Во Босна се спремаат промени
Додека светот е зафатен со војната против тероризмот, над Босна и Херцеговина се надвива едно прашање. Обединетите нации треба да заминат од Босна до 2002 година, најверојатно во рамки на американското повлекување од СФОР и, можеби, целосното повлекување на СФОР од Босна. Аргументот е: задачата е завршена. Во Босна има мир, а потребата да се запре разгорување на војна во Македонија во секој случај ја помрачи потребата да се обезбеди "безбедна и сигурна средина" во Босна. "Дечките", според зборовите на американскиот секретар за одбрана, Доналд Рамсфелд, "мора да се вратат дома", и иако САД ги уверуваа своите сојузници дека американските сили нема да бидат повлечени на брзина, нападите на Светскиот трговски центар во Њујорк сосема го превртеа калеидоскопот низ кој САД го гледаат светот, обојувајќи ги сите површини во нијансите на тероризмот. Многу конгресмени не би сакале да гледаат како американски војници придружуваат деца на пат кон училиште во далечната Босна - и тоа во време на мир. САД во моментов, да го цитираме претседателот Буш, се "во војна". Затоа, повлекувањето може да се случи и многу поскоро одошто претходно се најавуваше, со оглед на тоа дека САД почнуваат да ги пренасочуваат фондовите, човечката сила и материјалните ресурси кон силите за борба против тероризмот и за засилување на одбраната на својата територија.
Според аналитичарите, ќе станува се потешко да се убедат САД да останат на Балканот, и ќе се очекува Европската унија да ја презеде водечката улога. Вистина е дека постојат и такви што мислат дека американското присуство на Балканот и натаму ќе остане големо, но иако овие мисли се поттикнати од официјални лица на СФОР и на американските амбасади во Белград и во Лондон, тие се повеќе одраз на надеж отколку на разумна проценка. Конструкцијата на базата Бондстил во Косово - огромна база со неколку ресторани, автобуски станици и кафе-барови - порано ги доведе аналитичарите до тоа да веруваат дека САД ќе останат на Балканот, но како што вели еден извор во СФОР: "тоа е само начинот на кој американските трупи патуваат". Тоа не е толку важно И треба да се внимава да не се придава преголемо значење. Никој во Beltway не мисли дека американската администрација или американскиот конгрес ќе останат уште многу на Балканот. Навистина, САД може да не знаат точно кон каде се движат, но знаат кон каде не се движат - а тоа е: подлабоко на Балканот. Точно, борбата против тероризмот би можела, привремено, да го сврти вниманието кон Босна, со оглед на тоа дека СФОР им е на трага на луѓе поврзани со Осама бин Ладен, но штом тие бидат уапсени, интересот веднаш ќе исчезне. Во Босна веќе има се помалку американски сили, а во Македонија има само неколку стотини - главно логистичка поддршка. Се шират гласини дека САД постепено ќе ги намали војниците во Босна на околу за околу 20 проценти. Што е уште поважно е тоа што американскиот секретар за одбрана, Доналд Рамсфелд, како што рекол за "Вашингтон пост", верува дека "воената работа е завршена пред три или четири години".
Поради тоа што секретарот Доналд Рамсфелд ова го рече за "Вашингтон пост", аналитичарите сметаат дека неговата анализа на ситуацијата во Босна е погрешна и дека предложеното повлекување на американските сили би било навистина штетно за мирот и стабилноста на Балканот. Има неколку моменти што го поддржуваат овој аргумент.
Точно е дека СФОР успешно ги раздвои завојуваните страни, во голема мера исцрпени при крајот на Босанската војна. Сепак, да се тврди дека ова раздвојување го означува крајот на "воената работа" значи да се дефинира поимот "воена" во толку тесни рамки што станува скоро безначаен. Во интервју за "НАТО ривју", Генерал Сер Руперт Смит, заменик врховен командант на Здружените сили, вака резонираше по прашањето дали треба да се полечат мировните сили:
"Треба да се направат проценки за тоа какви се шансите повторно да дојде до борби, како и за состојбата на институциите, како што се добро развиените полициски сили и правниот систем, на кои локалното население мора да им верува".
Слични барања се споменати во анализите на СФОР, особено во студијата изработена од страна на Американскиот институт за одржување на мирот, според која повлекувањето на СФОР не би можело да почне пред СФОР да помогне во воспоставувањето "безбедна околина која ќе се карактеризира со владеење на правото". Во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН, Жак Пол Клејн, шеф на ОН во Босна, рече дека без судство што добро би функционирало, Босна нема да се развие во мирна и демократска земја. Според тоа, идејата дека мировните сили треба да се повлечат пред да се постигне стабилен мир е бесмислена.
Не може да има сомневање дека Босна се уште не ја постигнала состојбата за која зборуваше Генерал Смит: иако изгледите од обновување на војната наизглед се намалија, би било глупаво СФОР да замина, за само што ќе замине да сфати дека токму неговото присуство спречувало Босанците, Хрватите и Србите да ја воведат Босна повторно во војна. Се уште има знаци дека ова може да се случи, иако рамнотежата на сили е повеќе во прилог на федерацијата отколку на Република Српска. Меѓутоа, неодамна претседателот Коштуница инсинуираше дека Косово и Црна Гора би можеле да бидат заменети за Република Српска. Слично, иако обидот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) да се одвои од Босна беше оневозможен, тој го илустрира незавршениот мир: дезертерите од војската беа убедени да се вратат во своите касарни во голема мера поради тоа што ХДЗ не можеше да им ги плати платите што им ги имаше ветено. ОН се загрижени следната конференција на ХДЗ да не дозволи повторување на настаните. Без СФОР да се грижи за сигурноста, потезите за прецртување на границите веројатно повторно би поттикнале конфликт. Доколку конфликтот повторно се разгори, НАТО и онака најверојатно би бил принуден да се врати.
