Stephan E. Nikolov
Senior Fellow Researcher at the Bulgarian Academy of Science, Institute of Sociology and Assistant Professor the Neofit Rilski Southwestern University Blagoevgrad(Dept. of Law and History)

ЗЕМЈА КОЈАШТО ГО ПРЕДИЗВИКА ЕВРОПСКИОТ „УМОР ОД ДАВАЊЕ ПОМОШ“

 

Бугарија веројатно беше најмалку веројатната земја за приклучување кон ЕУ. Тоа беше политичка повеќе отколку економска одлука, одлука која дојде во време на длабока трансформација на самата ЕУ. Со приклучувањето на Бугарија, кирилицата стана трета официјална азбука на ЕУ. И ова е забележителен бугарски придонес кон лингвистичката и културната разновидност на Унијата. Но, поради измами и проневери на европтски фондови во Бугарија, оваа земја се соочува со тешкотии во поглед на повлекување на парите од ЕУ.

ЕУ се соочи со многу сериозни проблеми при своето приближување до Балканот. Грција, првата балканска земја која беше членка уште на претходникот на ЕУ, Европската заедница (1981), беше среќна што е најсиромашната роднина меѓу богатите, така што имаше корист од великодушните трансфери. Но, овојпат, тоа е завршена приказна. Како што напиша М. Фушер на почетокот од 1990-те, Балканот е „многу сериозен предизвик кој е без преседан за западна Европа“, а самата Југославија – „лабораторија за тестирање на менаџерските капацитети на ЕЗ“ – а тие капацитети се покажаа како многу мали (Foucher: 129-30). Ова значеше неможност на цивилизираната и напредна Европа да го спречи или барем да го намали најстрашното крвопролевање по Втората светска војна со сите последици на страдања и проблеми за луѓето. Следната фаза од овој предизвик ќе биде можноста на веќе напреднатата и зрела Европа да ги интегрира балканските земји – вклучувајќи ги и оние кои некои странски експерти повеќе сакаат да ги одвојат во категоријата Западен Балкан – како еднакви и развиени, а не како да се од втор ранг. Однесувањето на „новиот бран“ балкански земји што неодамна се приклучија на ЕУ – Бугарија и Романија – сe уште остава сериозни сомнежи дали некоја од нив беше доволно подготвена да стане членка. И е повеќе од јасно дека нивните достигнувања влијаат врз и онака постојната неспремност меѓу Европејците за натамошно проширување. Ова е очигледна порака што има директно влијание врз земјите од таканаречениот Западен Балкан, измислен неогеополитички термин што ги означува поранешните југословенски републики (веројатно без Словенија), плус Албанија. Оваа област веќе го загуби чекорот поради војните што следеа по распадот на Југославија, и сe уште и недостасува јасна перспектива („мапа на патот за напред“) на нејзиниот пат кон заеднички европски вредности, процес што е уште покомплициран поради пречките, како што е спорното име на Македонија.

„Здодевно и непознато место“. Бугарија заостанува далеку зад другите земји од таканаречениот „социјалистички камп“ во поглед на својот економски напредок. Речиси целосно земјоделска и рурална во 1944 година, со некои мали почетоци на индустрија за производство на храна и на тутун, Бугарија почна интензивен напор за голема индустријализација откако комунистите ја презедоа власта, а особено по 1956 година. Бугарија беше толку предвидлива и здодевна, што во Софија речиси воопшто не доаѓаа странски набљудувачи или дописници – еден таков редок опис ја опишува ваквата слика: „Што друго и да е вистина... Бугарија е зејмата за која најмалку се известува, најнезабележаната од сите источноевропски земји... Нема востание како во Унгарија, нема немири како во Полска, нема руски тенкови што ги задушуваат бунтовите како што тоа се случи во Прага и во источен Берлин... сосема ја заслужува својата целосна непознатост“ (Grey: 34). Некои проекти во металургијата, градењето машини, електроника, механизација на складишта, хемија, вооружување и изградба на бродови, да споменеме само неколку од најамбициозните проекти, во голема мера се покажаа како неуспех. Лошиот квалитет на повеќето производи го ограничи нивнито пазар само во рамки на COMECON зоната (повеќе од 70% од 1980-те), а особено во СССР (над 50%). Сепак, аспирациите на некои високи државнички службеници достигна точка каде што голем дел од напорот беше насочен кон развој на некои економски односи, вклучувајќи заеднички потфати, со „капиталистичките“ земји – особено Австрија, Западна Германија, Јапонија. И покрај пропагандата, овие односи се развија, исклучиво на политичка основа, цврсто поврзано со специфичните „регулативи“ на студената војна. Од една страна, тоа беше дел од тогаш „играта“ за надминување на слабостите на централно планираната економија, а, од друга страна, овие напори беа премногу ограничени од идеолошката догма.

