Историски модел за меѓународни односи и политички развој

 

I

Обидувајќи се да ги искористам искуствата од европската историја, ја изработив оваа студија со цел да формулирам модел што би можел да се покаже корисен за да се опишат, објаснат и предвидат шемите на политичкиот развој и на меѓународното однесување кон некои од новоформираните држави во Азија и во Африка, коишто неодамна стекнаа независност. Мојот интерес да ги истражам искуствата на неколку европски држави потекна од незадоволството од обидите да се развијат историски теории врз основа само на познавањето на современите прилики, од кои последиците се непознати, а временските периоди што им стојат на располагање на нашите истражувања се прекратки за да можат да се испробаат и потврдат на долгорочни патеки. Често не сме во можност да направиме разлика помеѓу краткорочните, моментални промени и долгорочните, трајни шеми на подем и пропаѓање.

Сериозно се зафатив да го подобрам теоретското сфаќање на процесите на национална интеграција во мултиетничките држави соочени со конфликти меѓу касти, религии, племиња, јазични групи и раси. Овие конфликти не само што влијаат врз подемот на чувството за национален идентитет - позната тема во речиси целата современа литература за историски развој - туку и предизвикуваат значајни последици во односите помеѓу централната и локалната власт што се развиваат во секој политички систем според шемата за развој на економијата и на образованието и, пред сА, според легитимитетот на политичките институции на властта. Бидејќи голем број европски држави се имаат соочено со етнички конфликти, ми се чинеше дека испитувањето на богатата литература за овие искуства би можело да се покаже корисно за разбирање на некои од современите проблеми на етиничките конфликти во регионите во развој.

Меѓутоа, некои историчари сметаат дека политичките проблеми со кои се соочуваат европските земји што се модернизираат се премногу различни од оние со кои се соочуваат земјите во развој за да можат да се повлечат корисни аналогии. Мојот прв чекор во напорот да го прифатам предизвикот на историската вистина беше да истражам група европски земји што ми се чинеа најслични со новоформираните земји во развој - државите на Југоисточна Европа во доцниот деветнаесетти и раниот дваесетти век. Како прво, сите овие држави беа поранешни колонии: Грција, Бугарија, Романија, Албанија и поголемиот дел од Југославија беа долго време под власта на Отоманското царство, а северните делови од Југославија и од Романија се наоѓаа во рамки на Хабсбуршкото царство. Како второ, како што е случај и со други поранешни колонии, тие најпрво го позајмија начинот на формирање политички институции од странство, а бидејќи главните сили во Европа (освен Франција) беа монархии, и новите држави станаа монархии по своето уредување; понекогаш тие дури и кралевите си ги "регрутираа" од други земји. Како трето, сите беа економски заостанати, а нивните елити беа особено чувствителни на својата сопствена неразвиеност. Како и во современите земји во развој, нивните владејачки класи често беа растргнати помеѓу желбата да позајмуваат од другите и инстинктот да го сочуваат своето културно наследство. Како четврто, сите беа мултиетнички држави. Во нив живееше мешавина (или, како што Французите пригодно велеа "маседуан") на верски и јазични групи, па дури, како што беше случај во Албанија, и мешавина на племиња. И најпосле, овие нови независни држави се развиваа под притисок на соперништво меѓу големите сили - Британија, Русија, Германија, Франција и Италија - кои си ги застапуваа своите интереси во регионот.

Се разбира, секоја од овие земји се разликува по нешто од сегашните земји во развој, така што би ни било исклучително тешко да пронајдеме соврешена аналогија помеѓу, да речеме, Југославија и Нигерија или помеѓу Бугарија и Пакистан. Процентуалната застапеност на етничките групи е различна, а различни се и формите и развојот на власта. Уште еден аргумент што не оди во прилог на ваквите аналогии е тоа што и самите балкански земји меѓусебно се разликуваа во мноштво основни димензии. Бугарија и Југславија имаа политички независни работнички класи, додека во Русија постоеше моќната аристократија. Југославија беше фрагментирана етничка држава; Романија и Грција имаа едно доминантно етничко мнозинство. Со оглед на овие разликии во времето и во просторот, се поставува прашањето: како е тогаш возможно да се употребат искуствата од овие држави за да се објаснат современите проблеми на историскиот развој?

Место да се влечат аналогии - најчестиот модел на користење историски податоци за донесување заклучоци за современите настани - решив да користам податоци од Југоисточна Европа за да создадам дескриптивен модел на политички развој. Предностите и ограничувањата на таквиот модел најдобро би можеле да се разберат ако се земат предвид начините на кои докторите користат дескриптивни модели на болести за клинички потреби. Во клиничката медицина, добро обучен доктор ги знае имињата и карактеристиките на голем број болести. Описот на една болест во основа се состои од информации за карактеристиките на таа болест, симптомите, физичките манифестации, деловите од телото што ги напаѓа, текот и лекувањето на болеста. Овие сознанија претставуваат резултат на акумулацијата на голем број случаи. Еден доктор кому му се познати голем број болести, модерни методи и инструменти за поставување дијагноза, може да ја идентификува болеста, да го предвиди нејзиниот тек и да препорача определен начин на лекување. Дури и кога точната причина за болеста не е позната, како што е случај со ракот, можни се предвидувања и рецепти за лекување. Што е уште поважно, колку и да е прецизен моделот, без оглед колку често бил тестиран на различни случаи, ниту еден индивидуален случај не мора да се совпадне со моделот на болеста во сите детали. Пациентите се наоѓаат во различна здравствена состојба и различно реагираат на примањето на истиот лек. Врз некои пациенти болеста, на пример, детската парализа остава трајни последици, додека други можат сосема да се излечат. Во такви случаи, предвидувањата на докторите се само претпоставки. Болните од сипаници ретко умираат, но и тоа може да се случи, а од друга страна може да дојде до спонтано оздравување од смртоносниот рак. Сепак, и покрај различните начини на кои пациентите реагираат на болеста, и покрај различните форми што една болест може да ги има, и покрај тешкотиите да се направат предвидувања со 100 процентна сигурност, сепак, од голема важност е да се има опис на болеста. Без таквите модели, не би можеле да ги проучуваме причините што доведуваат до болеста; не би знаеле што би требало да очекуваме, а докторот не би бил во можност да препорача лекување за да ги открие симптомите на болеста, да го забрза заздравувањето или да го смени исходот.

