Жените и децата на Балканот по Студената војна
Војните во рамките на една држава, како и оние меѓу државите, предизвикуваат долготрајни економски и општествени кризи, но и физички и психолошки нарушувања кај граѓаните кои живеат во нив, а често и кај оние од соседните земји. Иако физичкото оштетување, како што минува времето, може да биде се помалку видливо, психолошките, менталните и социјалните рани многу потешко заздравуваат. Група Корејки (таканаречени жени за утеха), кои служеа за сексуални задоволства на јапонските војници за време на Втората светска војна, се уште бараат правда. Дури и по три децении, голем број ветерани во САД се уште ги преживуваат траумите на Виетнамската војна, а децата-војници во неодамнешните војни во Сиера Леоне и во Мозамбик веројатно никогаш нема да имаат нормален живот.
Иако ниту еден сегмент од општеството не може да ги избегне траумите од војната, сепак жените и децата се најсериозно погодени. Во секоја војна, товарот на грижа за децата и за постарите лица најмногу паѓа врз жените. Намалениот буџет и намалените трошоци на власта наменети за социјалните потреби го зголемуваат проблемот. Овие задачи и одговорности ретко исчезнуваат со крајот на борбите, а во некои случаи може дури и да се интензивираат. Освен тоа, последниве години драматично се зголеми и бројот на жени-војници, а жените често стануваат жртви на нагоните на непријателските војници. Раселувањето, силувањето, несаканата бременост и други форми на насилство во текот на војната се придружени со психолошки трауми, со отфрлање од страна на општеството и од страна на сопрузите, со економски тешкотии, со недостиг на можности, со проституција и дискриминација, што настапуваат по завршувањето на борбите. Крис Корин зборува во името на многумина кога вели: „Жените обично го сочинуваат мнозинството од цивилните жртви на војната, но, од друга страна, не се само жртви, како што покажуваат нивните придонеси во време на мир и реконструкција” (2001:79). Иако Кришна Кумар се фокусира на братоубиствените конфликти, нејзините заклучоци се неверојатно слични: „Граѓанските војни крајно негативно влијаат врз добросостојбата на жените, врз нивниот статус и улогата во семејството, врз нивниот пристап до економските ресурси, врз нивното политичко учество, врз нивните ставови и гледишта” (2001:25). Џули Мертус е уште подиректна и тврди дека за време на војна „поголема е веројатноста жените да страдаат од прекршување на човековите права отколку мажите” (2000:13).
Страдањата на деца во војните се исто толку големи, а веројатно и подолготрајни. Децата се поранливи, а сцените на борби, загубата на родителите, недостигот на соодветна исхрана и пропуштањето на училиштето доведуваат до разорни физички, развојни и психолошки последици. Во еден неодамна објавен извештај под наслов „Ние децата”, УНИЦЕФ ги идентификува непосредните и долготрајните штетни последици на предвоените и повоените економски, социјални и психолошки тешкотии врз децата:
„Постојат фази во животот кога децата можат да растат со скокови напред: физички, интелектуално и емоционално. Во оваа фаза, тие се особено ранливи на ризиците што доведуваат до шокантно растење, неуспешно учење, траума или смрт. Ако циклусот и развојот на едно дете се нарушат, ова често доведува до доживотен хендикеп.”
Извештајот јасно дава до знаење дека „децата се најсериозно загрозени”. Сиромаштијата и другите слични тешкотии напаѓаат во самите корени на нивниот потенцијал за развој: нивните умови и тела во развој” (УНИЦЕФ, 2001:8).
Меѓународните и домашните невладини организации (НВО), како и агенциите за помош на Обединетите нации, се свесни за ранливоста на жените и на децата во воените региони, па, во согласност со тоа, ги формираат своите планови за интервенција. Добро познатиот и многу искусен НВО активист Ендрју С. Натсиос идентификува пет општи групи на хуманитарни ситуации, што најчесто ги стимулираат да интервенираат организациите за помош: влошување или колапс на државната власт, широко распространета злоупотреба поттикната од етнички или религиозен конфликт, сериозен недостиг на храна, економска криза и масовна дислокација на население во потрага по храна или со цел да избега од насилство и смрт. (2001:389).
Насилниот распад на Југославија, придружен со паралелниот економски колапс и меѓународната изолација, предизвика големо страдање меѓу граѓаните во оваа напатена земја. Како што е случај и со другите братоубиствени и меѓудржавни војни, жените и децата го понесоа и се уште го носат најтешкиот товар од етничкото чистење и војните во Босна (1992&95) и во Косово (1999). Од над 1,5 милиони бегалци и внатрешно раселени лица, многу повеќе од половината беа жени и деца. Светската јавност можеше да види слики и да прочита или да чуе приказни за етничко чистење, за концентрациони логори, приказни за силувања, за насилна бременост, за глад, за мачење и за други форми на насилство, со кои беа соочени луѓето од Југославија од двата пола, од секоја возраст и од секаква етничка или верска припадност. Според многу НВО и хуманитарни агенции на ОН, ситуацијата во Југославија ги исполнуваше критериумите за хуманитарна интервенција, идентификувани од Натсиос, и, најпосле, тие почнаа акција за олеснување на тешкотиите на страдалниците.
Иако борбите запреа, а во државите од поранешна Југославија се врати несигурен мир, страдањата не завршија, и покрај напорите на меѓународната заедница и новоформираните невладини и други хуманитарни организации. Илјадници луѓе се уште се раселени, сиромаштијата е голема, а емотивните и психолошките рани допрва треба да зараснат. Како и за време на борбите, жените и децата и натаму го носат најтешкото бреме на болката и бедата во повоената средина. Останатиот дел од овој напис ќе ги идентификува, ќе ги истражува и анализира проблемите со кои се соочуваат жените и децата откако замреа пукотниците во поранешна Југославија. Ќе биде проценета работата на локалните и на меѓународните НВО и на другите хуманитарни организации. Еден краток преглед на југословенскиот конфликт и на жртвите од него ќе ни помогне да ги разбереме природата и магнитудата на проблемите со кои се соочени жените и децата, како и да направиме проценка на работата на хуманитарните организации што даваа помош откако формално завршија борбите пред неколку години.
Освен големиот број примарни и секундарни извори, авторите на овој напис одржуваа долготрајна лична кореспонденција со две личности директно вклучени во хуманитарните напори во поранешна Југославија: Моника Клек, која е поврзана со босанската НВО „Пријателице” и со фондацијата Фројденберг; и Нила Капор-Стануловиќ, претставник на УНИЦЕФ за психолошка рехабилитација во Србија, во Црна Гора и во Македонија. Капор-Стануловиќ работеше, исто така, и за СЗО во раните 1990-ти години.
