Denko Maleski
Professor at Doctoral School of Political Science
Ss. Cyril and Methodius University in Skopje

НАТО или ЕУ?

Постојат брем две важни причини зошто е во интерес на Република Македонија, дилемата НАТО или Европски сили, да се разреши во прилог на НАТО. Првата, заради противречностите внатре во Унијата, а втората заради противречностите помеѓу Унијата и САД, кои во моменти на евентуална идна криза, би можеле негативно да се одразат врз безбедноста на нашата држава.

Лекцијата која што ја научивме пред десет години е дека на Европската унија и недостасува заедничка воља кога решава сериозни кризи на Континентот. Тој недостиг на заедничка воља е производ на конфликтните национални интереси на Европските држави, кои мака мачат да ги усогласат во заедничка надворешна или одбрамбена политика. Анегдотата врзана за Кисинџер кој на нечија забелешка дека Европа мисли вака или онака, го побарал невозможното - нејзиниот телефонски број, сеуште е поучна. Поинаку речено, ќе треба уште време пред Данецот и Гркот, или Британецот и Португалецот да имаат приближно исто видување за надворешната и одбрамбената политика на Унијата. А, сепак, три земји на ЕУ силно ја поддржаат идејата за Европски сили во Македонија: Грција, Франција и Шпанија. Кои се нивните интереси?

Не треба да учиме на туѓи искуства, доволно е да не ги заборавиме лекциите од нашето искуство. Граничиме со Европската Унија, што може да биде голема предност, но, Грција има свое видување за нас, својот сосед, кое што не мора да се совпаѓа со она на останатите членки на Европската унија. Тоа видување, оптеретено со заедничките трауми од историјата, кои на Балканот секој народ ги прикажува како само нему да му се случиле, еволуира - од негирање до признавање. Го истрпивме и го издржавме тешкиот период на негирање, во кој многу земји од ЕУ, како Холандија или Данска, на пример, ни пружија пријателска рака, наспроти протестите и заканите од Грција. Но, сепак, голем дел од нашите тешкотии произлегуваа, и во иднина би можеле да произлезат, од еден факт на реалноста - дека сојузите се формираат за да ги штитат интересите на своите членки. Грција е членка на сојузот наречен Европска Унија а ние, за жал, сеуште не сме. Секоја политика, па и надворешната, е борба за моќ и влијание, преку кое државата ги проектира своите национални интереси на меѓународната сцена. Во денешната расправа за Евросили во Македонија, Грција, во обидот да го зголеми своето влијание на Балканот и, се разбира, во нашата земја, е еден од промоторите на оваа идеја. Дали на Македонија и треба натамошно, сега и воено, засилување на грчкото влијание, е прашање за расправа. Кога нашата држава ќе стане членка на ЕУ и на НАТО, ние ќе бидеме партнери. Но, во меѓувреме треба да се разрешат преостанатите спорни прашања, за кои внатре во земјата постојат дивергентни видувања. Зголеменото грчко влијание во корист на домашна политичка опција која и е блиска, може да предизвика внатрешни расколи и да ја загрози стабилноста на државата. Оттаму и заклучокот дека, во моментов, не ни е потребно јакнењето на грчкото воено влијание во Македонија.

Голем промотор на идејата на Евросилите во Македонија е и Франција. Меѓутоа, не треба да заборавиме дека, во една своја значајна димензија, ваквиот став е дел од традиционалното француско опонирање на Американската моќ во Европа. Напишани се многу страници за конфронтациското поведение на Франција кон САД, се со цел, оваа европска сила да направи повеќе простор за влијанието на сопствените политички, економски и културни интереси и вредности. Во овој повеќедеценијски ривалитет, САД се однесуваат помирливо кон Француската непослушност, додека Франција, од своја страна, во моменти на сериозни кризи, секогаш застанувала на страната на Америка. Се разбира, за мала земја каква што е Македонија, со сосема тесен простор за политичко маневрирање, важно е што се случува и во интервалите на конфронтација со најмоќната сила на светот, и како тоа се одразува на Балканот и на Македонија. Оттаму и заклучокот дека не е во корист на стабилноста на Македонија нивните идни несогласувања да се прекршуваат врз нашата територија.

