Kiril Temkov
Faculty of Philosophy,
University “Ss. Cyril and Methodius”, Skopje

Логичките и етичките претпоставки на нашиот европски пат

eta content="text/html; charset=utf-8" http-equiv="Content-Type" /> itle>

ВО ЕДНА СЕРИЈА СТАТИИ за смислата на нашето ново време, него како дух и ангажман го нареков нов почеток. Прашањето за кое мислам дека е најважно за нас во тој нов почеток е: Дали за нас има друг пат освен европскиот?

Одговорот на ова прашање најнапред зависи од позицијата од којашто го поставуваме и од сериозноста со којашто го примаме.

Сериозноста не е голем квалитет на балканските народи.//Зборувам за Балканците - и воопшто од една поширока перспектива - а не само за Македонците, за да се види дека не живееме во вакуум, дека не сме единствени такви и дека одговорите на ваквите прашања не се однесуваат само на нас. Ние Балканците се доживуваме трагично и главно реагираме намрштено, но не се одликуваме со сериозност. Сериозноста е карактеристика на оној кој со одговорност спрема себе и луѓето околу него се однесува спрема животот, кој внимателно ги разгледува состојбите, кој длабоко и широко ги согледува проблемите, кој доследно ги оценува последиците од претходните околности и постапки и беспристрасно ја оценува улогата и одговорноста на секој, и којшто претпазливо настојува што пообјективно да ги предвиди случувањата (особено она што ќе му се случи нему) итн. На ниеден од овие психолошки, културни, духовни аспекти ниеден од балканските народи во модерното доба не кореспондирал со комплексни и комплетни одговори, ниту, за да ги достигне и остварува, покренувал доволно обемни, длабоки и значајни акции. Ниту, пак, генерално земено, ја одгледува доктрината на сериозноста и одговорноста во рамките на својата национална политика.

Позицијата од која балканските народи им пристапуваат на животните и политичките проблеми е инспирирана од духот на нивната цивилизација. А таа е левантинската.

ВО СВЕТОТ постојат неколку цивилизации, под што подразбирам - карактеристично доживување на светот, специфичен начин на живот, специфични својства и соодветна листа на приоритети, специфичности во мислењето, во реакциите, карактеристична насоченост на животот, свовидност на планирањето на животот и на постапките за остварување на стремежите, автентични односи спрема себе самите и спрема другите луѓе, специјална етика на животот. Станува збор за делови на човештвото составени од слични луѓе, кои заемно ја делат судбината и во поголемите временски епохи на сличен начин се развиваат и успеваат, односно опаѓаат. Такви глобални човечки групи, определени сепак според просторот во којшто егзистираат, ги има неколку: европска (западноевропска), американска (подобро: американско-австралиска), јужноамериканска, афричка, индиска (суптропска), далекоисточна и левантинска. (Вака неопфатените големи, специфични и значајни човечки културни агломерации во некои простори - руска, персиска, арабиска, етиопска - спаѓаат во некоја граница меѓу поопределените, или се делови на некој сличен свет и однесување, или нивните карактеристики можеби недоволно сум ги согледал ).

Ние му припаѓаме на левантизмот - дури понекогаш се чини, или ни се чини, дека сме негови автентични и најизразити претставници, иако центарот му е во Источниот Медитеран. Оваа цивилизација може да се нарече и турска, но не би било право овој поим да го врзуваме за турската предоминација во поновите времиња и единствено за влијанието на турските потенцијали и форми денес, кога веќе одамна пред да стане турски овој свет ги имаше истите карактеристики. Значи, сакам да истакнам дека ние спаѓаме таму, во левантинскиот (или турскиот) свет, кој географско-духовно го опфаќа просторот од Бања Лука и Белград до Самарканд и Бухара, и од Крим и Кавказ до Крит (или до Долен Египет).

