ЕПИЛОГ

Во август 1995 година, додека известував од Војната во Босна за “The Christian Science Monitor”, слушнав дека американски шпионски авиони лоцирале масовни гробници во близина на Сребреница, источна Босна. Овој опколен муслимански град еден месец пред тоа беше паднал во рацете на босанските Срби. Преживеаните известуваа за масовни погубувања.

На 16 август добив дозвола од босанските Срби да влезам на нивна територија и се одвезов директно во Пале - нивниот самопрогласен главен град. Со копија, испратена по факс, од сателитска фотографија на масовната гробница се упатив во правец на Пале, но сопрев во Нова Касаба - селото каде што беше забележана наводната масовна гробница. По двочасовна потрага, наидов на четири откоса од свежо ископана земја, два празни шаржера, белешки од некој градски состанок во Сребреница, уверение за завршено основно училиште со муслиманско име и, најпосле, човечка нога што се распаѓаше.

Потоа минав две недели од септември во пребарување на бегалските кампови на другата страна од фронтот во потрага по преживеани од масовни егзекуции. Пронајдов деветмина преживеани, кои ми раскажуваа веродостојни приказни за убиства на илјадници невооруженаи муслимански затвореници. Војниците што ја преживеаја Сребреница ме донесоа до братот на човекот чија диплома од завршено основно училиште ја најдов до наводната гробница во Нова Касаба. Кога му ја покажав дипломата неговото лице пребледе и тој се сврте и исчезна во толпата војници. Неговиот 21-годишен брат Мурат исчезнал од падот на Сребреница.

Во октомври повторно влегов на српска територија без дозвола и пронајдов уште две места каде што биле извршени масовни погубувања. На првото имаше три бастуна и куп цивилна облека недалеку од нешто што наликуваше на две свежо ископани масовни гробници, потврдувајќи ги приказните на преживеаните за масовни егзекуции на старци и цивили. На второто, човечки коски лежеа до куп земја, повторно потврдувајќи ги приказните за убиства. Само што сакав да ги фотографирам коските ме уапси еден босански Србин.

Бев обвинет за нелегално влегување на туѓа територија, затворен десет дена и ми се закануваа дека ќе ме обвинет и за шпионажа, за што се добиваше од десет години затвор до смртна казна. Откако 12 члена од моето семејство и двајца мои уредници од “The Christian Science Monitor” долетаа во Дејтон, Охајо, за тогаш тековните мировни преговори за Босна, Клинтоновата администрација изврши притисок врз Србите да ме ослободат.

Во тоа време, верував дека падот на Сребреница е едноставна приказна со освојувачи и жртви. Но, падот на градот се покажа многу посложен, поконфузен и помрачен одошто очекував.

Падот на Сребреница се покажа како една од најголемите контроверзи и мистерии на војната во Босна. Околку трагедијата се плетат безброј теории на заговор - некои од нив сомнителни, некои убедливи.

Вистината во поранешна Југославија - регион во кој со векови доминираа авторитарни режими - е небулозен концепт. Претерување и манипулација со фактите се општо прифатени сретства за опстанок, а пропагандата е норма. Сите страни во бруталната војна - вклучувајќи и многу официјални лица од западот и од Обединетите нации - недвосмислено се убедуваа дека се невини и дека другата страна е виновна.

Официјални лица на ОН, од Холандија, Франција, САД и од Босна лажеа или ја прикриваа својата улога во трагедијата и ги обвинуваа другите за падот на енклавата. Преживеани жртви од падот на Сребреница претеруваа, отворено лажеа или претставуваа прочистена верзија на нивните дејства и нивните одлуки. Голем дел од властите на босанските Срби одбија да говорат и ги заплашуваа оние кои говореа.

Оваа книга се фокусира главно на искуствата на седдумина - тројца муслимани, двајца Холанѓани, еден Србин и еден Хрват. Ги избрав токму нив поради она низ што минале и затоа што ги сметав нивните раскажувања за веродостојни. Она што следи, а што ги вклучува деталните размислувања и сеќавања на споменатите поединци, е опис на настани како што ми ги раскажаа тие поединци и како што беа забележание во голем број документи и новинарски извештаи. На централните карактери им дозволив да ги ревидираат оние делови од книгата во кои се појавуваат заради поголема точност. Го презедов овој невообичаен чекор за да избегнам погрешни интерпретации и за да и дадам на книгата непосредност. Овде нема да го најдете секој настан или злосторство што се случило, но верувам дека ова е точно претставување на динамиката што во тоа време се одвиваше во Сребреница и, воопшто, во Босна.

