Denko Maleski
Professor at Doctoral School of Political Science
Ss. Cyril and Methodius University in Skopje

Политичарот, дипломатот и народот : искуства на македонската надворешна политика

Оптимизмот па дури и еуфоријата со која граѓаните на Источна Европа го дочекаа крајот на Студената војна и падот на еднопартиската диктатура, веќе го нема. Се мислеше дека ќе биде тешко да се сруши комунизмот, а многу лесно да се создаде демократско општество, а се случи спротивното. Меѓународните и домашните предизвици пред кои беа исправени земјите на Источна Европа и на Балканот беа огромни. На меѓународен план, одливот на Руската моќ назад во своите граници, создаде вакуум, во кој се најдоа триесеттина нови држави, многу од нив без државничка традиција. На домашен план, сите овие земји минуваат низ мачниот процес на промени водени од непознатите принципи на демократијата и пазарната економија. Предизвикот со кој се соочија новонастанатите држави беше да се премине од еден во друг политичко-економски систем со надворешна политика која ќе ги интегрира со Западите демократии.

Република Македонија, една од државите кои настанаа после сломот на светската структура на моќ и крвавиот распад на југословенската федерација, успеа на мирен начин да дојде до својот статус на самостојна држава. Но, она што малкумина го разбраа во тој момент на национална гордост е дека независноста не е крајната точка во борбата за слобода, туку почетната. Имено, искреното соочување со самиот себе, со своето внатрешно уредување и со положбата на својата држава во меѓународната политика е императив од кој зависи стабилноста ако не и опстанокот на секоја држава. Република Македонија премногу долго одбива да се соочи со реалностите на своето самостојно постоење, што, пак, резултира во големата криза низ која што минуваме денес. Кризата, пак, не принудува да направиме реевалуација на нашата демократија и на нашата надворешна политика.

Еднодеценијското искуство е доволно да се разбере дека еднопартискиот систем во Македонија не беше заменет со систем на институционализирана демократија, туку со нешто што потсетува на повеќе еднопартиски системи. За што всушност станува збор? Се работи за поредок кој во политичката теорија се нарекува феномен на преторијанство. Сфатен во својата поширока смисла како незрела модерност (immature modernity) овој систем го карактеризираат елементи кои лесно ги препознаваме во македонската политика:

  • Отсуство на ефикасни политички институции способни да посредуваат, рафинираат и да ги ублажуваат конфликтните интереси на групите;
  • Најдиректна конфронтација на општествените сили;
  • Отсуство на политички водачи или на политичка институции кои се признаени и се прифатени како модератори на конфликтите помеѓу групите;
  • Отсуство на согласност меѓу групите околу тоа кои се легитимните методи за решавање на конфликтите.

Во институционализираните демократии, но и во комунистичкиот систем каков што постоеше во Македонија, има согласност помеѓу повеќето политички актери околу процедурите за разрешување на политичките несогласувања. Преторијанството како политички сѕстем, пак, го институционализира хаосот. Имено, во отсуство на општоприфатени процедури, политичката сцена е буквално окупирана од разни форми на директна акција во која политичките групи и поединци ги користат средствата кои им се на располагање.

Искуствата од земјите на Третиот свет по кои Хантингтон во 1968 ја направил кованицата преторијанството, се потврдени и во политичката пракса на Република Македонија. Тие би можеле да се сумираат вака:

  • Преторијанскиот начин на политичка партиципација кој произведува хаос, е последица на институционалната слабост на политичкиот систем;
  • Во основата на слабоста на политичкиот систем е слабиот партиски систем;
  • Слабоста на партиски систем се манифестира во отсуството на партии посветени на унапредувањето на интересите на обичните граѓани;
  • Политиката ја зема формата на тепачка за сопствените тесни интереси, тепачка за контролата на државата и тепачка која се води преку политизација на се' и сешто;