Сите ние на овие простори на ист начин спиеме, на слични легла, користиме слични покривки и перници, се будиме во исто време и на ист начин, појадуваме во исто време и исти работи, како што ни се исти и другите оброци и јадења, денот (а и годината, а и векот) го планираме и го минуваме на ист начин, на ист начин разговараме, со иста брзина, со исти фрази и обрати, со исто внимание, ист тип заклучоци и на ист начин се однесуваме кон зборовите на другите, особено на оние упатени нам, одгледуваме ист тип одговорност кон своите и кон општите работи, на ист начин се однесуваме спрема начинот на здобивање средства за живот, спрема заработувачката и богатството, на ист начин и со иста леснотија или темпо ги трошиме парите, а најверојатно и со исти цели, на исти шеги се смееме, исти мани критикуваме, исти доблести (или глупи квалитети) посакуваме, на ист начин гледаме на личностите од другиот пол (како и на личностите од истиот пол), на ист начин се жениме, со исти цели и на ист начин правиме, раѓаме и одгледуваме деца, за нив имаме иста визија, им посакуваме слична иднина и на ист начин им ја подготвуваме судбата, на ист начин даваме и примаме совети, на ист начин ја сакаме културата (збор, музика, танци, бои, градби), која ја конзумираме во исто количество - вкупно и по одделните жанрови, а во исти животни етапи приоритетите во оваа област ни се исти, ист ни е кичот (шундот главно го примаме од Запад) и на ист начин него го критикуваме (а јавно или тајно поддржуваме), на ист начин (се) информираме, пиеме, јадеме (со исти вкусови и калории, по ист редослед), изгледаме исто, исти етички вредности сакаме и спроведуваме, исти политички вредности преферираме и исти политички манири обожуваме, па затоа и слична политичка судбина имаме, на ист начин тагуваме и се радуваме, на ист начин ги вклучуваме луѓето во тоа, на ист начин запомнуваме и исти работи и на иста далечина памтиме и си спомнуваме, итн. итн. - се исто доживуваме и работиме и исто живееме. Со еден збор: ние од една цивилизација сме исти. Малечките разлики само уште повеќе потенцираат дека сме исти.

Бидејќи ние Македонците сме некаде на работ од тој свет ( на којшто му дававме и даваме значајни придонеси за неговото развивање и за заедничкото соживеење, како и во уживањето во неговите благодати, но понекогаш и го критикуваме и разбиваме ), во овој нов почеток помислив (и не само јас, туку и уште некои од нас) дека дошло времето да се откачиме од левантинскиот и да појдеме кон европскиот свет, каде што сега не се наоѓаме - местото ни е таму каде што сме! - меѓутоа, каде што може да ни биде подобро за нацијата и за нас самите индивидуално. Впрочем, од турскиот (левантинскиот) начин на живот и методи веќе ми/ни е доста (како и на многумина од самите Турци). Ако историската шанса за тоа е тука, не треба да ја отфрламе - како што два-три пати ја отфрливме, или ја разнишувавме кога ја имавме. Затоа сега со страв гледаме на опасноста да останеме на своето незавидно место или повторно да се вратиме таму откаде што почнавме да излегуваме, односно Европа да ја гледаме далеку, далеку (иако сепак на видикот). За какво искуство и стравови се работи. На пример, да бевме независни уште од 1945 година, се плашам дека ќе бевме иста земја како и Енверовска Албанија или слична автократска Бугарија. Со малку влијание од Словенија како Европа бевме поинакви. Сега повторно ни се заканува опасноста од израмнување со Босна и со Албанија, со Либан и со Кипар... Ние без сериозност анализираме, односно најчесто воопшто не анализираме. Но, ако не знаеме што и зошто нешто ни се случуваше (и нам и на блиските, и на многуте, на сите од нашиот животен круг - од нашата цивилизација), нема да знаеме што ни се заканува и што не чека. По едно мало и добро (западно)европско искуство и по здогледувањето на европските благодети, мене ме остави страста кон сегашната моја цивилизација и посакав да бидам, да станам друга цивилизација, не нејзин дел - туку таа самата. (Ја замислувам Европа - иако во еден текст пред многу години, во шега, за пројавената страст по Европа напишав дека тоа претставува снижување на критериумот, бидејќи, кога бев млад, на некои од нас идеалот ни беше Америка ).

