Jovan Ananiev
Associate professor, Faculty of Law, University Goce Delcev- Stip

Една балканска одисеја

Сите луѓе се еднакви во поглед на уживање на своите права. Сите луѓе имаат право слободно да живеат и самостојно да ја креираат својата иднина. Човек работи, се надева, мисли како ќе го исполни наредниот ден и наеднаш војна, избезуменост и истиот тој човек станува дел од толпата луѓе кои бегаат спасувајќи го животот, оставајќи зад себе спомени и носејќи со себе чувство на несигурност, изгубеност и тегобност. Да, ви зборувам за бегалците, за луѓето на кои со недоверба и понижувачки гледаат во земјите каде тие наоѓаат свое прибежиште, за луѓето кои преку ноќ стануваат ранлива и маргинализирана група во едно општество.

Во текот на 1999 година се случи косовската криза, а тогаш, во Република Македонија околу 350 000 лица од српската покраина Косово најдоја своја привремена заштита. Ова претставуваше шок како за нив, така и за Македонија како економски и социјално слаба држава. По смирувањето на ситуацијата во српската покраина Косово и по потпишувањето на Кумановскиот договор, се создадоа услови за нивно враќање. Развојот на политичките околности доведе до раѓање на т.н. феномен на “кинеска кутија” (малцинство во малцинство) односно, албанското мнозинство во Косово (малцинство во сега поранешната Сојузна Република Југославија) е нетолерантно кон сегашното малцинство. Заради овие причини и после пет години од косовската криза, во Македонија сеуште има луѓе од Косово кои бараат привремена заштита. Подолу се наведени последните податоци за бројот на лицата кои се под третман на Одделението за азил и имиграција при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија(извор на податоците е веќеспоменатото одделение):

Привремено хуманитарно згрижени лица

1890

Лица баратели на азил

118 во 2002 и
6 во 2003 година

Лица од Србија и Црна Гора со признаен статус на бегалец

19

Врз основа на законските прописи во Република Македонија, барателите на статус на бегалец се сместени во транзитниот центар за странци во Скопје а привремено хуманитарно згрижените лица во колективните центри Шуто Оризари и Катланово и во приватно сместување.

Лицата од Косово со привремена заштита во Репунлика Македонија се претежно Роми, Ашкали и Египќани. За илустрација на нивните социјални карактеристики, ќе се послужиме со резултати од една анкета спроведена меѓу 206 привремено хуманитарно згрижени лица, пред се мажи, во колективните центри и во приватното сместување ( анкетата е реализирана и податоците се обработени од страна на Центарот за бегалци и присилни миграции):

Етничка припадност:

Роми

112

Сгипќани

34

Ашкали

55

Друга

2

Без одговор

2

Мајчин јазик

Ромски

91

Албански

15

Српски

0

Друг

0

Согласно меѓународните договори, на кои Репунлика Македонија е потписничка, и согласно домашните законски прописи, овие лица имаат право на нивна социјална интеграција и заштита . Македонија е една од земјите со најголема стапка на невработеност во Европа а тоа претставува дополнителен проблем овие лица да засноваат работен однос, што би обезбедил нивна минимална егзистенција, самостојност и растеретување на државата од трошоци за нив. На ова, уште понеповолно влијае фактот што тие претставуваат претежно необразовани лица ( 25% од испитаниците се без основно образование а 60% се со основно образование) и речиси пола од нив немале никакво работно искуство во Косово пред да дојдат во Македонија. Поволен е фактот што 80% проценти од испитаниците зборуваат и српски јазик кој го разбираат речиси сите во Македонија а 47 % од нив го знаат албанскиот јазик кој, покрај македонскиот, се зборува во западниот дел од Македонија. Друг податок кој оди во прилог за нивна полесна интеграција во земјата каде наоѓаат привремена заштита (во случајов Македонија) е што се работи за претежно млади и работоспособни луѓе.

Година на раѓање

пред 1940 година

11

1941- 1950 година

27

1951- 1960 година

55

1961- 1970 година

55

После 1971 година

47

без одговор

11

Република Македонија заедно со Високиот Комесаријат за бегалци при Обединетите Нации- канцеларија Скопје ги вложуваат сите напори овие лица да имаат барем најнеопходни услови за живот, имајќи ја во предвид тешката економска положба на земјата.

Случај Меџитлија- вкрстување и разијдување на политиката, човековите права и правото

на почеток

Во речиси сите случаи кога постои хуманитарна криза доаѓа до вмешаност на политиката

За некои очекувано за некои не, привремено хуманитарно згрижените лица од Косово сместени во колективниот центар Шуто Оризари ( во скопска периферна населба) на 19 мај оваа година, незадоволни од условите во колективниот центар и незадоволни од нивниот статус воопшто, се упатија кон македонско- грчката граница кај граничниот премин Меџитлија. Имено, се работи за 611 лица кои со автобуси отидоа до граничниот премин а меѓу нив има и мали деца, бремени жени и стари лица. За проблемите да бидат уште поголеми, речиси секој ден постојано врне дожд, тие преноќеваат во импровизирани шатори а заразните заболувања се во подем. Храна добиваат од УНХЦР, државата и некои хуманитарни организации и приватни донатори. Но што всушност бараат овие луѓе? Тие бараат да влезат во Репунлика Грција и да добијат право на азил во некоја од земјите- членки на Европската унија. Еден од косовските Роми изјави:” Сакаме да одиме во Европа бидејќи на Косово не е безбедно а во Србија не не сакаат. Грција за нас е само транзитна дестинација”. Патем да кажеме дека речиси сите од нив имаат југословенско државјанство а ситуацијата во Србија и Црна Гора на безбедносен план е стабилна. Амбасадорката на Србија и Црна Гора во Репунлика Македонија за новинската агенција “Танјуг” изјавила: ”Состојбата е драматична, но одлуката на претставниците на бегалците од Косово и Метохија да се впуштат во оваа неизвесна авантура од наша страна не е поддржана”. Официјалниот став на Грција е да не им дозволи на привремено хуманитарно згрижените лица од Македонија влез во земјата, а ова решение се објаснува со фактот што тие немаат официјални патни исправи и затоа што во Косово во моментов нема војна. Од друга страна, шефот на УНМИК Михаил Штајнер на средба со министерката за надворешни работи на Република Македонија Илинка Митрева и предложил косовските Роми да ги прими меѓународната заедница бидејќи тие нема да се чувствуваат сигурни ако се вратат на Косово. Како можни дестинации каде би можеле да бидат примени бегалците се споменуваат Велика Британија и Германија.