Војна, жртви и помош
Народна Република Југославија, подоцна наречена Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), беше создадена од страна на маршал Јосип Броз & Тито и неговите победнички комунистички партизани по завршувањето на Втората светска војна и неуспешниот обид меѓу двете светски војни за јужнословенско единство. СФРЈ религиозно, етнички и културно беше различен ентитет, одржуван со силната Титова личност, како и со уникатната, неутрална позиција што ја одржуваше за време на Студената војна. Американската помош, заедно со слободата на движењето и со пристапот на западните пазари и финансискиот капитал, им овозможи на југословенските граѓани да уживаат голем економски просперитет и социјална и културна слобода. Единствената политичка партија во државата & Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) & и соодветните партиски гранки на ниво на републиките, заедно со Југословенската народна армија (ЈНА), ги даваа потребните содржини и структурата за да се одржи смесата во една целина.
Конструкцијата на Тито се состоеше од шест републики (Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Србија и Словенија) и две автономни покраини во рамките на Србија (Косово и Војводина). Етничката припадност, главно заснована врз вероисповедта, ја сочинуваше основата на идентитетот на етничката група. Од шесте републики, католичка Словенија беше најхомогена и економски најразвиена. Мнозинството од хрватското население исто така се изјаснуваше како католичко, а економскиот статус на Републиката беше сличен на словенечкиот. Но, за разлика од Словенија, во Хрватска живееше српско и помалобројно муслиманско малцинство. Во Србија доминираа православните Срби, но Републиката беше дом и на муслимани и на несловенски Албанци (Косовци), на Унгарци и на голем број други етнички групи. Србите и православните Црногорци, како и мал број муслимани и други групи, живееја во малата Црна Гора. Од двата милиона жители на Македонија, околу 70 отсто се етнички и православни Македонци, додека околу 20 отсто се муслимани Косовци. Останатиот дел се состои од над 20 други етнички групи, вклучувајќи ги Турците и Ромите. Босна е етнички и верски најподелената Република: 43,7 отсто се муслимани, 31,4 отсто се Срби и 17,3 отсто се Хрвати (според пописот изведен во 1991 година). За разлика од муслиманските косовски Албанци, муслиманите во Босна ги имаат истите словенски корени како и Србите и Хрватите, но се разликуваат според вероисповедта.
Од определена дистанца, се чини дека под знамето на Титовиот уникатен вид на социјализам & „братство и единство” и неговата силна личност, Југославија најде ефикасен начин да ги надминува конфликтите што им се закануваа на различните етнички групи во регионот & модел што другите етнички групи на Балканот и пошироко можеби сакаа и да го следат. Но, под површината, се наѕираа многубројни неисполнети очекувања на се посилна омраза. Економските разлики меѓу републиките ги принудија сојузните власти да воспостават програма наменета да ги пренесува фондовите од побогатите во посиромашните региони на земјата. Иако сеопфатна, програмата не задоволи никого. Не успеа да поттикне економски развој кај оние кои ја добиваа помошта, како Македонија, Косово и Босна и Херцеговина. Побогатите републики, како Хрватска и Словенија, сметаа дека одливот на средства претставува исцрпување на нивната економија. Иако најнаселена, Србија добиваше компаративно помалку од овие средства, па ова доведе до тоа голем број Срби да веруваат дека Титовиот систем е направен така за да ја казни нивната република, и покрај тоа што таа ги понесе најголемите жртви и пред и по создавањето на СФРЈ. Овие тешкотии уште повеќе се намножија по одбивањето на ММФ и на другите институции што даваат заеми да го преструктурираат долгот од 22 милијарди долари, што Југославија го имаше како резултат на големите заеми во 1970-тите и 80-тите години.
Масивното колективно/ротирачко претседателство што го воспостави Тито, како и неговата смрт во 1980 година, оставија вакуум во раководењето во кој немаше ниту една институција или поединец со доволно власт за да ги решава се побројните проблеми во земјата. До доцните 1980-ти години, како што слабееше сојузната власт, властите на републичко ниво ја исполнуваа празнината. Паралелното смирување на тензиите од Студената војна влијаеше и врз Југославија. Слабеењето на Советскиот Сојуз ја намали заканата од него, што служеше како катализатор на единството меѓу републиките по раскинувањето на односите меѓу Тито и Сталин во 1948 година. Слични размислувања постоеја и кај американските политичари за да ја намалат важноста на Југославија за западните безбедносни калкулации. Вашингтон беше преокупиран со Заливската војна, а Европската унија се покажа неспособна, или без волја, да помогне за да се расчистат облаците на етничкиот национализам меѓу републиките во Југославија. Републичките избори од 1990 година резултираа со победа на политичките партии и политичари & како Слободан Милошевиќ, Фрањо Туѓман и Алија Изетбеговиќ & кои се засновуваа врз националистички платформи и немаа голем интерес да ја одржат Југославија. Етничкиот национализам се ширеше како див оган без институции, без нова идеологија и без надворешна сила што би го блокирала патот. Неговите пламени на крајот го уништија и вториот обид за јужнословенско единство.
СФРЈ почна да се распаѓа кога Словенија се отцепи од Федерацијата во 1991 година. Српската влада, во која доминираше Милошевиќ, не направи голем напор за да го спречи одвојувањето на Словенија. Но, кога малку подоцна Хрватска ја прогласи својата независност, Белград ја употреби целата сила на ЈНА, во која доминираа Србите. За разлика од хомогената Словенија, во Хрватска живееја голем број етнички Срби, а на мнозина Хрвати домот им беше во Србија. Освен тоа, српските националисти делови од Републиката ги сметаа за српска територија што „Хрватот Тито” £ ја дал на Хрватска. Хрватските националисти имаа слични ставови. Двете страни, исто така, имаа и стари сметки за расчистување уште од Втората светска војна, па и од пред тоа. Кратката но деструктивна војна што настапи по отцепувањето на Хрватска во 1991 година, предизвика илјадници бегалци и внатрешно раселени лица. Иако помина извесно време пред да се рашират, информациите, светот стана сведок на концентрациони логори, на етничко чистење, на силување, на насилна бременост и на други форми на човечки страдања. Несигурниот прекин на огнот ги остави недопрени повеќето територијални спорови, а двете земји ја почнаа втората рунда борби во 1995 година, што за последица имаше нови прогони, вклучително на 250.000 Срби, кои беа прогонети од Краина од страна на Хрватите.