Се користев со белешки за да ги објаснам изворите на информации и за да ги поткрепам обвинувањата. Разговорите се реконструирани врз основа на интервјуа со учесници или врз основа на извештаи напишани во тоа време. Онаму каде што не сум сигурен за тоа што се случило тоа и го кажувам или со белешка објаснувам зошто е така. Се извинувам за секоја неточност, искривување на вистината или испуштање на факти. Се обидов овој текст да го направам што е можно повистинит. Сите грешки во проценки се мои.

Оваа книга треба да се смета само за почетен приказ на падот на Сребреница, не последниот збор. Се надевам дека ќе поттикне натамошно истражување. Пропаганда, недоверба и гласини ја предизивикаа Војанта во Босна и одиграа подмолна улога во Сребреница. Целта на оваа книга е да помогне да се урне таквата динамика, а не да се поттикнува.

Босанските муслимани, Срби и Хрвати се расно исти. Сите три групи се бели источноевропски Словени. “Југославија” значи “земја на јужните Словени”. Сите три групи зборуваат српско-хрватски јазик со босански акцент. Разликата меѓу босанските муслимани, Срби и Хрвати е нивната вероисповед. Единствениот начин да се разликуваат Србин, Хрват и муслиман е спред нивното име или презиме.

Босна и Херцеговина е нешто поголема од Западна Вирџинија. Кога почна војната во април 1992 година, во разновидната земја од 4,3 милиони жители 44 проценти беа муслимани, 31 процент Срби, 17 проценти Хрвати и осум проценти “Југословени”, односно луѓе кои не сакаа да се изјаснат во однос на својата националност. Таа беше етнички најизмешаната од шесте југословенски републики и имаше чести случаи на мешани бракови меѓу Срби, Хрвати и муслимани во поголемите градови.

Босна е еден од големите светски крстопати. Со векови, овде се среќаваа и се судираа цивилизации, војски и царства. Долговековната окупација на земјата од страна на разни големи царства беше причината за поделба на луѓето во три главни групи. Оние што беа преобратени во католицизам под власт на Католичката света римска империја станаа познати како босански Хрвати. Оние што беа преобратени во православие под власт на Источната православна византиска империја станаа познати како босански Срби. Оние што се преобратија во ислам под власт на Муслиманските отомански Турци станаа познати како босански муслимани.

По смртта на основоположникот и диктатор на Југославија, Јосип Броз Тито, во мај 1980 година, политичарите што играа на картата на национализмот дојдоа на власт во скоро сите републики од земјата. [1] Во Србија, Слободан Милошевиќ се служеше со државната телевизија за да поттикне национализам и за да го искористи стравот на луѓето дека страдањето на Србите во минатото би можело да се повтори. Во јуни 1989 година, на годишнината од поразот што доведе до туската отоманска брутална 500-годишна окупација на Србија, Милошевиќ пред еден милион Срби изјави: “Шест века подоцна, повторно се наоѓаме во битки и во расправии. Тоа не се оружани битки, но ни таквата можност не може да се исклучи”. [2]

На 25 јуни 1991 година, и Хрватска и Словенија прогласија независност. Наскоро се разгореа борби меѓу словенечките националисти и Југословенската народна армија, составена главно од Срби, но тие траеја десетина дена. Во Хрватска,избија тешки борби во јули меѓу Србите и Хрватите и тие траеја шест месеци и покрај интензивните мировни напори на Европа. ОН воведоа ембарго за оружје на целата територија на поранешна Југославија во септември 1991 година за теоретски да ја смират војната. Но, ембаргото единствено придонесе до остварување огромна воена предност на Србите, најголемата група во поранешна Југославија, која ја контролираше ЈНА и нејзините големи резерви муниција.