Всушност, како непријател на диктатурата но и на демократијата, преторијанството ја црпи својата сила од слабоста на политчкиот систем, особено на парламентарните структури со кои лесно се манипулира. Притоа, системот го селектира и типот на личностите кои се во состојба да се носат со хаосот, во кој, пак, судирот на глави, често, го супституира судирот на концепции. Тоа, како што покажува искуството со македонскиот преторијански систем се исто така личности чија лојалност, во многу случаи, мора да се купи, па така корупцијата во форма на делење лукративни функции за учесницте во политичкиот процеси, но и за нивни роднини се зема за нешто што е нормално. Нормално, пак, е затоа што бројни војници на партите се раководени од лукративни мотиви кога влегуваат во политикчката битка, па водачите, доколку сакаат да ги задржат на политичкото бојно поле, мораат да ја купат нивната лојалност.

Реченово е во функција на поврзување на домашната драма на транзицијата со надворешната политика на Република Македонија. Зашто, не станува збор за нормална демократска држава која поседува стабилни политички структури кои почиваат врз општоприфатени базични правила на политичката игра помеѓу политичките актери и институции, туку за преторијански систем кој произведува хаос и трулење. Во институциите на таквиот систем, не се води нормален дијалог за сериозни теми, па ни за надворешната политика. На пример, не се изустува фактот дека Македонија како независна држава влезе во категоријата такаречени "квази-држави", чиј суверенитет почива исклучиво врз заштитата која што произлегува од меѓународното право. Уште помалку се зборува за тоа дека Македонија, покрај Молдова, Босна и некои од државите на поранешниот Совјетски Сојуз, во Централна Азија, на пример, може и самата да помине низ процес на дисолуција или исчезнување. Дека се додека предностите од независноста ги користат само тесни политички, интелектуални или економски елити, додека животот на граѓаните е полош од оној што бил пред стекнувањето независност, суверенитетот на Република Македонија е правна но не и емпириска категорија. Дека сме држава која што има"негативен суверенитет" па мора да ја насочи својата надворешна политика кон добивање помош од оние држави кои имаат "позитивен суверенитет". И на крајот, но не и по значење, дека сме држава со сериозни проблеми во меѓунационалните односи, со свои реперкусии во градењето на надворешната политика и врз односот на странците кон нас. Со еден збор отсуствуваат сериозни расправи за сериозни теми, каква што е, впрочем, и нашата ситуација.

Органската врска помеѓу домашната и надворешната политика на Република Македонија се огледа во фактот дека успешноста на домашната транзиција е нејзината легитимација во меѓународната политика. Оттаму, тврдењето дека домашната политика е наша најдобра надворешна политика не е празна фраза. Но, гледано низ призмата на политичарот, тоа е потешкиот пат, кој е врзан за непопуларни мерки, додека надворешната политика е лесен извор на популарност пред народ. Во првите години по независноста изби на виделина оваа контрадикција и проблемите кои таа со себе ги носи, а таза продолжува и денес. Имено, надворешната политика на мала земја , дефицитарна во моќ, бара трпеливост, внимателност и напор да се разбере позицијата на другиот. Надворешната политика, пак, гледана низ призмата на политичар кој треба да опстане во суровиот преторијански систем на политичко наддавање, бара брзи и едноставни победи . Зашто, надворешната политика се јавува како компензатор за тешките и политички непопуларните одлуки дома , во областа на економијата, на пример. Така анализата во доменот на донесување надворешно-политички одлуки е супституирана со тепачка и тоа во услови кога државата која минува низ тешкиот процес на меѓународно признавање, и е неопходна согласност на сите главни политички актери за настап со еден глас пред светот. Државата да зборува со еден глас, пак, е практично невозможно во услови на преторијанство кое го карактеризира токму спротивното, какафонија на гласови кој не можат да се усогласат низ нормалниот процес на демократското одлучување. Така, и во најтешките моменти од поновата историја на државата, во првите години по прогласувањето на независноста, власта и опозицијата на меѓународната сцена настапуваа како непријатели. Во отсуствува на консенсус за основните правила на политичката игра, кога политиката станува арена за немилосрдна битка на политичките субјекти за моќ и влијание, надворешната политика станува особено атрактивнен домен. Само така може да се објасни фактот дека во 1991 година настана вистинска турканица на македонската надворешно-политичка сцена кога никнаа најмалку седум независни центри за водење надворешна политика: претседателот на државата, претседателот на парламентот, претседателот на владата, членот на Претседателството на СФРЈ, министерот за надворешни работи, опозицијата и албанските партии. Домашните битки за моќ се пренесоа во сферата на надворешната политика, што, пак, резултираше во дебати кои го претворија претставничкото тело во гладијаторска арена во која победуваа најиздржливите. Стенограмите на парламентот се полни со сведоштва за надворешно-политичките дебати во парламентот на една неконсолидирана држава каква што беше, и, за жал, сеуште е Македонија.