Тодор Живков владееше со Бугарија долго време кога ги посети некои од најнапредните западни земји во текот на 1980-те – особено на ЕКСПО во Осака, Јапонија. Економските и научните достигнувања толку му оставија впечаток што речиси целосно ја загуби својата верба дека, под комунистичкиот режим, може да се оствари таков напредок. Тој се осмели да ги сподели своите сомнежи со своите блиски соработници, како и со новоизбраниот советски лидер, М. Горбачов. Ова стана извор на непријателство меѓу нив, кога Горбачов го обвини Живков за „неискреност“ (Gorbachev, 1995: 367-8) и – со тоа – за прозападна ориентација. Поради инсистирањето на Живков социјалистичката земја – вклучувајќи ги и бранителите на ова мало отворање на Бугарија кон западот – што се сметаше за најблизок соработник на Москва – како О. Дојнов беа отфрлени од партиското/државното раководство за да бидат заменети со промосковската помлада генерација на политичари како А. Луканов. А ова беа истите луѓе кои подоцна, во ноември 1989 година, го избркаа самиот Т. Живков и – иронично – во Бугарија отпочнаа демократски политички реформи по пример на западните земји.

Првите формални контакти меѓу Бугарија и тогаш Европската заедница се случија во 1986 година, кога почнаа неофицијални преговори меѓу двете земји. На 9 август 1988 година, беа воспоставени дипломатски односи, додека претходно Софија, која тогаш беше на линија на политиката во Москва, го пренебрегна процесот на европска интеграција. Ова беше идеолошка догма што мораше да се следи бидејќи болшевичкиот лидер Ленин еднап предвиде дека никогаш нема да има никакви „Соединети европски држави“. Официјалните преговори меѓу Бугарија, тогаш сe уште „Народна Република“ и ЕУ почнаа во април 1989 година. Нивна цел беше да склучат договор за трговија и економска соработка. Но сето ова беше остварено дури по демократските промени во Бугарија во 1989-90 година. Во март 1990 година, бугарскиот амбасадор во Брисел, Ат. Гинев, беше акредитиран исто така и во штабот на ЕУ и така се склучи процес за меѓусебно признавање. Истата година, на 8 мај, беше потпишан горенаведениот договор за трговија и економска соработка, а Бугарија се приклучи на програмата PHARE. Беше направен историски пробив пред Божиќ, на 22 декември 1990 година, кога Големото народно собрание едногласно гласаше да почне со бугарското членство во ЕУ. Потребна беше цела година да почнат преговорите за добивање асоцијативен статус во ЕУ, што беше завршено во 1993 година. Беа потребни уште шест години за да почнат вистински преговори за приклучување кон ЕУ. Тоа беше деценија на нереални очекувања, за време на која Бугарија многу страдаше од сериозни недостатоци во снабдувањето, огромен пораст на ситниот и организираниот криминал, остар пад на животните стандарди за мнозинството од населението поради недостиг на социо-економски реформи, лошо изработени политики, и ефектите од југословенското ембарго.

Бугарското пристапување кон Европската унија се случи на 1 јануари 2007 година. Бугарија беше дел од втората фаза на петтото проширување на ЕУ, заедно со Романија. Датумот на пристапување беше одреден на Солунскиот самит во 2003 година и беше потврден во Брисел на 18 јуни 2004 година. Во рамки на средбите за интеграција што се одржуваа меѓу земјите-членки на ЕУ и Бугарија, „Комитетот за асоцијација“ се одржи на 22 јуни 2004 година. Го потврди целосниот напредок за подготвување на пристапувањето; но, исто така ја подвлече потребата за натамошни реформи на судските структури на Бугарија, особено во фазите пред судската постапка, како и потребата за вложување натамошни напори во борба против корупцијата и организиранит криминал, вклучувајќи шверц на луѓе. Оваа последна забелешка повеќе пати ќе се повторува како постојано разочарување на европските структури за долготрајните недостатоци на Бугарија на нејзиниот пат од комунистичко минато назад во цивилизираниот свет.

Според извештајот, имаше и ограничен напредок во поглед на интеграцијата на ромската заедница. Истите заклучоци беа изнесени и во Редовниот извештај од 2004 година.

Европскиот совет во Брисел, од 17 декември 2004 година, ги потврди завршните фази на преговорите за пристапување со Бугарија. Набљудувачкиот извештај на Европската комисија од 26 септември 2006 година уште еднаш го потврди датумот, исто така објавувајќи дека Бугарија и Романија нема да се соочат со директни рестрикции, но, повторно, беше речено дека строго се набљудува напредокот во веќе споменатите области – реформи на судскиот систем, елиминација на корупцијата и борба против организираниот криминал.

Бугарија го потпиша Договорот за пристапување на 25 април 2005 година во луксембуршката опатија Нумуенстер.

Првиот бугарски европски комесар, Меглена Кунева од НДСВ, се придружи на Комисијата на Баросо како лице одговорно за заштита на потрошувачите при пристапувањето на Бугарија кон ЕУ. Нејзиниот мандат е од 1 јануари 2007 до 31 октомври 2009 година.