Македонија и Босна се обидуваа да го одржат на површина бродот што тонеше, но беа премногу слаби за да го спречат неизбежното. Соочени со мал број опции, и тие се приклучија на патот на независноста во 1992 година. Иако Македонија се соочи со проблеми со соседна Грција во однос на прашањето за името на новата држава, сепак таа успеа да ја избегне војната, и покрај опасно мешаниот етнички состав. Меѓутоа, Босна беше друга приказна. Силниот етнички национализам ги уништи првичните напори на трите групи за договор за поделба на власта. Тригодишната војна што следеше, предизвика повеќе жртви и повеќе бегалци и страдања отколку српско-хрватските војни. Војната во Босна доведе до тоа зборовите „етничко чистење” да станат секојдневно присутни во домовите на луѓето низ целиот свет. Дејтонските мировни договори од 1995 година донесоа несигурен мир во Босна и во останатиот дел од поранешна Југославија. Со нив се повикуваа бегалците и раселените лица да се вратат во своите домови. Иако некои го послушаа советот, други не го сторија тоа. Се проценува дека до крајот на 1996 година „повеќе од еден милион босански бегалци и раселени лица останаа во другите делови од поранешна Југославија или во други земји од Европа” (Смиллие анд Тодоровиц, 2001:26).
Меѓутоа, југословенската драма не заврши со Дејтонскиот мировен договор; косовскиот проблем тлееше и експлодира во 1999 година. Претседателот Милошевиќ од Сојузна Република Југославија, како што се нарекуваше остатокот од Југославија по распадот, ја пушти својата војска сакајќи да ја исчисти покраината од етничките Албанци. Масовниот егзодус на косовските Албанци, делумно како резултат од бомбардирањето на НАТО што следеше, предизвика страдање и нови бегалци и внатрешно раселени лица. Кога ОН ја презеде административната контрола над Косово, мнозинството од бегалците се вратија во своите уништени домови. Но, речиси целото српско население од покраината & околу 200.000 на број & беше иселено и замина во остатокот од Југославија без никакви шанси да се врати.
Хуманитарните организации на ОН, американски, европски и други НВО, се обидуваа да им помогнат на речиси петте милиони бегалци и внатрешно раселени лица кои ги беа загубиле своите домови во разни фази од конфликтот во Југославија. Иако не постои официјална статистика, Мертус цитира, според неа, доверливи податоци и тврди: „Жените и децата беа многу повеќе погодени со раселувањето. Како и меѓу повеќето бегалци и раселени лица, околу 80 проценти од раселеното население се жени и деца; во повеќе од половината од семејствата имаше барем една бремена жена или родилка” (2000:39).
Иако доцнеше, помошта на меѓународните хуманитарни организации беше голема. Во пламтежот на војната во Босна, повеќе од 300 НВО и организации на ОН имаа свои канцеларии во Сараево и во други поголеми градови. УНИЦЕФ, Доктори без граници, КАРЕ, Црвениот крст, и голем број други меѓународни хуманитарни организации обезбедуваа храна, медицинска и друг вид помош што им беше потребна на погодените. Некои се обидоа да помогнат за долгорочни потреби, како во психолошките трауми, во образованието, во нудењето економски можности и помош за да се воспостават домашни НВО и граѓанско општество во повоената средина. И покрај големите структурни, културни, финансиски и други тешкотии, нивните напори сепак им помогнаа во животот на оние кои страдаа, особено на најпогодените: жените и децата.
Сепак, се чини дека беше ограничен списокот на НВО и на агенциите на ОН чија цел беше да помогнат во градењето граѓанско општество способно да ги задоволува потребите на жените и децата во државите-наследнички на Југославија во повоениот период. Во 2000 година, УНИЦЕФ извести дека во повоена Југославија „жените останаа небезбедни, дури и во своите сопствени домови”. Истиот документ заклучува дека децата и младите луѓе се подеднакво „погодени како жртви или сведоци на насилство”, невработеност, дрога, шверц на луѓе и други форми на организиран криминал (2000:3). Каква е природата на проблемите со кои се соочуваат жените и децата во повоена Југославија, и како да се објасни неможноста на НВО да изградат стабилни структури кои би се занимавале со решавање на проблемите?
Жените и децата во повоениот период
Иако пукотниците престанаа, општествените и економските услови во државите од поранешна Југославија, освен во Словенија, се страшно тешки и без изгледи за брзо подобрување. Примерите наведени во официјалната и друга статистика претставуваат мрачни настани. На пример, бруто домашниот производ на Југославија во 1999 година беше половина од она што беше една деценија пред тоа, на Македонија & 71 процент, а на Хрватска & 77,5 проценти. Босна и Херцеговина извести дека во 2000 година бруто домашниот производ по глава на жител „изнесува само $1000, што е приближно половина од предвоеното ниво” (Извештај 2001:3). Само Словенија забележа добивка од 7,5 проценти во текот на истиот период. Официјалните бројки за невработеност беа исто толку обесхрабрувачки: во 1997 година, регистрираната стапка на невработеност во СРЈ изнесуваше 25,9 проценти, во Хрватска & 17,5 проценти, а во Македонија 41,7 проценти. Според неофицијалната статистика, стапката е многу повисока. Стапката на невработеност во Босна и во Косово се проценува на близу 70 проценти. Дури 70 проценти од младите Македонци се без работа. УНИЦЕФ регистрира дека „според проценките, над 60 проценти од населението во СРЈ живее под линијата на сиромаштијата, а во Хрватска бројката е околу 20 проценти”. Извештајот заклучува: „Се поголемата сиромаштија и се помалите плати принудија многумина да почнат да се занимаваат со илегални работи за да преживеат. Многумина емигрираа, придонесувајќи за намалување на работоспособниот и интелектуалниот потенцијал” (2000:3). Врз основа на набљудувањата, Клек и Капор&Стануловиќ ја потврдуваат лошата состојба. Во извештајот на Клек се наведува дека „има голем број семејства без никаков приход, па животните, здравствените услови и исхраната им се бедни”. Капор&Стануловиќ вели: „невработеноста, несигурноста за иднината и пропаѓањето на системот за социјално и здравствено осигурување” имаат деструктивен ефект врз населението.