Повеќе од 12.000 мировници на ОН пристигнаа во март 1992 година за да имплементираат напнато примирје во Хрватска. За време на шест-месечната брутална војна загинаа 10.000 лица, а српските националисти презедоа околу една третина од Хрватска. Тие ветија дека ќе ја поврзаат оваа територија со Србија и ќе создадат “Голема Србија”. Хрватите ветуваа дека ќе го повратат секој сантиметар од својата земја.

Помалку од еден месец подоцна почна војна и во Босна. Трупи и ултранационалистички паравоени групи од Србија ја минаа границата на соседна Босна. Тие почнаа со истерување или “етничко чистење” на стотици илјади муслимани и Хрвати од источна и од северна Босна.

Истовремено, Хрватска, втората по моќ република во Југославија, почна да собира војници, оружје и муниција за хрватските националисти што живееја во Босна. Српскиот претседател, Милошевиќ, и хрватскиот, Фрањо Туѓман, се надеваа дека ќе ја поделат Босна меѓу себе и ќе создат “Голема Србија” и “Голема Хрватска”. Босанските муслимани, фатени во стапица меѓу двете посилни групи, имаа малку оружје и немаа надоврешен сојузник.

 

Сместена на планините во источна Босна, Сребреница го добила своето име од српско-хрватскиот збор сребро. Сребреница или “Сребрениот град” е позната по своето сребро уште од времето кога Римјаните копаа руда во регионот пред дваесет века. Римјаните ја нарекуваа “Аргентарија”, варијација на латинскиот збор за сребро.

Римскиот гарнизон што порано постоеше во градот веќе го нема, но урнатините од средновековниот замок, изграден, според локалната легенда, од страна на Јерина, вдовицата на еден српски благородник, се наоѓа на јужното брдо. Според легендата, замкот го изградиле робови. Секоја ноќ во собата на Јерина бил доведуван друг роб. Секое утро, изнемоштениот роб бил фрлан од врвот на замокот. [3]

Километар и половина источно од градот лежи Црни Губер, природен извор на медицинска вода со големи количини железо и “хармонична” мешавина од бакар, кобалт, никел и манган. Локалните жители велат дека пиењето на оваа вода лекува анемија, ревматизам, мултипна склероза, неодостиг на апетит, премореност и хронични болести на косата и на кожата.

Сребреница има облик на долг, тенок прст. Стариот рударски град пред војната броеше 9.000 жители. Од едниот до другиот крај на градот со автомобил се стигнува за само 15 минути. Тенка низа куќи, училишта и продавници се наредени на подножјето од три километри долгата и 800 метри широка долина. На обете страни од Сребреница се издигнуваат стрмни брда, давајќи чувство на сигурност - или на фатеност во стапица.

Бели куќи со теракота кровови се наредени на улиците и по брдата. Десетина сиви згради, што југословенската комунистичка власт ги изгради за рударите и работниците во фабрики, изгледаат како да не припаѓаат овде. Болницата се наоѓа во северниот дел од градот. Основните и средните училишта се во близина на центарот. Границата со Србија е оддалечена само 16 километри и голем број тинејџери заминуваа од градот за да најдат работа или да се запишат на факултет во Белград, главниот град на Србија и на Југославија, место во Сараево, главниот град на Босна.

Мали пиљарници и кафулиња порано и даваа дух на главната улица. Голема сива српска православна црква, џамија со минаре високо 35 метри и отворен пазар - го сочинуваат историскиот центар на градот. Модерниот дел, пак, се состои од државна стоковна куќа, шест-катниот хотел Домавија и мал трговски центар.

По Втората светска војна, југословенската комунистичка власт изгради фабрики за акумулатори и за кочници за автомобили, како и фабрика за преработка на цинк во Поточари, село сместено три километри северно од Сребреница. Рударите во рудниците на боксит и на цинк јужно и североисточно од градот работеа со полна пареа. Скоро сите рудари и работници во фабриките имаа свој стан, автомобил и викендица. До 90-те, повеќето куќи имаа телевизор, видео, машина за перење и голем број други електрични сретства за домаќинство. Се отворија кина и супермаркети. Сребреница уживаше животен стандард што се приближуваше до оној на САД и на Западна Европа. [4]

Според последниот попис спроведен пред војната, во општина Сребреница, што се состоеше од градот и 80 квадратни километри околу него, живееја 37.211 луѓе. Седумдесет и три проценти се изјасниле како муслимани, 25 проценти како Срби и два проценти како Југословени, односно без припадност на етничка група.

