Политичкиот ислам" и БиХ
Вовед
Проблематизирањето на улогата и функцијата на исламот (не само како религија и вера, туку и како културно - цивилизациски круг) во контекстот на современите глобални политички, економски, идеолошки и културни движења и нивните компетитивни вкрстувања (посебно на примерот на БиХ), речиси секогаш е импрегнирано со висока доза на негативен став и однос од "западната" страна на човештвото - христијанската, односно христијанскиот културно - цивилизациски круг. Несомнено на таа христијанска културно - цивилизациска страна постои и доминира нескриено изразито чувство на неприфаќање и, уште повеќе, фобичен однос кон исламот.Исламот разбран како заокружена културно - цивилизациска парадигма.
Секако, оваа констатација, не треба да се протоколкува како занемарување на исто таквото чувство и гледање и од страна на припадниците на исламот кон другите култури и цивилизации, посебно христијанската. Воедно, не заборавајќи ги, пред се, идеолошко - политичките струења емитирани од двете страни (христијанската и исламската) исполнети со воинствена нетолерантност насочени кон оние кои припаѓаат на спротивниот цивилизациско - културен круг.
Во секој случај, постојат стручни елаборации и аргументи кои одат во прилог и на двата стереотипни вида на однос кон поинакви култури и цивилизации, воедно и верско - идеолошки доктрини. Сакаме да потенцираме, дека можат да се најдат аргументи и за двата става, кои имаат и теолошко - филозофски и идеолошко - политички карактер.
Таквиот однос кон различната културно - цивилизациска парадигма се распознава и на просторот на Балканот, особено на геополитичкиот и социо-културниот ареал на БиХ. И не само тоа. Процесот на конфликтни цивилизациски допирања на Балканот содржи и една суштински значајна димензија, која се однесува на историски верификуваната вистина дека на овој простор христијанската и исламската културна парадигма се автохтони. Значи, кога станува збор за исламот на Балканот, посебно во БиХ, не може да се зборува за "периферен ислам".
Друга работа се геополитички и геостратешки генерираните инструментализирања преку разновидно "активирање" на некои аспекти на христијанските и исламските религиско - верски и цивилизациски концепти и модели.
Босанските "политико-исламски" реалности
Проблематизирањето на идеолошко - политичките струења во БиХ во контекстот на предметот на оваа анализа првенствено подразбира фокусирање на контроверзите создадени околу прашањето за евентуалните идеолошко - политички планови и активности со цел да се формира некаква "муслиманија" во европскиот геостратешки и геополитички простор. Воедно, се наметнува и нужноста од потенцирање на неколку најиндикативни ставови на врвни личности од исламската хиерархија во БиХ во однос на тие планови и активности, како и осветлување на актуелните релевантни внатрешни исламско - верски дивергенции.
Не може да се одрече дека постои меѓународно геополитичко и геостратешко стојалиште кое страхува од можната конституцијата на исламска власт во БиХ, како центар од кој ќе се дифузира исламска идеологија низ целиот стар континтент, со несогледливи негативни реперкусии врз "западната" културно - цивилизациска парадигма на уредување на целината на општествените односи - нејзините суштински вредности, принципи и норми. Притоа, како идеолошка форма се аплицира токму оној модел којшто најпластично го елаборираше Хантингтон, со кардинален подтекст дека различните цивилизации нужно ќе дојдат во состојба на меѓусебен судир, со тоа ставајќи ја на маргина алтернативата, барем теоретска, за нивна конвергенција и коегзистенција. [1]
Мора да се потенцира безизлезот во кој ќе се најдеше владата во Сараево, влада на државата членка на ООН и ОЕБС, соочена со нерешителноста на меѓународната заедница (ООН, ОЕБС и пред се САД) да и помогнат да се спротистави на нападите врз нејзиниот суверенитет и територијален интегритет на тогашната преддејтонска Република БиХ. Од друга страна, таа нерешителност беше мултиплицирана преку сосема проѕирното играње на Франција, Англија и Русија на картатата на српскиот политичко - воен фактор, во нивното напрегање за освојување на подобра геостратешка и геополитичка позиција при преуредувањето на глобалната светска констелација.