Жените и децата се сериозно погодени од економската криза и нејзините импликации. Податоците укажуваат на тоа дека условите за вработување за жените се влошени во последната деценија. Нила Капор-Стануловиќ и Хенри П. Дејвид известуваат дека во СРЈ „просечниот приход на жените е за 20-40 проценти помал отколку на мажите, а најголемиот дел од невработените, меѓу 50 и 60 проценти, се жени” (1999:310). Многу од овие жени се вдовици или самохрани мајки, кои единствено се грижат за своите деца, и, често, и за своите свекор и свекрва. Работата на Ијан Смили ги потврдува овие сознанија:
„Родот е особено загрижувачка област. Жените можеби биле заштитени од насилство во некои несреќни случаи, но во повеќето тие се целта, жртвата, а во поголем број случаи на нив паѓа и товарот за грижа и исхрана на децата и на семејството (2001:7-8).”
Меѓутоа, голем дел од општествените и од културните услови всушност се распределени на таков начин што одат на штета на жените на кои им е потребна помош. Цитирајќи извештај на Комисијата на ОН за статусот на жената, Мертус чувствува дека „погодените жени се соочуваат со дискриминација во пристапот до артиклите и само во мал број се вклучени во процесот на донесување одлуки во хуманитарната работа” (2000:1). Извештајот за човековите права на американскиот Стејт-департмент за Босна наоѓа докази дека „жените се дискриминираат на работното место во полза на демобилизираните војници” (2002:24). Според еден извештај на шведската фондација Квина тил квина, во Косово постои родова дискриминација, особено во руралните области (2001:10). Слични ситуации има и во Македонија, во Хрватска, дури и во Словенија.
Освен економските и проблемите поврзани со невработеноста, жените се соочуваат и со дополнителни и подеднакво разурнувачки психолошки, социјални и семејни проблеми. Во текот на разните југословенски војни, војниците учествуваа во систематски и распространети силувања на жени од друга етничка припадност, вклучително на илјадници муслиманки, Хрватки, Косовки и Србинки. Иако можеби никогаш нема да се знае точниот број на жртвите поради непостоење на доследни податоци, сепак се проценува дека 20.000 до 70.000 жени биле жртви на сексуални напади во текот на Босанската и на другите војни. Се чини дека силувањето жени било намерен дел од воената стратегија чија цел беше етничко чистење. Според ОН, етничкото чистење е намерен и координиран обид да се постигне создавање на „етнички хомогена област со употреба на сила или заплашување за да се избркаат лицата од дадена група од таа област” (цитат од Салцман 1998:354). Во патријархалните балкански општества, силувањето и забременувањето на жени од друга етничка група би произвело идни војници кои би го продолжиле ултра-националистичкиот сон за доминација, бидејќи националноста на детето зависи од онаа на таткото. Тод А. Салцман вака го претставува овој длабоко вкоренет културен мит:
„Во балканското патријархално општество, семејното име продолжува преку мажот, без оглед на религијата или етничката припадност. Иако биолошки детето дели еднаков износ на генетски материјал и од таткото и од мајката, ова не го поништува мислењето дека детето родено од жена силувана од Србин секогаш ќе се смета за Србин.”
И покрај фактот дека српската страна во голема мера беше обвинувана како главен виновник за сексуално насилство врз жените, Салцман и други се согласуваат дека „Србите не се единствената група која го прифати овој мит” и дека и други југословенски етнички групи се виновни за слични злосторства (1998:364-65).
Истите традиционални машки гледишта имаат свое влијание врз социјалниот и психолошкиот статус на жените дури и по завршувањето на војната. Меѓу погодените жени од сите етнички групи во повоена Југославија, се набљудуваат две големи групи. Поради страв од срам, обесчестеност и стигматизација, непознат но веројатно голем број силувани жени не сакаат да го споделат своето искуство со семејството, со пријателите, ниту да побараат професионален совет. Повеќето од жените во оваа група се оние кои не останале бремени или ја прекинале својата бременост без да дознаат за тоа нивното семејство и заедницата. Салцман укажува на тоа дека „сите овие фактори ги разубедуваат жените да не го поделат своето искуство со пријателите и да не побараат психолошки совети” (1998:370). Известувајќи за ситуацијата во Косово, Квина тил квина откри дека „поради страв од прогонство од семејството, жените не сакаат да кажат отворено дури и кога им е потребна психолошка помош како резултат на последиците од силувањето” (2001:19). Но, психолошките и другите истражувања покажуваат дека недостигот на отвореност, како и несподелувањето на трауматските искуства „ја спречуваат способноста да се заздрави емоционално, физички и психолошки” (Салцман, 1998:370). Жените со неизлекувани трауми преживуваат тешкотии на работното место, како и во заедницата и во личните врски.
Втората група се состои од жени чие искуство со сексуалното насилство £ е познато на заедницата. Нивните маки се слични со оние на жените од првата група, но некои аспекти се уште понагласени. Луѓето во балканските патријархални општества обично не гледаат на силуваните жени како на невини жртви. Ова создава атмосфера на сомнеж што „повеќе ги стигматизира жртвите на силување отколку силувачите”. Кога „честа” на една жена е повредена, извалкана е честа на семејството и на целата заедница. За да ја поврати својата чест, етничката група често ги прогонува силуваните девојки или жени” (Шаралак, 2000:90). Квина тил квина откри дека косовските жени, кои беа охрабрени да зборуваат во медиумите за нивната трагедија, се соочиле со осуда при враќањето дома. Извештајот е поразително јасен:
„Беше полошо за жените кои имаа очигледни рани или модринки и веднаш им беше ставан микрофон под нос со прашања дали биле силувани. Како што се враќаа бегалците во Косово, така се враќаше и тишината за силуваните жени. Почнаа да се шират вести за жени кои биле избркани од своите семејства” (2001:19).
Лиса Шарлак зборува за овој третман како за „второ силување” и чувствува дека тоа натаму ги усложнува напорите за рехабилитација. Се поголемата проституција и шверцот на жени заради сексуална експлоатација се само неколку од многубројните несакани последици. Пристигнувањето на мировните сили на ОН доведе до пораст на бројот на борделите во Косово, како што тоа претходно се случуваше во Босна. Треба да се посочи дека жените се соочуваат со слични казни и во други општества. На пример, во еден неодамнешен напис (17 мај, 2002) Њујорк тајмс известува дека во Пакистан „жртвите на силување се криминалци. Нелегитимното дете не се одзема од жената, тоа претставува доказ. Уште повеќе, со тоа што го обвинила својот зет за силување, госпоѓа Зафран го признала своето злосторство.”