Набргу откако изби војната во април 1992 година, националистички паравоени групи од Сребреница ја презедоа контролата врз Сребреница со цел да ги избркаат муслиманите од градот како што направија во другиот дел од Босна. Муслиманите избегаа во блиските села. Три недели подоцна, муслиманите, предводени од Насер Ориќ, харизматичен 26-годишен полицаец, го зазедоа градот. Тешко вооружените Срби го претрпеа еден од своите најголеми порази во војната меѓу нерамномерните сили, но се уште го чуваа градот опколен. Ориќ потоа ги поведе муслиманските сили од Сребреница кон серија големи победи во 1992 година, што ја зголеми повеќе од двојно муслиманската територија. До јануари 1993 година енклавата беше оддалечена само осум километри од централна муслиманска Босна.

Но босанските Срби, потпомогнати од војската, тенкови и артилерија од соседна Србија, брзо презеде контраофанзива. Бидејќи Србите ги блокираа конвоите со храна на ОН, американски воени авиони фрлаа храна со падобрани. Градовите и селата населени претежно од муслимани продолжија да паѓаат. До средината на март 1993 година, повеќе од 60.000 муслимани ја преполнија Сребреница и околните села.

Плашејќи се од можен пад на Сребреница, командантот на ОН во Босна, францускиот генерал Филип Моријон, се упати кон разнишаната енклава без дозвола на своите претпоставени во Њујорк. Моријон успеа да се протне низ српските борбени редови и влезе во Сребреница. Опкружен од муслимански жени и деца кога се обиде да замине од таму следниот ден, Моријон даде една изјава што го чинеше неговата работа и го смени текот на војната.

“Сега сте под заштита на Обединетите нации”, рече 57-годишниот белокос генерал со чувство за драматика од прозорецот на поштата на 12 март. “Никогаш нема да ве напуштам”. Знамето на ОН се развеа над Сребреница.

Србите им дозволија на неколку конвои со храна да влезат во енклавата, но нешто повеќе од еден месец подоцна повторно нападнаа. Кога одбраната на градот беше поразена на 15 април, лидерите на Сребреница предложија да почнат преговори за предавање. Под интензивен притисок да дејствува, поделениот Совет за безбедност на ОН ја донесе Резолуцијата 819 и ја прогласи Сребреница и 45 квадратни километри околу неа за првата во светот “безбедносна зона” на ОН на 16 април.

Кога генералниот секретар на ОН, Бутрос Бутрос Гали, потоа побара 34.000 мировници да бидат испратени во Сребреница и во пет други новопрогласени безбедни зони [5] , САД и други земји не се согласија да испратат свои трупи. Беше прифатен втор предлог, саракастично нарачен “safe areas lite” од страна на официјални лица на ОН, и само 7.600 трупи беа испратени до шесте нови безбедни региони.

Во Сребреница беа испратени прво канадски, а потоа и холандски мировници. Седумстотини и педесет лесно вооружени мировници на ОН беа одговорни за разоружување на муслиманските бранители на Среберница и за одвраќање на нападите на босанските Срби врз безбедносната зона. Две години подоцна, беше поставено српско знаме каде што некогаш се вееше она на ОН, а 7.079 муслимани исчезнаа.

Што се случуваше по падот?

to the top

Три месеци по триумфот на босанските Срби во Сребреница, силите на генерал Ратко Младиќ беа бомбардирани во интензивната воздушна кампања на НАТО и поразени со комбинирана муслиманско-хрватска офанзива. Нападот на Сребреница и егзекуциите што следеа ја означија пресвртницата на војната. До средината на септември, српскиот обид да се заврши војната помина со лоши последици по нив. Делот од Босна што го контролираа Србите се намали од 70 на помалку од 50 проценти.

Кога изгледаше дека ќе ја загубат Бања Лука - најголемиот град под власт на босанските Срби - и стотиците квадратни километри наоколу, војниците на Младиќ беа при крај на силите. Но беа спасени од својот долгогодишн поддржувач, Србија, и од еден неочекуван сојузник - Клинтоновата администрација. Падот на Сребреница и масовните погубувања го сменија текот на војната, но не и западните приоритети во Босна. Она што се случуваше во Сребреница по нејзиниот пад ќе се покаже исто толку мрачно колку и самиот пад.