Бугарската национална банка планира да ја замени националната валута, бугарски лев, со еврото до 1 јануари 2010 година, рок што странските набљудувачи не го сметаат за толку реалистичен. Повеќето од нив, вклучувајќи многу бугарски експерти, го одложуваат овој потег за најмалку една година – а со оглед на глобалната финансиска криза дури и овој рок се чини нереален. Истовремено, постојат набљудувачи кои инсистираат на итно прифаќање на еврото како официјална валута, бидејќи и така бугарскиот лев е цврсто поврзан со еврото (претходно со германската марка), Одборот за валути на 1 јули 1997 година.

Со ова пристапување, кирилицата стана третата официјална азбука во ЕУ, по латиницата и грчката азбука. Според една декларација на Бугарија до Европската унија: Со признавање на бугарскиот како автентичен јазик на Унијата и како официјален и работен јазик што ќе го користат институциите на Европската унија, кирилицата ќе стане една од трите азбуки што официјално се користат во Европската унија. Основен дел на културното наследство на Европа претставува особен придонес на Бугарија кон лингвистичкиот и културниот диверзитет на Унијата.

Кирилицата исто така ќе се најде и на банкнотите на еврото и на националната (обратната) страна на металните бугарски евра. ЕЦБ и Комисијата на ЕУ инсистираа Бугарија да го смени официјалното име на валутата од Евро (на кирилица) во Еуро, тврдејќи дека валутата треба да има стандарден спелинг и изговор во целата ЕУ . Прашањето беше разрешено во прилог на Бугарија на Самитот во Лисабон од 2007 година, овозможувајќи и на Бугарија да го употреби кириличниот спелинг на зборот „евро“ на сите официјални документи на ЕУ .

Од 13 декември 2007 година, сите институции на ЕУ – вклучувајќи ја Европската централна банка (ЕЦБ) го употребуваат зборот ЕВРО како официјална бугарска транслитерација на единствената европска валута. И ова е веројатно најголемото достигнување на бугарското членство во ЕУ. Тоа не е толку незначително бидејќи значи одржување и промовирање на разновидна европска традиција – која ја користи кирилицата, која е азбука на источните и југоисточните Словени. Уште повеќе, ова укажува на тоа дека шпекулациите дека ЕУ ќе ги држи источните православни народи, кои употребуваат кирилично писмо, надвор од големото европско семејство се целосно неосновани.

Овој чекор се чини како веродостоен доказ што го покажува прогресот кон една од основните ЕУ вредности: „Најголемиот успех [. . .] е надминување на поделбата на Европа. Но заедничките вредности преовладаа [. . .] Европејците треба да бидат горди на она што го постигнале со својот труд во текот на вековите во поглед на вредности, слобода, право и демократија [. . .] Знаеме дека нашите европски корени лежат во грчката филозофија, римското право, јудео-христијанското наследство, Просветителството – со други зборови, нашата заедничка европска култура. Но, имаше и трагични европски граѓански војни, а во 20-тиот век тоталитарните идеологии, со својот презир кон човештвото, а потоа, во 1945 година, храброста на основоположниците во следење на патот на простување и помирување, во градење нова, подобра, помирна, заедничка Европа“, според зборовите на Ханс-Герт Потеринг, претседател на Европскиот парламент .

Но, повторно, тоа е во политичкиот домен. Алтернативно, може да се каже премалку за економските достигнувања на Бугарија. Напротив. Бугарија сe повеќе станува негативен пример и сериозен проблем и за ЕУ и за самиот бугарски народ.

Како директор на Европската канцеларија за спречување измама, ОЛАФ, Франц-Херман Брунер изјави за време на својата последна посета на Софија во ноември 2008 година, дека буџетот на ЕУ доведе до загуби од меѓу 10 милиони и 100 милиони евра од злоупотреби на европските фондови во Бугарија. Тој инсистираше на попревентивни мерки против идните злоупотреби на парите на ЕУ, како и на спроведување на пресуди за случаите на злоупотреба. „Голем број работи беа направени, но и голем број работи не беа направени соодветно, па многу пари завршија каде што не требаше“, изјави Франц-Херман Брунер.

Според високотиражниот бугарски дневен весник Труд (16 ноември, 2008), Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) на Бугарија открила измама во вредност од 10 милиони лева во која биле вклучени наводни исцрпувања на повторни фондови на данок на додадена вредност (ДДВ) од страна на компании во Пловдив и други фирми во внатрешноста. Измамата со ДДВ вклучуваше продажба и препродажба на имоти по инфлациски цени, а купувачите ги добиваа своите даночни кредити назад во рекордно време. Неидентификуван поранешен даночен службеник, кој во последниве 10 години се занимавал винскиот бизнис, бил вклучен во измамата, пишуваше весникот.

Еден ден подоцна, бугарската новинска агенција Фокус го цитираше обвинителот на Пловдив Андреј Атанасов, кој изјавил дека канцеларијата на обвинителот се занимава со два случаи во кои е вклучена наводна малверзација на ЕУ фондови. Една истрага која заврши пред четири месеци го истражуваше случајот со фарма за производство на млеко на која и биле дадени 400.000 лева под услов да работи барем четири години. Истрагата откри дека фармата за производство на млеко не работи. Се покажало дека документите кои ги дал сопственикот, во кои се наведува дека тој ја купил опремата за преработка, биле фалсификувани...