Тешкотиите беа делумно и објективни. Слабоста на институциите, се огледаше и во фактот што државата допрва создаваше сопствено министерство за надворешни работи и своја дипломатска служба. Како куриозитет може да се спомене дека министерството не поседуваше сопствена факс машина а на масата на министерот доаѓаше сета пошта адресирана до институцијата, вклучувајќи ги и сметките за струја, вода и парно. Но, неопходноста од реорганизација на егзекутивата ја наложуваше самото темпо на развојот на настаните: мораа да се пишуваат писма да се примаат странски посетители, и да се остваруваат меѓународни контакти. Законодавното тело, пак, не беше изложено на таков притисок, па така не дојде до промени во комисијата за надворешни работи која имаше само еден вработен. Згора на тоа, отсуствуваше свест кај пратениците членови на таа комисија за потребата да работат, со полно работно време, на материјата наречена надворешна политика за да можат успешно да и парираат на егзекутивата но и да и помогнат формулирањето на надворешно-политичките цели. Оттаму, практично сите дискусии се водеа на пленарни седници на парламентот, со кои, пак, не доминираа оние со најголем умствен капацитет, туку оние со најголем капацитет на белите дробови. И повторно, седниците беа вистинско бојно поле на кои закрвените партии бараа проблеми за решенијата наместо да бараат решенија за проблемите.

Преторијанскиот дух, во голема мерка, е состојба на умот и на моќните креатори на јавното мнение во Македонија - интелектуалците и новинарите. Тоа е состојба на умот која на демократијата не гледа како на отворен процес на политичко приспособување помеѓу бројните конфликтни групи, туку како на процес во кој треба да се наметне сопствената вистина. Така тие стануваат војници на својата вистина, наместо промотори на процесот на политичкото изразување и взаемното почитување на различните политички вистини кои низ демократска процедура на акомодација стануваат државна политика. Недостигот на свест дека во општество во кое е прогласен слободен натпревар на разни групи и на нивните вистини, нема алтернатива на политиката на акомодација, често резултира во поддршка на старите шеми на доминација со помош на репресијата и на правото. Оваа духовна мешавина на тоталитаризам и национализам, не може да ги апсолвира и да ги афирмира новите демократски процеси, туку придонесува да се заострат конфликтите до размери на граѓанска војна.

