New Balkan Politics An Academic Quarterly Journal of Politics
Новото време е епоха на сознание и информација, на размисла и духовна размена. Во него се реализираат старите соништа за апсолутен дофат на стварноста, за засилување и замена на физичкиот труд со машински, за автоматизација на функциите, за механизација на мислата. Дури се креира и нова стварност.
Но, во тој свет опстојат и стари елементи, односи и вредности. Некои застарени начини на однесување и одамнешни претпоставки за егзистенција небаре се засилуваат. Битката меѓу старото и новото не е завршена, иако одамна е започната и се чини дека во некои прашања е разрешена.
Сето тоа ја возбудува научната свест, и дава материјал за дејност, ја крева интелектуалната тензија.Науката се интересира и за новите и за заостанатите феномени, ја искажува амбицијата да ги разоткрие нивните законитости, се обврзува да ги вложи своите зголемени моќи и капацитети да ги дообјасни пројавите на старото и да загатне решенија за објаснување на новото.
Ние не сме отстрана од тие интелектуални трендови. И покрај кадровското сиромаштво и недостигот на најсовремена технолошка опременост и кај нас има интересни сознајни дострели, понекоја корисна идеја, врските со светот и со колегите куцаат, но функционираат. Македонските научници не се најнеактивната страна на нашето движење и прогрес. Со своите сознанија тие можат многу повеќе да и помогнат на општата свест и на политиката во осмислувањето на состојбите и на прашањата, во пронаоѓањето на решенија, во разрешувањето на проблемите.
Серија такви прашања се однесуваат на Балканот. Нашиот животен простор е во вриеж, традицијата се судира со иновациите, закостенетоста се сменува со неизвесностите. Географијата и историјата викаат и пелтечат истовремено. Колку што сме горди, толку сите на нашиот полуостров се исплашени, она што го знаеме како сигурно се разнишува, а релативизмот станува стандардна формула. Увереноста се сменува со скептичноста - како многу пати на Балканот досега, од Антиката до денес.
Мораме да се нурнеме во битието и пројавите на Балканот, за научно да го отвориме и тоа прашање. Сознанијата од разни сфери можат да дадат сериозен прилог кон осмислувањето на нашата заедничка егзистенција, која ги интересира и многу научници од другите делови на светот и со кои епистемолошката размена треба да стане наше секојдневие.
Со таа цел проф. д-р Мирјана Малеска го покрена новото електронско списание за политички и општествени науки - со новите информатички средства, со прилози од целиот свет, со плодна научна размена, со редакција и научни сознанија од сите блиски и многу далечни земји да даде наш придонес кон дофаќање на смислата, проблемите и загатките на Балканот и светот.