Политичките партии на Албанците во Македонија и косовското прашање
Апстракт:
Косово и косовското прашање повеќе од две децении е во центарот на вниманието на политичките и научните кругови на Балканот и пошироко. Заинтересираноста за оваа бивша покраина на некогашна СФРЈ која сега се наоѓа под протекторат на Обединатите нации најверојатно ќе биде актуелна уште извесно време. Сите анализи упатуваат на тоа дека и најзаинтересираните страни, вклучувајќи ја и меѓународната заедница, се изморени и свесни дека косовскиот народ не може уште долго да се држи во неизвесност.
Само да потсетиме дека до распадот на СФРЈ Косово беше “рамноправна” федерална единица, со една “мала” разлика што на косовскиот народ & со тогашниот Устав & не му се признаваше правото на сапоопределување. Но, албанскиот народ на Косово, кој според бројот во бивша СФРЈ беше трет народ по Србите и Хрватите, набрзо сфати дека правото на сапопределување не се дава туку & се зема.
Претпоследната деценија на дваесеттиот век ја карактеризираат познатите случувања во Источна Европа, што кулминираа со распаѓањето на најголемата “комунистичка династија” и со замената на еднопартиските системи од болшевички тип со повеќепартискиот систем карактеристичен за западните демократии. Промените се случуваа токму во делот од Европа кој самоуверено тврдеше дека видно предводи во однос на унапредувањето на правата и слободите на човекот и граѓанинот, дека претставува пример во градењето на идеални општества, општества на благосостојба, рамноправност, па дури и општесва на збратимени народи и народности во мултинационални, мултиконфесионални и мултикултурни држави. Промени во СФРЈ и претходно предвидуваа странските аналитичари, но по смртта на нејзиниот харизматичен лидер Ј. Б. Тито стануваше с? поочигледно дека ќе се случи нешто големо и страшно. Прашањето што во завиена форма се поставуваше во последните години од претпоследната деценија на минатиот век беше: дали југословенските народи и народности, кои очигледно не можат да живеат едни со други, ќе изнајдат алтернативи да живеат едни покрај други; дали с? уште има надеж да живеат како добри соседи ако се исцрпени сите можности да живеат како “браќа”. Иако одредени политички структури на тогашните гарнитури се залагаа за изнаоѓање определени, поинакви форми на заедничко живеење, многу посилни беа настојувањата на воено-политичките гарнитури кои размислуваа еднодимензионално, што се сведуваше на следново: заедничка држава по нивни аршин, заедничка држава со доминирање на најголемиот народ и неговите сојузници врз другите народи и народности.
Таквите очајнички настојувања, наместо мирно разрешување на кризата, доведоа до крвави граѓански, меѓуетнички и меѓуконфесионални војни во многу делови на државата. Кога ќе проговори оружјето, обично замолчуваат логиката и разумот. Некогашните “браќа” за кратко време станаа најголеми непријатели.
Распаѓањето на Југославија не беше резултат на случајности. Таа во себе ги носеше општите карактеристики својствени за сите земји на реалсоцијализмот & на политички план пред с? негативниот став кон граѓанската демократија како квазидемократија, а на економски план негаторскиот однос спрема пазарното стопанство и фаворизирање на планираното стопанисување како едиствена алтернатива. Но југословенската криза во себе носеше и многу свои специфики, како неисправниот став за решавање на националното прашање, немањето адекватни механизми за контрола на национал-шовинистичките тенденции на доминантните народи, неизградени механизми за успешна борба против унитарно-централистичките тенденции и др.
Во последните децении пред распаѓањето дојде до голема стагнација на економски план, па можеме да кажеме и до колапс на целото стопанство. Меѓутоа, економската криза не се чувствуваше подеднакво во сите делови на земјата. Државата беше поделена на “развиениот север” и “неразвиениот југ”.
Како резултат на тешката економска криза и нерамноправната положба на федералните единици во “рамноправната и братска заедница”, во 1981 година во Косово беа организирани масовни демонстрации на студентите од Приштинскиот универзитет под мотото “Косово Република”. Сите сериозни аналитичари на политичките настани во бивша СФРЈ се согласуваат дека овие демонстрации го навестија “Почетокот на крајот на Титова Југославија”.