Со интензивирањето на нападите на босанските Срби на Жепа, се зголеми и притисокот за американски или европски одговор. Во понеделникот на 17 јули, пред вообичаениот утрински состанок на тимот за надворешна политика на администрацијата, Ентони Лејк ја претстави својата “стратегија за крај на играта” (endgame strategy) за нова американска дипломатска иницијатива, поддржана со закани од воздушни напади против босанските Срби и укинување на ембаргото за оружје против босанската муслиманска влада. На состанокот присуствуваа државниот секретар Ворен Кристофер, секретарот за одбрана Вилијам Пери, шефот на Генералштабот Џон Шаликашвили, американскиот амбасадор во ОН Медлин Олбрајт и заменикот советник за национална безбедност Сенди Бергер. Изгледаше дека присуството на американски сили во Босна е неизбежно. Централното прашење беше дали тие ќе наложат мировен договор или ќе предводат понижувачко повлекување на ОН.

Обично претседателот не присуствуваше на ваквите состаноци, но Лејк тајно го беше замолил да се појави за да ја подвлече својата преданост на новата иницијатива. “Не ми се допаќа каде сега се наоѓаме”, рече Клинтон. “Ваквата политика му нанесува огромна штета на угледот на САД и на нашата позиција во светот. Изгледаме слаби”. Тој предвиде и други проблеми што можеа да произлезат од ситуацијата. “И може да биде само полошо. Единствениот пат кога сме направиле напредок беше кога решивме НАТО да им се закани на Србите”. Но, Клинтон додаде, “Не сум сигурен што треба да правиме”. [6]

Истиот тој ден “Лекари без граници” и Меѓународниот комитет на Црвениот крст евакуираа 59 ранети муслимани од Поточари и од Братунац. Камила Омановиќ беше безбедно одведена во централна Босна. Но Србите одвоија 17 ранети муслимани мажи како “осомничени воени криминалци”. Едниот од нив беше офицер на муслиманската артилерија, кој на парче хартија му напиша на полковник Егберс “30 Холанѓани се еднакви на 30.000 муслимани”. Четворица, кои беа ранети при чување на неколку српски тенкови во рововите на Бибиќи заедно со Ибран Малагиќ, беа исто така одведени.

Следниот ден, 18 јули, Клинтон и неговите советници за надворешна политика се собраа во Овалната канцеларија. Потпретседателот Гор зборуваше за Босна. “Најлошото решение би било да се помириме со геноцид и да овозможиме уништување на уште некој град и повеќе бегалци”, рече тој. “Истовремено, не можеме да се раководиме само од слики бидејќи има голем број други места што не биле фотографирани а каде се случуваат ужасни работи, но не можеме ниту да ги игнорираме сликите”. [7] Гор алудираше на насловната страница на “Вашингтон пост” од викенд бројот, каде во извештајот се зборуваше за млада жртва на силување во Сребреница, која ги врзала околу себе својот колан и шал и се обесила на воздушната база на ОН во Тузла.

“Мојата 21-годишна ќерка ме праша за сликата”, рече тој. “Што да и кажам? Зошто ова се случува, а ние ништо не преземаме?”

Гор, кој имаше близок однос со Клинтон, отворено го предизвикуваше претседателот. “Мојата ќерка е изненадена што светот дозволува ова да се случува”, рече Гор. “А и јас сум”.

Претседателот одговори дека администрацијата ќе преземе акција.

Жепа не може да се спаси, продолжи Гор, “но не можеме да стоиме настрана и да гледаме како 65.000 лица во Горажде се беспомошни жртви на исто вакво однесување”.

Што се однесува до предлогот на Ширак за повторно заземање на Сребреница, тој беше во традиција на великодушното француско однесување. “Ширак сега сака да ја фрли коцката и да го чува своето досие чисто. Мораме да смислиме нешто практично што ќе има вистинска воена смисла”, рече Гор. “Недејствувањето не е опција”.

