Gjuner ISMAIL
Guner Ismail, is a philosoph, publicist and the director of the publishing house Forum (Skopje, Macedonia)

Состојбата на турците во Република Македонија

1. Старите времиња и други приказни

За присуството на Турците на Балканскиот Полуостров може да се говори уште од средината на седмиот век. Тогаш турски/туркофонски племиња (Кумани, Печенези, Вардариоти, Гагаузи и др) во големиот бран на преселби на племиња кои потекнуваат од јадрото на "Златната орда", во кои биле и словенските племиња, со некои свои ограноци се населиле на Балканскиот полуостров, односно доминантно на териториите на денешна Македонија, Бугарија, Грција. Овој податок не треба да зачудува, со оглед на тоа што станува збор за еден огромен конгломерат на различни племиња, со многу разлики во јазикот, во етнолошките елементи (со денешен јазик говорено-етнички разлики), но со една заедничка религиска матрица содржана во традициите на шаманизмот како рудиментарен облик на религиско мислење и практика. За одбележување е и тоа дека новодојдените племиња, скоро без исклучоци, за многу кратко време, се соочуваат со една моќна култура на Византија, со еден високо-организиран монотеизам/христијанство и во тек на нецели стотина години го прифаќаат христијанството, веројатно пред се, како резултат на одлуката за дефинитивно стационирање, а до која се дошло по соочувањето со поинаква географија, поинакво организации на вкупниот живот итн. Византиската империја, благодарение на империјалниот концепт на толеранција на етничките специфики, за разлика од Рим- каде што била присутна и религиската толеранција, за сите новодојдени била една голема топилница за религиите, во што од помош и била веќе одлично организираната и милитантна црква. Само специјалистичките студии на верските специфики и расколи на тоа време, можат да ги откријат трагите на старите верувања донесени од сибиро-азиските пространства, олицетворени во повремени реформистички амбиции, еруптирани до радикализам (богумилството како најизразит пример на реформизам кој прави обиди за интегрирање на пра-старите верувања и практика, донесени и запаметени-во траги, од сибиро-азиските пространства, израснал токму во овие простори). Новодојденото население, за разлика од затворениот систем на племето, своето секојдневие го гради врз поинакви узанси, со поинаква мобилност, а на крајот на краиштата и со меѓусебно мешање, за кое бездруго од помош биле феудалните државни организации на кои тие наишле, ги создавале, ги ширеле, ги упропастувале итн. Во услови на доминација на поинакви стандарди, од денешен аспект гледано, се случуваат парадокси од кој е најпрочуен оној со Самоил, за кој апокрифите тврдат дека е од семејство на ерменски трговци, факт којшто за тоа време е потполно безначаен, со оглед на тоа што верификацијата на нечии општествен статус секако се изведувала врз основа на вероисповеста, поседувањето на воена и економска моќ. И толку!

Значи, воглавно од почетокот на седмиот век па се до крајот на четиринаесеттиот век на просторите на Македонија ("сите три"-Вардарска,Пиринска,Егејска) населувањето било завршено, заокружено, а на просторите настанале, пропаднале неколку држави (Византија, Македонската-Самоиловата, Бугарската, Српската). Туркофонскиот елемент, во склад со вообичаената социјална динамика, мешајќи се со другите, останал само во траги, кои не претставувале каков било етнички, а особено не и религиозен факт, со оглед на генералната христијанизација. Може да се зборува за етнолошка структура на подрачјето/населението, но само од аспект на етно-археологијата, без какви било политички конотации, или пак импликации, со какви што се занимаваат многу архаично-комични "историчари", изведувајќи докази за нечие "старо", или пак "ново" присуство, а соодветно на тоа се обидуваат да ги наметнат дискусиите за историските приоритети на овие, или оние!