По овие демонстрации се “повампирија” национализмите од сите бои. Цел на нивната активност беше “борба против албанскиот национализам и иредентизам”, а суштина на нивното дејствување беше уништување на сето она што е албанско, а пред с? крајно дисциплинирање на албанските прогресивни сили, особено на интелигенцијата. Тие процеси се карактеризираа со масовни идејно-политички диференцијации, отпуштања од работа, уривања на оградните ѕидови, казнувања на родителите кои ги крштаваа новороденчињата со “сомнителни имиња”, промена на топонимите, казнувања на сите оние што на свадби и на други семејни веселби пееја и слушаа “иредентистички” песни, па с? до казнувања на најблиските роднини по повод присуството на погребни церемонии на лица “осомничени за националистичко-иредентистички активности”. Во таа антиалбанска кампања во сите сегменти предводеше српско-црногорско-македонската коалиција. Ова добро планирано антиалбанско расположение, од друга страна, водеше кон една поголема хомогенизација на Албанците на бившите југословенски простори, што кулминираше со политичко организирање на Албанците врз национална основа во републиките и во покраината Косово, каде што во многу голем процент живее автохтоно албанско население.
Во периодот на плурализација на тогашното југословенско општество, што почна во северозападните делови на државата (Хрватска, Словенија), каде што постоеше подобра клима за такво нешто, Косово беше во самиот врв на државата според политичките затвореници и со најниска стапка на стопански развој. Во такви услови, Албанците на Косово, свесни за национал-шовинистичките тенденции на српската политичка елита, почнаа масовно да ги напуштаат редовите на Сојузот на комунистите на Југославија, а под раководство на својата интелигенција кон крајот на 1989 година ја формираа својата прва политичка партија & “Демократски сојуз на Косово”.
Демократскиот сојуз на Косово во почетокот, кога с? уште имаше минимални надежи дека југословенската федерација може да опстане, беше едиствената политичка сила на Албанците во Југославија, а имаше и сериозни намери своето влијание и формално, преку формирање на свои ограноци, да го прошири и во Македонија, Црна Гора и во деловите на Србија каде што живее албанско население. Меѓутоа, многу брзо се сфати дека плурализацијата е многудимензионална и дека не може да се сведе само на национална димензија. Со други зборови, Албанците во Југославија сфатија дека како за другите народи така и за нив “плурализмот е судбина” која не може да се избегне. Така, во самото Косово во првите години на плурализацијата се формираа уште неколку албански политички партии, како: Парламентарната партија на Косово, Албанската демохристијанска партија на Косово, Либералната партија на Косово, Социјалдемократската партија на Косово итн. Бранот на демократската плурализација со исто темпо и со иста динамика ги опфати и другите делови на државата населени со албанско население. Така, во Република Македонија во почетокот се формираа две политички партии кои го артикулираа интересот на албанското население на овие простори. Тоа се Партијата за демократски просперитет и Народно-демократската партија. Во Црна Гора беше формирана Демократската партија на Албанците со седиште во Улцињ, додека интересите на Албанците во Прешево, Медвеѓа и Бујановац во почетните фази на плурализацијата ги артикулираше Партијата за демократско дејствување со седиште во Прешево. Во денешно време, видно е зголемен бројот на политичките партии на Албанците на просторите на бившите југословенски републики, но нивниот став спрема косовското прашање е ист и непроменлив & “почитување на политичката волја на албанскиот народ на Косово изразена на референдумот од 1991 година” & значи, Косово независна и суверена држава.
