ИНТЕРВЈУ СО ПАНАЈОТЕ ДИМИТРАС

 

Панајот Елиас Димитрас е оснивач и претседател на грчкиот Хелсиншки воч од 1992-ра година, а од 1998-ма е директор на центарот за документирање и информации за малцинствата во Југоисточна Европа. Доктор на политички и правни науки на американскиот универзитет Харвард, еден ретките интелектуалци кој отворено зборува за постоењето македонско малцинство во Грција. Заради жестоките критики кон грчката ксенофобична политика, и изјавите дека во Грција постои македонско малцинство државата покрена истрага против него обвинувајќи го за велепредавство. Министерот за правда го прифати обвинението и Димитрас сега го гони грчкиот јавен обвинител. Ако случајот добие судски епилог тој вели дека се соочува со казна доживотен затвор. Еден е од најголемите борци за човекови права кој ја промовира еднаквоста меѓу луѓето како највисока придобивка на современиот свет.

Препорачуваме на нашите читатели да ја посетат веб-страницата на Грчкиот Хелсински Комитет(www.greekhelsinki.gr); интервјуата на Панајоте Димитрас на YuTube, како и сајтот на македонското малцинство од Грција, Виножито(www.florina.org)

Прашање: Македонија и Грција имаат безмалку дведецениски спор околу употребата на името Македонија. Мислите дека спорот е исклучиво заради употреба на името или има и друга позадина?

Панајоте Димитрас: Суштината не е во името, туку во идентитетот. Грција одбива да прифати дека може да има македонски етнички идентитет било каде, а најважно, на нејзина територија каде не се признава ниту едно малцинство. Без разлика дали станува збор за Македонци или Турци.

Прашање: Покрај официјалната македонска позиција, во земјата има значителна група интелектуалци кои отворено повикуваат на компромис заради европската иднина на Македонија. Има ли во Грција таков пример?

Панајоте Димитрас: Постои мала група луѓе во Грција која е подготвена да го прифати уставното име на Република Македонија и постоењето на македонско малцинство во Грција. Но, тие се соочуваат со непријателство од доминатното мнозинство.

Прашање: Двата народа се изморени од политичкките прашања и долгите преговори. Можно ли е, во догледно време, двете страни да изнајдат сила и за компромис и да го решат проблемот?

Панајоте Димитрас: Грците би можеле да го прифатат името „Северна Македонија” ако двете страни се согласат. Но, ќе треба многу време за да признаат македонско малцинство и јазик, што, според мене, ја прави мала веројатноста дека ќе надвладее разумот.

Прашање: Што, според вас би бил фер компромис?

Панајоте Димитрас: Јас лично, мислам дека не постои причина земјите или етничките групи да ги менуваат своите имиња бидејќи другите го сакаат тоа. Но, имајќи ја предвид ситуацијата, тогаш „Северна Македонија”, но, со признавање на македонското малцинство и јазик и тука и во соседната земја би бил фер компромис.

Прашање: Грција се заканува дека ќе ја блокира македоската интеграција во ЕУ, откако го направи тоа во НАТО. Со тоа билатералниот проблем станува европски. Како се случи тоа ?

Панајоте Димитрас: Заради тоа што НАТО и ЕУ и дозволија на Грција како стара членка, да ги наметне своите гледишта на другите земји-членки. ЕУ ја толерира нејзината непослушност и не ја казнува за непочитување на Европскиот суд за човекови права, како и за препораките на сите експерти и институции на Советот на Европа и на Обединетите Нации.