Нужно, долгиот вовед ќе го заокружиме со второто доаѓање на туркофонската групација, овојпат олицетворена во Осмалиската-Турска Држава, којашто заради целиот сплет на околности (исклучително талентирани државотворци- кои државничкиот занает го изучиле од византиските пребези кај нив; моќната воена машинерија градена неколку века, а потпрена врз традициите на војувањето кои во себе ги вклучувале искуствата на неколку претходни цивилизации; религиска платформа-ислам која што државната експанзија ја акцелерира со сета идеолошка поткрепа нужна во вакви прилики; организација на државата и општеството исто така градена со векови и повторно зајакната со искуствата на византиските државотворци, империјален космополитизам како неопходен елемент од кој што зависи долгорочноста и опстанокот на секоја мега-државана творба итн.) како државен организам опстојувала повеќе од седум века, а на просторите на овој Балкан-преку пет и пол века. Заедно со успоните и падовите на Османлиската империја е сврзано и населувањето, раселувањето, живеењето на групацијата-подоцна наречена Турци, денеска доминантно присутна во Република Турција како јадро, кое зависно од ветриштата кои дуваат во, низ, врз цивилизациите, ги содржи сите привлечности и одбивности.

Воведов-приказна имаше цел да ја релаксира темата, од една , а од друга страна да ги обесмисли и обесхрабри сите видови на гротескна посесивност, покажувајќи дека подрачјево, како и сите подрачја во светот, е терен на интензивни движења на големи групи на луѓе (племиња, народи) и дека судбините не се одвиваат како во псевдо-романтичните бладања на "историчари", или пак "етнолози"!

2. Издигањето и пропаста на "царството" како транзиција во епизоди

back to top

Турскиот елемент на Балканот се населувал заедно со воената сила и со воспоставувањето на државниот организам. Покрај она што се подразбирало како воено-административен персонал, по војските следело населување кое се состоело од групации на сточарско-земјоделски племиња, градски елемент олицетворен во клер, трговци, занаетчии, па така градовите кои, секако дека постоеле и пред нивното доѓање, добиваат дополнение што придонесува за нивниот развој. Не треба да се заборави и моментот на интегрирање на еврејскиот елемент (којшто по прогонот од Шпанија наишол на гостопримство кај Османлиските владетели) со што Балканските градови станале исклучително динамични и конјунктурни центри. Во текот на неколку стотини години дошло до потполно интегрирање-сраснување со средината, до создавање на една типично космополитска состојба, особено во градовите, па така она/оние кои на почетокот, на којшто веќе никој не се сеќаваше, беа само дојденци, па макар заедно и со поддршка на воена сила, станале составен дел на конгломератот, којшто секако бил само еден мал дел на една гигантска империја (за илустрација: Османлиското царство кога било на врвот како територија мерело преку 20 милиони квадратни километри!).

На авторот на овие редови понекогаш му поставуваат прашања: кога дојдоа Вашите тука/таму на Балканот, во Македонија? Зачудените прашувачи, кои циркулацијата на луѓето ја мислат само во рамките на политичка, или пак економска емиграција, не можат да разберат дека турскиот елемент на Балканот одговорот на таквите прашања, не го знае! Едноставно, тие знаат дека се родени тука, или како би се рекло, се чувствуваат како староседелци, а евентуално само некои Турци, во Република Турција, можат да ви го реконструираат движењето на нивните предци, од Балканот кон територијата на денешна Турција и ништо повеќе!

Но, надолната линија на Османлиската држава може да се датира некаде кон крајот на осумнаесеттиот век, а резултатите биле, пред се губење на териториите, а соодветно на тоа и повлекување на дел од населението-Турци, кон она што било центар на нивниот свет: престолнината Истанбул и евентуално некои други градови .

Турците од Балканот се повлекувале во неколку наврати.

Првото поголемо повлекување се случило по Берлинскиот конгрес и тоа од територијата на Босна и Херцеговина и интересното е тоа што голем дел од тоа население кое се повлекувало, останало на Балканот, по разни градово на Косово, јужна Србија , Македонија. И до денешен ден стојат имињата на цели квартови во разни градови под име "Маџир Маало", значи населби за доселеници, во кои се доселувале дотогашните жители на Босна, поранешниот Белградски пашалук и сл.

Во тој период, до Балканските војни, може да се зборува за релативна стабилност, но од денешен агол гледано, јасно е дека дилатациите на империјата ќе се случуваат-во минус, па така ќе биде и со населението, од кое барем еден дел, својата судбина ќе ја врзува за судбината на државата. Значи турболенциите ќе следат многу брзо, за нецели четириесет години и веќе по Балканските војни го имаме вториот поголем бран преселби кон веќе, од поодамна идентификуваната и лоцирана матица, а тоа е денешната Турција, со плус или минус територија, сеедно, а веќе со распадната султанска власт, со недоконституирана нова, републиканска, со неиздиференцирани конценпции за иднината и така се по ред!

