Од планината Грамос кон Долна Шлезија: бегалци од грчката Граѓанска војна во Источна Европа и во Централна Азија (1946-2002 год.)
Апстракт
Граѓанската војна меѓу прозападните ројалисти и комунистичките републиканци во Грција во периодот од 1946 до 1949 год., првите поддржани од Велика Британија и од САД, а вторите од Титова Југославија и индиректно од Сталиновиот Советски Сојуз, истовремено го одбележува “крајот на Ориенталното прашање” и “почетокот на Студената војна” (Дан Динер). Во оваа модерна партизанска војна со белег на војување со низок интензитет (low intensity warfare), која примарно се одвиваше во северозападниот дел од земјата, наречен уште и Егејска Македонија, паднаа околу 100.000 жртви, а околу милион луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, најголемиот дел од нив засекогаш. Војната заврши на ист начин како што и започна - со импулс однадвор: Југославија, која беше ставена во изолација поради раскинот меѓу Тито и Сталин во 1948 год., престана активно да ја поддржува Комунистичката партија за Граѓанската војна и во јуни 1949 год. ја затвори својата граница спрема Грција - “Демократската армија на Грција” (ДАГ) на партизаните се најде во неповолна воена позиција и мораше да се спаси пребегувајќи во Албанија во август 1949 год.
Оваа високоидеологизирана граѓанска војна меѓу конзервативците и партизаните имаше и силна етнополитичка димензија: половина од прокомунистичките партизани и голем дел од нивните симпатизери и помагачи во северозапаниот дел од земјата не беа Грци во етничка смисла, туку Јужни Словени, кои до 1944 год. главно се изјаснувале како Бугари, а потоа како Македонци. Додека комунистите се залагаа за мултиетничка и секуларна Грција и на почетокот на 1949 год. беа за отцепување на Северна Грција и за припојување кон обединета Македонија, ројалистите го дефинираа Кралството како хомогена и христијанско-православна национална држава на Грците, во која “славофоните Хелени”, ако воопшто имаа некаков статус, тогаш тоа беше само оној за толерирање.
Миграционите бранови, индуцирани од Граѓанската војна, беа невообичаено многубројни и разнообразни и јасно се разликуваа од масовните протерувања во Средноисточна Европа, кои се случуваа паралелно со нив:
1. Веднаш на почетокот на Војната, во март 1946, жителите на северозападната административна област (nomoi) на Грција пребегаа од борбената зона. Најголемиот дел од нив се насели во големите пристанишни градови во земјата; меѓу нив и многу лица од Анадолија кои тукушто се беа доселиле во овој регион во рамките на грчко-турската размена на население. Истовремено, во оваа прва фаза од војната, многу млади мажи, но и жени, од долинските места во северозападниот дел се преселија во планинскиот регион којшто бил под влијание на ДАГ. Овде спаѓа и почетокот на миграциониот бран од Северна Грција кон Југославија, каде што уште во 1945 год. за централно прифатилиште беше одбрано гратчето Буљкес на северот на СР Србија.
2. Војската, лојална на кралот, во есента на 1947 год. започна широка акција за чистење во северозападниот дел од земјата, во чии рамки околу 700.000 лица беа раселени принудно во други делови од земјата.
3. Двете конфликтни страни, во 1948 год., евакуираа деца и млади од своите освоени територии во северозападниот дел на земјата. Ројалистите префрлија до 30.000 деца на југот на земјата, а комунистите испратија околу 25.000 деца преку граница, за Југославија, каде што првин беа сместувани во домови во неколку југословенски републики, а во наредните години, најчесто распределувани во таканаречените земји со народни демократии - Полска, ЧССР, Унгарија, Романија и Бугарија, како и во ГДР. Секоја од конфликтните страни ја обвинуваше другата страна дека ги депортирала овие деца против нивната волја и волјата на нивните родители, односно роднини (“paidomazoma” или [devsirme], односно “селектирање на момчиња” според османлиски урнек). Двете страни исто така се обвинуваа дека ова го прават со намера да извршат етнонационална трансформација - односно “Македонците” да ги претворат во “Грци” и обратно.