Жак Пол Клејн смета дека ОН се на пат да ја завршат работата за реформирање и преструктурирање на полицијата до 2002 година. Меѓутоа, ова е спорно. Постојат бројни примери што укажуваат на спротивното. Човекот којшто држи продавница за спортска опрема на аголот од улицата каде јас живеам ми рече дека полицијата го присилила да донира спортска опрема на полицискиот фудбалски тим! И судството се уште не функционира. Пред само неколку недели, еден полицаец во Требиње реши да не уапси добро познат шверцер затоа што изминатите неколку пати кога го уапсил, шверцерот веднаш потоа бил пуштен на слобода. Договорите често се кршат, а правни мерки ретко се преземаат.
Генерал Смит често велеше дека "локалното население мора да им верува на полицијата и на судството." Односот меѓу полицијата и населението мора да биде обележан со доверба зашто во спротивно полицијата не ќе може да ја извршува својата работа - ова важи исто толку за Норвешка колку и за Босна. Според тоа, полицијата не може да патролира само со сила, туку потребно е да има легитимитет, кој, пак, се стекнува преку доверба - доверба дека ќе се однесува фер кон сите етнички групи. Начинот на кој може да се здобие со таква доверба во Босна е да се обезбеди етничкиот состав на полицијата да го отсликува оној на општеството каде што треба да патролира. Се манипулира со процедурата (што ја воспостави ОН) за отстранување на полицајци кои ги немаат потребните квалификации (како, на пример, средно образование) за од полициските редови да се исфрлат оние кои се сметаат за нелојални на власта. Во најголем број случаи, власта ги оневозможува напорите да се прекинат овие активности. Каде што е можно, се користат дисциплински место криминални процедури за да се заштитат полицајците кои се занимаваат со криминал. Бројот на политички мотивирани истраги во рамки на полицијата е висок, а таков и ќе остане се додека Единиците за внатрешна контрола се под контрола на министрите за внатрешни работи а не на полициските комесари (постои висока стапка на криминал, што можеби дури е и разбирливо со оглед на платите на полицајците: просечната месечна плата беше 437 германски марки, додека за задоволување на просечните месечни потреба на едно семејство потребни се 441 ГМ). ОН можеби ќе треба одново да го започнат процесот на отстранување на полицајци и со повторна проверка на нивните имиња во однос на познатите криминалци.
Назначувањето на полициски комесари од страна на ИПТФ (Меѓународни полициски сили, цивилна полициска мисија под покровителство на ОН) е исто така преполно со проблеми: во Дејтонскиот мировен договор не постои точка што предвидува назначување на привремени полициски комесари од страна на ИПТФ. Според ОН, мандатот на ИПТФ е "неизвршен мандат", наспроти "извршен мандат", па поради тоа именувањето на полициски комесари е во надлежност на локалните власти, а не на ИПТФ. Што е интересно, ингеренциите за таквото именување се прифатени од локални власти - а сепак, фактот дека тоа не се споменува во Дејтонскиот договор потенцијално придонесува ИПТФ да мора да попушти пред притисокот да се назначат полициски комесари според желбите на министрите за внатрешни работи.
Ниту една од значајните идеи што ги изнесе Генерал Смит до сега не се остварени во Босна. Што треба да направат СФОР и американските сили во врска со ова? Многу. СФОР треба да го снабди со сила мозокот на ИПТФ. Мандатот на ИПТФ е премногу слаб, а мултинационалните специјални единици (МСУ) не се подготвени за ваквата задача, со оглед на тоа што се држат под контрола на Шпанија, Франција и Португалија. Степенот на несогласност во Европа околу релативните заслуги на паравоените сили исто така оневозможува засилување на МСУ. Тие, во секој случај, се дел од СФОР и веројатно не се спремни да ја пресечат папочната врвца и да оперираат како самостојна единица.
Заклучокот, дека СФОР мора да остане и да биде поактивно вклучен, како што предвидува Дејтонскиот мировен договор е, се разбира, точно она на што САД се спротивставија во воздухопловната база Рајт-Петерсон во Охајо, и на што и натаму се спротивставуваат. Идејата да се создаде нова безбедносна архитектура во Босна оттогаш почна со натпревар на различни организации, различни земји и различни личности за добивање на работата. Бирократската игра почна, а резултатот веројатно нема да биде јасен пред да помине доста голем дел од 2002 година, и веројатно не пред Педи Ешдаун да ја преземе улогата на нов Висок претстаник.
Во различните сценарија спаѓаат:
- зајакнување на мандатот на ОН (што мандатот би го направил поизвршен, а не само надгледувачки);
- предавање на одговорноста за ИПТФ на ОБСЕ;
- развивање на безбедносен столб во ОХР за да се дополни Независната судска комисија;
- да им се овозможи на ЕУ целосно да ја преземе безбедноста во свои раце (и по можност да се стационира гарнизон на Силите за брза реакција полупостојано во Босна);
- реорганизација на целото меѓународно присуство во Босна, со што би се споиле ОН и ОХР (со што автоматски ИПТФ би го добиле зајакнатиот мандат што е потребен), а на ЕУ да и се овозможи да ја преземе одговорноста за војската и за МСУ.
Не е можно уште од сега да се каже дали во исходот би се вклучила некоја од овие опции, нова комбинација на некои од овие опции или нешто што овде не го спомнавме. Сите овие опции имаат свои добри и лоши страни. Но, останува фактот дека ако нешто треба да се случи ,тоа најверојатно и ќе се случи. Затоа, внимавајте на овој регион!