Во такви околности единствена практична алтернатива што ја имаше владата на БиХ беше да ја прифати сеопфатната помош од најголемиот дел од исламскиот свет. Особено значајна беше воената компонента од таа помош, при што доминираше, со својот обем и квалитет, помошта од ИР Иран. [2] Подоцна, по склучувањето на Дејтонскиот договор, не случајно САД и сите други релевантни западни меѓународни фактори посебно ќе бараат од властите во Сараево, приоритетно И ефикасно да го елиминираат поливалентното иранско присуство во Босна. Иранското, како и другото муслиманско воено помагање, е елиминирано благодарение на програмата "Опрема и обука" за бошњачко - хрватската воена компонента (Федерацијата БиХ) но и благодарение на соодветните продуктивни западни притисоци - политички, економски и сл. по урнекот на комплексниот пристап "стап и морков".
Културното и посебно политичкото иранско и воопшто муслиманско влијание е присутно, но не е доминантно, за разлика од западното, како поради нивната историски доста долгата културна и политичка некомуникација, така и, повторно, поради притисоците и барањата од Запад (САД пред се) да се стави ефикасна брана на исламските политички и културни влијанија. Во тој контекст, факт е дека кога станува збор за религиско - верските исламски врски и влијанија постојат значајни разлики: сунити - шиити, прифаќање и доминација на различни мезхаби и сл.
Воедно, во тој поглед, историска традиција и актуелна стварност претставува доминантното конципирање и практикување на толерантен вид на ислам, како религиско - верски и воопшто филозофско - светогледен систем, на просторот на БиХ и на целината на Балканот. Тоа значи дека, и покрај присуството на некои спротивни религиско - верски манифестации, на овие простори, во основа, екуменизмот бил доминантен во однос на клерикализмот, дека "политичкиот ислам", во основа, бил во сенка на "секуларниот ислам". [3]
Во врвовите на босанската воено - полициска хиерархија повеќе не се наоѓаат луѓето преку кои се реализираше иранската помош на Босна. Јасно, мислиме на главните логистичари на босанската армија - "претежно муслиманска" - Халид и Хасан Ченгиќ и на Бакир Алиспахиќ, прво министер за внатрешни работи, а потоа директор на АИД (Агенција за известување и документирање).
Но, од друга страна, навистина е спорно и не се докрај јасни интензитетот и дострелите на влијанието на босанската политичка сцена на личности кои во определени периоди даваа можеби и главен идеолошки - политички белег на бошњачките политичко - воени состојби и определби. Повторно, тука мислиме првенствено на таткото и синот Ченгиќ и на Омер Бехмен (кои во овој момент немаат ниту државни ниту фронтменски партиски функции), како и на Хусеин Живаљ (заменик министер за надворешки работи) и Џемалудин Латиќ (советник на Изетбеговиќ и, изгледа, главен идеолог на исламски потврдите делови на СДА).
Во секој случај, може да се изнесе став дека не е сериозно евентуалното иранско воено присуство во Босна: муџахедините - шиити, коишто и не беа во мнозинство во редовите на исламските воини, во поголем дел ја напуштија Босна, а останаа оној помал дел кои добија босанско државјанство преку брак и кои се фактички конфинирани во селото Бочина во средна Босна; се врши трансформација на бошњачките воени структури, при што на прво место суштински, фактички до разнебитување и распуштање, трансформирани се фамозните муслимански бригади како елемент на трансформацијата на Војската на БиХ федерацијата по НАТО стандарди и принципи.
Што се однесува до (про)исламското филозофско - светогледно, идеолошко - политичко и социо - културно влијание, тоа не е спорно кај поголемиот дел од највлијателните луѓе на СДА, без оглед на нивните моментални формални позиции, но тоа во основа не доаѓа до израз при актуелното конципирање и практикување на нивната конкретна политичка опција. И тие, во основа и доминантно, ги прифаќаат и се на позициите на "секуларниот ислам".
Тоа значи дека- што е суштински значајно- во хиерархијата на СДА преовладува, по се изгледа, определбата да се биде дел од западната политичка опција, што првенствено подразбира прифаќање на принципите на лаичката држава, односно прифаќање на современиот (нео)либерализам, како уставно - правен, политички и економски концепт.