Но, иако станува збор за големи преселби, на Балканот се уште бројот на Турците е голем. Сепак станува збор за население кое со генерации и генерации живеело овде, население коешто располагало со имот, релации и коешто својот свет го гледало токму тука и никаде понатаму. Тие не секогаш ја врзувале својата судбина за судбината на државата бидејќи, иако државата (Османлиската) секако играла некаква улога во нивните животи и новите државни устројства не ги доживувале како туѓи. Со империите случајот е таков. Нивните граѓани ги доживуваат како персонификации на Цар, Султан, а доколку ги нема, остануваат "во воздух" и се прелоцираат кон некаква власт којашто е сепак во дневен контакт со нив, односно, ја одбегнуваат колку што можат повеќе.

3. Состојбата помеѓу двете војни

back to top

По Првата светска војна се создава Кралството СХС, во кое состојбата на Турците, особено на планот на политичките и верските слободи е прилично комотна, па така муслиманите воопшто, ја уживаат т.н. Шеријатска автономија (значи, потполна верска слобода-која подразбира и училишта според комбиниран верско-световен принцип, потоа права на шеријатски судови, како еден облик на мировни судии, матични евиденции), а согласно на правилата на слободниот пазар, економските слободи се уживаат во рамките на тоа кој со колкав капитал и способности располага.

Треба сепак да се напомене појавата на еден синдром, којшто кога би станувало збор за старите времиња, многу лесно би можеле да го крстиме како "синдром на номади", но во случајов тоа е синдром на вечни (внатрешни)емигранти. Имено, со постепеното губење на силата на империјата, значи и на териториите, кај Турците се всадува едно чувство на нестабилност, нестационарност, една чудна динамика-повеќе статика, едно чувство на долго пропаѓање во некаква неидентификувана празнина, нешто кое што (не)е атавизам, ама како сеќавање на номадскиот период, можеби останало во народните легенди, или пак во генетскиод код. Тоа особено се одразува како една колективна депресија, како недостаток на нужна социјално-економска инвентивност, или поточно како неспособност да се инвестира во, според сите поуки на нивниот дотогашен живот, нејасната иднина. Од тие причини, ја немате вообичаената внимателност при инвестирањето, туку ги имате случаите на недоволна активност, до апатичност, во сферата на стопанството, го имате нејасното, напросто мистичното исчекување, на полошото, ги имате залудностите на бесцелното трошење на стекнатиот капитал, една декаденција родена од бесперспективноста на општеството во кое се родиле, а кое што општество, според нивното убедување (на граница со колективна инфантилност) ги напуштило, или веќе утре може да ги напушти! Ова е особено важно да се има предвид, дури и денес, кога се прави обид да се домислува позицијата на турското етничко малцинство во Македонија, со оглед на тоа што шестдецениската транзиција (вклучително и социјалистичкиот експеримент) се донекаде, сосема слични на временските периоди во кои Турците се соочувале со распад, не само на на сликата на светот, туку и со реално пропаѓање на купишта релации, разделби од блиски, од позиции, пропаст на државата, губење на потпората, пропаѓање на надежите итн.

Во периодот помеѓу двете Светски војни, дефинитивно се конституирала Република Турција и таа како таква станала посакувано место кон кое балканските Турци и не само Турците, туку и останатото муслиманско население (Албанци, босански, херцеговски, санџачко-црногорски муслимани) рефлектирале. Во склад пак со големодржавните концепции на српските политички елити, прочуениот Васа ^убриловиќ, припадник на атентаторите од групата "Млада Босна"-продолжената рака на српско-руските известително-субверзивни комбинации, го изготвил планот за расчистување на Балканот(Југославија) од муслиманско(про-турско) население. На прв поглед многу чудно, но околу овој план Србија-Југославија не наишла на никакви спротивставувања од страна на Турската држава. Се случило спротивното. Турција, во една исклучителна срдечна атмосфера на лично пријателство помеѓу Ататурк и кралот Александар, била подготвена за прифаќање на сите оние, за кои и таа сметала дека се население блиско на нивната популација(роднинските врски биле евидентни, припадноста на истиот јазичен и културен круг исто така) и кои би искажале желба. Ако се имаат предвид испразнетите територии од страна на Грците-по склучувањето на Лозанскиот мир, а со веројатен поттекст дека ќе ослабне рускиот притисок за излез на "топло море" низ Босфор и пренасочување на тој притисок кон Јадранот, преку нивната вечна и така да се рече "таксана" продолжена рака на Балканот-Србија.

