Mirjana Maleska
Full Professor at the Doctoral School of Political Science, University “Ss. Cyril and Methodius”, Skopje.

НАШАТА МИСИЈА

Помина подолго време откако во Македонија згаснаа неколку списанија за општествени науки: Погледи, Дијалог, Форум и Балкан форум [1] Ние, што се занимаваме со општествени науки, ја чувствуваме таа празнина. Се стесни просторот за објавување, а домашната јавност е лишена од продлабочени анализи на општествените прашања. Не би смееле да го дозволиме тоа. Затоа го покренуваме основањето на списанието преку Fund Raising или Фонд за поддршка на балканско списание од областа на општествените науки.

Поминаа деновите кога државата ги покриваше во целост трошоците за издавање вакви списанија. Сега можеме да се потпреме само на поединци и фондации кои се свесни за нивната мисија во општеството. Зад оваа идеја веќе стојат истакнати личности од Универзитетот " Свети Кирил и Методиј" од Скопје и од неколку други универзитети од странство.

Новото електронско (on-line) списание ќе публикува четири изданија во годината: во пролет, во лето, во есен и во зима. Ќе се објавува на македонски и на англиски јазик заради полесна комуникација со балканската и меѓународната научна јавност.

Името Нова балканска политика е избрано за да ја покаже насоченоста, пред се, кон балканските теми на нов начин: да негува дух на жива и отворена расправа, поттикната од научни цели. Редакцијата на списанието, составена од истакнати поединци од скопскиот универзитет и од други универзитети надвор од земјата, нема да биде одговорна за содржината на текстовите, но ќе биде одговорна за политиката на отвореност на списанието -со цел на неговите страници да се појават што поширок круг луѓе и идеи. Редакцијата ја презема одговорноста да му даде шанса секому да го изнесе својот научен или стручен поглед кон темите што ќе бидат третирани. И Советот на списанието ќе биде оформен по истиот пример.

 

Зошто е потребно вакво списание? Новото списание Нова балканска политика е прво македонско електронско списание од областа на општествените науки, што ќе покрива’ балкански теми и прашања. Тоа ќе ги обработува, пред се, темите од политичката теорија и меѓународните односи (демократија, цивилно општество, безбедност, етно-политички конфликти, сувереност, толеранција итн. ), кои се однесуваат на Македонија и на Балканот во целина. Ќе бидат добредојдени написи од областа на социологијата, економијата, историјата и од другите општествени науки

За разлика од слични списанија што се еднонасочно специјализирани, Нова балканска политика ќе има мултидисциплинарен пристап, со цел да придонесува за подобро разбирање на современите демократски процеси во Македонија, на Балканот и пошироко. Списанието ќе понуди академски анализи на регионот од компаративен аспект. Секој број ќе има една стожерна тема околу која ќе се води расправа. Покрај компаративниот пристап Нова балканска политика, како што кажува неговото име, ќе охрабрува различни точки на гледање и нови согледувања (перцепции. )

Во овој свет на растечко глобализирање Нова балканска политика ќе отвори расправа по теми и прашања што бездруго ќе доживеат повторно вреднување. Во тој контекст списанието ќе се осврнува на комплексните и деликатни теми на Балканот во светлината на глобалниот развој и посебно во светлината на европската интеграција. Се разбира, пристапот ќе му биде информативен и теориски и историски.

Нова балканска политика се јавува во момент кога за Балканот постои голем интерес во меѓународната политичка и научна јавност. За жал тој нагласен интерес е поврзан со трагедиите што им се случија на југословенските народи во изминативе десет години: етничко-политичките конфликти и војни, проследени со трагични етнички чистења и воопшто со материјална и духовна деструкција. Заради тоа Балканот се здоби со репутација на подрачје со ендемична нестабилност и на него сеуште се гледа со недоверба.

Низ cyber- просторот потекоа реки информации и загрижени анализи за етно-политичките конфликти на територијата на некогашна Југославија. Тие конфликти, кои во некои случаи преминаа во вооружен судар меѓу цели етнички групи, ја загрозија сигурноста, не само на овој регион, туку и на Европа.

Не може да се набројат сите научни, стручни и политички групи во светот и особено во САД кои собираат, обработуваат и разменуваат информации и анализи за Балканот. На многу студии за меѓународна политика се отворија академски курсеви за балканските работи’ и се издадоа бројни публикации. Многу луѓе од Универзитетот ги посветија своите научни кариери на балканските теми, а војната во Босна и интервенцијата на НАТО во Косово влегоа во научните анали за војната и мирот, како " студиозно обработени настани".