Но, во исто време, во основа не се напушта определбата паралелно со тоа на социо - културен план да се истакнува исламско - културната фундираност и специфичност на бошњаштвото, како заокружен национален идентитет и самосвојност, со потенцирање дека, сосема во согласност со Хатамиевата теорија за дијалог меѓу културите и цивилизациите,религиско - културната (христијанско - исламска) дивергенција, односно бошњачката вкоренетост во исламскиот културно - цивилизациски круг, со ништо и воопшто цивилизациско - историски не ги хендикепира. Впрочем, и припадноста на европско - христијанската цивилизација не се проектира како лимитирачки фактор во соработката со останатиот муслимански свет, посебно со оние држави кои бележат брз стопански развој, притоа не откажувајки се од значајно социо - културно респектирање и аплицирање на својата исламско - религиска посебност при уредувањето и функционирањето на општествениот живот (со посебна нагласка на Малезија).
Тоа се двете страни споени во целината на теориско - идеолошкиот концепт и на практично - политичкиот модел на бошњачкиот политички идентитет, така како што таа целина ја гледа и ја реализира доминантниот круг кај бошњачко - муслиманската политика, оној околу Изетбеговиќ.
Горната елаборација отвори едно многу важно прашање. Тоа е можноста Босна да се интегрира како толерантна мултиетничка држава во повеќе правци - национален, религиски, верски, културен ит.н. Впрочем, јадро на идеолошко - политичката опција и на потезите што ги влечеше бошњачката политика за остварување на таа опција на мултиетничка Босна, во нејзините меѓународно признати граници, беше рационализацијата на идеолошкиот фундамент на таа опција, со конотација која се однесуваше на вековната толеранција во Босна, и на Босна како неспорен дел од Европа, без оглед на религиско - културните специфичности, односно дивергенции.
Во овој контекст е и укажувањето на историчарот Ешреф Чампара, кој, посебно низ историска ретроспектива, го потенцира соживотот на муслиманите и Евреите, кој ќе доведе до блескави резултати на полето на уметноста и образованието. [4] Патем кажано, босански амбасадор во Вашингтон речиси во целиот период на независна Босна беше Евреин, потомок на една од најпознатите еврејски фамилии во Босна, Свен Алкалај.
Еден друг историчар, Авдо Суќеска, во истиот контекст, укажува на толеранцијата на Османлиите, изградена на Кур'анскиот ајет кој тврди дека во верата нема присила. Притоа, на немуслиманите им била гарантирана слобода на верата, како и сигурност на сопственоста, се додека ги извршуваа должностите кон Портата. [5]
Директорот на германскиот ориентален институт од Хамбург Удо Штајнбах, истакнувајки дека во современа Европа доминира сликата на муслиманот како симбол на нетолерантност и милитантност, не се согласува со таквата претстава, и, посебно нагласува дека од историски аспект, као и од аспект на современите прилики во Босна, потполно е неосновано Бошњаците да се третираат како фундаменталисти. Напротив, исламската ренесанса треба да се оценува како нешто позитивно што ќе доведе до исламска "модерна" способна да создаде синтеза со европската христијанска цивилизација. [6]
Кога се анализираат современите прилики во Босна никако не може да се одмине прашањето за односот на религиското и националното. Најмногу заради, националната одредница Муслимани, која потекнува од седумдесетите години, и која е заменета со одредницата Бошњаци, на ИИ бошњачки Сабор одржан во Сараево на 28. 09. 1993 година.
Факт е дека националното име Муслимани има своја темелна детерминанта, како име за одредена национална самостојност, којашто по својата природа е несомнено религиска. Имено, исламската вера беше основната национална специфичност на Муслиманите во однос, да речеме, на Србите, Хрватите, Црногорците.