СЕ РАЗБИРА, Европа е висока, но и далечна цел. Нејзина реализација јас можам да ја направам само на два начина - самиот да почнам да живеам како Европеец (по европејски), што и не е најзначајното, најуспешното и највлијателното, или како професор да пледирам за европеизам, да ја пропагирам Европа и да подучувам за европскиот пат. Напишав еден текст за тоа како да станеме Европа (се разбира, за "малите нешта", за да се разбере дека пледоајето се однесува на цивилизацијата) за еден модерен весник во којшто почна да излегува споменатата колумна Нов почеток, но никој не го забележа. Потоа на една телевизија им предложив да им зборувам за значајните европски книги и идеи - не го сакаа тоа. Се каприцирав и решив на мојата култура да и ги претставам базичните логички и етички идеи на западниот свет - и пред некое време ја завршив таа задача: ги преведов и сам ги објавив книгите "Прагматизам" од Вилијам Џејмс, "Критика на практичниот ум" од Имануел Кант, "Научна расправа за методот" од Рене Декарт и "За слободата" од Џон Стјуарт Мил (овие книги се објавени во максималната философска серија "Еџ либрис" на Културната агенција "Метафорум-Епоха": Вилијам Џејмс, Прагматизам, превод и предговор д-р К. Темков, Метафорум, Скопје, 1992; Имануел Кант, Критика на практичниот ум, превод и белешки д-р Кирил Темков, Метафорум, Скопје, 1993; Рене Декарт, Научна расправа за методот како правилно да го водиме својот ум и да ја барем вистината во науките, превод, предговор и прилози

д-р К. Темков, Епоха, Скопје, 1996; Џон Стјуарт Мил, За слободата, превод, предговор и прилози д-р К. Темков, Епоха, Скопје, 1996 ) - како пример и поука за психолошките својства, идејните тенденции, етичката насоченост и цивилизациската ориентираност на четирите најуспешни нации на современиот свет - американската, германската, француската и британската.

Јасно се декларирав и сакам да покажам дека вон од Европа нас не чекаат лоши работи, зашто само таму, со неа, во еден живот на нејзин начин, не очекуваат нови, возбудливи, занесни и навистина ветувачки зафати и дострели. Во другиот контекст не не чека ништо, освен продолжување на летаргијата или паѓање во деградација.

Треба ли да кажам, и по кој знае кој пат повторно да кажам, оти верувам дека европскиот пат на Македонија n е единствениот потребен, неопходен, нужен, а се надевам и законит за мојата нација и за нашиот живот.

Зошто сум уверен дека тоа е така - а не врз основа на годините и достатното искуство да бидам философски мудар и човечки претпазлив и да не се истрчувам со животни оценки и политички визии. Умноста во мојот крај и така се толкува, како одлагање на решенијата, незборување за намерите и неоценување на дилемите, како чекање на тоа што ќе покаже животот, конечно - и како прифаќање на она што ни го определила слепата судбина. (По почетокот на бомбардирањата врз СР Југославија пролетта 1999 година, во македонското издание на весникот "Заман", во којшто неколку месеци пишував етичка колумна "Бројници", објавив неколку текста во кои уште понагласено укажувам на нашата неможност да ја смениме судбината, зашто нашиот свет е таков - не ни дава шанса да се бориме, односно во него индивидуалниот ангажман нема улога на негова промена, туку само на извршување на должноста или на снаоѓање во неговите рамки и пранги: Војна-бездна, бр. 144, 31 март 1999; Две вредности, бр. 146, 14 април; Загледани, бр. 147, 21 април; Изненадувања, бр. 148, 5 мај; Угурсузлак, бр. 149, 12 мај. ) А токму против таа левантинска забулена судбина и се бунтува мојот дух - против верувањето дека само од некоја нејасна сила зависи мојот живот. Тоа не прилега на мојата европејска надеж дека од ангажманот секогаш ќе произлезат добри, барем употребливи дела.

ЗО[ТО СУМ УВЕРЕН дека европскиот пат е единствено сообразен за Македонија? - Децидирано одговарам: Затоа што позицијата на Македонија е таква што нема друга шанса за добар живот, за напредување, дури и за опстанок, без приклучување на европскиот пат и без припојување кон Европа.

Не се работи само за безначајноста на Балканот, во која спаѓаат и од која извираат и многу наши безначајности и безизгледности. На крајот на краиштата, секој си го трга својот живот - онака како си го замислил, ако си во Европа, или онака како тој ти се случува, како некој друг сака, ако си во левантинскиот свет.

Оценката за дешператната позиција на Македонија не произлегува ниту од моите интуитивни согледби на процесите, ниту од наслушнувањето на она што како негативна опција нејзе некој n ја предвидува, таа оценка е резултат на бестрасна, студена анализа на фактите, според основниот принцип на стратегијата, како наука за испитување на вистината за една политичка позиција и тенденција, со најпрва и тројна обврска - вистина, вистина и само вистина!

Во таа смисла, геостратешката, политичката, економската, моралната позиција на Македонија побудува најголема алармантност.