Неразбирањето на новите домашни реалности кои ги афирмира системот на плуралистичката демократија, одат рака под рака со неразбирањето на надворешно-политичките реалности. Македонското поимање на меѓународната политика, во многу случаи, нема еволуирано потака од ставовите изразени во резолуциите на неврзаните земји во Белград (1961) и Каиро (1964), на пример, во кои се бара забрана на употреба на политички или економски притисок во односите помеѓу државите. А таа лекција од меѓународната политика требаше да ја апсолвираме во овие десет години - дека влијанието на една држава врз друга преку притисок, за да се произведе саканото однесување значи примена на моќ, а тоа е суштината на меѓународната политика. Требаше, исто така, пред да се повикаме на правната еднаквост на државите, да ја апсолвираме и лекцијата дека не постои начин да се елиминираат разликите помеѓу членовите на меѓународното општество, ниту пак последиците кои тие разлики ги произведуваат во нивните односи, и дека обидот се' да се стави во рамките на правото е рамен на обидот да се забрани реалноста. И повторно, отсуството на свест за нужноста од прилагодување, овој пат во меѓународната политика, чие друго име, пак, е политика на моќ, придонесе кон општата конфузија за положбата на Македонија во светот. Таа конфузија може добро да се илустрира со запрепастувањето кај македонските интелектуалци, новинари и политичари со фактот дека определена земја или група земји ја условува својата соработка или помош за Македонија со определено поведение на македонската држава. Само еден чекор го дели таквото разбирање на меѓународната политика од цинизмот.

Етничкиот јаз во македонското општество, изразен и во отсуството на консенсус околу уставното уредување на новата држава, внесе додатна драматика во домашната и надворешната политика на Македонија, последниве десет години. Во 1991 година, после безуспешниот обид да се постигне согласност со Албанците за взаемно прифатлив текст, беше изгласан уставот на државата од страна на Македонците. Моделот на ѓраѓанско општество кое што почива исклучиво врз правата на поединецот не беше прифатен од најбројната малцинска етничка група која што бараше уставно да се санкционираат определени колективни права. Граѓанскиот модел, пак, ги стави Албанците во положба на зависност од гласовите на Македонците при донесување закони, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на нивнивниот културен идентитет. Во отсуство за поголемо разбирање од страна на Македонците за потребите на најбројната малцинска етничка група, моделот продуцираше конфликт наместо консенсус. Овој продолжен конфликт, веќе цели десет години е пренесен и надвор од границите на државата, земајќи ја формата на паралелна надворешна политика на Албанците во Македонија. Паралелната надворешна политика која што ја водат албанските партии, а која што е насочена кон запознавањето на светот со нивните барања, зема најразлични форми. Од одсуство на Албанци од значајни македонски државни делегации, преку издвојување на албанскиот став како членови на заеднички делегации, па се до приклучување на политички репрезенти на албанците во Македонија кон делегации на Република Албанија. Одењето на политички консултации во Тирана или во Приштина, или, во странски амбасади во Скопје само ја надополнува сликата за поведение што не се случува во нормални држави. Зашто, за надворешната политика на една земја нема полоша ситуација од онаа кога државата не зборува со еден глас и во името на сите поважни сегменти на општеството. И повторно, оваа негативна димензија на надворешната политика на Македонија е израз на недостатоците на внатрешниот систем на демократија. Оттаму, отстранувањето на овој сериозен дефект на надворешната политика на Република Македонија е возможен само преку елиминирањето на домашните извори на несогласувањето. Политички договор, како овој постигнат во Охрид, на пример, преку воведувањето консенсуални елементи во политичкиот систем, создава услови за градење на заедничка внатрешна политика. Тоа, пак, е предуслов Република Македонија да зборува со еден глас и во надворешната политика. Но, уставните промени сами по себе нема да го отстранат преторијанството и дефектот кој тоа го произведува во процесот на донесување политички одлуки во Македонија: целосната посветеност на политичките актери на взаемна дискредитација и елиминација според принципот кој - кого, и отсуството на свест за нужноста низ една ефикасна демократска процедура, и преку бројни компромиси, различните политички ставови, да се акомодираат во државна политика. Всушност, знаејќи ја доминантната состојба на духот во земјата, внесувањето на консенсуални елементи, сосема сигурно, ќе отвори нови проблеми. Тоа ќе предизвика парализа на процесот на донесување одлуки, како последица на неспособноста на политичките претставници да попуштат. Зашто, во својата најдлабока суштина, демократијата е состојба на умот на луѓето, а толеранцијата на Балканот ќе се стекнува низ еден долг и спор процес на учење.