Балканските случувања ме снабдија со клинички материјал за еден дескриптивен модел. Ниту еден случај, дури ни самите балкански случаи, нема да се совпадне со предложениот моделот од секој аспект, но верувам дека тој е доволно блиску до реалноста за да може да биде корисен за да се опишат, предвидат, па дури и објаснат можните шеми на политички развој во некои политички системи.

Изучувајќи го влијанието на етничките конфликти врз политичкиот развој на секоја од балканските држави, се соочив со два факта од огромно значење. Првиот е дека проблемите на етничките конфликти се особено остри и изразени поради тоа што во секоја балканска држава живеат малцинства од соседните држави, а истовремено секоја држава има граѓани од својата националност преку своите граници. Второ, секоја балканска земја, без исклучок, е во конфликт со соседите во однос на своите граници, главно, поради тоа што постоечката меѓународна граница поделила некоја етничка група во две земји. Ми изгледа дека овие два факта - транзицискиот карактер на етничките групи и расправиите за границите - се придружени со (извесни) карактеристични шеми на развој и на домашен и на меѓународен план. Ја нагласив поврзаноста меѓу овие шеми на однесување во еден единствен модел, што го нареков Македонски синдром, наречен така според регионот на Балканот околу кој се водат расправии меѓу Грција, Југославија и Бугарија, и кој со своите карактеристики ми обезбеди речиси чист историски случај, што ми помогна во создавањето на моделот. Верувам, се разбира, дека никој нема да помисли оти секој случај е сосема ист како македонскиот.

II

^ back to top

Според овој модел, два или повеќе соседни политички системи содржат иста етничка група - односно, племе или лингвистичка, религиозна или културна самосвесна заедница. Барем во една од земјите, етничката група мора да биде малцинство. Во друга може да биде или мнозинство или, повторно, малцинство. Во земјата или земјите каде што една етничка група е малцинство, таа е свесна за својата културна специфичност и различност во однос на мнозинството, а истовремено е свесна за своите сличности со припадници на истата етничка група во соседната земја. Најпосле, за моделот да биде целосен, една од двете држави мора да биде иредентистичка, што значи, мора да бара промена на меѓународните граници за да го инкорпорира етничкото малцинство и територијата од соседната држава на која тоа малцинство е населено. Значи, ова е моделот. Тој бара најмалку три актера: иредентистичка држава, антииредентистички сосед и иста етничка група населена и во двете земји.

Треба да се подвлечат три предуслова за моделот. Првиот е етничката група да се чувствува како малцинство: мора да биде свесна за сопствениот независен идентитет во однос на другите. Еден минимален услов за да се оствари ова чувство е во државите каде што живее малцинската група, таа, да биде населена на повеќе или помалку дефинирани територии врз кои владините структури имаат контрола или сакаат да имаат контрола. На кратко, на една етничка група мора да и претставува проблем тоа што е поделена со меѓународна граница, услов што сА уште не е исполнет во многу делови од Африка.

Второ, неопходно е да се потенцираат промислените политички аспекти на моделот. Еден или повеќе политички системи мора да изберат да вршат притисок за промена на границите. Етничките групи можат да ги менуваат меѓународните граници без ниту една земја да постави иредентистички барања и без етничките групи да притискаат со цел ревизија на границите. Французите не ја бараат областа Валун во Белгија или областите во Швајцарија каде што се зборува француски. Холанѓаните не ги бараат фламанските делови од Белгија. Италијанците и Германците не ги бараат соодветните делови од Швајцарија. Овде не се занимавам со тоа зошто властите во одредени земји решаваат да постават иредентистички барања, туку со последиците по општеството и политиката на тие земји откако тоа ќе се случи. Кажано со сегашниот модерен жаргон на политичката наука, овде зборувам за ефектите од "аутпутот" од политичкиот систем.

Трето, иредентистичките барања мора да имаат големо значење за политичката елита и за земјата во целина. Ако барањето не се земе сериозно предвид - навистина, идеја што е тешко да се операционализира, но сепак општо препознатлива освен во неколку маргинализирани случаи - од страна на сите релевантни актери, моделот, тогаш, не е валиден. Иредентистичкото барање може да не биде сериозно сфатено ако а) иредентистичката земја ненадејно почне со територијални претензии од помал размер кон своите соседи, како што е случај со неколку југоисточни азиски земји; или б) иредентистичката земја е многу мала и слаба, додека антииредентистичката е голема и моќна. Таков пример е тврдењето на Романија дека таа, а не Русија, има право на Бесарабија, област што сега е инкорпорирана во Украина. Иако ова претставува извор на спорови меѓу двете земји, сепак спорот не е доволно сериозен за да има голем ефект врз однесувањето на која било од нив.

Има две главни варијанти на моделот.

Прво, постои модел според кој една етничка група е малцинство во една земја, но мнозинство во друга. Меѓу најтипичните примери во оваа шема ги вклучувам Унгарците во предвоена Романија, Грците во Албанија и во Турција, Албанците и Италијанците во Југославија и Германците во Чекословачка и во Полска. Во секој од овие случаи, земјата, од која потекнува малцинството што живее во друга земја, сака да ги "спаси" ("редеем") своите етнички "браќа". Така, Унгарија ја бараше Војводина од Југославија и Трансилванија од Романија, два региона со многубројно 'унгарско' население. Грците ги бараа јужните области на Албанија каде што живее грчко население, како и регионот Смирна во Мала Азија, населен со Грци. Истовремено, и Албанија го бара Косово, населено со муслиманско албанско население.