Таа е историски скршена, иако живеењето во мир последниве години и еден малку стабилен (иако тежок) живот ги поттикнува нејзините граѓани да има илузија за својата добра состојба. - Македонија немала големи победи во последните век-два, дури во тој период е раскинато нејзиното природно битие, некои аспирации и надежи пропаѓале, а и неколку пати ги губела и пријателите или оние што ја разбираат од Балканот. Оттука потекнуваат и празните идеи во нејзината национална согледба. За тоа како пример сведочи и во неа присутниот ривализам кон втора Југославија, која во догледно време не може да биде возобновена.???? Оправдувањето за оваа ступидна идолатрија потекнува од тоа што Македонија имаше за првпат во модерната епоха држава или полудржава во таа Југославија, откаде потекнуваат и ламентациите по неа и нејзините реални или замислени високи дострели, без вистинско согледување на проблемите кои таму вирееја и од кои произлезе брзото распаѓање на тој "идеален" систем и раскинувањето на наречуваната "совршена" федерација.

Во геостратешка смисла Македонија е во многу тешка положба. Наспроти некои погледи инспирирани од застареаната концепција на геостратешкото значење како сместеност во центарот - тоа повеќе не значи многу.//Барем половина земји во светот се во некој центар, а стратешките правци на силите (чии војски денес не се движат по земја), и со оглед на економските или на другите сконцентрирани правци на дејствување, денес прескокаат географски топоси, ги натфрлуваат, дејствуваат однатре преку фино финансиско, технолошко или друго современо моќно светско дејствување, а не директно како геометриско ширење по мапата. Токму од нејзината таква централна геостратешка положба на Балканот произлегуваат проблемите на Македонија - таа е во центарот на Балканот, кој е полн (и уште многу долго ќе остане полн) со тензии, нерешени политички прашања, особено во смисла на национални амбиции и надежни ширења - а единствениот простор каде што тоа може да се случува е токму нејзиниот, којшто, покрај тоа, е и една исклучително значајна потенцијална просторија за воени дејства. Бидејќи нема политичка позиција и не се мешам во актуалните политички настапи, само во академските кругови сум укажувал на специфичната стратешка позиција на Република Македонија, од којашто произлегува нејзина соодветна политичка задача, односно обврска. Бидејќи границите меѓу балканските земји Албанија-Грција, Грција-Бугарија, Албанија-Југославија, Југославија-Бугарија се поставени долж планински масиви и имаат само неколку прооди, специфичната положба на Република Македонија во средината на Балканот и како можни патеки за премин на војските кон другите земји, кон кои немаат лесен пристап - ни донесува особени стратешки проблеми, така што во ова сегашно суредување на односите на Балканот, во што спаѓа и санкционирањето на териториите, границите и на сличните државни елементи, ќе мора да се обврземе дека нема да n дозволиме на ниедна земја од соседите да ја користи нашата протсторија за минување на нејзината војска кон другите земји. Од таквата позиција на Македонија природното воздржување и непотребност да дозволиме од нас да се вршат офанзивни дејства против СР Југославија, кога веќе таквата обврска е нашата стратешка обврска, така што, ако барем некој од нејзините соседи има некакви политички, а тоа значи, следствено, и воени апсирации, таа автоматски ќе биде вклучена во диоптријата на неговиот генералштаб. Македонија е, исто така, опкружена со земји кои сите се нејзини, ако не непријатели, тоа сигурно не обожаватели и замислени или посакувани бранители.

Таа нема излез на море и нема директна комуникација со светот. Заради многу причини, а особено заради ова, е подложна на уцени. Покрај тоа, n се случува, иако е во центарот на Балканот, да ја ставаат во геостратешка заграда. Бидејќи таа и останатите околу неа се неразвиени, тие главно се потпираат врз земниот транспорт (но, и сите имаат барем излез на море), а во визиите како да ги развиваат земните комуникации, и како идеја, и како план, и како сегашна или идна стварност, неа ја заобиколуваат - речиси е сигурно дека ќе биде изградена Јадранската магистрала од Трст до Атина и патот Солун - Софија - Белград и/или Темишвар (автопат, а и пруга за Те-Же-Ве). Ние пледираме магистралата исток-запад на Балканот да минува низ Македонија, но тој пат (како автопат и железница) не е во приоритетите, или не толку колку патот од грчките западни пристаништа (кои се продолжена линија од Италија, а така и од главна Европа) до Цариград, или од Солун кон Црното Море, или како што, по смирувањето на ситуацијата, ќе бидат правците од Јадранското Море преку Босна и Србија кон Бугарија, Романија, Украина и Русија, односно Турција и кавкаските земји. Впрочем преку Македонија не минуваат или не мораат да минуваат ни географските врски меѓу најголемите балкански центри Солун, Цариград, Софија и Белград (освен трансверзалата Софија-Тирана). Впрочем, тоа што нема море директно стратешки ја погодува Македонија. (Албанија четириесет години беше скарана со светот и демонстрираше краен изолационизам, кој ја уназади, но не ја скрши, бидејќи имаше море, по кое може да дојде она по коешто, инаку, може да страдаат оние кои не се на вода.)

