Mакедонија 1991- 2001
Меѓународната и домашната сцена се во перманентна промена. Оние кои не се во состојба да се прилагодат на новонастанатите состојби пропаѓаат. Тоа е пораката која што извира од историските длабочини на политичката мисла. На драматичните промени во1991 Македонија успешно се сообрази, останува тоа да го стори и денес во 2001. Падот на Берлинскиот зид пред десетина години го означи крајот на еден светски поредок кој почиваше врз биполарната структура на моќта. За такви големи ломови предизвикани од тектонски потреси во светската политика знаеме од историските книги, читајќи, на пример, за распадот на Австроунгарската империја или за Отоманското царство чија моќ се протегала на нашиве простори. Во 1989 година и самите бевме сведоци на распадот на еден светски систем. Едната од двете големи сили, Русија, економски исцрпена од полувековната трка во вооружувањето, демисионира од позицијата на суперсила и, на големо изненадување, со помош на другата суперсила, мирно ја повлече својата моќ назад во своите национални граници. Таквиот политички одлив што доведе до повлекување на руската моќ назад во границита на оваа земја, создаде огромен вакуум на моќ во цела Источна Европа кој, пак, се исполнува со содржината на победничкиот блок на западните индустриски демократии. Демократијата, човековите права, пазарната економија и интеграцијата беа патоказите за новите демократии. Но, политичките приоритети на сложените држави на Источна Европа беа поинакви. Нивните конститутивни делови минаа и низ тешкиот процес на државно осамостојување. Едни, како Чесите и Словаците, тоа го сторија низ мирен процес на дисолуција на федерацијата, додека други, како народите на Југославија предизвикаа распад на државата преку серија крвави етнички војни. Република Македонија прокламирајќи ја политиката на мирољубиво самоопрелување се избори за својата независност на мирен начин. По тој едноставен факт ние бевме различни од другите југословенски републики.
Оној момент кога Македонија стана полноправна членка на меѓународната заедница, заврши едно поглавје во историјата на земјата. Како мала земја која нема никакво влијание врз светските текови нашата најдобра надворешна политика мораше, од тој момент натаму, да биде нашата внатрешна политика. Успешна внатрешна политика на било која земја, пак, е онаа која што произведува стабилност. За производство на таа стабилност од одлучувачко значење е политичкиот процес. Суштината на политичкиот процес во едно демократско плуралистичко општество, пак, е политичкото приспособување (акомодацијата). Во таквото општество, на власта не се гледа само како на машина за наметнување на законите врз поединците, туку и како на центар во кој се приспособуваат конфликтните интереси на разните групи. Нетрпеливи да го донесеме уставот на независната држава со кој ќе ја зајакнеме меѓународната позиција на државата го донесовме Уставот без согласност на Албанците. Политичкиот модел на граѓанско општество во кое не е важно на која етничка група и припаѓаш туку дали уживаш индивидуални човекови права го посеа семето на идниот конфликт кој ќе тлее десет години за да експодира во поволни домашни и меѓународни околности. Албанците кои бараа заштита на определени колективни права едноставно беа надгласани. Лекциите, пак, научени во сите демократски општества, кои денес и ние ги учиме се дека не смеат да се игнорираат барањата на значајни општествени сегменти во државата ниту пак да се третираат водачите на тие групи како да се претставуваат самите себеси и никој друг; дека репресијата ретко успева против значајни колективитети решени да ги бранат своите интереси наспроти интересите на централната власт; дека е потребно перманентно приспособување помеѓу групите со политички средства, за да се избегне граѓанска војна; дека кога базичните конфликти на едно општество ( а отсуство на договор околу уставното уредување е таков базичен конфликт во Македонија) ќе ги надминат моќта и способностите на на политичарите да ги канализитраат во мирна акомодација, тогаш граѓанска војна е веројатниот исход.