Многу е тажно што балканските народи, особено оние зафатени од национализам, водени од стихијата или од лоши лидери, попусто загубија десетина години. Иако Македонија не учествуваше директно во овие војни, тие предизвикаа таа да биде заточеник на ситуацијата. Сега е време да се излезе од изолацијата, за што е потребно да се соочиме со вистината: каде бевме, што се случи и каде одиме. Во секој случај, апсурдно е други да покажуваат поголем интерес за нашите проблеми и да ги интерпретираат на свој начин, отколку ние самите.

Дома, како и меѓу академскиот свет на Балканот, дијалогот е неопходен. Не треба да се изуми дека една од важните причини за етничките конфликти на просторот на некогашна Југославија е исклучивоста на луѓето, кои не можеа или не сакаа да се соочат со фактот дека светот по 1989 се измени.

 

Новите технологии, особено електронското издаваштво, пружаат извонредна можност да се обнови или одново да започне таква жива размена на мислења. Формата во која ќе се јавува -on-line- сама по себе ќе го рашири кругот на оние кои ќе го читаат или ќе пишуваат, бидејќи се работи за списание на англиски јазик до кое лесно и бргу се пристапува. Како секое електронско списание, така и ова, излегувајќи на Интернет го напушта локалното милје и влегува во глобалниот простор на беспоштеден натпревар на идеи и информации.

 

Кога се издава ново електронско списание треба да се знае дека бројот на оние кои користат Интернет не е многу голем. Во САД има околу 25% корисници, во Шведска, Норвешка и Финска околу 17%, додека Македонија веројатно има околу 1%, иако овој број секојдневно се зголемува. Дури е прашање колку академскиот и политичкиот свет кај нас користи ваков вид информирање и комуницирање, па оттука, доколку се создадат услови, списанието Нова балканска политика’ ке се публикува во тврда форма. Малиот број корисници на Интернет кај нас, претпоставувам, не се должи само на недостаток на техничко знаење и опрема, туку и на фактот што не сме ја почувствувале во доволна мера потребата да бидеме дел од развиениот свет и неговите стандарди.

Ова списание има мисија не само во подигање на нивото на знаење, туку во создавање на нова чувствителност И свест. Под нова чувствителност милиме на оној цивилизациски досег кога се станува свесен за проблемите И интересите на другиот со намера да се разбере И објасни.

Темите во 2000 година: Балканот во последните години помина низ драматични промени. Тогаш и сега, особено по интервенцијата на НАТО, регионот е вистинска цел на интересот. Тој интерес, кој не трае долго и бргу спласнува, треба да го искористиме за да се видиме подобро. Веќе се јавуваат нови кризни жаришта и вниманието на светската јавност се свртува натаму. Да ги отвориме страниците на Нова балканска политика за жива и темелна расправа на значајните теми како што се: Причините и последиците на етничките судири и војни на Балканот; Трагедијата на Босна и Косово и иднината на етнички хетерогените држави; Интервенцијата на НАТО на Косово и последиците од таа интервенција врз Македонија и регионот; Стабилноста на Балканот од перспектива на можната независност на Косово; Процесите на интеграција и дезинтеграција во земјата и регионот; Превенција на етнополитичките конфликти; Прашањето на државниот суверенитет во светлина на интегрирањето на Македонија во Европската Унија; Етничките групи во Македонија и поделба на моќта ’; Изборните закони и нивните политички последици; Развој на граѓанското општество и политичката култура во Македонија и регионот; Социјалните промени и нивните политички последици; Индивидуални и колективни права и слободи; Економскиот развој како генератор на етнополитички тензии; Демократски институции и недемократска пракса-национален карактер или историско наследство; Националниот идентитет кај Македонците: поделби и национално помирување; Македонија и интересите на соседите и тн.

Мирјана Малеска
уредник

[1]

Балкан Форум, меѓународно списание за политика, економија и култура Уредник Ристо Лазаров.

Првиот број се појави во ноември 1992. Објавени се 19 броеви со вкупно 5. 340 страници. На страниците на списанието се појавија, 177 соработници од странство

108 соработници од Македонија. Меѓу соработниците се : Адам Михник, Хавијар Солана, Вилијам Пери, Лешек Колаковски, Строуб Талбот, Збигњев Бжежински, Јануш Бугајски, Чеслав Милош, Гинтер Грас, Ханс Магнус Енцесбергер, Едгар Морен.