Ваквите културни и општествени ставови имаат негативно влијание врз семејните односи, доведувајќи до зголемување на бројот на разводите и семејното насилство. Аза Карам вели дека „постоењето на насилство се поврзува со зголемените нивоа на насилство во општеството во целина, а ова понекогаш се пренесува во зголемувањето на бројот на случаите на домашно насилство” (2001:5). Југословенското искуство е поткрепа за нејзиното согледување. Цитирајќи податоци од интервјуа, Салцман вели дека „една од лошите работи што се повторуваат е дека ако сопругот на силуваната жена дознае за силувањето, не би ја прифатил назад или би вршел насилство врз неа, а во некои случаи дури и би ја убил.” На пример, Меѓународната федерација за човековите права, со седиште во Хелсинки, во 2000 година соопшти дека околу 30 проценти од жените во Босна биле жртви на домашно насилство. Таквите ставови и практика ги има и во муслиманската, и во православната, и во католичката заедница во поранешна Југославија (1998:371-72). Шарлак е во право кога потврдува дека силувањето предизвикува „сериозни физички или ментални повреди кај жртвата и може да го уништи моралот во нејзиното семејство и во етничката заедница. Силувањето е тешко да се докаже, нема тело оставено како доказ, а судовите за воени злосторства и домашните судови ретко ги гонат војниците за силување” (2000:90). Мертус додава дека во поранешна Југославија „правните забрани и културните норми често ја спречуваат жената да го пријави сексуалното насилство и да ја добие потребната помош” (2000:13).
Насилството и војната создадоа простор повторно да земат залет ултра-националистичките и социјално конзервативните гледишта. Подемот на религијата даде дополнителен придонес за андрогеното балканско милје. Таквите ставови продолжуваат да бидат доминантни во повоената средина. Југословенските жени, кои полека си создадоа граѓански, политички и општествени добивки во периодот до 1990 година, сега се најдоа на маргините. Нивното политичко влијание и моќ опаднаа, а со нив и моќта да влијаат врз донесувањето одлуки; ова особено важи за руралните средини. Оваа загуба се одразува во отсуството на жените од „позиции во власта” (Мертус, 2000:50). Извештајот за човековите права на американскиот Стејт-департмент во Босна се согласува со проценката на Мертус: „Мал број жени се на позиции со вистинска економска или политичка моќ” (2002:24). Извештајот за Хрватска покажува дека и таму постои слична средина: „Жените се наоѓаат на пониски позиции, како службенички или продавачки. Тие се меѓу првите што ги отпуштаат во времето на корпоративно преструктурирање” (2002:17). Квина тил квина е подеднакво директна, велејќи дека Албанките од Косово се „исклучени од круговите каде што се донесуваат одлуки” (2001:13). Во вакви услови, не е за изненадување дека „потребите на жените и потенцијалните придонеси се маргинализираат, не се сметаат за витална состојка во сите процеси на реконструкција” (Корин, 2001:92).
Децата во југословенските земји-наследнички, исто така, го чувствуваат влијанието на војната. Сериозноста на економската криза има подеднакво деструктивно и веројатно уште подлабоко влијание врз нив, влошувајќи го нивното здравје, нивниот физички и ментален развој, нивното образование и безбедноста. Извештајот на УНИЦЕФ под наслов „Десет години од човековите права во Југославија: 1990-2000”, зборува за тешкотиите на децата: „Економскиот колапс во голема мера ја оневозможи способноста и на родителите и на државата да им го обезбедат на децата она што им беше потребно” (2001:7). Има безброј индикатори за ова. Смртноста кај новороденчињата во 1997 година во Македонија изнесуваше 16,3 проценти, во Југославија & 14,3 проценти, и во Хрватска & 8,2 проценти. Со 35 проценти, Косово беше местото со најголема стапка на смртност меѓу новороденчиња во Европа. Неодамнешните податоци (1997) откриваат дека поради лошата здравствена нега, животот го загубиле 19,8 проценти од децата под петгодишна возраст во СРЈ, 17,6 проценти во Македонија и 9,4 проценти во Хрватска. Иако официјалните податоци укажуваат на тоа дека над 95 проценти од децата посетуваат основно училиште, ситуацијата на теренот не е толку розова. Клек посочува дека како резултат на големиот недостиг на книги, структурно несигурните училишта и други проблеми, голем број деца, особено девојчиња и Роми, не одат на училиште. Ситуацијата во Косово е уште попоразителна.
Изгледа дека етничката и родовата припадност, како и патријархалната култура, исто така имаат улога во ова. Стапката на деца што не посетуваат часови особено ја зголемуваат девојчињата и децата од ромска националност. На пример, има показатели дека речиси сите деца од ромска националност во Хрватска го напуштаат училиштето пред да завршат осмо одделение. Процентот на девојчиња што не го завршуваат ниту основното училиште во Косово изнесува 34 проценти. Корин (2001:90) наведува четири фактори што го објаснуваат невообичаено високиот процент на девојчиња што го напуштаат училиштето:
„Безбедноста & стравот да не бидат силувани; сиромаштијата & се преферира момчињата да се испратат на училиште, додека девојчињата се користат за работа дома или по полињата; недоволната волја & често девојчињата не сакаат да одат на училиште бидејќи не добиваат охрабрување за тоа ниту од дома ниту во училиштето; возраста & постои страв дека девојчињата во доцните тинејџерски години ќе бидат премногу стари за да си најдат брачни партнери.”
Етнички заснованата сегрегација и дискриминација исто така претставуваат проблем, особено во комплексното етнички мешано општество во Босна. Извештајот за човековите права на Стејт-департментот за оваа земја е песимистички и полн со податоци (2002:25):
„Учениците во малцинските средини често се соочуваат со непријателска околина во училиштата, каде што не е обезбедена етнички неутрална атмосфера. Во некои случаи, на децата од малцинствата им се забранува да одат на училиште. Ученици од различни етнички групи може да одат на училиште во иста зграда, но имаат часови на различни катови; или ја користат истата зграда но одат во различни смени, без да контактираат со учениците или наставниците од другата етничка група.”