“И јас размислував во ист правец”, одговори претседателот. Веќе не може да се одржува статус кво, рече тој. “Ситуацијата ја нагласува потребата да се одобри жестока воздушна акција”, наводно рекол Клинтон. “САД веќе не може да биде вреќа за удирање во светот”.

Следниот ден, 19 јули, во Босна и во соседна Хрватска борбите драматично се интензивираа. Додека Србите во Босна ги зголемија своите напади врз областа Жепа, источна Босна, што се наоѓаше под заштита на ОН, Србите во соседна Хрватска спроведоа голема офанзива на опколената област околу Бихаќ, исто така под заштита на ОН, на другата страна од земјата - во западна Босна. [8] Стотина квадратни километри од енклавата паднаа во еден единствен ден.

Но брзо и сигурно надоаѓаше и “крајот на играта” на српските националисти. Се чинеше дека целта е да се преземе власт над останатиот дел од муслиманската енклава и да се обединат 70 проценти од Босна и 30 проценти од Хрватска што Србите ги освоија, и да се прогласи етнички чиста “Голема Србија”. Но, тоа беше коцкање. За Западот, Бихаќ беше стратешки многу поважна точка отколку Среберница и, што е најважно, исто и за соседна Хрватска. Заробени меѓу делче од Хрватска и парче од Босна што го контролираа српските националисти, долгите редови на фронтот на големата енклава Бихаќ со 180.000 жители, беа засолниште на илјадници српски војници и десетици српски тенкови и артилериско оружје. Ако падне енклавата, српските војници и тенкови би биле слободни да се движат наоколу и да ја спречат офанзививата што таа пролет се очекуваше да ја изведе хрватската војска.

Со тоа што му се закануваа на Бихаќ, Србите и даваа изговор на моќната хрватска војска да влезе во војната. Последните три години, САД тактичи и дозволуваа на хрватската влада да го прекршува ембаргото на оружје на ОН и тајно да увезува тенкови и тешка артилерија. Американските генерали во пензија отворено обучуваа офицери на хрватската војска со воени НАТО тактики. Ако Хрватска се приклучи на борбите, војната би се проширила и Србите би се соочиле со вистинска војска - а не со слабо вооружените муслимани.

Но српското раководство не се повлекуваше. Анализата на генерал Смит дека Србите се надеваа да ја завршат војната тоа лето се покажа точна.

Додека Србите ги напаѓаа Бихаќ и Жепа, тројца крвави муслимани во искината облека со последни сили се тетеравеа низ линиите на фронтот. Хурем Суљиќ, Мевлудин Ориќ и Смаил Хоџиќ - трет што преживеал погубување и кого тие го сретнаа во шумата - очајно ги бараа своите семејства. Тие, исто така, едвај чекаа да му кажат на светот што преживеале.

Денот по погубувањето , Суљиќ и Ориќ скришно ја набљудувале блиската река Дрина од врвот на едно брдо и сфатиле колку се блиску до централна Босна, каде контролата ја имаа муслимани. Исцрпен и прегладнет, Суљиќ се осмелил да се качи на една јаболкница попладнето истиот ден, а Ориќ чувал стража. Еден неизбричан постар човек во крвави алишта се појавил на чистинката. Штом ја виделе крвта, Хурем и Мевлудин сфатиле дека и тој преживеал егзекуција. Овој човек бил Смаил Хоџиќ, 65-годишниот муслиман кој го чул говорот на генерал Младиќ на фудбалскиот терен на училиштето во Нова Касаба. Откако ја минал ноќта на задниот дел од еден камион во Братунац, Хоџиќ бил доведен до истото игралиште на средното училиште во Грбавци каде што биле и Хурем и Мевлудин. Додека тројцата разговарале, сфатиле дека Хоџиќ бил одведен до полето оддалечено неколку стотина метри од она од кое избегале Мевлудин и Хурем.

Тројцата продолжиле и подоцна сретнале уште еден муслиман во шумата. Три дена по масовното погубување, тие стигнале до линијата на фронтот, но не можеле да ја поминат. Два српски бункера во кои се наоѓале Срби вооружени со автоматски пушки биле поставени на двете страни од патот што водел до муслиманската територија. Мевлудин бил убеден дека патот е миниран. Четворицата чекале до паѓањето на ноќта и, лазејќи, се довлекле до патчето низ дрвјата. Србите ги забележиле на месечевата светлина и почнале да пукаат во нив. Тие се повлекле назад на српска територија.