Новото национално име Бошњаци, коешто мора да се респектира како иманентно право на една национална посебност да си го одреди својот идентитет и преку името, создава една специфична дилема во босанското општество. Се работи за тоа дали тоа име е замена за името Муслимани, или, пак, означува постоење на процес на создавање на босанска наднационалност, во која смисла би постоеле на пр. Бошњаци - Муслимани, Бошњаци - Срби и Бошњаци - Хрвати. Се разбира дека меѓу Хрватите и Србите во Босна тоа е неприфатливо, и не само од дневно - политички интереси и мотиви. Тука има силно влијание и длабочината на културно - религиската посебност. Но, има и мислења како на пр. на истакнатиот социолог Есад Ќимиќ, кој во една прилика нагласи дека бошњаштвото не може да го замисли без неговата православна, и посебно, католичка компонента. И, понатаму, за Муслиманите промената на националното име е единствено решение заради: немањето на резервна татковина и заради најголемото учество во асимилирањето на традиционалните вредности на бошњаштвото. Едноставно, Муслиманите најмногу се препознаваат преку бошњаштвото. [7]
Мустафа Имамовиќ, во овој контекст, потенцира дека исламот во Босна е првенствено манифестација на барањето правда, еднаквост и рамноправност. Тој е фактор на патриотизам и национална самосвест. [8]
Може да се констатира дека националната одредница Бошњаци во овој момент се однесува само на бившите Муслимани, а името на јазикот кое се форсира од страна на бошњачките идеолози и интелигенција е босански јазик, при што најчесто не се мисли само на јазичната кодификација со која зборуваат Бошњаците туку и на јазичните кодови на Србите, Хрватите и другите национални посебности во БиХ, со образложение и аргументирање дека, на пример, јазичните кодови на Србите и на Хрватите од БиХ се сосема блиски или идентични со јазичниот код на Бошњаците споредено со јазичните кодови на Србите и на Хрватите од Р. Србија и од Р. Хрватска.
Оваа елаборација за исламот и Босна ќе ја завршиме со повторување на темелната констатација, дека во врвовите на Босанската политика не би можеле да се откријат залагања за Босна како исламско - теократска држава. Впрочем, на оваа линија е и укажувањето на Мустафа Имамовиќ кој тврди, сосема резолутно, дека е потребно да се избегне врзувањето за "политичкиот ислам". Напротив, решение за Босна е модерна правна држава, бидејќи државата не може да се гради врз субјективни категории, како што е верата. Напротив, верата е приватна работа на луѓето, и ги штити човековите слободи и граѓанските права, меѓу кои спаѓа и слободниот избор и негувањето на верата. Но, "... за сето тоа да биде зацврстено и афирмирано како политичка традиција на определено општество, мора да биде следено и пополнето со културно - историска содржина во која религијата, без оглед на тоа колку е значајна, сепак е само една од компонентите". [9]
Дури и заменикот на реисот на Исламската верска заедница во БиХ, еф. Спахиќ во една прилика сосема јасно и прецизно ќе нагласи дека "Исламска Босна нам никогаш не може да ни биде цел. Ако сака да опстане, Босна мора да биде заедничка. Ако сакаме да ја нема Босна, тогаш исламската држава е можна: ние ќе градиме некоја филџан - исламска државичка, Хрватите ќе градат филџан - хрватска државичка, а Србите своја. Но сака ли Босна да опстане, мора да биде мултинационална, мултикултурна, мултирелигиозна".[10]
Сепак, никако не треба да се заборави дека постојат моќни светски политички кругови, чијшто најавторитетен репрезент е Кисинџер, кои перманентно укажуваат, со сосема јасна гео - стратешка, гео - политичка, светогледна и идеолошо - политичка мотивација, дека постоењето на "мултиетничка Босна" е илузија, и кои предлагаат (сигурно и работат) на нејзина поделба по национално - религиски линии: присоединување на "српска" Босна кон Србија / СРЈ/, присоединување на "хрватска" Босна кон Хрватска и формирање во централниот дел на Босна (со Сараево некако како гравитациона оска) на муслиманска (бошњачка) држава.
Текстот е пишуван на самиот почеток на октомври 2000.
Забелешки
врати се назад[1] Самуел П. Хунтингтон: " Судир на цивилизациите ? " (" Цасх оф Цивилизатионс ? "), Фореигн Аффаирс (суммер 1993, 22 - 51).
[2] Ова Иранско инволвирање, меѓу останатото, ќе доведе и до резервираност на Египет кон Босна, веројатно, се уште генерално, водечката земја на муслиманскиот свет, заради нејзиниот секуларен карактер.
[3] За проблемот на " политичкиот ислам ": Сасајковски Славејко: Ревитализација на општествената функција на религијата, верско - политичко соочување со религискиот феномен ", докторска дисертација, ИСППИ, Скопје, 1998, 206 - 233.
[5] Лјилјан, Сарајево, 14. 12. 1994, 43.
[6] Лјилјан, Сарајево, 25. 09. 1996, 45 - 35.
[7] Недјелјна, Сплит, 25. 11. 1994,9 - 11.
[8] Ллјилјан, Сарајево, 01. 03. 1996, 23.
[9] Исто.
[10] Глобус, Загреб, 11. 11. 1994, 44 - 45.