На глобално ниво, работите биле такви, а на реално-човечко ниво, работите имаат размери на лични, семејни трагедии-олицетворени во напуштање на едно огниште, барање, создавање на ново.

4. Втората светска војна, победата и по неа

back to top

Втората светска војна е само времен прекин на овој одамна започнат процес. Македонија целосно се става на страната на анти-фашистичката коалиција, освен пределите во кои владее Италија и каде што на италијански поттик се создаваат про-италијански воени ефективи на Албанците, како природен продолжеток на романтичните, секако опасни-најмногу за Албанците, пан-албански соништа, кои на крајот на Втората светска војна резултираат со дефинитивен распад на тие соништа, со ксенофобичниот режим на Е.Хоџа, со неколкудецениска духовна и материјална пауперизација на територијата и населението на денешна Албанија, како и место на клупата за сомнителни-за Албанците. За тоа време Турците од територијата на денешна Македонија безрезервно се ставиле во содејство со нивните многувековни соседи, со многу значајно учество во создавањето на антифашистичкото движење и во создавањето на македонската држава, што како морален чин е исклучително вреден, но за возврат, работите ќе се одвиваат во рамките на еден друг ситем на морални вредности, социјалистичкиот, разбран онака као што можеле да го разберат приучените комесари, кои од лектирите, најверојатно најдалеку стигнале до ^убриловиќ и сталинистичките епигони.

Македонија после Втората светска војна западнала во глобалниот социјалистички процес, значи ситуација на една ригидна идеолошка држава, со груби социјални експерименти (национализации, конфискации, колективизации, "индустријализацији" итн.), што сами по себе се крајно непријатно опкружување за сите, а особено за оние кои имале некаква отворена врата, некаков нов-стар егзил во континуитет, Турција, а во колективното паметење го сочувале и империјалниот експеримент, како крунски доказ дека големите социјални проекти секогаш се прекршуваат врз грбот на поединецот, без разлика на тоа колкав обем на среќа ветуваат, или пак обезбедуваат.

Прашањето на изборот е олеснето со општиот идеолошки притисок (најнормално е чувството на притисок кога се има во предвид дека сите социјалистички зафати се насочени против ситните сопственици-занаетчиите, селското население-преку колективизациите). Треба да се напомене дека и државните органи (устроени според примитивниот сталинистички терк) покажувале исклучителна ревносносност во спроведувањето-наложувањето на новиот идеолошки модел, а соодветно на тоа и во примената на репресијата како најефикасен инсталатор на "новиот светски поредок", разбран на начинот како што го разбирале примитивните балкански џандари и партиски секретари. Не би не одвело никаде цитирањето на поединечните приказни на иселениците од тоа време, но не треба и да ги забораваме како сведоштва за едно време кога целта-социјализмот, била поставена некаде од некој центар, а реализацијата се одвивала со прекршувањето врз, веќе посочениот грб,, судбина, на поединецот. Се рабира дека никој не може да биде среќен, особено не денес, со фактот дека "Турците имале каде да одат", а останатите немале. Можеби тогашните власти, или поединци во таа власт биле среќни заради "успесите" во изградбата на социјализмот, артикулирани преку расчистувањето со елементот кој би можел да биде, како тогаш велеле, "потенцијално легло на класниот непријател", но превиделе дека во Македонија од почетокот на педесеттите, а најверојатно и за век и веков, се нарушила демографската структура- колку-толку хармонична, за што ги изненадила иднината со соодветни импликации, или пак ќе ги изненадува!