4. Од средината на 1948 год., кога почна да слабее југословенската поддршка на ДАГ, а ројалистите интензивно освојуваа територии, дел од цивилното население во преостанатите и комунистички контролирани региони премина преку границите кон Југославија и кон Бугарија, а делумно и кон Албанија. Најголем дел од овие бегалци биле сместувани во кампови во југословенските републики. Спомнатиот камп Буљкес во Војводина тогаш прерасна во вистински “град на бегалци”. Големината на оваа река бегалци се проценува на 50.000 лица.
5. Во летото 1949 год., најголем дел од припадниците на ДАГ пребега во Албанија, а помал дел во Бугарија. Офицерскиот корпус веднаш беше префрлен со бродови во советските пристаништа на Црното Море, а потоа во советската република Узбекистан. Војската и подофицерите мораа да истраат во принудни сместувања на албанското приморје с? до 1950 год.
6. Во 1950 год., бегалците од Граѓанската војна, коишто живееја во југословенските кампови, беа прераспределени во Полска, ЧССР, Романија и Бугарија, како и во ГДР и советската република Узбекистан - честопати со насилни разделби на семејствата. Во истата година, во земјите со народна демократија, беа распределени и партизаните на ДАГ од Албанија. Од 1950 година, на целокупната територија под советска доминација престојуваа околу 100.000 цивили-бегалци од Граѓанската војна, од кои околу една третина деца, војници, подофицери и офицери. Најголемиот дел од нив, околу 30.000, се наоѓаа во Советскиот Сојуз, главно населени во Ташкент. Околу 2.000 живееја во ГДР, пред с? во Радебојл и во Дрезден, а речиси 70.000, од кои половината Македонци, живееја во земјите со народна демократија, примарно во ЧССР и во Полска. Со најголема концентрација на населување беше (а остана и до денес) историската Шлезија, значи регионот од обете страни на новата полско-чехословачка граница, полскиот територијален појас западно од реката Одра кај Полице (Politz), Моравија со Брно (Brunn), потоа Будимпешта и нејзината околина и бегалскиот град Белојаниц во Пуцта, познат по убиениот грчки партизански херој Никос Белојанис.
7. Во 1950 год. се случи првиот, по интензитет слаб бран на ремиграција: околу 800 деца од Југославија и околу 150 од ЧССР беа вратени во својата грчката татковина. Сепак, оваа тенденција не продолжи и во наредните години.
8. Од почетокот на 50-тите години дојде до спојување на семејства, организирани делумно од државата, а делумно од самите бегалци. На тој начин, на пример, неколку илјадици Грци и Македонци се преселија од Полска во Узбекистан.
9. Во 50-тите години мал дел бегалци од Граѓанската војна замина од Источна Европа и Централна Азија за Австралија и за Северна Америка.
10. Во 60-тите години, дел од македонските бегалци во Узбекистан и во земјите со народна демократија ја прифати понудата на владата на Југославија и се пресели во СР Македонија. Овде им беа доделени станови и работни места, во прв ред во Тетово и во Гостивар, градови со претежно албанско население.
11. За време на Брандовата политика спрема Истокот, во 70-тите години на еден дел од вкупно 2.000 грчки бегалци им беше овозможено од ГДР да се преселат во СРГ; назад останаа главно сирачињата и младите возрасни без родители.
12. По завршувањето на диктатурата во Грција во 1974 год., мал дел од грчките бегалци доби можност за ремиграција во Грција.
13. Социјалистичката Влада на ПАСОК, избрана во 1981 год., во Атина амнестира мнозинство лица, најчесто осудени in absentiam, и бегалците од Граѓанската војна принудно протерани, што предизвика голем бран на ремиграција. До 1983 год., во Грција се вратија околу 40. 000 лица од Централна Азија и од земјите со народна демократија, од кои речиси без исклучок сите беа Грци, но не и Македонци. Во мал број случаи им беше вратена сопственоста, одземена по 1949 год. од државата, но во најголем број случаи не им беше вратена.
