. Подобро е да се остане дома отколку да се интервенира на начин кој со сигурност нема да успее.

Онаму каде што политиката и праксата што треба да се спречат имаат широка поддршка кај населението, локалните структури и култури, ниту една потенцијално успешна интервенција нема да го положи тестот влези-излези. Најверојатно за тоа ќе биде потребен поголем предизвик за конвенционалниот суверенитет: долгорочно воено присуство, општествена реконструкција, она што порано се нарекуваше политичко довереништво (бидејќи само на мал дел од локалното население - особено не на оние со моќ - може да им се верува) и она што го овозможува сето ова -опсежната и постојана примена на сила. Дали некој е подготвен за ова? Ова прашање е особено тешко за луѓето од левицата кои се згрозени од она што се случуваше и што се случува во Босна и во Руанда, а кои одамна тврдат дека најдоброто нешто што може да се стори со војската е таа да остане дома. Дури и оние што ги поддржуваа хуманитарните интервенции во минатото ја потенцираа моралната потреба од брзо повлекување при што примената на сила ќе биде препуштена на домашните војници.

Сега, оваа морална потреба се чини дека прерасна во практична, политичка потреба. Оттука и општата потрага по брз лек, како во предлогот на претседателот Клинтон да се бомбардираат Србите, а да се наоружаат Босанците. Јас ќе ги поддржев и двете политики, мислејќи дека тие можеби ќе доведат до локално решение кое, колку крваво и да се покаже, не може да биде полошо од она што се случува сега. Но, што ако брзиот лек не успее, ако доведе до уште побрутална граѓанска војна, на која не и се гледа крајот? Дали тогаш ќе бидеме подготвени за подиректна и подолготрајна воена интервенција - и ако е така, со каква војска? Под чие водство? Со каков систем на оружје, каква стратегија и тактика, со колкава подготвеност за жртви?

Ризикување на војниците                                                                                                                               [Врати се]

Последното прашање е она што се повеќе го отежнува и го оневозможува интервенирањето: денес, во западните демократии, е многу тешко да се ризикуваат војниците. Но, хуманитарните интервенции и мировните операции се, пред се, воен чин насочен против народот кој веќе применува сила и го нарушува мирот. Тие ќе бидат неефикасни ако не постои готовност да се прифатат ризиците што природно доаѓаат со воениот чин - да се пролева крв и да се губат војници. Во голем дел од светот, интервенцијата без крв и мирните мировни операции се контрадикторни поими: ако се можни, нема да се потребни. Бидејќи се потребни, мора да го прифатиме вистинскиот статус и функцијата на оние што ги испраќаме да ја завршат задачата. Војниците не се како доброволците во Мировните корпуси, Фулбрајтови стипендисти или музичари и професори од УСИА - кои не треба да се испраќаат преку океан во опасни места. Војниците се предодредени за опасни места и тие треба да го знаат тоа (ако не знаат, треба да им се каже).

Ова не значи дека војниците треба неодговорно да се праќаат во опасност. Но, прифаќањето на нивниот статус и функција го поставува прашањето на кое мора да се одговори пред тие да бидат испратени некаде, во моментот кога се дефинира нивната мисија: дали ова е кауза за која сме подготвени да видиме како гинат американски војници? Ако прашањето биде потврдно одговорено, тогаш не смееме да креваме паника кога првиот војник или првиот поголем број војници, како осумнаесетте пешадијци во Сомалија, ќе загинат. Мора да кажам дека Европјаните во Босна не чекаа ниту да се крене паника: уште од почетокот јасно ставија на знаење дека војниците што ги праќаат да отвораат патишта и да превезуваат намирници не треба да се сметаат за војници во вообичаената смисла на зборот; тие беа возрасни извидници кои вршат добри дела. Но, ова е формула за неуспех. Војниците кои не беа војници, всушност станаа заложници на српските сили што ги контролираа патиштата: подложни на напад ако некој ја предизвика таа контрола. Така, европските влади почнаа да се противат на таков предизвик.