Состојбите во сферата на надворешно-политичкото одлучување е во директна врска со развојот на демократијата во Македонија. Два примери, едниот од самиот почеток на нашето незвисно живеење и вториот, од најнов датум, зборуваат за неспособност на институциите за демократско поведение, во изминативе десет години. Се работи за приемот на Македонија во ОН и за воспоставувањето дипломатски односи со Тајван. Во двата случаи, на процесот на донесување надворешно-политичка одлука му недостасуваше демократска процедура преку соработката на егзекутивата и законодавството, која би се одвивала пред очите на народот. Не ставајќи знак на еднаквост на мотивите за ваквото преторијанско поведение на политичките репрезенти во споменатите два случаи, останува фактот дека значајни одлуки кои се донесуваат зад грбот на бројните учесници во политичкиот процес, а особено зад грбот на народот, ја минираат демократијата. Преторијанското поведение во процесот на донесувањето надворешно-полититчки одлуки ќе се напушта во онаа мерка во која ќе се демократизира целокупниот политички систем.

Се разбира демократизацијата на политичкиот систем на Република Македонија е колективен напор, па така свој удел имаат и оние кои се задолжени за надворешно-политичката сфера. Какво е нивното поведение? Во теоријата за меѓународната политика, доминантен е моделот за рационалниот актер. Тоа е, да потсетиме, оној модел кој поаѓа од претпоставката дека политичките репрезенти работат на промовирање на државниот интерес на својата земја. Но, политичарот е секогаш во искушение да го стави личниот интерес пред општествениот. Дилемата личен интерес-општествен интерес се манифестира и во надворешно-политичката сфера во поведението на политичарот и дипломатот. Во нејзиното објаснувањето може да ни помогне моделот на драматичниот актер, кој укажува на опасностите кои произлегуваат од поимањето на надворешно-политичката сфера како јавна сцена за глума.Одлуките кои се донесуваат на таа сцена, според овој модел, немаат првенствено намера да оставарат нешто туку да го подобрат имиџот на актерот пред својата публика. Овој модел го доведува во прашање концептот за рационалност во надворешната политика, сватен како битка за вистински резултати во полза на државата. Наместо тоа, имаме настојување да се глуми корисност, која на крајот се сведува на личен ќар на политичарот или дипломатот. Во својата дипломатска практика Македонија, помеѓу бројните ситни примери на секојдневно алчно поведение на политичарите и на дипломатите претставено како борба за националните интереси на државата, има еден истакнат пример - кандидатурата за членство во Советот за безбедност на ОН.

И, наместо заклучок. По драматичните месеци на граѓанска војна која непотребно однесе човечки жртви и предизвика разурнувања, должни сме да ги подложиме на сериозна анализа и критика институциите кои дозволија да дојде до војна. Зашто граѓанската војна е доказ дека затаил нормалниот демократски процес и дека политичарите не успеале да воспостават ред преку политичкото приспособување. Наместо домашните политички репрезенти да ја трошат сета енергија во докажувањето кој е во право, потребно е да се свртат кон практичните цели на политичка акомодација. Восхитот од државата како инструмент за наметнување на правото врз поединците треба да се пренесе и врз нејзината втора димензија,како центар во кој се одвива еден процес на акомодација помеѓу учесниците во политичкиот процес. Слично поведение е нужно и на меѓународен план. Имено, во дипломатијата не е најважно да им докажеш на соговорниците дека си во право, туку да ги придобиеш за себе. Речено е дека најлоши дипломати се фанатиците и правниците, а нив ги има сосема доволно во Македонија. На домашната и на надворешната политика на Република Македонија и се потребни здраворазумски и, по малку, скептични човечки суштества спремни на компромис. Но, на Македонија, над се, и се потребни луѓе посветени на демократијата, која, иако не е гаранција за добра политика, е, сепак, најдобриот од сите системи на донесување одлуки што ги испробало човештвото.