14. Оваа ремиграција продолжи и во текот на наредните 80-ти години: се смета дека во 1987 год. се вратија уште околу 20.000 бегалци од Граѓанската војна кои дотогаш живееја во Советскиот Сојуз и во земјите со народна демократија, а нејзиниот интензитет се зголеми и во 90-тите години. Во Узбекистан, на пример, каде што во 1979 год. живееја 14.025 Грци, во 1989 год. нивниот број се намали на 10.454, а во 1999 год. изнесуваше само уште 1.625. Во 1991 год. во Чехословачка живееја само 3.400 Грци, односно Македонци кои се изјаснуваа како Грци, додека нивниот број во 1983 год. изнесуваше околу 10.000, а во 1975 год. дури 13.500 лица. Во моментов, бројот на Грците и на Македонците од Грција во Полска се проценува вкупно на околу 5.000 (1975 и 1983 год.: 9.000), а бројот на овие лица во Унгарија на околу 1.000 (1975: 4.800, 1983: 2.780) - за актуелните бројки во Бугарија (1975: 6.800, 1983: 4.000) и во Романија (1975: 5.600, 1983: 3.500) не постојат податоци. Во Југославија исто така не постојат податоци за овие лица, кои заради нивното потекло од Егејска Македонија се нарекуваат “Егејци”, затоа што тие се попишуваат заедно со “домашните” Македонци. Истото важи и за Република Македонија, која е самостојна од 1991 год.
Извесно е дека во моментов надвор од Грција, односно надвор од поширокиот регион Македонија, живеат околу 15.000 лица од првата генерација протерани лица од Граѓанската војна, како и нивните деца и внуци, и оти тие лица најверојатно ќе останат да живеат таму и во иднина. Главна причина за ова е високиот степен на социјална интеграција, придружен со соодветен статус што го уживаат бегалците од Граѓанската војна, во прв ред во општествата во Средноисточна Европа. Најголем дел од нив се пристигнати во новите индустриски центри на земјите со народна демократија како неписмени земјоделци и овчари и, користејќи ги постојано и амбициозно широките понуди за образование во земјите-домаќини, денес се вбројуваат, пред с”, во техничката интелигенција. За македонскиот дел од бегалците особено корисна беше сродноста на нивниот јазик со словенските јазици во Југоисточна Европа, во Средноисточна Европа и во СССР. И покрај тоа, во 1949 год., токму оваа група беше паушално осомничена за “титоизам” и дискриминирана низа години. Со тоа Македонците ја загубија појдовната предност, изразена преку имиџот за “добри сталинисти”, која Грците и Македонците на почетокот ја уживаа во очите на партиските раководства во земјите со народна демократија. Поради оваа околност Македонците темпорарно назаднуваа, а најпосле напредуваа во периодот на десталинизацијата. Меѓутоа, никогаш не им успеа да се ослободат од политичкото старателство, кое им беше наметнато од нивните грчки собегалци. Имено, за сите бегалци-цивили, партиите и институциите во земјите-домаќини како главен соговорник ја сметаа Грчката комунистичка партија во егзил (ККЕ), чиишто функционери речиси без исклучок беа Грци, а не Македонци. Во овој контекст треба да се спомне и околноста дека промакедонската линија на ККЕ, што ја застапуваше нејзиниот генералнен секретар Никос Захаријадис за време на неговиот мандат од 1931 до 1956 год., беше отфрлена како “сталинистички реликт” во текот на интерно-партиската десталинизација.
Спомнатите 15.000 Грци и Македонци во Средноисточна Европа, гледано од надворешна перспектива, денес претставуваат интегрирана, па и акултурирана општествена група, која, меѓутоа, гледано од внатрешна перспектива, претставува социјален космос за себе. Доказ за ова е транснационалниот модел за склучување бракови во рамките на сопствената група (in group), кој може да се сретне и кај втората генерација, според кој “унгарски” Македонец не може да се жени со Унгарка, туку со “полска” или со “морависка” Македонка, која обично се избира за него со помош на семејни мрежни системи што ги надминуваат и државните граници. Втор и поневидлив индикатор за ова е “секундарната” травматизација на втората и третата генерација бегалци - травматизација што ја вршат родителите, бабите и дедовците и која не ретко ја потврдуваат главно негативните искуства на членовите од семејството при нивното враќање во Грција. Во случајот со Македонците, овде треба да се додаде и перпетуираната травматизација, изразена во уверувањето дека Грците не се само нивни “прогонувачи”, туку подоцна, со децении и нивни “поробувачи” - станува збор за функционерите на ККЕ во земјите со народна демократија и во СССР. Поради оваа негативна фолија, не изненадува фактот што сликата на земјата-домаќин е дотолку повеќе позитивна: во перцепцијата на бегалците во периодот пред и по 1989 год., општествата на Полска, на Чешката Република и на Унгарија се квалифукиваат како “европски”, “цивилизирани”, “образовани”, “богати” и “модерни”. Мошне високо се ценат животниот стандард, добрите можности за постигнување кариера, социјалното осигурување, можностите за партиципација во сите домени на јавниот живот, како и степенот на еманципација. Во периодот пред 1989 год., постоеше уште еден позитивен аспект, поврзан со ограничувањата за патувања во странство кои важеа за мнозинското население, но не и за бегалците од Граѓанската војна, кои претежно беа лица без државјанство и можеа да се занимаваат со доходовна дополнителна дејност во вид на прекугранична трговија на мало во рамките на целата територија на Советот за заемна економска помош (COMECON).