Уште потешко им е на раселените, осакатените деца, децата-инвалиди и децата од малцинските групи. Косовските албански деца што се користеа како деца-војници во текот на косовскиот конфликт, и децата Роми што ги ангажираше српската паравојска се подеднакво погодени. Истиот документ на УНИЦЕФ за Југославија наведува дека „на крајот од април 2000 година, имаше 218.129 регистрирани раселени лица (во Југославија), од кои 81.894 беа деца”. Во извештајот натаму се вели дека ова „е најголемото такво население во која било европска земја”, и укажува на „силното влијание врз општеството, јавните служби и националната економија што веројатно ќе трае уште многу години”. Цитирајќи податоци од истражувањата, документот наведува дека таквите искуства имаат деструктивни и долгорочни последици врз самите деца: „од оние изложени на сериозни воени трауми, 62 проценти покажаа симптоми на ментално страдање, а 35 проценти имаа потреба од професионална психијатриска поддршка. Ниту едно од нив немаше нормален живот” (2001:86). Од неексплодирани мини животот го загубија многу деца, а голем број останаа без екстремитети. На пример, во Босна, по завршувањето на војната „загинаа речиси 17.000, 35.000 беа ранети, а повеќе од 1.800 се трајно осакатени”. Во земјите од регионот погоден од војни, вклучително и Босна, „екстремно малку се прави за децата. На децата со инвалидитет им недостига доволна медицинска помош и можности за образование” (Извештај за човековите права: 2002:25).
Најмногу се погодени децата што се родени како резултат на силување, односно од принудна бременост. Иако не постојат статистички податоци за бројот на таквите деца, индиректните докази посочуваат дека има неколку илјади кои живеат во разни делови од поранешна Југославија, особено во Косово, Босна и Хрватска. Како последица на гледиштето дека етничката припадност на таткото го одредува етничкиот идентитет на детето, за овие деца постојат сериозни закани. Тие се дискриминираат затоа што мнозинството ги смета за нивна етничка припадност и го носат обележјето поврзано со силување од страна на маж од непријателската етничка група. И нивните природни мајки обично не ги сакаат, бидејќи и самите тие прават очајни напори да бидат прифатени во општеството. Иднината на овие несакани, па веројатно дури и презрени, деца е многу несигурна.
Помош: биланс на состојбата
Не е лесно да се процени ефикасноста на НВО и на други организации што нудат помош во повоена Југославија. Ако се држиме до податоците за нерешените проблеми со кои се соочуваат жените и децата, би можеле да дојдеме до неизбежниот заклучок дека напорите за давање помош беа крајно неуспешни. Многуте несреќи што ги снајдоа жените и децата во државите од поранешна Југославија, повеќе години по запирањето на борбите, одат во прилог на поразителното гледиште за работењето на хуманитарните организации. Но, од друга страна, исто толку е веројатно дека овие проблеми можеше да бидат многу поголеми доколку не постоеше хуманитарната помош од меѓународните и од локалните НВО и од хуманитарните агенции на ОН. Вистината е некаде на средината, а работењето и ефикасноста на овие организации се мешани, содржат и успех и неуспех. Овој дел ќе ги идентификува и анализира достигнувањата и недостаците на хуманитарните организации во светлината на пост-југословенскиот контекст.
Како што се емитуваа кадри со изгладнети и бедни луѓе на вестите во светските медиуми во првата половина од 1992 година, така цела низа меѓународни НВО и хуманитарни агенции на ОН пристигнуваа за да дадат храна, медицинска помош и други видови помош на илјадниците бегалци и раселени лица. Дури откако пристигнаа на теренот, хуманитарните организации сфатија колкави се димензиите на кризата и на предизвиците со кои се соочија. И покрај искуството на организациите и предупредувањата, „меѓународната заедница беше неподготвена” за косовската страна на југословенската трагедија (Мертус, 2000: 44). Иако бавен и недоволно координиран, одговорот на хуманитарните организации стана сеопфатен и усогласен кога експлодира конфликтот во Босна. Нешто слично се случи и подоцна, во текот на косовската криза. Голем број доброволци од НВО им носеа храна и утеха на безброј гладни страдалници & жени и деца, но исто така и мажи. Помошта се движеше од млеко, преку медицинска помош, до психолошка грижа. Илјадници косовски бегалци беа однесени со авиони и сместени во разни делови од светот. Иако не беа спасени животите на сите деца, и не им се помогна психолошки и во други насоки на сите жени, останува фактот дека, и покрај огромните димензии на трагедијата, хуманитарните организации пружија голем дел од потребната помош во многу критичен момент. Може само да се шпекулира за бројот на животите што беа спасени со херојските напори на волонтерите од невладините организации од целиот свет.
Сепак, повоената ситуација за жените и децата и натаму е критична, и покрај фактот дека борбите формално престанаа. Токму во повоената арена, недостасува работењето на НВО и на другите хуманитарни организации. Недостигот на фондови и критичните хуманитарни потреби во Конго и во други делови од Африка, во Авганистан и во безброј други жаришта доведе до тоа голем број НВО и други хуманитарни организации да се повлечат од Босна, од Косово и од други делови на поранешна Југославија зафатени од војната, набргу откако престанаа битките. Сериозната ситуација на други места предизвика повлекување и преназначување на поголемиот дел од искусниот персонал, дури и меѓу оние НВО што решија да останат. Забележителни се заклучоците на Капор-Стануловиќ: „Ефективноста на НВО кои се уште работат во поранешна Југославија е мала поради ограничениот буџет и недостигот на искусен персонал”. Таа, исто така, наведува дека „програмите на УНХЦР се висококвалитетни, но тие не се однесуваат конкретно на жените и децата, туку повеќе служат општо за бегалците”. Искуствата на Клек се речиси исти. Со други зборови, хуманитарните организации добиваат релативно високи оценки кога станува збор за давањето итна помош, но изгледа дека не се толку ефикасни во намалувањето на проблемите штом ќе завршат борбите. Како може да се објасни оваа разлика во работењето?
Несомнено, ограничените финансиски средства, кризите во други делови од светот, недостигот на персонал се значајни фактори, а свое влијание има и се пореткото покривање на настаните од страна на меѓународните медиуми. Меѓутоа, овие елементи сочинуваат само еден мал дел од приказната. За разлика од итната помош, долгорочната ефективност зависи од „градење на капацитетите” на успехот/неуспехот на хуманитарните организации. Според Сју Лотсе и Џон Хамок, градење на капацитетите „е секоја интервел;нција наменета да ги засили или да создаде капацитети врз чија основа заедниците можат да се потпрат за да ја ублажат катастрофата” (наведено во Смили: 2001:17). Развојот на граѓанското општество и градењето локални хуманитарни капацитети се суштествени за долгорочен успех. Според проценката на Смили, „граѓанското општество во целина & клубовите, синдикатите, НВО, општествата на благосостојба и групите за самопомош & (што ги почитува) принципите на плурализам, на демократија и на човекови права... (помага) да се намали конфликтот и да се создаде стабилност во постконфликтната ситуација”. Градењето на локални капацитети е подеднакво важно за „да можат тие да помогнат поефективно и поефикасно на краткорочен план, како и на долгорочен план, за постконфликтно градење на мирот и за реконструкција” (2001:13-15).