Втората варијана постои кога една етничка група е малцинство во сите земји што сметаат дека имаат право на неа: Македонците во Бугарија, во Југославија и во Грција; Словенците во Австрија и во Југославија; и Украинците во Чекословачка, Романија и во Советскиот Сојуз.

Двете варијанти не се толку јасни како што можеби изгледаат на прв поглед, бидејќи често постои контроверзност околу тоа дали етничката група што е предмет на спор е различна од населението во другите земји од аспект на културата или станува збор за истата етничка група што го сочинува мнозинството во иредентистичката држава. Македонското прашање претставува добар пример: Југословените тврдеа дека жителите на спорната област се само културно различни од нив, Бугарите дека овие жители се Бугари, а Грците дека тие се славофони, односно Грци кои зборуваат словенски.

Во современа Азија или Африка, има неколку значајни случаи на иредентистички спорови и уште поголем број примери каде што етничките групи ги пречекоруваат меѓународните граници, создавајќи потенцијални гранични конфликти. Меѓу главните современи примери на овој вид спорови се конфликтите помеѓу Пакистан и Авганистан околу Патан или Пушту племињата што ја минуваат северозападната граница, несогласувањата меѓу Индија и Пакистан околу Кашмир и барањето на Сомалија за сомалиските окупирани територии на Етиопија, Кенија и на Француска Сомалија. Ерменците се поделени со меѓународни граници меѓу Турција, Советскиот Сојуз и Иран; Азербејџанците помеѓу Советскиот Сојуз и Иран; и Курдите меѓу Турција, Иран и Ирак; сите тие од време на време имале иредентистички барања. Иако сегашните територијални претензии на арапските држави и на палестинските Арапи ги преминуваат границите од спорните региони, арапско-израелскиот конфликт околу териториите што Израел ги окупираше за време на Шестдневната војна можат исто така да се сметаат за иредентистички. И, најпосле, иако спорот меѓу Грција и Турција за Кипар не е, технички гледано, иредентистичко прашање бидејќи Кипар е независна држава, Грција и грчкото население на Кипар го гледаат турското непријателство како пречка за обединување.

Според моделот, постојат карактеристични шеми на политички развој во рамките на иредентистичките и антииредентистичките држави. Државите инволвирани во иредентистички спорови имаат каратктеристични односи не само една со друга, туку и кон трети земји, а овие различни карактеристики формираат синдром - односно, главно се јавуваат заедно, се наоѓаат во причинско-последични односи, а своето потекло го должат на заеднички фактори. На кратко, имаме класа или поредок на кој му припаѓаат повеќе земји, чии членови се развиваат и се однесуваат на карактеристичен начини. Моделот препознава шеснаесет такви карактеристки.

III

^ back to top

1. Иредентистичката држава која бара промена на меѓународно признаена граница обично се обидува да формира сојузи за да и се закани на државата во која живее нејзиното етничко малцинство. "Природни" сојузници се земјите соседи на "непријателот" и другите земји, што, исто така, бараат менување на меѓународни граници или се анти статус кво расположени во однос на меѓународната или регионалната рамнотежа на моќ.

Бугарскиот спор со нејзиниот грчки и југословенски сосед околу Македонија претставува класичен прмер на оваа премиса. Македонија е спорен регион на Балканот што се простираше во три земји. Таа не била независна држава уште од 4 век п.н.е., а се наоѓала наизменично под византиска и под турска власт. Уште од самиот почеток на нивното национално движење, Бугарите ја сметаа Македонија за своја. Русите, како заштитници на Бугарите, вршеа притисок Македонија да се вклучи под бугарска власт во 1878 година, во Санстефанскиот договорот, но западните сили, исплашени од можноста за зголемена Бугарија под руско влијание , интервенираа за време на Берлинскиот договорот во истата година и Македонија остана под турска власт. Во 1911 година Бугарија стапи во сојуз со две нејзини земји сопернички - Грција и Србија - за да ја нападне Турција и да ја ослободи Македонија и некои други области од турска окупација. Во 1912 година, по својот прв успех, Бугарија се сврте против Србија и Грција за да се бори за пленот од претходната победа, но оваа војна Бугарија ја загуби со големи човечки жртви. Од 1913 година и натаму, бугарската влада имаше несреќна тенденција да се вклучува во губитнички војни и да стапува во сојузи со губитниците. Во Првата светска војна Бугарија се приклучи на страната на Централните сили против Русија, со очекување дека германско-австриската победа ќе ш ја донесе Македонија. Упорното тврдење дека таа има право на Македонија беше решавачки фактор за одлуката на Бугарија да застане на страната на Австрија, Унгарија и Германија во Втората светска војна и да се бори против Југославија, Романија, Чекословачка и Сојузниците. СА до самиот крај, во надворешната политика на Бугарија доминираа нејзините ревизионистички цели, дури и кога тоа значеше да се стане помошник на германските напори за воена окупација на целиот Балкан. Уште повеќе, бугарското сојузништво со Германија беше спротивно на длабоките историски, религиозни и клутурни врски со Русија, што е силен показател за огромната улога што ја имаат иредентистичките чувства во изборот на сојузници.

Има голем број други примери за начините на кои иредентистичките чувства го диктираат изборот на сојузниците. Предвоена Албанија сакаше да стапи во сојуз со Италија бидејќи и двете земји имаа територијални претензии кон одредени делови од Југославија. Предвоена Унгарија стапи во сојуз со Германија за да ги оствари своите иредентистички желби во однос на Романија. Како неодамнешен приемер може да служи примерот на Египет, кој се сврти кон Советскиот Сојуз за поддршка, Пакистанците се здружија со Кина против Индија, а Сомалија бараше поддршка од Советскиот Сојуз во својот конфликт со Етиопија и со Кенија.

2. Заклучокот е дека антииредентистичката држава со етничко малцинство прави обид да формира одбранбени сојузи со цел да ги сочува постојните граници. "Природни" сојузници се соседите на иредентистичката земја и други сили што поради една или друга причина сакаат да сочуваат статус кво ситуација.

Во периодот меѓу двете светски војни, антииредентистичките држави главно бараа поддршка од Британија или од Франција бидејќи овие две земји се залагаа за сочувување на постојната европска рамнотежа на сили. Така, додека се заоструваа односите помеѓу Бугарија и Германија, Југославија побара поддршка од Британија и од Франција. Меѓутоа, често се покажуваше дека изборот на сојузници, кога станува збор за антииредентистичките држави на Балканот, е спорно внатрешнополитичко прашање. Во Југославија, на пример, Србите, верни борци за обединета Југославија, беа жестоко настроени против Германија, и свртени кон Сојузниците, додека Хрватите, чии сепаратистички тенденции беа поттикнати од Германците и од Италијанците, се залагаа за југословенско-германски пакт.

Но, за Романците изборот на сојузници во периодот меѓу двете светски војни беше нешто поедноставен. Притиснати од Советскиот Сојуз од една страна и од прогермански настроена иредентистичка Унгарија од друга, Романија се сврти за помош кон Сојузниците, особено кон Франција со која Романија има и големи културни сличности.

Денес, меѓу антииредентистичките држави, и Индија и Израел побараа поддршка од непријателот на земјата што се здружила со нејзиниот иредентистички сосед. СА поцврстите врски на Индија со Советскиот Сојуз се резултат и на пакистанското повремено приближување кон Кина и на кинеско-советскиот спор. На сличен начин, сА поголемата воена зависност на Израел од САД е цврсто поврзана со сА поголемата зависност на Египет од Советскиот Сојуз.

3. Соседите, како и поголемите и помоќни држави, често се вовлечени во иредентистички спорови на двете земји, некогаш за да ги поддржат барањата на едната или на другата страна, некогаш за формално да се придружат на еден од сојузите, а некогаш едноставно за да воспостават трговски врски, за да обезбедат поголема помош или за да се спријателат со едната наместо со другата земја. Мал број држави невмешани директно во спорот успеваат да одржат еднакви односи и со двете скарани страни. Земјите што не се директно вмешани во спорот, можат да влезат во него поради голем број различни причини, меѓу кои често е таа што од нив е побарано да се стават на едната или на другата страна.

Се разбира, има и такви случаи кога една надворешна сила верува дека може многу да добие со застапување на едната страна во спорот. Така, Италија имаше добри причини да ја поддржува Албанија во територијалните претензии кон делови од Југославија и од Грција; италијанската влада се надеваше дека распаѓањето на Југославија ќе доведе до проширување на италијанските територии до Трст и ќе направи од Италија единствена сила со моќ врз Јадранското Море и воопшто една од најголемите сили на Средоземјето. Слично на тоа, советското вклучување во блискоисточниот конфликт на страната од арапските држави беше средство да се прошири советското влијание на средоземното крајбрежје и да се контролираат нафтените артерии кон Западна Европа и кон САД.

4. Како што иредентистичката држава изразува загриженост за статусот на етничкото малцинство во соседната држава, така се интензивира надежта кај тоа етничко малцинство дека ќе биде инкорпорирано во ревизионистичката држава или дека, со поддршка на ревизионистичката сила, може да воспостави самостојна држава. Но, каква и да е крајната цел на етничкото малцинство (а во пракса често пати не станува збор само за една цел), голем дел од него станува сА понепријателски расположено кон напорите да се национализира во антииредентистичката држава во која живее. Како што растат иредентистичките барања така се намалува можноста за национално интегрирање на етничкото малцинство во статус кво сила.

Предвоена Југославија претставува скоро класичен пример за влијанието на иредентистичките барања врз напорите да се достигне национална интеграција. Буквално сите соседи имаа територијални претензии кон некои делови од Југославија: Бугарите и Грците ја бараа Македонија, Албанците ги бараа албанските делови од југозападна Југославија, Унгарија ја бараше Војводина, а Италија - Трст. Овој куп барања врз делови од Југославија доведоа до чувство на несигурност во лојалноста на етничките групи во државата. Уште повеќе, во Македонија, која претставуваше предмет на интензивен спор, се појавија политички групи решени да го поткопаат југословенскиот политички систем и беа подготвени да најмуваат атентатори за да ги постигнат своите цели.

За ова постојат паралели во Кашмир и во Индија. Упорното полагање право на Пакистан врз овој дел од Индија ги поткопа напорите на Индија да го инкорпорира Кашмир во својот национален политички систем; всушност, во последната деценија, голем број истакнати кашмирски политички лидери, кои порано беа познати по своите проиндиски чувства, ш одолеаја на интеграцијата со Индија и се заложија за некој вид автономија како политичко решение.

5. Теоретски, постојат три начина на кои етничкото малцинство може да одговори на иредентистичките барања. Прво, малцинството може да ги прифати постојните меѓународни граници, да се бори за подобрување на својот статус во земјата во која е малцинство (често со барања за поголема автономија или некој вид федеративно решение) и да притиска во правец на подобри односи меѓу двете земји, ставајќи се себеси во улога на мост за меѓусебно пријателство. Второ, малцинството може да биде предано на идејата за постигнување единство со земјата сосед, чии жители од истата националност се мнозинство, поддржувајќи ги иредентистичките барања. Или, трето, ако етничката група е малцинство и во двете соседни земји може да се залага за обединување во своја посебна држава.

Кој одговор најверојатно би бил поддржан од страна на повеќето лидери, како и од поголемиот дел од етничкото малцинство? Ако етничката група е малцинство во една држава, а мнозинство во друга, поверојатно е дека ќе се залага за присоединување со државата во која е мнозинство. Ако етничката група е малцинство во две соседни држави, најворојатно дека ќе се залага за своја посебна држава. Во секој случај, значи, постојат големи шанси да дојде до интензивни дебати и конфликти во рамки на самото малцинство за тоа што претставува негов идентитет и афинитет или недостаток на афинитет да живее со други етнички заедници.

Така, на пример, кај Кашмирците и кај Македонците постојат големи спорови околу прашањето на идентитетот. Оние Кашмирци, кои го потенцираат својот исламски идентитет се повеќе наклонети кон Пакистан, а оние кои се сметаат за посебна етничка група претпочитаат автономен статус или се наклонети кон Индија. Слично на тоа, Македонците се поделија на оние кои се сметаа за посебна националност, која заслужува и посебна држава, и на оние кои, етнички или политички, се сметаа за поврзани со Југословените, Бугарите или со Грците.

6. Како што се зголемуваат барањата на иредентистичките сили за промена на границите, така силата што се обидува да одржи статус кво состојба станува се поскептична кон лојалноста на оние етнички малцинства чиј статус е спорен. Постои силна тенденција да се оди истовремено во две насоки: да се забрзаат програмите за социјализирање на учениците, да се изврши притисок врз малцинството да го научи јазикот на мнозинството и на различни начини и форми за нивна идентификација и лојалност на малцинството кон националната власт; и, како второ, да се зголеми полициското надгледување и граничните патроли, како и да се зголеми контролата врз малцинската заедница. Што е поинтензивен меѓународниот спор, толку е поголема цената што ќе се плати за употребата на сила врз спорното население.

Често постои несогласување во владејачката класа на една земја околу тоа како да се однесува кон спорната популација. Една група повеќе ќе се залага за федералистичка, децентралистичка политика со цел зголемување на автономијата и намалување на стравот од малцинството, додека друга група ќе врши притисок кон поцентралистичка и асимилаторска политика, како и за зголемување на притисокот врз дисидентските елементи. Што се поголеми заканите од ревизионистичката сила, толку се поголеми изгледите да победи централистичката група.

Меѓутоа, во практиката, статус кво политиката што ја води владата е непостојана, таа балансира помеѓу централистичка и децентралистичка. Бидејќи централистичката влада често е поделена во зависност од тоа која политика ќе биде најефикасна за да се придобие лојалноста на малцинството, начинот според кој се раководи најчесто е резултат на некој ненадеен настан - масивни демонстрации, непријателско соопштение на лидерот на малцинството или некој конфликт меѓу етничките групи - а не е резултат на некоја долгорочна обмислена политика.

Во Романија, власта балансираше меѓу овозможување културна и образовна автономија на унгарското малцинство во Трансилванија и сегашната асимилаторска политка. Во Југославија се случи спротивното. Во предвоената југословенска влада доминираше српската централистичка група што од Југославија сакаше да направи "голема Србија", додека сегашната влада ги третира и Македонците и Албанците како посебни националности во југословенската мултиетничка држава и им даде значаен степен на автономија и на Македонија и на Косово. Но, мора да се спомне дека на Југославија и беше полесно да ја спроведува децентралистичката политика кога се смирија иредентистичките барања од нејзините соседи.

7. Лесно е да се поттикнат ревизионистички ставови кај земја чии соседи преземаат чекори во правец на асимилација, на инкоропорирање, на интеграција или на кој било друг значаен (и понекогаш безначаен) начин со цел да се влијае врз статусот на малцинската етничка група. Печатот, политичките партии или владата на државата која бара територијална ревизионирање ги преувеличуваат мерките на дискриминација на малцинството, протестите на членовите на малцинската заедница и релативно малите инциденти.

Има безброј примери за ова: чувствителноста на турската влада и печатот за односот кон Турците во Кипар, реакцијата на Пакистан кон настаните во Кашмир (и кон третманот на муслиманите во Индија), или на Египјаните, Сиријците и Ирачаните кон извештаите од Ерусалим и од сите области населени со Арапи, што ги има окупирано Израел.

8. Како што ревизионистичката сила станува се поопседната со прашањето за променана границите, ова прашање, наместо внатрешниот развој на земјата, добива приоритет. Иако во однос на други прашања може да има разлики меѓу граѓаните и меѓу припадниците на власта, чувството за обединување со жителите од истата националност и исправување на територијалните неправди е заедничко кај сите луѓе од една иста националност. Така, централно внатрешно политичко прашање станува прашањето како да се предизвика промена во меѓународната или воената ситуација со цел да се променат границите. Во надворешната политика, владата бара сојузници и оружје, а на внатрешно-политички план им дава приоритет на воените трошоци. Малубројните политичари и интелектуалци, кои се залагаат за пренасочување на приоритетите кон внатрешниот развој и кон воспоставување пријателски односи со соседите, главно, се обвинуваат за нелојалност, па дури и може да се соочат со опасност по животот.

Иако иредентистичката власт може да го смета економскиот развој за неопходен услов за зголемување на воената моќ, таа, сепак, ги става на втор план програмите за развој за да ги постигне своите иредентистички цели. Гершенкрон, во својата брилијантна анализа на економската развојна политика во Бугарија пред Првата светска војна, заклучи дека преголемото внимание на надворешната и воената политика спречува сериозно занимавање со индустрискиот развој, па така, бугарската влада има пропуштено голем број можности што и се пружиле. Гершенкрон пишува дека премиерот, дотогаш голем застапник на економскиот развој, го свртил своето внимание кон подготвување воен напад врз Турците, изразувајќи го своето чувство со зборовите дека е "одговорен пред историјата за крајот на Балканскиот сојуз".

Иста ваква подготвеност, програмите за економски развој да им се жртвуваат на воени цели, ги карактеризира Египет и Пакистан, кои во 1960-те имаа позитивни развојни активности што ветуваа успех.

