Мерилото за македонската демократија

Апстракт

Во 2001 година, албански герилци ја нападнаа македонската демократија. Две години подоцна, македонската демократија повторно е под опсада, но овојпат од друг непријател. Разните неодамна објавени публикации ја доведоа под сомнеж слободата на Македонците. Разни автори Владата на Македонија ја нарекоа “неслободна”, класификација што ја добиваат половината од источноевропските земји (или од поранешните советски републики од западниот дел на Советскиот Сојуз). Сепак, ако подобро се погледне статистиката и разните извори на податоци, таквите тврдења не се сосем основани. Далеку од неслободна земја, Македонија всушност покажува повеќе слобода отколку неколку други земји од Источна Европа, според голем број разни тестови. Ваквата истрага е потребна заради важноста што може да ја имаат заклучоците за приемот на Македонија во западните институции, како што се НАТО и Европската унија. Тоа може да има влијание и врз помошта што Македонија ја добива од билатерални и мултилатерални извори.

Во “Мапа на слободата: местоположбата на демократските земји на почетокот од 2003 година”, голем број источноевропски земји и нивните соседи се нарекуваат “слободни” земји. Мал број, како што се Русија и Босна, во оваа мапа се обележани како “делумно слободни”. Првобитно адаптирана од публикацијата на Мајкл Килборн (1997) “Одливот и приливот на слободата” во Кришчан сајенс монитор, Мапата е повторно отпечатена во најновата верзија на Светска политика: тренд и трансформација од Чарлс Кегли и Јуџин Виткоф. Треба да се каже дека оваа книга претставува еден од најпроминентните текстови за меѓународните односи за студентите во Америка. Дали Македонија е една од 48-те земји во светот “каде што систематски се прекршуваат или негираат човековите права и слободи” (Кигли и Виткоф, 2004)? Или ова мерило е грешка што треба да се поправи?

Во ова истражување, почнувам со испитување на оригиналните извори на податоците за класифицирање на Македонија како неслободна земја. Продолжувам со испитување на други извори на податоци собрани од општествени научници за да одредам дали таквото мерило е грешка. Исто така, ги истражувам и другите можни причини за одлуката Македонија да се обележи како неслободна. Заклучувам со дискусии за импликациите на мерилото за демократија на Македонија.

Мерилата за македонската демократија според Фридом хаус

на почеток

За да се почне анализата, треба да се определи од каде доаѓаат податоците за Македонија. Кегли и Виткоф (2004) и Килборн (1997) тврдат дека ги добиле податоците од организацијата Фридом хаус (Freedom House) (www.freedomhouse.org). Фридом хаус одредува кои земји се демократски врз база на разни услови. Првите ги земаат предвид политичките права, кои се занимаваат со: спроведувањето избори (дали се фер или не), правото на политичко учество, можноста на малцинствата да гласаат. Фридом хаус, пак, го испитува почитувањето на граѓанските слободи, од човековите права и слободи на изразување до правото на здружување и можноста да се спроведат економски зафати без мешање на владата (Фридом хаус, 2000).

Истражувањето на податоците со кои располага Фридом хаус открива дека овие фактори никогаш не ја означиле Македонија како “неслободна”. Всушност, од нејзиното регистрирање во базата на податоци во 1991 година, Македонија се класифицира како “делумно слободна” (Фридом хаус, 2001). Натаму, неодамнешните студии спроведени од Фридом хаус покажуваат дека Македонија ја продлабочила својата демократизација, со зголемено почитување на граѓанските слободи и политичките права, што доведе до тоа истражувачите да го сменат рејтингот на Македонија за два поена (по еден во секоја категорија), укажувајќи на генерално зголемување на слободата во малата поранешна југословенска република (Фридом хаус, 2003а). Всушност, “Мапа на слободата, 2003” на Фридом хаус ја покажува Македонија како делумно слободна земја (Фридом хаус, 2003б). Не е јасно зошто авторите тврдат дека ги засновале своите податоци врз оценките на Фридом хаус, а сепак Македонија не ја обележале правилно.