Натаму, елаборирајќи ја клучната улога на локалните капацитети и на граѓанското општество, Питер Морган вели дека градењето на капацитетите „е способност на поединци, групи, институции, организации и општества да ги идентификуваат и да се соочат со предизвиците за развој со текот на времето... Тоа укажува на преформулирање на односот меѓу донаторите и развиените земји со цел ендогените капацитети да станат централен фокус на вниманието... Тоа го поставува зајакнувањето или развојот на индивидуалните организации во многу пошироки рамки на групните или националните напори за подобрување на развојните капацитети” (цитат од Смили, 2001:16).
За да бидат ефективни, локалните организации мора да бидат самостојно организирани. Џули Фишер идентификува определен број фактори што се клучни за самостојната организираност: јасна и самосвесна организациска преданост на самостојноста; „разновидна финансиска поддршка што им овозможува на организациите да работат независно од кој било донатор, вклучувајќи ја и владата”; добро развиени грас-рут врски со заедницата; искусен и добро обучен персонал; и опширно менаџерско, експертско и стратегиско знаење (1998:78).
Според Смили, способноста на меѓународните НВО да помогнат во локалното градење на капацитетите е поврзана со три основни елементи: „обука, темпо и способност на оние што би ги граделе капацитетите”. Иако е важно, теоретското знаење не може да биде замена за практичната обука. Во практиката, градењето на капацитетите „се сведува на тоа на корисникот да му се даде планираната програма за обука”. Времето и темпото се подеднакво витални. Според Смили, „најефективниот вид на градење на капацитетите трае долго, а краткорочните напори направени на секвенции имаат ограничено влијание”. Но, градењето на капацитетите не е ниту едноставно, ниту брзо. Напротив, тоа е долготраен процес за кој е потребна преданост и може да трае „петнаесет до дваесет години”. Најпосле, способноста за градење на капацитети е најважното поединечно ограничување. Проценката на Смили е обесхрабрувачка: „можноста на меѓународните НВО да градат капацитети е ограничена”. Недоволното финансирање, недостигот на време и подготовки, како и голем број други организациски и лични проблеми, во кои се вклучени и самите работници на теренот, се едни од ограничувачките фактори. Хуманитарните работници „често се млади, премногу работат, работат во високо стресни ситуации и се предмет на чести преназначувања, малкумина се соодветно образовани за да се здобијат со длабоко разбирање на заедниците што се во конфликт, без оглед дали станува збор за локални организации на граѓанското општество или за НВО” (2001:17-21).
Проценката на Натсиос исто така фрла светлина врз случувањата. Според него, хуманитарните организации „сериозно се предани на надминувањето на проблемите и на задоволувањето на барањата”. Опишувајќи ги тешките одговорности и преживувања на хуманитарните работници, тој вели:
„Емотивниот товар што го носат хуманитарните работници во овие организации не може да се пресмета квантитативно, но е огромен. Тоа значи дека НВО и организациите на ОН се почесто испраќаат неопитен персонал на теренот за да пресметува со масовните операции кои ниту опитните работници не би можеле лесно да ги надминат. Оваа работа не се работи од девет до пет, од понеделник до петок” (2001:403).
Дали од недостиг на време или поради тоа што не е предвидено, но невладините организации ги запоставуваат проблемите на националното раководство и најчесто се концентрираат врз проблемите на определено село или општина. На тој начин, „тие произведуваат зелени површини сред пустелија, површини што се мали, тешко одржливи и обично неповрзани едни со други” (Натсиос, 2001:398). Како резултат на овие огромни тешкотии и недостигот на потребните тули за градење на капацитетите, НВО често не успеваат да им помогнат на локалните организации да зајакнат и, на тој начин, да го олеснат товарот на жените и децата во пост-конфликтната средина. Честопати, „градењето капацитети или начинот на кој тоа се води, во многу случаи резултираше со предизвикување спротивен ефект од она за што се имало намера” (Смили, 2001:9). Несоработувањето од страна на слабите и авторитарни власти, кои често со сомнеж гледаат на локалните и на меѓународните НВО, уште повеќе ја усложнува ситуацијата.
Пример за тешкотиите со кои се соочија НВО при давањето долгорочна помош на жените и децата, со поддршка за градењето на капацитетите на домашните организации, е ситуацијата во повоена Југославија. Голем број меѓународни хуманитарни организации ја напуштија сцената кога запреа борбите. Оние кои останаа повеќе работеа во градовите отколку во руралната средина. Еве го сознанието на Клек: „Голем број НВО работат во поголемите градови и им помагаат на жените и на децата, но не и на оние во селата”. Финансирањето за психолошката работа значително се намали, а се стави акцент врз обезбедувањето микро-кредити за краткорочни проекти, како што се фризерници, кројачници и часови по англиски. Капор-Стануловиќ тврди дека „повеќето НВО програми се ограничени и во времето на траење и во опсегот”. Според неа, „главната негативна страна е целосен недостиг на координација меѓу НВО.” Иако се значајни, овие напори се недоволно координирани и не успеваат да ги искористат можностите за успех. Како што смета Корин, таквите „делумни, краткорочни проекти не можат да ги заменат долгорочните планови за развој, ниту за поддршка и обука на локалните жени” (2001:86).
Овие и други проблеми ја забавуваат можноста на меѓународните НВО да помогнат во градењето на локалните капацитети; тоа можеби е нивниот најперманентен неуспех. И покрај нивната плодна работа, изгледа дека локалните НВО не можат или немаат волја да помогнат за да им се олесни бремето на жените и децата во Босна и во другите погодени делови со војната од поранешна Југославија. Недостигот и конкуренцијата за фондови и организационата самостојност, слабостите во раководството и недоволниот број експерти, како и немањето јасна визија и цели, се некои од проблемите што ги имаат локалните НВО. На пример, многубројните женски и други НВО што се појавија во Босна по 1996 година, „брзо станаа конкурентни едни на други, борејќи се за финансиско внимание од донаторите. (На многумина им беа дадени) основни финансиски средства за проекти за една година, малку обука, а потоа беа фрлени во море од зборови за тоа колку е потребно да се има издржливост” (Смили и Тодоровиќ, 2001:28-32). Проценката на Билјана Ванковска е речиси иста: во поранешна Југославија, вели таа, „граѓанското општество манифестира необично намножување на НВО и други форми на организации што не потсетуваат на појавата на печурки по дожд.” Меѓутоа, фактот дека се мали и другите недостатоци ги принудуваат овие новосоздадени субјекти да се вклучат во „лов по грантови, повеќето од нив од странски извори” (2002:5). Во овие околности, „речиси секоја женска НВО во Босна денес се потпира врз меѓународни извори” (Мертус, 2000:31).