Шпанија е третата земја која што стои зад проектот за Евросилите во Македонија. Се чини дека, основната причина за ваквата нејзина позиција се вика Хавијер Солана. Имено, овој вреден и способен шпански политичар кој направи забележителна кариера во НАТО и сега во ЕУ влијае надворешната политика на Шпанија да застане зад неговите амбиции, во служба на создавањето на здружени европски воени сили. Дотука е се во ред. Проблемите за Македонија можат, одново, да настанат како последица на нејасните односи помеѓу Европските сили и НАТО, односно Европа и САД. Во својата последна книга Кисинџер пишува дека изјавите на Солана упатуваат на заклучокот дека тој гледа на Европските сили како на самостојна воена организација која што ќе преговара со НАТО на сличен начин како и со други светски фактори. Тоа за Американците е неприфатливо, а за нашата безбедност е важно што мисли Америка. Имено, Америка е единствената земја во светот денес која што може да ги поведе европските држави кон заедничка цел. Тоа и го овозможува нејзината огромна, но и концентрирана, моќ која што се проектира од еден центар на одлучување - Вашингтон. Раздробената европска моќ, не во состојба да и парира, барем не засега. Во првите години на кризата во Југославија, пред една деценија, видовме со сопствени очи како се однесуваат европските држави во отсуството на Американската моќ. Имено, бидејќи ниту едена европска сила не е во состојба на останатите да им се наметне како водач, секоја од нив маркираше своја зона на влијание со домет соодветен на својата сила и своите интереси. Така, Германија задоволувајќи ги своите регионални амбиции, ден пред објавувањето на извештајот на Бадинтеровата комисија, ги призна Словенија и Хрватска, додека Франција, пак, застана зад својот традиционален сојузник Србија. Помалите европски земји како Холандија и Данска, на пример, се обидоа да и помогнат на Македонија, но не и да ја признаат, во исчекување на заедничкиот став со помоќните европски држави и Грција. Во сенката на овој ривалитет се разгоруваше една страотна војна со жртви и страдања невидени во Европа од крајот на Втората светска војна. Во нејзиното запирање најмалку можеа да помогнат Обединетите нации, организација која што одржува мир, но не го создава. На крајот, беше неопходна, по трет пат во дваесеттиот век, Американската моќ да се проектира на нашиот Континент, за да ја запре војната во Босна, а потака и во Косово и во Македонија. Без оглед на личните симпатии или антипатии кон оваа земја, секој оној што имал можност одблизу да ја следи меѓународната политика, во чие средиште се односите на моќ, знае дека Америка и е потребна на Европа, далеку повеќе одошто Европа на Америка. Како држава со сериозни безбедносни проблеми, Македонија треба да држи за двата центри на моќ. Тоа ќе го оствари преку соработка, а потоа и членство во НАТО, организација која што, и покрај несогласувањата, ги обединува САД и ЕУ.

Меѓутоа, ние во Македонија имаме проблем кога станува збор за чувствата на етничките Македонци кон НАТО. А чувствата се важни. Зашто, кога ќе ги разглобите државите на нивните составни делови, сваќате дека и таква голема апстракција каква што е меѓународната политика, ја чини поединечниот човек и неговите чувства. Збирот на чувствата на сите поединци кои сочинуваат една држава го произведуваат поведението на државата во меѓународното општество. Во поведението на луѓето од нашево поднебје забележливо е одењето во екстреми. Во односите со големите сили, колку до вчера, македонската политика, со жесток тон на протест, се повикуваше на сувереното право на Македонија самостојно да донесува одлуки. Денес, пак, кога во НАТО и во ЕУ се расправа за важна одлука која директно не засега, таа иста политика одбива да мисли со своја глава и да излезе со сопствен став за дилемата НАТО или ЕУ војски во Македонија? Зошто? Па, како да се поведе рационална и разумна расправа кога токму назабената македонска политика, произведе такво анти-НАТО расположение меѓу етничките Македонци, каково што само има уште во Република Српска. И која е, сега, таа партија во земјата што, пред избори, ќе покрене таква дебата, соочувајќи се со народниот гнев кон НАТО која самата го произвела со неумерениот збор и поведение. Дека е сосема возможно токму натамошното присуство на НАТО да е она што е потребно од аспект на државните интереси на Македонија, а, сепак, да завршиме со првиот експериментален корпус на Европските сили, е неважно од аспект на личните интереси на политичарите. Тие мораат да ги добијат изборите. Гледано низ оваа призма, на македонските политичари најмногу им одговара да не се изјаснуваат. И тие тоа го прават, оставајќи ја одлуката во туѓи раце, а со образложение дека, ионака, одлуката не е наша. Тоа, во крајна линија, е така, но во крајна линија сите ние сме мртви, а сепак бараме алтернативи нашите животи да бидат побезбедни и посреќни. Меѓутоа, проблемот е во тоа што Македонската политика е фатена во стапицата на негативните чувства на етничките Македонци кон НАТО. Како да се надминат таквите чувства? Еве предлог: да почнеме, соочувајќи се со еден трагичен настан кој тежи врз нашата совест.

Пред седум месеци неколку млади луѓе од предградието на Скопје, фрлајќи камења по колоната НАТО возила, го убија 22 годишниот британски војник Иан Колинс. Оттогаш, неговите родители се чести посетители на нашиот град. Таткото, некогашен рудар кој тринаесет години под земја копал јаглен во Шефилд, додека мајката, домаќинка, го гледала Иан, вели дека неговиот син бил многу убав и дека овие денови ќе наполнел 23 години. Што бараат толку често во Скопје? Правда. Без трошка омраза кон жителите на овој непознат град во којшто го загубија своето дете, велат дека оние кои се способни да фрлат камен, се способни и да одговараат за својата постапка. И толку. Ништо не знаат за соучесникот - ксенофобијата, која ја создадоа политичари, интелектуалци и новинари...