Инаку, класификациите на Килборн и Кигли и на Виткоф за другите земји, според податоците на Фридом хаус, се мошне веродостојни. Белорусија е, исто така, неслободна (така е наречена од 1996 година). Другите држави што на Мапата се наведуваат како делумно слободни (Албанија, Југославија, Босна, Украина, Русија, Турција, Грузија, Ерменија, Азербејџан и Молдавија) се наведени под истиот назив и според Фридом хаус. Мапата вклучува уште една грешка: Килборновата Мапа на слободата, Слободен Кипар случајно го нарекува “делумно слободен”.

Мерилата за македонската демократија според други бази на податоци

на почеток

За да се одреди дали Мапата на слободата е само грешка, погледнав како е обележана Македонија во други бази на податоци на тема демократија. Ги анализирам поените на Македонија во базата на податоци на Полити IV (Маршал и Џегерс, 2002). Овие кодирања се потпираат врз фактори како што се притисоци врз избраните лидери, конкуренција и регулирање на политичкото учество и колку е отворен политичкиот процес кон различни прашања. Во овие податоци, Македонија секогаш била назначена како демократска. Ова е мерено на неколку начини. Прво, демократската оценка за Македонија надминува одреден праг (6 од можни 10, често користено мерило усвоено од Диксон, 1993 година). Второ, проценето е дека Македонија има повеќе демократски карактеристики отколку авторитарни фактори, мера усвоена од други аналитичари (О'Нил, 1994 година). Податоците, исто така, откриваат дека Македонија нема ниту една авторитарна компонента. Во други источноевропски земји, што Полити или Фридом хаус ги процениле како демократски, постојат барем еден или повеќе авторитарни фактори (Албанија, Ерменија, Азербејџан, Естонија и Турција). Демократскиот период е последната карактеристика што се зема предвид: се испитува колку долго земјите го одржуваат демократскиот начин на владеење. Македонија ги одржува овие демократски стандарди од 1991 година. За разлика од Македонија, проценките за неколку земји (Албанија, Ерменија, Хрватска, Грузија, Романија, Русија и Југославија) се дека овие земји биле авторитарни според овие стандарди во некој период од 1990-тите. Белорусија и Азербејџан се наведени како современи автократски земји во регионот. Според овие четири мерила, Македонија се смета за подемократска од половината од 24-те источноевропски земји и од земјите од западниот дел на поранешниот Советски Сојуз кои се истражуваат во базата на податоци на Полити (нема достапни податоци за Босна во оваа временска рамка).

Досега, две бази на податоци ја класифицираат Македонија како демократска или барем делумно слободна. За дополнителна анализа, ја консултиравме базата на податоци Полиарки од Тату Ванханен. Таа вклучува друга група варијабли, различни од оние на Полити или Фридом хаус. Во неа се кодира процентот на електоратот што гласа. Се занимава и со “изборната конкуренција” како функција од гласови акумулирани од опозициските партии, коишто оневозможуваат консолидација на моќта. Резултатите покажуваат дека додека во Македонија има скромен одзив и опозициска моќ, сепак и двете оценки се доволно високи за да се смета Македонија за демократска. Изборите во 1999 и во 2002 година доведоа до статистика (како што е стапка на гласање од 70 проценти во 2002 година) којашто само ќе ? ги зголеми поените на Македонија на Индексот на демократијата на Ванханен (всушност, ниту една земја не покажува стапка на гласање од 70 проценти меѓу 1991 и 1998 година). Од друга страна, неколку земји имаат оценки што ги спречуваат да се вбројат меѓу демократиите (Албанија, Азербејџан, Белорусија) во истиот овој временски период.

Последната база на податоци што се однесува на политиката на Македонија доаѓа од Светската ревизија за демократско рангирање на државите од Југоисточна Европа во 2001 година. Овие истражувачи не само што земаат информации од Фридом хаус, туку и ги комбинираат со податоци што се однесуваат на Прес фридом, Индексот на перцепција на корупцијата од Трансперенси интернешнал и мерилата од Економик фридом. Според ова мерило, Македонија е на еднакво ниво со Грција, а покажува подобар перформанс од голем број од нејзините регионални соседи, вклучувајќи ги Бугарија, Романија, Босна, Албанија, Турција, Хрватска и Југославија (Macedonian Democracy.com, 2001). Според поновите информации за ова мерило, неколку од овие земји отишле понапред од Македонија, но таквите податоци секако не го поддржуваат обележувањето на Македонија како “неслободна”.

