Denko Maleski
Professor at Doctoral School of Political Science
Ss. Cyril and Methodius University in Skopje

Причини за една војна (Македонија, 2001)

"Сеуште не знаеме што ни се случи во 2001 година", е рефрен кој, во Македонија, со неподнослива леснотија го повторуваат политичари и интелектуалци, од кои, сепак, се очекува да знаат. Во меѓувреме, навистина не знаејќи што ни се случи во 2001 година, една сосема нова генерација ученици и студенти, со чувство на загубено достоинство протестира по улиците на македонските градови. Тоа чувство нема да исчезне се додека тие не ја осознаат вистината. Оваа анализа е уште еден мој обид во таа насока.

Политичката литература која последнава деценија го истражува искуството на дваесет и двете држави кои настанаа со распаѓањето на Советскиот Сојуз, Југославија и Чехословачка, доаѓа до корисни генерални сознанија. Едно од нив е дека изборот на несоодветна стратегија на градење на држава и градење на нација во услови на демократија, може да го постави целото општество на погрешен колосек. Хуан Линц и Алфред Степан, долгогодишни истражувачи на демократиите во светот, прават една корисна шема за односите помеѓу државата, нацијата(или нациите) и демократијата. Изборот на стратегија за градење држава и градење нација во услови на демократија, заклучуваат тие, зависи од конкретната ситуација во која што се наоѓа државата. Ситуацијата, пак, зависи од степенот на присуство на други нации на државната територија, покрај титуларната нација. Така, ситуација прва: ако не постои друга нација, лесно се консолидира демократска нација-држава, со мнозински систем на одлучување. Ситуација втора: кога на територијата на државата покрај титуларната има и друга нација, демократската нација-држава е можна ако другата нација не е национално разбудена. Ситуација трета: кога другата нација е национално разбудена, тоа произведува конфликти, правејќи ја демократијата тешка, иако не и неостварлива. Демократска консолидација е можна само ако внимателно се осмисли политичкиот систем, а државата се движи кон мултинационална држава. Ситуација четврта: кога покрај титуларната нација постои друга нација која е милитантна, тоа генерира толку многу конфликт или репресија што ја прави демократската консолидација крајно неизвесна. Имено, ваквата држава ќе биде изложена на силни притисоци за територијално раздвојување особено ако е можна територијална демаркација меѓу етничките групи. Во такви услови можно е раздвојување и воспоставување демократски систем во двете новосоздадени држави. Доколку не постои територијална основа за етничко раздвојување, мирниот "развод" е невозможен, а продолжената милитантност не дозволува консолидација на демократијата.

Состојбата која најмногу личи на Македонија од 1991 година е Ситуација три. А сепак, Уставот од 1991 година ја избра Ситуацијата еден, постаувајќи ја Македонија на погрешен пат на демократска транзиција. Можеме да најдеме бројни оправдувања зошто се определивме токму за мнозинскиот систем на граѓанската демократија: од стравот за сопствениот опстанок, па до подивеаните национализми кои ја раскинуваа југословенската федерација долж етничките линии. Но, избирајќи ја погрешната стратегија, не само што не ја унапредивме демократијата во Македонија, туку, десет години подоцна, завршивме едно скалило подолу на споменатата листа ситуации - со милитантна Албанска нација, со воен конфликт и барање за цепење на државата долж етнички линии. Имено, во 1991 година се определивме за стратегија која е карактеристична за држава во која покрај титуларната не постои друга нација. Согласно ваквата логика - самите си го изгласавме уставот. Така, нашите политички водачи ја испратија пораката дека Македонија е на етничките Македонци зашто секоја држава треба да тежнее да стане нација-држава, а секоја нација треба да стане држава. Тоа некогаш и можело да се прогласи, и, како во Франција во деветнаесеттиот век, да се реализира во практиката. Имено, Француската држава, водена од Јакобинската идеја "нација една и неделлива", преку координирана политика во образованието, јавните служби и војската, систематски го потисна и го елиминира мултилингвизмот и мултикултурализмот во земјата. Денес, на почетокот од дваесет и првиот век во Европа, таквата политика е однапред осудена на пропаст.