9. Кога на иредентистичките цели им се дава приоритет во однос на другите јавни сектори, внатрешната структура на моќ на земјата најверојатно ќе се развива во правец на оние кои се залагаат за мир и обединетост дома и за воена сила во однос на другите земји. Во таквите групи најчесто спаѓаат војската, монархијата (ако станува збор за монархија) или некој индивидуален лидер со диктаторски тенденции. Во еден иредентистички политички систем постојат големи шанси војската да ја преземе политичката моќ. Постои силна тенденција доброволните институции и мас медиумите да станат потчинети на централната власт со цел централната власт да се спротивстави на организирање слободни избори или да дојде до промена на власта на сличен легален начин. Често, опонентите на режимот се апсат и се обвинуваат за шпионажа и колаборирање со непријателот. На кратко, постојната власт, без оглед дали е радикална или конзервативна, најчесто го користи иредентистичкото прашање за да спречи појава на конкурентна политика или промени во постоечката структура на власт.

Мал број иредентистички режими успеале да воспостават и одржат компетентна политичка рамка. И во предвоена Унгарија и во Бугарија на власт дојдоа прогерманските авторитарни сили. Единствената поголема политичка група во Бугарија што се спротивстави на иредентистичката политика и што бараше вниманието на земјата да се сврти кон внатрешниот развој - владата на Народната унија на Стамболиски - беше соборена со востание на коалицијата помеѓу војската и една организација Македонци. Исто така и честите пучеви во Грција беа организирани од страна на воени офицери кои ја критикуваа власта поради тоа што не се бореше енергично за териториите на соседните земји. Воениот пуч од 1909 година е еден од првите меѓу неколкуте директни интервенции на војската во политичкиот живот на Грција по брзата експанзионистичка фаза; воениот удар во Грција од 1967 година е од неодамна.

За современите иредентистички држави заедничка е некоја форма на воено владеење: во Пакистан (каде што еден воен режим беше заменет со друг по неуспешната војна од 1965 година), во Грција и во Египет. На Блискиот Исток режимите станаа поавторитарни по Израелско-арапската војна, а во Грција се зголеми внатрешно-политичката моќ на војската за време на грчко-турскиот конфликт околу Кипар.

10. Како што иредентистичките барања имаат огромно влијание врз внатрешната дистрибуција на моќ и врз распределбата на приоритетите, така имаат и врз политичката култура. Во иредентистичката држава политичката култура и на граѓаните и на власта е моделирана од желбата да се избави "угнетуваното" малцинство, да се обедини со истата националност во другите земји за да се создаде целина, така да се рече, еднонационална држава. Најважна станува лојалноста кон својата нација. Најголеми вредности стануваат воинственоста, саможртвата и подготвеноста да се умре за државата. Се зголемува непријателството кон сите други земји и кон странците, кои не ги поддржуваат "праведните" барања на државата, се јавува непријателство кон внатрешното разидување на мислењата, поради тоа што тоа го заслабнува националното единство и блискост кон војската во која лежи надежта за спас. Најпосле, реториката на јавните говори станува преполнета со емоции, за да се оневозможат рационални разговори за алтернативни можности.

11. Како што се зајакнува емоционалната реторика, така станува сА поочигледно дека статус кво земјата нема доброволно да се откаже од спорната територија, како што се зголемува фрустрацијата во иредентистичката држава, се развива подготвеност во владејачката елита, вклучувајќи ја и војската, и кај целото население да се преземат ризици во меѓународните односи без внимателни пресметки за можноста од успешен резултат. Се провоцираат воени престрелки на границите. Луѓето кои живеат на границата (особено ако се малцинство од исто етничко потекло како и спорниот народ) се охрабруваат илегално да ги минуваат границите. Се организираат единици од доброволци. Најпосле, иредентистичката држава може да изврши недоволно подготвен и безуспешен воен напад или намерно да предизвика, со големи ризици за себе, воена интервенција во регионот.

Иредентистичката држава, ако има причини да верува дека ќе добие некаква поддршка од некоја поголема сила, најверојатно, ќе спроведе воен напад, дури и ако војската е свесна за своите слабости во однос на непријателот.

На ум ми доаѓаат намалку четири драматични примери за неуспешно воено проширување на иредентистички држави. Во 1912 година Бугарија ги нападна своите балкански соседи во напор да ја добие Македонија и јужна Добруџа - неуспешна војна што резултираше со значителни губитоци на животи и имоти за Бугарија. Во 1922 година, сличен обид за експанзија доведе до тоа Грција да изврши напад врз Турција, потег што резултираше со насилен егзодус на повеќе од милион Грци од Мала Азија. Во 1965 година, владата на Пакистан неуспешно ја нападна Индија во обид повторно да го добие Кашмир. Најпосле, во 1967 година арапските држави се заканија дека ќе го ликвидираат Израел по нивниот првичен успешен напор да му забранат да го користи Суетскиот Канал и заливот Акаба, ситуација што доведе до тоа Израел да изврши ненадеен напад и да дојде до Шестдневната војна.

Во сите четири случаи можеме да видиме една општа тенденција: во својата желба да постигнат драматична воена победа, властите на иредентистичката држава обично ја преценуваат силата на својата војска (ја преценуваат, пред сА, етиката и моралната сила на својата војска, а ја потценуваат онаа на својот непријател) и ја преценуваат подготвеноста на своите сојузници меѓу големите сили да им пружат поддршка.

12. Ако иредентистичката власт ги вооружила жителите покрај границата и прогонетите од спорната територија, или им дозволила на "аутсајдери" да се вооружат, постои голема веројатност дека ова вооружено малцинство ќе го сврти своето оружје против својата влада ако, во својата проценка, владата не успее да води доволно агресивна експанзионистичка политика. Повеќето иредентистички влади се доволно свесни за овие ризици, така што избегнуваат да ги вооружуваат своите најентузиастички иредентисти, но има неколку забележителни исклучоци.