Заклучок: Импликации на мерилото за демократија во Македонија

на почеток

Со оглед на дадените податоци што укажуваат на тоа дека за да се означи Македонија како недемократска е сериозна грешка, мора да се запрашаме зошто Македонија ја добила ваквата оценка. Може да се земе предвид дека Мапата е полна со грешки. Сепак, се чини дека ова не е највалидното објаснување; дополнителната анализа открива дека постојат неколку дополнителни грешки што не се однесуваат на Македонија. Другото можно објаснување потекнува од неодамнешните проблеми што ги имаше Македонија со “Ослободителната национална армија” и потребата од интервенција на мировните сили од НАТО. Сепак, ова не објаснува зошто во Босна, Хрватска, Југославија и Грузија имаше и конфликти и мировни сили, а сепак овие земји не беа доведени до статусот “неслободни”.

Без оглед на причините зошто Македонија беше заведена како неслободна во оваа Мапа на слободата, резултатите од анализата покажуваат дека таквите заклучоци се погрешни. Ова се потврди со испитување на прикажаните извори на податоци за Мапата, како и со консултирање на дополнителните бази на податоци, при што секоја се фокусира на различни елементи од политичкиот и економскиот живот на Македонија. Треба да се забележи дека импликациите на таквата грешка се значајни по својата природа. Се разгледуваат можностите за членство на Македонија во клучни меѓународни организации, како НАТО и ЕУ. Големи се шансите дека обележувањето на Македонија како неслободна ќе го залади интересот на Американците и на Западноевропејците да ? посакаат добредојде на Македонија. Членството во овие организации во голема мера би ги подобрило договорите, пазарот и одбраната на Македонија. Македонија може, исто така, да ја загуби потенцијалната помош за развој од земјите или институциите ако тие немаат волја да соработуваат со авторитарна земја. Со оглед на неодамнешните обиди да се поврзе надворешната политика со економската политика, таквите неточни калкулации би можеле да имаат сериозни финансиски последици. Оваа анализа покажува дека Македонија ги исполнува критериумите да биде демократија и не би требало да се класифицира заедно со Северна Кореја, Кина, Куба, Ирак, Саудиска Арабија и Либија како “неслободна” земја.

Литература

на почеток

Dixon, William “Democracy and the Management of International Conflict.” Journal of Conflict Resolution. 1993. Vol. 37, pp. 42-68.

Freedom House “Survey Methodology” Freedom in the World. 2000.http://www.freedomhouse.org/research/freeworld/2000/methodology.htm

Freedom House “Annual Survey of Freedom Country Scores, 1972-73 to 1999-00.” Freedom in the World. 2001.http://www.freedomhouse.org/research/freeworld/FHSCORES.xls

Freedom House “Country and Related Territory Reports: Macedonia. Freedom in the World. 2003.ahttp://www.freedomhouse.org/research/freeworld/2003/countryratings/macedonia.htm

Freedom House “Map of Freedom, 2003” Freedom in the World. 2003b.http://www.freedomhouse.org/pdf_docs/research/freeworld/2003/map2003.pdf

Kegley, Charles W., Jr. and Eugene R. Wittkopf. World Politics: Trend and Transformation. 2004. Belmont, CA: Wadsworth.http://wadsworth.newtexts.com/newtexts/book.cfm?book_id=1230

Kilborn, Michael “Liberty’s Ebb and Flow” The Christian Science Monitor, May 9, 1997, pp. 18-19. http://www.csmonitor.com

Macedonian Democracy.com “World Audit: Democratic Ranking of Southeastern European States” The Macedonian Record On Democracy April 23, 2001.http://www.macedoniandemocracy.com/democratic_ranking.htm

Marshall, Monty G. and Keith Jaggers “Political Regime Characteristics and Transitions, 1800-2001” Polity IV Project. December 15, 2002. College Park, MD: University of Maryland. http://www.cidcm.umd.edu/inscr/polity

Oneal, John “The Affinity of Foreign Investors for Authoritarian Regimes. Political Research Quarterly. 1994. Vol 27, Issue 3132, pp. 565-589.

Vanhanen, Tatu “The Polyarchy Dataset: Vanhanen’s Index of Democracy.” August 15, 2000. International Peace Research Institute, Oslo (PRIO).http://www.sv.ntnu.no/iss/data/vanhanen/





Tags: