СРАМНО ОДНЕСУВАЊЕ НА СЛУЖБЕНИЦИТЕ НА ЕВРОПСКАТА АГЕНЦИЈА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА
Една возвишена цел, да се поттикне заштитата на малцинските права во Македонија, заврши како своја спротивнос: со кршење на човекови права од страна на службениците на Европската агенција за реконструкција(ЕАР).
Имено, во 2005 година, ЕАР за Македонија, распиша конкурс на тема „Подршка на малцинските права/активности„. Три невладини организации, Акција за демократска иницијатива од Гостивар(АДИ), Македонскиот центар за меѓународна соработка(МЦМС) и Центарот за мир и демократија: Иан Колинс(ЦМД), се јавија на конкурсот со проектот:„Споделување на власта-нов модел на одлучување во мултикултурните општини во Македонија„ Од повеќе пристигнати проекти, ЕАР го одбра овој проект и на 15.8.2005 потпишан е договор помеѓу АДИ како водечка организација и Луиѓи Сандрин, директор во ЕАР, за финансирање на проектот, под споменатиот наслов.
Неколку месеци по започнување на реализација на проектот, на 16 март 2006 г. Г-ин Луиѓи Сандрин ги менува условите од договорот. Имено, тој упатува „Нота до сите партнери што имаат склучено договор со ЕАР„. Предмет на нотата: „Употреба на името на поранешната југословенска Република Македонија„.
Во нотата, Г-ин Сандрин не известува дека единствена деноминација што може да се употреби е „поранешна Југословенска Република Македонија„ (со мало ф и мало о и со големи букви само на почеток на реченицата), во согласност со Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 817/1993 и Резолуцијата на Генералното Собрание 225/1993„
Во продолжение на писмото тој вели: „Името „Република Македонија„ или „Македонија„ нема да се употребува, без оглед на фактот што е тоа официјална деноминација употребувана од самата земја и без оглед на фактот што сите документи од Скопје(писма, извештаи) ќе ни се обраќаат во таа форма„.
На крај, Г-ин Сандрин, додава „Ве молам, обезбедите сите печатени документи и надворешните комуникации, исто како и веб-сајтовите, книгите и другите матерјали поврзани со проектите финансирани од ЕУ, да ја следат оваа политика„.
Како еден од авторите на Истражувачкиот извештај му одговорив на Г-ин Сандрин дека погрешно ја толкува политиката на ЕУ. Имено, ако е нивната „европска политика„ да ги цензурираат писмата и извештаите каде што стои името Македонија, тогаш треба видливо да го истакнат тоа. Тие немаат право да не понижуваат, барајќи ние самите да се откажеме од нашето име.
На ова писмо, спротивно на секоја цивилизирана комуникација, Г-ин Сандрин воопшто не одговори или барем јас таков одговор не добив. Во меѓувреме, бирократите во ЕАР, вршат дрзок притисок дека ќе го прогласат проектот за неуспешен, доколку не го избришеме зборот „Македонија„ од Истражувачкиот извештај. Тоа имплицира дека неговите носители ќе бидат ставени на „црна листа„ на европските фондови. Каква срамота!
„Зборот „Македонија„ не смее да се појави-вие треба да го избришете„ се заканува Г-ѓа Јута Булинг од ЕАР. „Воопшто не треба да ви кажам дека внатре во книгата не може да стои зборот Македонија„
Абсурдот одат дотаму, што во еден момент, Македонците станаа „поранешни Македонци„, советниците во општините „поранешни југословенско-македонски советници„ а македонскиот јазик , „на поранешната југословенска република Македонија, јазик„!Од цитатите на други автори споменати во Извештајот , од законските текстови, па дури и од уставотна државата , зборот Македонија се брише, се заменува со ПЈРМ или со Нашата Држава!
Она што е објавено на веб страница na НВО АДИ (www.adi-macedonia.org/publications/english/ е сведоштво на политиката на ЕУ и нејзините агенции, кои во еден момент стануваат соучесници на грчкиот национализам. Од насловот и од текстот е избришана деноминацијата „Македонија„ и „Република Македонија„, спротивно на вољата на авторите на Истражувачкиот извештај, Д-р Мирјана Малеска, Д-р Лидија Христова и Д-р Јован Ананиев.
Службениците на ЕАР, не сметаа дека е потребно да се извинат за понижувањето што ни го нанесоа и за кршењето на нашето право да се нарекуваме Македонци а државата во која живееме, Македонија.
Проф. Мирјана Малеска, главен уредник