Дека токму од ваквата ("горделива") геостратешка положба ќе произлегуваат и други проблеми, може да се види и од тоа што нејзините соседи многу полесно во историјата се договарале меѓу себе и имале барем некои конфедерални (федерални) идеи, за кои Македонија, тогаш кога и ги имаше, немаше собеседник за да ги дискутира.

Покрај тоа, Македонија е и материјално безначајна. Нејзиниот национален бруто производ е мал, а и постојано опаѓа, како и националниот доход по главата. (Тоа, се разбира, се случува при секоја промена на системот, но кај нас премногу долго трае.) И предолго остануваат неразвиени, нејасни и нефункционални заземените насоки на економската реконструкција во смисла на конструкција на новиот систем.Овој систем нужно ќе се случи (има да се случи), зашто не победија капитализмот и САД во оваа историска битка за да пуштат досетливите и иронични скриени социјалисти да ги победуваат на време и измолкнувајќи се од историските обврски. А такви какви што се нашите насоки, тие не одат во полза на развојот на сите наши сили, па така и на силата на Македонија воопшто. Ние објективно ги загубуваме шансите да ги искористиме своите сегашни компаративни предности и позначајни економски потенцијали. Исто така, нашата наречена стратешка ориентација кон земјоделието е несмасна, бидејќи немаме вода, парцелите на земјата се мали, нема учено селско население; организација на општеството, на банките, на школството, не е благопријатна за земјоделието, а и оваа постоечка неартикулирана ориентација на градинарски култури, покрај многуте техничко-технолошки проблеми, е несмасна, бидејќи нема пазар за неа - некои од околните земји имаат многу пониска цена на општествениот труд, па не може да им продаваме, а оние другите имаат токму исти производи за да ни конкурираат нам. Покрај тоа, иако нашата земја веќе повеќе години е независна и автохтона во одлучувањето, ништо не прави за модерното производство на индустриските култури, за преработката на храната, не отвора сериозни и големи поволности за капиталистичкиот индустриски развиток, кој е единствената шанса во овој миг во овој свет, и не се подготвува за експлоатација на рудното богатство, кое е најверојатно нејзината економска шанса во иднината.

Македонија е и политички неважна. Таа смета на значењето на пресвртниот одглас од негативните тенденциии во околните земји, но тоа во пресек со економската бессилност и политичката фактичност и заинтересираност не значи многу. Илузиите за својата важност нема лесно да ги разбие. Во Југославија таа беше провинција, и дословно и политички. Таква, еве, и останува. Малку стори да се развие во нешто повеќе од добра стара југословенска земја. Нејзините планови, амбиции, идеи, насоки, сите претставуваат реализирање на она што Југославија n го беше дала. Нејзините методи се старојугословенски, позицијата преземена од политичките позиција и политичкото мислење на втората Југославија. Таа не е излезена од ѓаволскиот круг на политиката на втората Југославија. Дури и ја карактеризира политичко незнаење и инертност, својствени за подолгиот, а особено за последниот период од нејзиното постоење. Ако, пак, и се вади од провинцијализмот, тоа е мошне бавно, неагресивно, навиките (втората природа) ги сака повеќе од животот, инаетите се поважни од креативноста, завлеченоста посилна од евентуалната визија.