Со цел подобро да се расветли овој хармоничен и речиси симбиотичен соживот меѓу бегалците од Граѓанската војна и мнозинското население во југоисточна, западна и северозападна Полска во моравискиот дел од ЧССР, односна во Чешката Република, како и во околината на унгарскиот главен град Будимпешта, треба да се спомне и околноста што двете групи население речиси во исто време пристигнале во спомнатите, претходно целосно етнички исчистени региони, осносно двата народа имале речиси идентичен “нулти час”. Причината за ова бездруго не е случајност, туку планирања од страна на државата: само онаму каде што претходно беше индустриски погубено еврејското и протерано германското население, имаше доволно животен простор за бегалците и потреба од човечки ресурси. Во случајот на Полска постоеше и еден дополнителен аргумент: с? додека полските власти не беа сигурни во тоа каде ќе се протега новата граница со Западот, тие го пренасочуваа бранот бегалци од Граѓанската војна, кои во земјата главно пристигнуваа со брод преку пристаништето Гдиња (Gdingen), кон полските територии, во тоа време управувани од Советскиот Сојуз: Полице (Politz), западно од реката Одра, и Згорзелец, источно од реката Ниса. Ова, според полската страна, имаше две паралелни предности: од една страна, за сместувањето и за исхараната на бегалците мораше да се грижи советската воена администрација во Германија, и, од друга, во случај на отстапување на овие територии на ГДР, воедно ќе се решеше и проблемот со бегалците. Овие концентрации на бегалци беа укинати со прераспределување, тогаш кога границата Одра-Ниса стекна меѓународно-правен квалитет, а Полице и Згорзелец останаа во рамките на Полска. Ова објаснува зошто, пред с?, Шлезија стана средиште на населување. Извесна паралела со оваа околност, иако неспоредлива по размер, покажува случајот со планината Биешчаѓи на крајниот југоисток од новата Полска. Имено, на неколку стотици грчки рудари им беа доделени нови домови во селото Крошчиенко и околните места, коишто претходно, во текот на “акцијата Висла” во 1947 год., се прочистени од Украинци.
Дијаспората на бегалците од грчката Граѓанска војна во сегашна Источноредна Европа претставува посебна епизода во историјата на Студената војна, која досега слабо е обработувна од политичко-мемоарски аспект. Првите почетоци за ова претставуваат конгресите, кои на секои десет години ги одржува Здружението на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија, основано во македонскиот град Битола, чиј одглас, меѓутоа, многу слабо одекнува до Средноисточна Европа, а до Грција воопшто не стигнува. Претпоставка за да се случи ова може да претставува претстојниот прием на земјите од Средноисточна Европа кои прифатија бегалци во Европската унија, во која Грција веќе членува.
Користена литература
B?rentzen, Lars: The „Paidomazoma“ and the Queen’s Camps. In: Lars B?rentzen, John O. Iatrides, Ole L. Smith (Eds.): Studies in the History of the Greek Civil War 1945-1949. Copenhagen 1987, S. 127-157.
Barcikowski, Wladyslaw: Szpital grecki na wyspie Wolin. Szczecin 1989.
Barker, Elisabeth: The Yugoslavs and the Greek Civil ,War of 1946-1949. In: Lars B?rentzen, John O. Iatrides, Ole L. Smith (Eds.): Studies in the History of the Greek Civil War 1945-1949. Copenhagen 1987, S. 297-308.