Во деценијата по прогласувањето на Уставот добивме потврда на уште една научна аксиома во политиката - дека, во услови на слобода, решавањето на правичен начин на релацијата "полис- демос", или "држава-народ", мора да му претходи на обликувањето на демократските институции. Зашто, демократска држава е можна само ако, како држава, има легитимитет во очите на сите нејзини составни делови. Во спротивно, нема демократска држава. Во случајот на Македонија, Уставот, за да биде прифатен, требаше да исполни една исклучително тешка задача - да конструира правичност на релацијата "држава -народи "! За тоа, пак, беше неопходен договор меѓу "демосите", кој не се постигна во 1991 година. Тој недостаток не можеше да биде надминат со "демократија" зашто, како што предупредува уште еден научен авторитет Роберт Дал, "вредноста на демократскиот процес ја претпоставува правичност на државата... бидејќи неа не може да ја направи правична демократскиот процес." Ние Македонците знаевме што е правична држава за нас и концептот го преточивме во уставен текст, кој самите си го изгласавме. Накусо: национална држава на Македонскиот народ и права на малцинствата. Но, маките на демократското живеење, маките на живот во слобода за сите а не само за нас, се огледаат во неопходноста и другите да се прашаат. Тоа не го сторивме. А, кога доминацијата на Македонците во парламентот, го блокира процесот на артикулацијата на интересите на Албанците во државната политика, ситуацијата се излеа на улиците. Уставниот систем кој немаше заштитни механизми за малцинствата, за да може политиката да ги апсорбира нивните барања и да ги преведе во државна политика, се најде во улога на генератор на кризата. Во такви услови, национализмот, а не демократијата, стана "единствената игра во градот", а гневот и заемната нетрпеливост растеше со секој изминат ден. Македонија зачекори на патот кој водеше до етнички конфликт. Се работеше само за време кога македонскиот национализам ќе биде предизвикан од албанскиот национализам во форма на конфронтација меѓу двете етнички заедници. Тоа ни се случи десет години по донесувањето на Уставот.

Во 2001 година, под меѓународен пририсок и со помош на НАТО, се прекина вооружениот конфликт, а Македонија беше принудена да ја напушти политичката стратегијата од 1991 година која што не го издржа тестот на времето. Охридскиот договор ја постави македонската демократија на друг колосек. Се најдовме во Ситуација три на Линц и на Степан која, да се потсетиме уште еднаш, гласи: Кога другата нација е разбудена тоа произведува конфликти правејќи ја демократијата тешка, иако не и неостварлива; демократска консолидација е можна само ако внимателно се осмисли политичкиот систем, а државата се движи кон мултинационална држава. Во основата на новата стратегија е консенсуалната демократија, во форма на комбинација на политичкиот либерализам кој почива врз правата на индивидуата и колективните права на народите. Доколку бргу се изгради еден нов консенсуалниот стил во македонска политика кој успешното ќе се носи со нужноста од деликатно етничко балансирање на сите нивоа на политичкото одлучување, Македонија би можела да тргне на патот на демократска консолидација. Во спротивно, а тоа го покажува искуството на многу држави, се' погласни ќе бидат барањата за територијално раздвојување во форма на федерализација или цепење на државата.

Проблемот во Македонија денес, е што нема политичко движење кое што безрезервно би ја отфрлило старата и би се идентификувало со новата демократска стратегија. Тоа е логично. Десетте години доминација на национализмот ја прави стратегијата непопуларна кај Македонскиот народ, а нема политичар во светот кој сака да биде непопуларен. Згора на ова, наметната однадвор, новата демократска стратегија не е резултат на нашата свест. Така, се добива впечаток дека, дури и оние македонски политичари кои што го поддржуваат Охридскиот договор, на него не гледаат како на нова страница во демократската историја на државата, туку како на изнудена статистичка операција која што треба да се истурка до крај. Таквото поведение не може да биде без последици. Зашто отсуството на визија кај политичарите и кај интелектуалците за една нова демократска Македонија, го отежнува процесот на транзиција, а демократската консолидација ја прави крајно неизвесна. Во меѓувреме, не знејќи што ни се случи во 2001 година, младата генерација би можела да почне да работи против својата иднина.