Четворицата се криеле целиот нареден ден. Мевлудин се смеел за првпат по егзекуцијата кога наишле на куп вреќи фрлени од муслимани кои поминале низ тоа место. Хурем и Смаил јаделе паста за заби за да си ја прочистат устата и да ја стишаат жедта. Кога најпосле се спуштила ноќ, четворицата ползеле покрај патчето ноќта на 18 јули. Не наишле на мини. Утредента биле само на неколку стотина метри од муслиманската територија, но се поделиле околу тоа што да се стори натаму.

Се повлекле во една блиска плевна. Мевлудин заспал. На Хурем очајно му студело, па запалил оган. Мевлудин се разбудил и бил гневен. Бил сигурен дека чадот ќе го открие нивното засолниште и тие ќе бидат фатени. По четири-дневно стрпливо чекање на бавните постари луѓе, 25-годишникот ги напуштил и се искачил на едно стрмно брдо. Два часа подоцна сите четворица се провлекле низ различни делови од стражата и се нашле истата ноќ во селото Незук, изненадени што се живи и безбедни.

Следниот ден биле качени на автобус заедно со други луѓе што пристигнале од шумата и биле одведени до воздушната база на ОН во Тузла. Првите луѓе на кои им ја разкажале својата приказна биле вчудоневидените босански полицајци. Во текот на следните неколку дена, иследници на ОН за човекови права и новинари ги барале за да ја чујат нивната приказна. Пристигнаа првите веродостојни преживеани од масовните погубувања за кои претходно многу се зборуваше, но за кои не постоеја докази. [9]

Акаши, кој не успеа да ги извести своите претпоставени во Њујорк за бегалските раскажувања за вршење злосторства, беше под притисок да истражува. Тој доби телеграма од Кофи Анан на 18 јули, во која Анан го прашуваше зошто Њујорк не добил информации што би ги потврдиле или демантирале српските злосторства и пасивноста на ОН, за кои толку многу се зборуваше во печатот.

Дури ни тројцата преживеани не веруваа дека Србите ги убиле сите заробеници. Голем број преживеани се надеваа дека босанските Срби се уште држат илјадници зробеници и дека стотици мажи од Сребреница се уште се кријат по шумите. Официјални лица на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и натаму бараа од босанските Срби да им дозволат пристап до муслиманските затвореници од Сребреница, но дозвола не им беше дадена. Во Сараево муслимански и српски преговарачи почнаа разговори за масовна размена на затвореници. Релативно мал број луѓе веруваа дека поголем дел од илјадниците исчезнати веќе се мртви.

Следниот ден, 21 јули, американските и европските министри за одбрана и за надворешни работи се сретнаа во Лондон за да го формулираат западниот одговор на српската офанзива што почна 15 дена порано со напад на “Observation Post Foxtrot”. Од Конференцијата произлезе Лондонската декларација, во која се наведуваше дека “ќе се употреби цврста и решителна” воздушна сила за да се одбрани Горажде. САД предупредија од можни големи жртви и истакнуваа дека со повеќе западни војници во енклавата, каде што веќе беа стационирани 280 британски и 100 украински мировници, се зголемува можноста тие да бидат земени како заложници.

Американски, француски и британски официјални лица ја поздравија декларацијата; Сребреница го галванизира западот. Но декларацијата горко ја отфрлија босанските владини претставници, сметајќи ја за уште едно празно ветување. Босанскиот премиер Харис Силајџиќ ја нарече конференцијата “гадотија”. Западните аналитичари ја сметаа декларацијата за уште една безначајна американска и европска реторика. Еден од најважните аспекти на декларацијата беше она што не беше споменато во неа - масовни воздушни бомбардирања ќе предизвика само напад само на Горажде, не и на Жепа. Жепа, чии војници се уште успеваа да им одолеат на нападите на силите на генерал Ратко Младиќ, се игнорираше. [10] Петнаесетте илјади муслимани, кои им се спротивставуваа на жестоките српски напади и страдаа во изолираната енклава две години беа оставени на истата судбина како и муслиманите од Сребреница.