Biernacka, Maria: Greek Refugees in the Bieszczady Mountains. Processes of Adaption and Integration. In: Ethnologia Polonica 7 (1981), S. 35-45.
Biernacka, Maria: Osady uchodzcow greckich w Bieszczadach. In: Etnografia Polska 17 (1973), H. 1, S. 83-93.
Boeschoten, Riki van: The Impossible Return: Coping with Separation and the Reconstruction of Memory in the Wake of the Civil War. In: Mark Mazower (Ed.): After the War Was Over: Reconstruction the Family, Nation, and State in Greece, 1943-1960. Princeton, NJ, 2000, S. 122-144.
Botu, Antula: Recka etnicka skupina v Ceskoslovensku. In: Cesky lid 69 (1982), H. 1, S. 47-50.
Brown, Keith S.: Macedonia’s Child-Grandfathers: The Transnational Politics of Memory, Exile and Return 1948-1998. Washington 2003 (= Donald W. Treadgold Papers series, No. 37: University of Washington).
Dorovsky, Ivan: Jeste to neni minulost. Ctyricet let od evakuace deti z Recka. In: Sbornik praci filozoficke fakulty Brnenske univerzity 37. Rada historicka (C ) c. 35. Brno 1988, S. 17-32.
Dorovsky, Ivan: Pro nas to neni minulost. In: Dorovsky, Ivan: Ve snu se stale vracim domu. Brno 1993, S. 3-16.
Georgievski, Kuzman. Eden neobjaven dokument-spisok na makedonski deca koi se naog‘aat vo Istocno-evropskite zemji. In: Istorija 22 (1986) H. 2, S. 301-323.
Georgievski, Kuzman: Isseluvanjeto i zgrizuvanjeto na decata-begalci od egejskiot del na Makedonija vo vremeto na grag‘anskata vojna (19461949 godina). In: Istorija 22 (1986), H. 1, S. 141157.
Hofman-Liandzis, Krystyna, Kazimierz Pudlo: Z badan nad kultura ludowa emigrantow greckich na Dolnym Slasku. In: Zeszyty Etnograficzne. Wroclaw 1963, H. 1, S. 148-160.
Hradecny, Pavel: Die griechische Diaspora in der Tschechischen Republik: Die Entstehung und Anfangsentwicklung 1948-1956. In: Evangelos Konstantinou (Hrsg.): Griechische Migration in Europa. Geschichte und Gegenwart. Frankfurt/M. u. a. 2000, S. 95-117.
Hradecny, Pavel: Recka komunita v Ceskoslovensku. Jeji vznik a pocatecni vyvoj (1948–1954). Praha 2000 (= Studijni materialy Ustavu pro soudobe dejiny AV CR, svazek 6).
Iatrides, John O.: Civil War, 1945-1949. National and International Aspects. In: John O. Iatrides (Ed.): Greece in the 1940s: A Nation in Crisis. Hanover, NH, 1981, S. 195-219 + 385-392.
Jackson, Marvin R.: Changes in Ethnic Populations of Southeastern Europe: Holocaust, Migration and Assimilation – 1940 to 1970. In: Roland Schonfeld (Hrsg.): Nationalitatenprobleme in Sudosteuropa. Munchen 1987, S. 72-104.
Jones, Howard: The Diplomacy of Restraint: The United States Efforts to Repatriate Greek Children Evacuated during the Civil War of 1946-49. In: Journal of Modern Greek Studies 3 (1985), May, S. 65-85.
Jossifidis, Alexander: Beloiannisz. In: Thetis. Mannheimer Beitrage zur Klassischen Archaologie und Geschichte Griechenlands und Zyperns 9 (2002), S. 197-199.
Kirjazovski, Risto: Makedonskata politicka emigracija od Egejskiot del na Makedonija vo Iztocnoevropskite zemji po Vtorata svetska vojna. Skopje 1989.
Knopek, Jacek: O osadnictwie Grekow i Macedonczykow na Ziemiach Odzyskanych po II wojnie swiatowej. In: Andrzej Chodubski (Hrsg.): Przemiany spoleczne, kwestie narodowosciowe i polonijne. Torun 1994, S. 145-152.
Kolbe, Kica B. Egejci. Skopje 1999.