Треба ли да го ризикуваме животот на војниците во далечни места кога нашата земја не е нападната или не и се заканува напад и кога нашите национални интереси, во потесна смисла на зборот, не се загрозени? Понекогаш сум настроен да дадам позитивен одговор на ова прашање (премногу е сложено сега да зборувам за тоа дали доброволците и регрутите треба да ги прифатат овие ризици). Причината е едноставна: сите држави имаат интерес за глобална стабилност, па дури и за глобална хуманост и во случајот на богати и моќни држави како нашата, овој интерес е придружуван од обврска. Без сомнение цивилизираниот свет може да живее со неверојатно нецивилизирано однесување во места како, на пример, Источен Тимор - надвор од сцената и далеку од очите. Но, ваквото однесување, ако не му се спротивставите, се шири, се имитира и се повторува. Ако човек ја плати моралната цена на молчењето и бесчувствителноста, наскоро потоа ќе мора да ја плати и политичката цена на превирања и беззаконие поблиску до дома.

Признавам дека овие цени не се неизбежни, но тие честопати доаѓаат една по друга. Оваа последователност најјасно ја гледаме во описот на Хана Аренд за тоа како европската бруталност во колониите на крај се врати назад во самата Европа. Но, овој процес може да се одвива и поинаку, како кога терористичките режими во третиот свет се имитираат едни со други (честопати со помош од првиот свет) и бранови очајни бегалци бегаат во земјите каде што моќните политички сили сакаат само да ги вратат назад. Колку долго чесноста ќе преживее овде, ако нема чесност таму? Сега обврската е проследена со интерес.

Како што веќе кажав, интересот и обврската заедно честопати претставуваат идеологија за империјалистичко проширување и за напредување во студената војна. Политичката десница ги брани и двете, додека левицата ги критикува и отфрла. Но, во ова пост-империјалистичко време по студената војна, овие ставови можат да си ги сменат местата или во најмала рака да бидат измешани. Многумина од десницата денес не гледаат причина за интервенција ако од неа нема да се добие материјална и идеолошка предност. Што им претставува Босна и што и претставуваат тие на Босна за да плачат за неа? Од друга страна, мал, но се поголем број луѓе од левицата сега се за интервенирање, овде или онде, поттикнати од интернационалистичката етика. Во право се кога го чувствуваат овој поттик. Интернационализмот секогаш подразбирал поддршка, па дури и учество во борбата на масите во целиот свет. Но тоа значи дека мора да ја чекаме борбата на масите. Ослободувањето секогаш треба да биде локална иницијатива. Но, кога е соочен со човечка катастрофа, интернационализмот има поитно значење. Не е возможно да се чека: секој што може да ја преземе иницијативата треба да го стори тоа. Активното спротивставување на масакри и на масовно депортирање е морално неопходно; неговите ризици мора да се прифатат.

Како да се издржи интервенцијата?                                                                                                                              [Врати се]

Деновиве на земјите во неволја веќе не се гледа како на шанса за империјалистите. Наместо тоа, метафорите се застрашувачки: мочуришта и “калишта. Армиите што интервенираат нема да бидат поразени во вакво опкружување, но ќе бидат бавно уништени - без да покажат брзи и очигледни предности. Како империите успевале да ги натераат војниците да одат во такви места, да седат во расклатени кампови, да бијат бесконечни, заморни, нерегистрирани битки? Денес, кога за секој смртен случај се известува на телевизија, демократските граѓани (самите војници или нивните родители) нема да ги поддржат и да ги издржат ваквите интервенции. А, сепак, понекогаш тие треба да се поддржат и да се издржат. Размислете: ако некоја моќна држава или регионална алијанса пратеше војници во Руанда кога почнаа масакрите, ужасниот егзодус и колерата можеби ќе беа избегнати. Но, војниците најверојатно се уште ќе беа таму и никој немаше да знае што не се случило.

Две форми на долготрајна интервенција, кои порано се поврзуваа со империјалистичката политика, сега треба да бидат преиспитани. Првата е еден вид старателство, кога силата што интервенира всушност владее со земјата што ја спасила, делува во името на граѓаните и се обидува да воспостави стабилна и повеќе или помалку консезуална политика. Втората е еден вид протекторат, кога со интервенцијата на власт доаѓа некоја локална група или коалиција од групи и која потоа се поддржува само одбранбено, за да се спречи враќањето на поразениот режим или на беззаконието и за да се почитуваат правата на малцинствата. Руанда можеби беше кандидат за старателство, Босна за протекторат.