Во 1920-те Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) ја презеде контролата врз делот од Македонија што се наоѓаше во Бугарија, познат како оддел Петрич, и се здоби со голема моќ во бугарската влада. ВМРО ја имаше главната поддршка од имигрантите кои избегале во Бугарија за време на Балканските војни и кои претставуваа извор на човечка сила од која ВМРО ги извлекуваше своите терористички кадри. ВМРО почна со извршување серија терористички дела и атентати и во Југославија и во Бугарија, стремејќи се да го одржи регионот во таква состојба на немир, за да се појавуваат вестите од овој регион постојано во светскиот печат, така што светските сили би биле принудени да ги преиначат балканските граници. ВМРО одигра голема улога во симнувањето од власта на Народната унија на премиерот Стамболиски, кој сакаше да го обнови пријателството со Југославија и се обиде да го заузда ВМРО со апсење на неговите лидери. Лидерите на ВМРО лично го убија премиерот.

Во текот на раните 1920-тите и 30-тите години ВМРО продолжи да врши атентати и терористички дела во Бугарија и да врши големо влијание на највисоки нивоа во власта. Во 1934 година бугарската војска изврши пуч, го распушти парламентот, ги забрани сите политички партии, го цензорираше печатот и ја потисна ВМРО - постапка што го предвести однесувањето на јорданската војска во 1970 година.

На Блискиот Исток политиката на арапските држави да ги вооружат палестинските Арапи доведе до вооружени напади на Палестинците врз арапските влади во Либан и во Јордан кога овие влади се обидоа да ги зауздаат палестинските милитанти. Доколку Палестинците ја преземат контролата врз Јордан, многу е веројатно дека агресивниот иредентистички Јордан ќе преземе воени ризици што ќе се сметаат за неприфатливи од страна на некои арапски соседи и ќе се обиде да предизвика поголема војна, дури ако тоа доведе и до советска или американска интервенција. Таква политика би можела да доведе до конфликт меѓу Јордан, каде што доминираат Палестинци, и некои арапски држави, како и до вооружен конфликт во оние арапски земји, што немаат намери да ги поддржуваат Палестинците.

13. Ефектите од иредентистичките барања врз внатрешно-политичката структура и врз политичката култура на антииредентистичкиот политички систем во голема мера зависат од големината на заканата од ревизионистичката држава и од степенот на етничката хомогеност во антииредентистичката држава. Бидејќи антииредентистичката земја не дава приоритет на промената на меѓународните граници и е заинтересирана за ова прашање само затоа што е поставено од страна на иредентистичката држава (која често тврди дека не постои никакво прашање), нејзината внатрешна политика нема да биде засегната во онаа мера во која ќе биде засегната политиката на иредентистичката држава. Меѓутоа, кога иредентистичката сила упатува особено големи закани, тогаш и антииредентистичката држава ќе ги зголеми воените трошоци. Бидејќи зазема одбранбена позиција во однос на војската, а воените вредности не се прошируваат на целото општество, како што е случај во иредентистичката држава, помалку е веројатно дека со владата на антииредентистичката држава ќе завладее воен режим отколу со владата на иредентистичкиот сосед. Ако антииредентистичката држава е етнички релативно хомогена (со исклучок на етничката група што живее и кај соседот) мнозинството може, во голема мера, да се зближи како резултат на надворешната закана. Ако, од друга страна, општеството е мултиетничко долготрајноста на иредентистичката закана може да доведе до тоа една или повеќе етнички групи да сметаат дека политичкиот систем е пристрасен и затоа можат да ја откажат лојалноста.

Интеграцијата на предвоена Југославија, во секој случај "ѓаволски" тешка работа за исполнување, беше буквлано невозможна поради иредентистичките барања на нејзините соседи. Југославија тогаш беше, а веројатно и е сА уште, најразновидната европска земја западно од Советскиот Сојуз. Во неа беа: Србија, монархија со доброразвиена административна структура и политички партии, долго време независна во деветнаесеттиот век; Црна Гора, исто така независно кралство, лабава заеднци на племиња, којашто постепено стана бирократска административна држава; Хрватска и Словенија, обете квазиавтономни покраини на унгарската половина од Хабсбуршката монархија; покраината Војводина, која беше интегрален дел од Унгарија; Далмација, како дел од Хабзбуршката држава; и Босна и Херцеговина, прво под Отоманска власт, а потоа под австо-унгарска власт. Секој регион беше цврсто дефиниран и почнуваше да станува знак на идентификација на мнозинството од населението. Секој имаше легален и административен апарат, а неколку од нив, особено Хрватска и Србија, имаа свои функционални регионални политички партии пред создавањето на новата држава Југославија во 1918 година.

Иредентистичките барања врз Југославија од буквално секој од соседите, и надворешната поддршка што им е дадена на политичките и етничките групи во Југославија, го оставија отворено секое прашање за тоа дали би можела да постои југословенска држава. Југословенската надворешна политика сА повеќе ја диктираше потребата да се спречи цивилна војна отколку што го сосредоточуваше вниманието на надворешната безбедност. Така, пред самата германска инвазија на Балканот, југословенската влада, во обид да избегне цивилна војна со Хрватите и во надеж дека ќе ги држи Германците настрана од своите територии, потпиша договор со Германија, одлука по која набргу следеше и цивилна војна и германска окупација.

14. Меѓу сите три актери во системот - иредентистичката држава, антииредентистичката држава и спорната етничка група - постои голема причина за загриженост, безмалку опседнатост од минатото, а секоја страна се обидува да го дефинира или да го оправда својот идентитет. Историчарите, поетите, политичарите, наставниците и новинарите ги определуваат и истакнуваат точната локација и опсежност на историските кралства, особените заслуги што ги красат историските херои и длабоко почитуваните вредности.

Често постои тенденција поетите да бидат "соколи", а војската да биде "галеб", бидејќи литературната елита покажува наклонетост кон преземање воени ризици, додека делови од војската, свесни за ограничувањата со кои се соочуваат, обично се обидуваат да бидат повнимателни.

Во Израел, на пример, водечките писатели ја поддржуваат "Земјата на израелското движење", чиј манифест од септември 1967 година се залагаше за задржување на окупираните територии не само заради сочувување на безбедноста, туку и поради тоа што, како што истакнуваат во манифестот, овие територии биле дел од историската еврејска татковина. На сличен начин, меѓу Арапите најголемата поддршка за политиката на истерување на Израелците доаѓа од уредници на весници, новинари, писатели и, воопшто, од литературните кругови.