Konecny, Karel: Recke a makedonske deti v Sobotine. In: Severni Morava. Vlastivedny sbornik, svazek 74, Sumperk 1997, S. 45-58.
Lagani, Irina: To „paidomazoma“ kai ellinojugoslavikes schesis 1949-1953. Athina 1996.
Makris, Praxiteles: Deti vydedencu. Ostrava 1986.
Martinova-Buckova, Fana: I nie sme deca na majkata zemja ... Skopje 1998.
Maryanski, Andrzej: Mniejszosc grecka w wojewodstwie Rzeszowskim. In: Czasopismo geograficzne 33 (1962), H. 3., S. 362-363.
Minkov, Lazar: Makedonskata emigracija od Egejskiot del na Makedonija vo Ungarija. Skopje 2000.
Monova, Miladina: De l’historicite a l’ethnicite: Les Egeens ou ces autres Macedoniens. In: Balkanologie 5 (2001), S. 179-197.
Nakovski, Petre: Makedonski deca vo Polska (1948-1968) (Politoloska studija). Skopje 1987.
Otcenasek, Jaroslav: In: Recka narodnostni mensina v Ceske republice dnes. In: Cesky lid 85 (1998), H. 2, S. 147-159.
Pudlo, Kazimierz: Grecy i makedonczycy w Polsce 1948-1993. Imigracja, prezmiany i zanikanie grupy. In: Sprawy Narodowosciowe 4 (1995), H. 1 (6), S. 133-151.
Pudlo, Kazimierz: Nekoi refleksi za prestojot na decata od Egejska Makedonija vo Polska (1948-1968). In: Glasnik na Institutot za nacionalna istorija 30 (1986), H. 1-2, S. 193-209.
Pudlo, Kazimierz: Uchodzcy polityczni z Grecji w Polsce (1948-1995). In: Zbigniew Kurcz (Hrsg.): Mniejszosci narodowe w Polsce. Wroclaw 1997, S. 149-152.
Ristovic, Milan: A Long Journey Home: Greek Refugee Children in Yugoslavia 1948–1960. Thessaloniki 2000.
Ristovic, Milan: Dugi povratak kuci. Deca izbeglice iz Grcke u Jugoslaviji 1948-1960. Beograd 1998.
Robovski, Nikifor: Makedoncite od Egejskiot del na Makedonija vo Cehoslovakija. Skopje 1988.
Rossos, Andrew: Incompatible Allies: Greek Communism and Macedonian Nationalism in the Civil War in Greece, 1943-1949. In: Journal of Modern History 69 (1997), S. 42-76.
Ruwe, Gerrit: Griechische Burgerkriegsfluchtlinge. Vertreibung und Ruckkehr. Munster 1990.
Танаскова, Фиданка (Хрсг.): Ден на разделените. Прва светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Скопје, 1948-1988. Скопје 1993.
Terzudis, Christos: Trzydziestolecie pobytu w Polsce uchodzcow politycznych z Grecji i dzialalnosc ich Zwiazku im. Nikosa Belojannisa (Wybrane problemy). In: Rocznik Dolnoslaski 7 (1981), S. 231-251.
Tsironis, Petros: Deti Hellady. Plzen 1976.
Voutira, Eftihia, Aigli Brouskou: „Borrowed Children“ in the Greek Civil War. In: Catharine Panter-Brick, Malcolm T. Smith (Eds.): Abandoned Children. Cambridge 1998, S. 92-110.
Wojecki, Mieczyslaw: Grecy w Polsce Ludowej. Greeks among the population of People’s Poland. In: Przeglad Geograficzny 47 (1975), H. 4, S. 763-768.
Wojecki, Mieczyslaw: Ludnosc grecko-macedonska na Dolnym Slasku. In: Sobotka. Slaski kwartalnik historyczny 1980, H. 1, S. 83-96.
Wojecki, Mieczyslaw: Ludnosc grecko-macedonska w Polsce. In: Czasopismo geograficzne 46 (1975), H. 3, S. 313-314.
Wojecki, Mieczyslaw: Osadnictwo ludnosci greckiej na Ziemi Lubuskiej. In: Przeglad Lubuski 7 (1977), H. 2, S. 22-31.
Wojecki, Mieczyslaw: Uchodzcy polityczni z Grecji w Polsce 1948-1975. Jelenia Gora 1989.