Овие универзални постулати се во основата на сегашниот сукоб помеѓу Македонците и Албанците. Несогласувањето на Албанците со општештвениот статус кој им го даде Уставот донесен пред десет години и неспособноста на политичката структура да го поведе општеството во реформи на политичкиот систем низ еден процес на мирно прилагодување беа генератор на сегашниов меѓуетнички конфликт. Тој конфликт, инаку трае цела една деценија, а борбата на Албанците за поголеми права во областа на образованието е негова добра илустрација. Но, што е она што доведе до експлозија на насилство во нашата држава? Тоа е, повторно, спојот на променетите меѓународни и домашни околности. Драматична промена на регионалната рамнотежа на сили настана по интервенцијата на НАТО на Косово, кога од овој дел од Балканот беше истисната српската моќ. Во битката против репресивниот режим на Милошевиќ учествуваа и Албанци од Македонија како дел од еден сеалбански вооружен отпор. Нивен политички пандан беа сеалбанските политички координации во кои у?ествуваа и албанските партии од Македонија. Тоа беа силни фактори на поврзување на сите Албанци во регионот, а вијната предизвика И своевидно територијално поврзување. Имено, во текот на најголемата воена интервенција во Европа по Вртората светска војна, територијата на Македонија е користена од страна на вооружените Албански групи за напади на Косово и Јужна Србија. По нејзиното окончување, отсуството на српски војници од границата со Македонија доведе до практично спојување на териториите и на моќта на сите Албанци на Балканот. Кога Македонската влада, пак, реши војнички да се пресмета со вооружените Албански групи на територијата на Македонија мораше да ги земе предвид сите овие фактори како и променетата регионална рамнотежа на сили и на чувствата на сопственото Албанско население кон вооружените борци. Притоа, во услови на ваков вид надворешна агресија, пресудно е да се даде точна и искрена проценка на ситуацијата од страна на властите. Од проценката зависат и средставта кои ќе се користат во решавањето на проблемот. Така, проценката дека нема поголеми проблеми во меѓуетничките односи во Македонија овозможува употреба на сила во справуванјето со однадвор уфрлените групи, зашто власта се потпира врз здравиот бедем на меѓуетничката солидарност. Но доколку тоа не е така, тогаш мора да се смета на можната симбиоза помеѓу вооружените групи и локалното население. Тоа е она што се случи во Македонија, а во такви ситуации силата не помага, туку напротив создава поволни услови за вооружен бунт. Во Македонија, како резултат или на погрешна проценка на меѓуетничките односи или, што ми изгледа поверојатно, на вербата во моќта на репресијата, се употреби сила онаму каде што мораа да се искористат сите можни инструменти на дипломатијата. Зашто, иако има бројни примери за успешно војничко справување со инфилтрирани групи, нема примери во светот лоши меѓуетнички односи да се подобрат со употреба на воена сила. Оттаму, погрешно е тврдењето на политичарите и аналитичарите денес, кои велат дека требало да се удри со сите расположиви средства и дека моментот за тоа бил пропуштен или дека општа мобилизација е решение за кризата. Она што исто така е нужно во вакви ситуации на надворешна инфилтрација е поддршка за постапките на централната власт од страна на умерените. Македонската политика се соочи со парадоксот дека и албанските учесници во власта и вооружените групи имаа идентични политички барања. Тоа беше показател дека јазот помеѓу етничките групи е огромен и дека тој не ќе може да се надмине со воени средства. Во тој момент се отфрла воената солуција и се тргна во брза потрага по политичко решение. Меѓутоа политичарите следејќи го својот политички инстинкт за опстаснок бараа прво победа а дури потоа преговори. Победата изостана. Меѓу останатото и заради тоа што победници во етнички војни внатре во една држава, нема. Дури и во ситуации кога една група ќе успее да воспостави доминација над друга, тоа е само привремена состојба која во првата погодна прилика се претвора во нова експлозија. Само политичката акомодација е патот кон потраен мир во етнички поделените општества.
Какво беше поведението на меѓународната заедница кон конфликтот во Македонија? Нивната прва реакција беше поддршка на Македонија во борбата против инфилтрираните терористи. Конечно, нашата држава со своето поведение во времето на Косовската криза ја задолжи НАТО алијансата. Проблемот настана кога наспроти очекуваната брза победа дојде до брза симбиоза помеѓу вооружените групи и албанското население. Отсуството на поддршката од Албанските парттии за воена разврска, ги соочи странците со две Македонии - македонска и албанска. Натамошната поддршка на македонската влада во пресметката со вооружените групи ќе значеше, всушност, поддршка на Македонците наспроти Албанците. Зашто, кога странците зборуваат за поддршка на Македонската влада тие тука ги подразбираат и Албанците. Оттука и нивното инсистирање на компромис кој ќе ги обедини во една заедничка политика овие два значајни сегменти на македонското општество. Употребувајќи го своето влијание тие доведоа до повлекување на вооружените албански герилци за да се создаде простор двете страни да најдат мирен излез од кризата. Дури откога домашните политичари не можеа или не сакаа да произведат политичко решение, а поучени од дотогашните доцнења да интервенираат во таквите балкански кризи, САД И ЕУ ги испратија своите претставници да произведат каков таков договор. Тоа доведе до своевидна дејтонизација на Македонија. По инсистирањето да се создаде влада со сите главни партиципиенти во македонската политика, страните беа принудени на договор. Но, за политичари соочени со непопуларни решенија тоа беше своевиден спас. Зашто, вината секогаш можат да ја префрлат врз меѓународната заедница со изговор дека е тоа нивно решение кое им е наметнато.
Каква ќе биде Македонија со новиот политички аранжман постигнат со посредство и под силен надворешен притисок? Македонија, секако, нема веќе да биде иста. Цената за спасот од граѓанска војна, која со помош на овој договор и со поддршка на САД И ЕУ можеме да ја избегнеме, е отворање ново поглавје во нашата политичка историја полна со неизвесности. На Албанската етничка заедница чии членови се чувствуваат граѓани од втор ред, им се отвораат нови институционални патишта за поголемо влијание во креирањето на државната политика на Македонија. Нивна задача ќе биде да докажат дека нивната политичка борба има за цел Албанецот да стои во достоинство со Македонецот, и уште повеќе, етничкиот Албанец да стане политички Македонец. Во годините што се пред нас, ќе треба многу креативност за да ја изнајдеме вистинската формула за стабилност и мир во општество во кое сите ќе се чувствуваат подеднакво удобно. Словото на Рамковниот договор не може да ни го обезбедат тоа автоматски. Политичките решенија кои тој ги содржи можат да бидат извор на стабилност но и извор на нестабилност на Македонија. Пресудно ќе биде умереното и толерантно поведение на луѓето, особено на оние кои ја водат државата и на интелектуалните елити. Тој факт навестува тешки денови за Македонија.