Бидејќи личниот идентитет се меша со идентитетот на општеството, поединци ќе реагираат со голема жестина на она што некому од надвор може да му се чини тривијална историска инстанца: дали некое уметничко дело припаѓа на едната, а не на другата културна традиција; етимологијата на имињата на областите и на населените места; или дали некое божество, архитектонска форма или античка општествена институција е автентична или е позајмена од друга култура. Спорот меѓу една иредентистичка и една антииредентистичка држава често се фокусира токму на такви историски мигови. Како што се разжестува спорот и се зголемуваат тензиите, секоја од страните смета дека спорот содржи фундаментални морални прашања за кои компромисот станува невозможен.

15. Политичките лидери, кои застапуваат гледиште спротивно на мнозинството, се сметаат за нелојални. Всушност, станува збор за еден вид Грешамов закон за лидерство. Политичките лидери во ревизионистичката сила, кои застапуваат воено решение, обично ги прогонуваат оние што се залагаат за предавање на спорната територија; а во спорната етничка група, оние кои застапуваат политика чија цел е унифицирање на поделената заедница, ги протеруваат пак оние кои се подготвени да прифатат одвојување.

16. Најпосле, постојат неколку типични начини за завршување на спорот, а во сите се вклучени насилството и принудата или заканите за нивна употреба. Една можност е иредентистичката држава да победи воено, но штом ова се случи постои можност улогите да се сменат, со тоа што победената држава да почне да поставува иредентистички барања. Воениот пораз на иредентистичката држава не значи сопирање и на територијалните претензии - освен ако, се разбира, иредентистичката сила не биде трајно окупирана и разделена. Втора можност е етничкото малцинство во спорната територија физички да биде повлечено од областа. Ова отстранување може да се постигне преку геноцид, насилен внатрешен трансфер на население, прогонување на малцинството, присилен егзодус или преку меѓународна размена на населението. Трета можност е една или повеќе надворешни сили воено да наметнат разрешување на граничното прашање. Такво нешто може да наметне само доволно голема сила што ќе се закани дека ако некоја земја преземе воени мерки да ги смени границите ќе биде воено окупирана од надворешна сила. Бидејќи исходот зависи од воената сила на секоја од страните, од интересите и од меѓусебниот однос на надворешните сили, многу е тешко да се предвиди кој од овие методи ќе стави крај на одреден спор. Но, јасно е дека најмалку е веројатно дека спорот ќе заврши со доброволен договор на страните.

Може да се рече дека ниту еден од балканските спорови пред војната не бил решен со договор на вмешаните страни. Ако Балканот престана да биде бурето барут на Европа, тоа не е поради тоа што Унгарците веќе не ја бараат Трансилванија од Романија, или поради тоа што Бугарија е задоволна Македонија да ја види како дел од Југославија или затоа што Грција и Албанија се задоволни од сегашните граници. Ниту еден од многубројните предлози за изнаоѓање "рационално" решение на овие спорови - плебисцит, мирна размена на малциства или федерација на балкански држави во единствена мултикултурна држава - не им стави крај на споровите меѓу балканските земји. Всушност, во регионот почна да се воспоставува мир дури во поствоената ера, кога Советскиот Сојуз се наметна како доминантна сила на Балканот, подготвена да интервенира за да спречи една или друга балканска земја да користи сила за да ги задоволи своите територијални претензии и воено оспособена за таква интервенција.

Се чини дека исто така е неверојатно кој било од современите иредентистички спорови да биде решен едноставно преку разговори и без активно вклучување на трета страна подготвена да ја употреби својата сила за да принуди мирно решение. Иако хегемонијата на единствена голема држава во регион во кој имало спорови во минатото претставува фактор на смирување, такви услови не постојат во оние области во кои иредентистичките спорови се најжестоки. СА додека постои овој вакуум, независно кога и каде и да се појават иредентистичките спорови, синдромот опишан овде најверојатно ќе се актуелизира.

IV

^ back to top

Бидејќи овој модел е само апроксиматиција на реалноста, не треба да очекуваме да ја вклучи и да ја објасни секоја значајна карактеристика и варијанта на однесување на иредентистичката и антииредентистичката држава. И во природата и во меѓучовечките односи, конкретните случаи се несомнено уникатни, додека сите научни теории се апстракции што не можат никогаш целосно да ја доловат и да ја одразат конкретната реалност. Уште повеќе, секоја од карактеристиките што овде се наброени може да се објасни и на поинаков начин. Одредена последица може да има повеќе различни причини. Она што е карактеристично за овие особености е тоа што сите имаат тенденција да се засилуваат една со друга во одредени услови.

Се обидов да создадам динамичен модел. Настаните се случуваат во секвенци и еден настан води кон друг. Постои акција и реакција, така што често можеме да видиме ефекти на забрзување. Се обидов, истовремено, неодвоиво да ги поврзам внатрешниот и надворешниот развој на настаните, што е потребно во секој динамичен модел. Премногу теории на политичките процеси претпоставуваат константност или ирелевантност што се однесува до меѓународната средина, но и претпоставуваат дека внатрешно-политичкиот подем и пад се случуваат без влијание на надворешни фактори. Често се смета дека во развојниот процес се мешаат повремено некои меѓународни настани, како политичкиот или економскиот развој вообичаено да се случуваат во изолација. Овој модел претпоставува дека имаме работа со систем од држави во кој постапките на едната влијаат врз акциите на другата, а надворешните акции влијаат и се под влијание на внатрешните политички случувања. Еден од целите на овој модел е да ја покаже логичната поврзаност меѓу внатрешниот развој на државите и нивните интеракции со соседите и со големите сили и, што е веројатно уште поважно, да нА предупреди да го очекуваме она што често изгледа (и често е) ирационално и самоуништувачко однесување.