Распаѓањето на СФРЈ за Албанците значеше уште едно расцепување на нивното национално битие. Без никој да ги праша или консултира, беа приморани против својата политичка волја да прифатат да живеат под јуриспруденција на три држави што произлегоа од бивша Југославија, од кои една прогласи целосна независност по референдумот за осмостојување во 1991 година. Новонастанатата ситуација не претставува ништо ново и непознато за албанскиот народ, бидејќи целата негова историја е преполна со делби и поделби на неговите територии помеѓу балканските народи, почнувајќи од времето на Римската империја па с? до денес. Поделбите отсекогаш биле за сметка на албанскиот народ а од полза за големите сили, што доведе до тоа половина од албанскиот народ да живее надвор од административните граници на матичната држава. Денес албанскиот народ е единствен примерок во Европа кој е фифти-фифти поделен, а Албанија единствена држава која од сите страни се граничи со делови од својот народ. Но, сите овие бариери не успеаја целосно да ги дезинтегрираат Албанците на духовен план.
Во последниве децении с? поприсутна е тенденцијата за едно поцврсто духовно обединување на Албанците како нација, односно с? поприфатлива е тенденцијата за “духовно обединети Албанци во обединета Европа”, што значи точка на тенденциите за создавање на големи национални држави, односно за прифаќање на новите стандарди и вредности од кои ниеден народ на Балканот ништо не губи а сите заедно многу добиваат. Тоа, со други зборови, значи релативизирање на границите и слободно движење на луѓето, на стоките и производите во балкански рамки и пошироко.
Меѓутоа, за остварувањето на оваа концепција, зад која стојат релевантни политички, економски, културни и научни елити на Албанците во поширока смисла на зборот, дефинитивното решавање на статусот на Косово е од пресудно значење.
Политичките партии на Албанците во Македонија имаат непроменет став спрема косовското прашање кој гласи: “Косово, суверена и независна држава & важен предуслов за стабилноста на регионот и пошироко”. Сосем поинаков став, барем досега, имаат политичките партии на Македонците. Тие с? уште Косово го третираат како составен дел на Србија, афирмирајќи го познатиот став дека независно Косово претставува голема опасност за македонското битие, за македонската нација и македонската држава. За ваквите свои ставови тие немаат излезено со некои цврсти аргументи ниту пред странската, ниту пред домашната јавност. Нивните “факти” обично се базираат врз “непотребниот страв” и емоциите што имаат корени во минатото. Дека нема место за такви комплекси и стравувања зборува и фактот што Албанците се едиствени од сите соседни народи и држави кои без никакви калкулации ги признаа македонската нација, македонската држава и македонскиот јазик.
Мора да го кажеме и тоа дека во последно време се чувствува една голема еволуција, би рекол “револуционарна еволуција” во ставовите на одредени македонски интелектуалци и политичари. Но, сепак, тоа не е доволно, бидејќи македонските центри за донесување одлуки с? уште не можат, а и не сакаат да соберат храброст и отворено да кажат “Независно Косово, гаранција за сигурноста на регионот”. Да се недеваме дека наскоро и тоа ќе се случи, но по наше мислење не е најмудро Македонија и Македонците тоа да го сфатат меѓу последните.
Што се однесува до албанските политички партии, треба отворено да се каже и без никаков комплекс дека косовското прашање зазема многу значајно место во нивните политички програми. Но, решавањето на косовското прашање тие не го гледаат и не го третираат како национален проблем на Албанците, туку како нешто што ги надминува националните граници. Од друга страна, албанските политички партии се убедени дека со решавањето на косовското прашање подеденакво добиваат и Албанците и Македонците. Логично гледано, за меѓународната заедница апсолутно неприфатлива е концепцијата за “балканизација на Албанците” и за “европеизација на Македонците”, или обратно. Без оглед на тоа колкави се моменталните разлики помеѓу Македонците и Албанците, тие во многу нешта се судбински поврзани. Тие или заедно ќе пливаат кон една посреќна иднина, или ќе останат на периферијата на случувањата во современиот свет. И едните и другите треба да сфатат дека светот секој ден станува с? поизморен од нив. Никогаш светот не се вртел околу малите народи, меѓутоа секогаш давал можност и малите народи да се најдат себеси во големото семејство на народите. Таа можност денес ја имаат и Албанците и Македонците. Колку ќе бидат способни да ја искористат, зависи само од нив. Оттука косовското прашање за двата народа не смее да биде фактор на разединување & туку, напротив, фактор на обединување.