Не треба да се испушти и тоа дека и според економскиот потенцијал и перспективите за секој, Турција како држава која не ги поднела хавариите на Втората светска војна, а како новоустоличена регионална сила, секако била вклучена во економските планови на западниот свет, имала исклучителна привлечна моќ.

Така, како резултат на еден сложен збир на причини, во деценијата од педесеттата па се до почетокот на шеесеттите, од Македонија во Република Турција се иселиле преку двесте илјади Турци, а преку трансфер-каналот лоциран во дипломатското преставништво на Република Турција во Скопје (конзулат), дополнително и десетици илјади Албанци, муслимани од Санџак, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина.

5. Има ли некој тука!?

back to top

Да. Не е непознато дека животните искуства, а и историјата, не советуваат индивидуално. Таков е и случајот со Турците кои останале на овие простори (денеска се оперира со цифра од стотина илјади). Нивното останување е резултат на избор во кој што можат да се идентификуваат многу причини, најмалку стотина илјади! Не би можеле да извлечеме генерална причина, а и не би било фер, особено не во текст кој што се обидува да докаже дека колективистичкиот приод, никогаш не води сметка за поединецот, без оглед на веле-хуманистичката, или пак хипер- рационалистичка платформа.

Денес македонските Турци егзистираат повторно распнати помеѓу просперитетната Турција, наспроти транзициските тегоби пропратени со рапидното осиромашување. Нивните роднини и многумина блиски се таму, а тие се тука родени, растени, во еден поинаков, можеби посмирен амбиент, со еден огромен збир на релации, ама во суштина недоволен за отворање на пошироки хоризонти. Овде го уживаат статусот на второкласно малцинство(останатите се Роми, Срби, Власи) наспроти приоритетите кои се резервирани за Албанците кои до тој статус стигнаа благодарение на бројноста (околу 450.000 илјади). Постепеното губење на националниот идентитет особено во средините во кои живеат и Албанци и каде што релациите се одвиваат во еден (не)обичен микс на ислам + албански јазик + социјална солидарност +културна матрица потпрена на псевдо-фолклор(кич, турбо-фолк, "арабескност", "медитеранство" и слични детергенти и гуми за бришење на мозочните бразди, примитивизам како пропратен феномен на необогатството и насилноста во првобитната акумулација, аномијата како природен супститут на ригидните партиски идеолошки статути и норми итн., коишто, секако на просториве ги разоруваат сите, без исклучок и без разлика дали се работи за перења на мозокот на: србскиот, турскиот, албанскиот, македонскиот јазик. Македонските Турци се соочуваат со огромни тешкотии поради малубројноста и растуреноста низ целата територија на Македонија, поради заостанувањето во обрзовно-социјалното изградување, да конституираат и елементарна свест за припадност на еден етничко-културен круг, а соодветно на тоа да создадат и помоќна политичка артикулација, олицетворена во претставеноста во државната администрација, во парламентот (Македонскиот устав не овозможува позитивна дискриминација, барем во претставничките тела, а напорите за ублажување на неприсуството на малцинствата во администрацијата се исто така комични и компромитантни како прочуените национални клучеви на комунистите, особено со тврдото инсистирање на партиска припадност или блискост, се разбира својствена и на т.н. македонски политички елити). Во ситуација во која македонската држава е темелно централизирана, граѓанинот од турско етничко потекло останува без каква било адреса-врата, на којашто може да тропне и да ја изложи својата мака, впрочем како и Македонецот, или Албанецот, со додавка дека на вториот, или пак на третиот, му е сепак нешто полесно.

Многу значајно е да се напомене дека Република Турција во периодот од 90-та до 96-та крајно безрезервно и без поставување на било какви услови го помогна застанувањето на нозе на македонската држава. Помошта беше од материјална, морална, политичка. Во последните неколку години присуството на Република Турција е многу, еуфемистички речено, по-дискретно, а не се занемарливи и необјаснивите пречки на кои понекогаш наидуваат какви било иницијативи од турска страна. Се има впечаток дека македонските политички елити, за разлика од невкусното (некои велат и прилично опскурното) форсирање на други држави, со докажани неискрени амбиции кон Македонија, кон турското присуство на Балканот негуваат особена, а историјата ќе покаже, за Македонија погубна, внимателност. Каква ли лектира читале, или пак воопшто не читале, скоро да е јасно!