Ова се ситуации или аранжмани што тешко можат да се препорачаат и коишто, без сомнение, е тешко да се оправдаат во денешната политичка клима. Животите што со тие аранжмани ќе се спасат , ќе бидат шпекулативни и статистички, а не вистински животи; ќе се избегнат само катастрофите што можеби ќе се случеле (но, како можеме да бидеме сигурни?). Ова е спасување однапред и ќе му се спротивстави онаа локална елита која смета дека до потребата за спас никогаш немало да дојде ако нејзе и било дозволено да ја преземе контролата - или која е подготвена да ја преземе контролата по секоја цена. Самата идеја за неуспешна држава ќе и изгледа понижувачка и арогантна, на пример, на група како Руандскиот патриотски фронт, кој сè уште немал шанса да успее во правење држава. А ни историјата на старателства и протекторати не охрабрува особено: ужасот на суданската граѓанска војна, на пример, не е причина да се заборави на репресивноста на стариот Англо-египетски Судан. Како и да е, имајќи го предвид она што сега се случува во југоисточна Европа и во централна Африка, морално сериозните луѓе ќе мора повторно да размислат за човечките жртви и за користа од постојаните интервенции. Хаити денес (октомври 1994) може да биде пробен случај, бидејќи мултинационалните сили, предводени од САД, служат како заштитник на вратената влада на Аристид - а таа улога најверојатно ќе биде продолжена.

Кои држави треба да интервенираат?                                                                                                                          [Врати се]

Кој треба да ја плати цената на можните, но честопати невидливи победи? Ова без сомнение е најтешкото прашање, но необично е тоа што тоа не привлекува најголемо внимание. Јавната дебата имаше поинаков фокус - како да има (а порано можеби и имаше) голем број земји што се желни да интервенираат. Значи, прашањето е: кој може да ги овласти и да ги ограничи овие интервенции, да ги одреди основните правила и временската рамка, да се грижи за стратегиите и тактиката? Стандардниот одговор кај левицата, а можеби и пошироко, е дека најдобро е тие да бидат овластени на меѓународно, мултилатерално ниво - ОН се очигледниот пример. Зад овој одговор стои аргумент сличен на аргументот на Русо за општата волја: во текот на демократска процедура на одлучување, тврди Русо, поединечните интереси на различните страни ќе се поништат меѓу себе и општиот интерес нема да биде извалкан од поединечниот. Како што е со поединците во домашното општество, така е и со државите во меѓународното општество: ако сите се консултираат, секој ќе стави вето на егоистичките предлози на другите.

Но, ова не е сосема привлечна идеја, бидејќи е многу веројатно нејзиниот резултат да биде ќорсокак и неактивност, што не може секогаш да биде општа волја на меѓународното општество. Исто така е можно некоја коалиција на држави кои соработуваат поради заедничките (поединечни) интереси да постигне согласност за интервенција; или пак ќорсокакот ќе ја ослободи бирократијата на ОН да преземе нешто. Мултилатерализмот не е гаранција за ништо. Тој можеби е подобар од едностраната иницијатива на една моќна држава - иако во примерите со кои почнав, Индија, Виетнам и Танзанија, локалните сили не поминаа многу лошо; ниту една од нивните интервенции, можеби со исклучок на последната, немаше да биде одобрена од ОН. Во пракса можеби е најдобро да бараме некакво совпаѓање на мултилатералното овластување и едностраната иницијатива - првото поради моралниот легитиметот, второто поради политичка ефикасност - но, најважна е иницијативата.

Можеме ли да претпоставиме дека има држави подготвени да преземат иницијатива и да ја поддржат? Во Сомалија, Соединетите Држави го направија потфатот, но не беа подготвени за подолг период (можеби и долгото траење на иницијативата не беше потребно во овој случај: никој не не информира за состојбата во сомалиските села, па не знаеме). Босна е класичен пример за повеќекратно отфрлање на потфатот: сите ја критикуваа војната и етничкото чистење; никој не беше подготвен да ги спречи - и сега никој не е подготвен да ги сврти во обратна насока нејзините ефекти. На сличен начин африканските држави и западните сили седеа на страна и ги гледаа масакрите во Руанда. (Сетете се што вели Библијата: Не седи со скрстени раце крај крвта на твојот сосед. Се покажа дека Руандците немаа локални и глобални соседи се додека илјадници лица не почнаа да умираат на странска почва и на телевизија).