Покрај тоа, во политичка смисла Македонија нема сила. Таа нема доволно луѓе, нема извори за политичка енергија, нема добра национална ориентација, освен кусорочни и парцијални цели, таа нема национална визија што да прави. Нејзиниот глас не е важен. Впрочем, реалниот процес на конституирање на држава е многу забавен, бидејќи најнапред како малечка и бессилна навистина има проблеми во своето сместување на политичата карта на Европа. Според големина на територијата, таа е како Холандија или како Словенија, според силата, историска, национална, геостратешка, таа е некако како Луксембург. Но, далеку е од Холандија, која е најразвиена земја на светот заради енергичноста и работата на нејзините луѓе, за разликите помеѓу неа и Словенија не треба ни да се зборува (зашто сите ние ги знаеме), така што, иако е поголема од Луксембург, би било најдобро да се споредува и извлекува поуки од оваа земја, која е најбогата држава на светот, но има и големо и толку значајно историско искуство. Дека на ова војводство интуитиво се мисли како компарација, покажува и возникнувањето на идеите за некој кнез во неа. Македонија, всушност, е кнежевство.

ОТТУКА СЕ ГЛЕДА што навистина n се има случено во 1912 година. И покрај ослободувањето од вековната вклученост во разнишаното и на смрт и на одење од Европа осудено Отоманско царство, таа беше поделена - не е страшно само тоа што е поделен близок етникум и уништена барем половината од националните капацитети, таа е оневозможена да постои како здрава земја. Стратешките интереси на времето, со заграбувањето на деловите од Македонија од другите земји, ги уназадија процесите и го пореметија националниот развиток и кај непосредните узурпатори (дури и кај оној еден кој, по силни конвулзии, денес е член на Европа), но кои и на Македонија засекогаш n ги укинаа перформансите на една современа земја.

Затоа треба да почнеме да размислуваме како земја, а не како нација. Да го сториме она што уште може да се стори - за националниот развој, ако такви приоритети воопшто можат да се компарираат, да стане последица од развојот на земјата, а не да се очекува нејасниот принципи на националниот развој да ги реши тешките и современи државни прашања. По тоа и се разликуваме од Европа.

Тогаш, што треба да правиме, или што преостанува да правиме? Да се држиме до европската опција, да се свртиме сериозно кон Европа, да станеме европска земја. За нас, всушност, тоа значи да тргнеме по европскиот пат, односно да ги правиме оние работи кои треба да не оддведат до Европа.

Како? - Со свест за големината и за моќите; со реална согледба на историската минливост, а не со ламентации што би било кога би било, туку што ќе биде ако биде вака и вака; со строга ориентација кон економско напредување, по секоја цена, без исклучок, зашто во оваа епоха на светот живеат само оние кои напредуваат, а одлагањето на прогресот води не кон стагнација, туку кон рапидна деградација (тука, се разбира, спаѓа една цела лепеза од изменети ориентации - од промена на образованието, начинот на однесување, проверка на идеите, модернизација на свеста во постапките); со свест за политичката ограниченост, но и со градење шанси и од таа позиција да се охрабрува својот народ и да се подобруваат односите со соседите секој ден по чекор, без враќање назад еден чекор за да се остварат евентуалните утрешни два; со префинета меѓународна политика на вклопување во модерната светска заедница; со будење и искористување на сите ресурси кои ги има, најнапред човечките; со една нова етика. А во сето тоа, како основа, со нова генерална стратегија - национална ориентација кон Европа.

НИЕ МОЖЕМЕ ДА ОПСТАНЕМЕ само како префинети производители, рационални луѓе, решителни и толерантни граѓани, богати поединци и жители на добро организирана земја, присутна, макар и на работ, во друштвото на водечките нации, економии и раководни луѓе на светот, со страст за напредување и со строг ограничувачки морален кодекс за секоја негативна тенденција која нарушува друг и други. Ние треба да го напуштиме светот на деспотизмот на традицијата и на околностите и да станеме носители на новиот либерализам. Ние треба да станеме современици.

А при сето тоа, треба да ни биде јасно и да не одржува свеста дека Источното прашање повторно стана, или уште повеќе ќе стане, грижа на Европа. Таа навистина се шири полека, но се шири. Засега таа е успешна и победничка цивилизација.

Како малечка земја, со слаби потенцијали, ние немаме можност за пробање на патиштата. Ние имаме историска шанса само за еден пат. Но, како земја која го намирисала здивот на Европа и можеби во себе има инстинкт за опстанок и прогрес, најверојатно би требало да можеме да ја пронајдеме таа тенка, но, иако тешко врвлива, нескриена патека.

Јас тој пат го гледам кон Европа, но не од ваква, што-годе реална и идеализирана балканска и левантинска, туку од таква, идеализирана европеизирана и европска Македонија.

Затоа зборувам за логиката и етиката на тој пат.