Но сепак, особено на почетокот на деведесеттите, Македонците од турско етничко потекло сите тешки моменти на првите мигови на транзицијата ги живееја психолошки прилично поткрепени, затоа што земјата кон којашто никогаш не престанаа да гледаат како на дел од нив самите, на нивната, дури и семејна историја, е најголемиот помагач, заштитник на државата во којашто тие се родени, живеат, потполно искрено заборавајќи ги сите моменти на неискреност, на двојни аршини, намигања, демонстрирани многупати низ историјата.

Македонските политички елити кон Турците се однесуваа прилично комотно, особено во моментите на создавање, осамостојување на "нивната" држава, со оглед на тоа што од таа страна никогаш не се поставувале т.н. "жешки" барања, па дури во разни прилики не забораваа, крајно лицемерно да евоцираат спомени за нивните "дамнешни соседи"-комшиите, кои се одселиле за Турција, за баклавите и манџите, кои се етнолошки завет на турскиот културен круг и други слични будалаштини, од кои најургентно, на човека му се одмилува, минимум баклавата! Во предизборните времиња не се забораваше и крунскиот аргумент, а тоа е дека "...Турците секогаш биле лојални...!?", што имплицира две работи: првата, дека некои други се нелојални и втората дека се по малку (скоро пријатно) изненадени бидејќи, најверојатно очекувале некакво поинакво однесување, па еве сега пригодно искажуваат неколку куртоазни пофалби, на сметка на "Турците" и ги очекуваат нивните гласови!

На Македонија и беше потребни цела деценија, барем малку да застане на нозе, а притоа човечката цена платена за сите возможни, нужни и ненужни талкања ја платија сите! Во целиот тој невоспоставен свет, делови од македонските Турци презедоа чекори кон продолжување на веќе вековната традиција, односно иселување за Турција. Податоците велат дека регионите на Валандово, Радовиш, Штип (станува збор за пасивни села, со население кое се занимава со сточарство и е исклучително сиромашно) постепено се празнат, или пак таквите намери се евидентни. Градскиот елемент прибегнува кон еден поинаков рецепт, а тоа е т.н. создавање на база во Турција (со купуваање на станови, куќи, дуќани, деца на школување, мажачки, женачки исл.), а егзистирање тука (во Македонија) во рамките на возможностите, многу често сведено на ниво на статистичка присутност.

Во западниот дел на Македонија, благодарение на моќта која што албанскиот елемент ја поседува заради бројноста, политичкиот капацитет, поради поинаквото разбирање на социјалната мобилност(пропратена со секојдневна милитантност-невидлива за било какви обсервери) Турците се можеби помногубројни, но цената на останувањето секогаш ја плаќаат двојно, преку редица секојдневни отстапки, лишувања од можноста да се воспостави интегралност во живеењето (и тука е на дневен ред рецептот: половина тука-половина во Турција).

6. Има ли епилог?

back to top

Се разбира дека нема, освен ако како епилог не се земат статистиките за: училишта, градинки, џамии, оџи, културно-уметнички друштва, културни установи, број на Турци без работа, број на Турци на работа-дома, во дуќани, во администрацијата, државните служби, застапеност во медиумите итн.

Секако дека дискусиите околу состојбата, поточно квалитетот на животот, без разлика дали станува збор за малцинства, или пак за мнозинства, не е нешто околу што на овие простори има традиција, или пак има изгледи да се воспостави. А и судбините, за жал, не можат да бидат поука за никого, освен за оние на коишто им се случуваат.

Секако дека воспоставувањето на моделот на општество во коешто индивидуалните и колективните права на граѓаните ќе бидат чадор за се што понатаму ќе биде посакуван проект за иднината на Македонија оди тешко. Многу е веројатно дека критичната маса за таков амбициозен зафат е минимална, а треба да се додаде дека, барем во изминатата деценија, секаков обид за конституирање на такви капацитети тонеше во намерно криминализираните лавиринти на македонската демократија, низ кои македонските политички елити чекореа поприлично извалкани, со полу-затворени очи од намигнување. Сметките за сето тоа, ако и не се стасани досега, ќе стасаат, со оглед на тоа што во историјата никогаш и не било поинаку.