Освен финансирањето, локалните НВО се соочуваат и со дополнителни пречки во однос на капацитетите. Повеќето од нив главно се фантомски организации без насока или цели. Смили и Тодоровиќ тврдат дека меѓу невладините организации во Босна „мал број се развија од духот за заедништво, а повеќето оперираат без борд на директори или нешто што би прилегало на систематска целина која за западните НВО претставува неопходен услов” (2000:28). Ванковска нуди слично, ако не и попоразително, гледиште:
„Локалните НВО не се ништо друго освен ‘оне ман/њоман схоњ’ создадени без намера или моќ да извршат вистинско влијание врз општествената/политичката сфера. За да биде (официјално признаена) една НВО, се што е потребно е нејзините основачи да имаат релативно добро образование, добро да го знаат англискиот јазик и да £ дадат на организацијата атрактивно име (обично фокусирано на демократија, градење на мирот или човекови права” (2002:5).
Освен домашните слабости, Смили и Тодоровиќ, Ванковска и други аналитичари, за недостигот на капацитети ги обвинуваат и меѓународните НВО и други организации поради недоволното финансирање.
Најпосле, неможноста или неподготвеноста на локалните, па и на меѓународните НВО да воспостават и да ја одржуваат својата автономност од власта, ја спречува нивната способност да им пружат помош на жените и децата во повоена Југославија. Повторно, доказите се многубројни. Не е само Ванковска онаа што стигнала до ваква проценка; таа вели дека чувствителната природа на ситуацијата во поранешна Југославија налага голем број меѓународни организации да „претпочитаат да работат со согласност од домашната влада”. Ова обично вклучува соработка со локална НВО. „Совршениот локален партнер” обично станува „фантомска НВО, воспоставена или од владејачкиот режим или од поранешни приврзаници на отфрлениот диктаторски режим, кои тукушто ги напишале одново своите кратки биографии и ставиле атрактивни имиња (како Атлантски клуб на...)” (2002:9). Граѓанското општество и локалните капацитети во Југославија ги чека уште долг пат, а истото важи и за хуманитарната помош за најтешко погодените жртви во војната: жените и децата.
Се на се, сознанијата на овој извештај што се однесуваат на ефективноста на НВО и на другите хуманитарни организации претставуваат поткрепа на тезата на Натсиос дека „дури и најблагонаклонетата проценка мора да заклучи дека тие одговори имаат мешани резултати” (2001:389).
Библиографија
Corrin, Chris (2001). „Post-Conflict Reconstruction and Gender Analysis in Kosova.“ International Feminist Journal of Politics, 3 (1): 78-98.
Fisher, Julie (1998). Non Governments: NGOs and the Political Development of the Third World. West Hartford: Kumarian Press.
Hadzic, Miroslav (2001). „(In)Ability of the Local NGOs to Influence Law-Making Process: Between Lack of Will and Lack of Knowledge.“ In Legal Framing of the Democratic Control of Armed Forces and the Security Sector: Norms and Reality/ies (Biljana Vankovska, ed.), 171-185. Belgrade: Geneva Centre for the Democratic Control of the Armed Forces and Centre for Civil-Military Relations, Belgrade.
Kapor-Stanulovic, Nila and David P. Henry (1999). „Former Yugoslavia and Successor States.“ In From Abortion to Contraception. (Henry P. David with the assistance of Joanna Skilogianis, eds.), 279-315. Westport: Greenwood Press.
Kazzam, Azza (2001). „Women in War and Peace-building: The Roads Traversed, The Challenges Ahead.“International Feminist Journal of Politics, 3 (1): 2-25.
Kumar, Krishna (2001). „Civil Wars, Women, and Gender Relations: An Overview.“ In Women and Civil War: Impact, Organizations, and Action (Krishna Kumar, ed.), 2-25. Boulder: Lynn Rienner Publishers.
Kvinna Till Kvinna (2001). Getting it Right?—A Gender Approach to UNMIK Administration in Kosovo. Stockholm: Kvinna Till Kvinna Foundation.
Mertus, Julie A. (2000). War’s Offensive on Women: The Humanitarian Challenge in Bosnia, Kosovo, and Afghanistan. Bloomfield: Kumarian Press.
Natsios, Andrew S. (2001). „NGOs and the UN System in Complex Humanitarian Emergencies: Conflict or Cooperation?.“ In The Politics of Global Governance: International Organizations in an Interdependent World(Paul F. Diehl, ed.), 388-405. Boulder: Lynn Rienner Publishers.
Salzman, Todd A. (1998). „Rape Camps as a Means of Ethnic Cleansing: Religious, Cultural and Ethical Responses to Rape Victims in the Former Yugoslavia.“ Human Rights Quarterly 20: 348-378.
Sharlach, Lisa (2000). „Rape as Genocide: Bangladesh, the Former Yugoslavia, and Rwanda.“ New Political Science, 22(1): 89-102.
Smillie, Ian (2001). „Capacity Building and the Humanitarian Enterprise.“ In Patronage or Partnership: Local Capacity Building in Humanitarian Crises (Ian Smillie, ed.), 7-25. Bloomfield: Kumarian Press.
Smillie, Ian and Goran Todorovic (2001). „Reconstructing Bosnia, Constructing Civil Society: Disjuncture and Convergence.“ In Patronage or Partnership: Local Capacity Building in Humanitarian Crises (ian Smillie,ed.), 25-50. Bloomfield: Kumarian Press.
The New York Times, May 17, 2002.
UNICEF (2000). Consolidated Donor Report for Southeastern Europe.
UNICEF (2001). Ten Years of Child Rights in Yugoslavia, 1990-2000: A Review. Belgrade: UNICEF.
United Nations (2001). We the Children: Meeting the Promises of the World Summit for Children.
United States State Department Human Rights Country Report: Bosnia and Herzegovina (2001).
United States State Department Human Rights Report: Croatia (2001).
Vankovska, Biljana (2002). „Western Civil-Society Employment and the Lessons Learned from the Balkans.“ DCAF Worskshop on Promoting Civil Society in Good Governance: Lessons for the Security Sector. Prague (15-16 April).