Ставот на официјално Скопје е дека косовските Роми не можат да ја преминат границата со Грција затоа што не поседуваат патни документи, а пуштање без нив, би било кршење на билатералните договори со оваа земја Владата на Република Македонија на седницата одржана на 26 мај донесе заклучоци, во координација со ОБСЕ и ЕУ, во кои се наведува дека привремено хуманитарно згрижените лица ќе треба да пополнат барање за стекнување статус на бегалец и да го достават до надлежното министерство. Инаку, на седницата одржана на 1март, Владата одлучи дека на населението од Косово во Македонија ќе му даде привремена заштита до 28 септември 2003 година. Членот 1 параграф 2 од Конвенцијата за статусот на бегалците ја дава оваа дефениција за бегалец:

“ …лице кое поради оправдан страв дека ќе биде прогонувано заради својата раса, вера, националност, припадност на определена социјална група или поради своето политичко уверување се наоѓа надвор од земјата на своето државјанство и не може или, поради таквиот страв, не сака да биде под заштита на таа земја, или кое, ако нема државјанство, а се наоѓа надвор од земјата во која порано имало вообичаено место на престој, поради тахвите настани, не може или, поради тој страв, не сака да се врати назад”.

Владата во своите заклучоци оценува дека безбедносната состојба на Косово е подобрена и оти меѓународната заедница треба да работи на понатамошно подобрување на безбедносните услови за враќање на овие лица во нивните домови. Портпаролот на Владата на Република Македонија за медиумите изјави дека “ доколку некој од 611- те косовски Роми не сака да го потпише барањето за добивање на статус на бегалец, ќе се постапи во согласност со Законот за движење и престој на странци, односно тој ќе биде вратен во матичната земја”. Владата согласно одлуката да не прифати изградба на диви бегалски кампови, заради страв од создавање на потенцијални жаришта на заразни болести, на лицата кои ќе ги пополнат барањата ќе им обезбеди привремена заштита до 28 септември 2003 година во колективниот центар Катланово (во близина на град Скопје) со сите неопходни услови за живот.

Спротивно на ставовите на Владата за неможност за премин на границата, претставникот на Ромскиот национален конгрес од Хамбург Германија, Рутко Кавчински изјави дека според Европската конвенција за човекови права секој има право да влезе и да излезе од секоја држава. Од друга страна, државите мора да се придржуваат кон билатералните договори за визно- пасошкиот режим. Претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Македонија проф. Мирјана Најчевска за дневниот весник “Дневник” изјави: “Сметам дека конвенциите за човекови и за малцински права во случајов треба да имаат приоритет над билатералните договори за визно- пасошкиот режим, бидејќи сме под притисок. Македонските власти треба да ги пуштат косовските Роми да излезат од земјата. Тогаш ќе видиме како ќе постапи нашиот прв сосед, но тоа е веќе прашање на земјата, која е членка на Унијата”. Весникот “Рома Тајмс” објави информација дека Ромскиот национален конгрес овој случај преку своите адвокати го доставил до Европскиот суд за човекови права во Стразбур..

Маката на овие луѓе продолжува. Наоѓајќи се на граничниот премин со единствениот сосед кој е член на Европската унија, тие сакаат да ја пробудат истата оваа Унија за своите проблеми што ги имаат како луѓе избркани од своите домови, да покажат дека национализмот на Косово не е завршен туку дека се уште постои поделбата на “ние” и “тие”.Македонија од почетокот на етничките конфликти на просторот на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија па до денес, на околу 500 000 луѓе им даде привремена заштита. Сега, таа септември го одреди како рок за завршување на статусот на привремено хуманитарно згрижени лица. Европа не е заинтересирана да ги прими на својата територија. Косово е ризично подрачје за нив а дури и официјалните претставници на УНМИК на тоа посочуваат. Србија и Црна Гора е преполна со внатрешно раселени лица, претежно Срби и Роми од Косово, и не покажува интерес да ги прими на своја територија.

Така, косовските Роми се ставени на раскрсницата на овие политички ставови и на различното толкување на меѓународните документи за човекови права и давањето различна тежина на билатералните договори, Чекајќи како ќе им го испланираат животот државите, ги плаќаат болните етнички страсти на своите поранешни соседи и силата на силните со најголемата цена- неможност сами да го трасираат својот живот.

Центарот за бегалци и присилни миграции при Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања од Скопје, а финансиски поддржан од Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации врши анализа на бегалските и миграционите процеси како и етничките конфликти кои доведуваат до ова на Балканот. Сите контакти и секоја соработка со слични вакви центри се добредојдени. (веб сајт: www.crfms.org.mk)