Бесцелно е да се зборува за нешто што е очигледно: некои земји треба да се подготвени да интервенираат во одредени случаи. Подеднакво бесцелно е и да се именуваат тие држави и случаи, иако тоа планирам да го направам, според принципот дека дури и бесцелноста е подобра ако не е толку апстрактна. Европската Унија, или барем Французите и Британците заедно (Германците се дисквалификувани поради нивната агресија во Втората светска војна) требаше брзо да интервенираат во Босна. Организацијата за африканско единство, со финансиска помош од Европа и Америка, требаше да интервенира во Руанда. (Признавам дека интервенцијата во Либерија предводена од Нигерија не е сосема среќен преседан, иако таа го забави убивањето). Соединетите Држави требаше да интервенираат на Хаити неколку месеци порано, иако веројатно неопходниот протекторат најдобро ќе беше спроведен од коалиција на централноамерикански и карипски држави. Потешко е да се каже кој требаше да го сопре убивањето во Јужен Судан и во Источен Тимор: нема секогаш очигледен кандидат и јасна одговорност. Исто така, тешко е да се каже како одговорноста се наследува кога очигледните кандидати одбиваат да го прифатат товарот. Дали Соединетите Држави, како единствена или најголема голема сила треба да се назначат за последна опција? Со транспортната технологија со која располагаме најверојатно сме доволно блиску и сигурно сме доволно силни за да го спречиме она што треба да се спречи во случаите што ги разгледувам (иако не во сите одеднаш).

Но, никој не сака Соединетите Држави да станат светски полицаец, дури и како последна опција, како што би заклучиле ако ја прифатиме таа улога. Морално и политички е подобро да има поделба на трудот, а американската сила најдоброто ќе се искористи ако се врши притисок врз другите земји да си го завршат својот дел од работата. Сепак, ние треба и ќе бидеме пошироко вклучени од другите земји со помали ресурси. Понекогаш Соединетите Држави треба да ја преземат иницијативата; понекогаш треба да помогнеме финансиски и да додадеме војници во интервенцијата што ја презел некој друг. Во многу случаи, нема ништо да се направи ако ние не сме подготвени да ја играме едната или другата од овие улоги - или да го преземеме политичкото водство или да бидеме комбинација од финансиска поддршка и споредна улога. Старите и оправдани сомневања за американската моќ сега мора да отстапат пред неволното признавање на нејзината неопходност. (Еден пријател коментираше: сигурно поголем акцент ќе ставиш на неволноста ако имавме републикански претседател. Најверојатно е така).

Многу луѓе од левицата копнеат по времето кога оваа неопходна улога на Америка ќе стане непотребна бидејќи ќе се формираат меѓународни воени сили. Но, ова време е сè уште далеку, иако ќе дојде многу поскоро од очекуваниот скок од царството на неопходноста во царството на слободата. Ниту пак армијата на ОН со своите офицери, способни независно да делуваат во ова поле, секогаш ќе се најде на вистинската страна. Нејзиното присуство или отсуство ќе зависи од одлуките на Советот за безбедност, којшто најверојатно ќе биде исто толку поделен и несигурен како и денес, во кој сè уште постои правото на вето на големите сили и има големи буџетски ограничувања. Корисната улога на ОН во Камбоџа (организирање и набљудување на изборите) го навестува значењето на нејзиното зацврстување. Но, не беше ОН оној што го смени Пол Пот и ги спречи масакрите на Црвените Кмери. А сè додека не бидеме сигурни во нејзината способност и подготвеност да го стори тоа, дотогаш ќе мора да бараме еднострани интервенции. Добро е кога ги преземаат локални сили како Виетнам; но, најчесто, тие ќе зависат од глобалните сили како САД и (се надеваме) Европската Унија.

И покрај она што го реков досега, не мислам да се откажам од принципот на неинтервенирање - само да ги почитувам неговите исклучоци. Точно е дека во моментов има многу исклучоци. Човек денес ги чита весниците и трепери: огромен број убиени луѓе; мажи, жени и деца што умираат од болести и глад намерно предизвикани и кои лесно можат да се спречат; маси очајни бегалци - ним нема да им помогнат моралните принципи. Да, нормата е да не се интервенира во други земји; нормата е самоопределба. Но, не за овие луѓе, жртви на тиранија, идеолошки фанатизам, етничка омраза, кои не одлучуваат ништо за себе, на кои итно им е потребна помош од надвор. И не е доволно да се чека тираните, фанатиците и нетолерантните да си ја завршат валканата работа и потоа да им се испрати храна и лекарства на преживеаните. Секогаш кога валканата работа може да се спречи, тогаш и треба да се спречи. А, ако ние не ја спречиме, чесните луѓе во светот, тогаш кој ќе ја спречи?

[1] Овде нема да го разработувам прашањето за тоа што мора да сторат во една демократска земја за да делуваат законски и уставно во странство - прашање што го оставам за другпат.