Скоро од почетокот на српските напади на Жепа, според разузнувачите на ОН и на западот и според воени проценки, енклавата беше “неодбранлива” и тие и предвидуваа пад за само неколку дена. Но Жепа, која беше сместена повисоко во планините во споредба со Сребреница, беше позната по тоа што ги фрустрира нејзините напаѓачи. Во Втората светска војна, германските сили ја окупираа источна Босна, но никогаш не успеаја да воспостават целосна контрола врз стрмните планини, пештери и котлини што ја опкружуваат Жепа.

Воените проценки на ОН и на НАТО, дека испраќање засилување во далечната планинска енклава сред одвивање српска офанзива би било опасно, се покажаа точни. Но на 21 јули засилување од ОН не беше ни потребно. Самите бранители на Жепа го чуваа градот.

За време на средбата на западните лидери во Лондон, Србите како да сакаа да се обидат да ја заслабнат западната политичка волја која токму тогаш се зацврснуваше. Холандскиот баталјон и неговиот муслимански персонал добија дозвола да заминат од Поточари. Во 12:02 попладнето на 21 јули, долг караван од камиони и џипови на ОН почна да се движи од холандското седиште. Пред да заминат, мировниците го беа сместиле скоро целото оружје, сите панцири и шлемови во базата. Генерал Младиќ на 15 јули го прекрши ветувањето на Белград со кое им се дозволи на Холанѓаните да заминат со целата нивна опрема. Храна, медицинска опрема и други сретства во вредност од десетици илјади долари беа оставени, но кога Холанѓаните ја минаа Дрина, Србите загубија 450 потенцијални заложници.

Холандскиот конвој пристигна во седиштето на ОН во Загреб, Хрватска, во 4:00 наутро на 22 јули. Принцот Вилијам Алексанар од Холандија, министерот за одбрана Јорис Ворхов и врвот на военото раководство на земјата ги поздрави мировниците како херои. Тоа попладне беше организирана забава, со 42-член дувачки оркестар што свиреше песни на Глен Милер, се пиеја гајби пиво и пијани холандски војници танцуваа.

Следниот ден, официјални лица на холандската војска им довозлија на иследници на човековите права од ОН да интервјуираат 17 мировници избрани од страна на Холанѓаните во рок од само пет часа. Шака мировници се согласија да зборуваат со репортери за тоа што виделе во Сребреница и во Поточари. Еден од нив беше Би Остервен, војникот кој ги сликал деветте трупа. [11] Друг беше Рон Рутен, мировникот кој ги нарече Србите “нацисти” и ги осудуваше оние Холанѓани кои соработувале со нив.

За време на една прес конференција, Ворхов објави дека холандски војници виделе како муслимани се одведуваат некаде, а потоа слушнале пукање. Тој исто така рече дека некои холандски војници добиле информација дека 1.600 муслимани биле убиени во дворот на едно блиско училиште. Гласините за силувања и за други злосторства за кои говореле преживеаните од Тузла биле “толку многубројни и преавтентични” за да не би биле вистинити, рече Ворхов, и тој се пожали што МК на Црвениот крст се уште не добил дозвола да контактира со, според проценките, 6.000 муслимански затвореници.

Тогаш, изјава даде холандскиот командант во Сребреница, полковник Кареманс.[12] Нападот на енклавата беше “одлично испланирана воена операција”, рече тој. Воениот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, е многу мудар кога станува збор за стратегии. “Но тој е командант, не џентламен. Во оваа војна нема џентламени”. Кареманс додаде: “Научивме дека страните во Босна не можат да се поделат на ‘добри момци’ и ‘лоши момци’”, очигледно алудирајќи на корумпираните лидери на Сребреница.

Тој не рече ништо за однесувањето на цивилите во енклавата и не ги спомена тепањата, едната егзекуција и деветте тела што неговите војници ги виделе во Поточари. Егбер и 13 други холандски мировници ги известиле нивните претпоставени за звуци од оружје што доаѓале од фудбалското игралиште во Нова Касаба ноќта на 13 јули, но Кареманс некако заборави да го спомне. Ниту пак го обелодени фактот дека холандските мировници беа разоружени, ограбени и во еден случај присилени да одат во “лов на муслимани” од страна на Србите.

Тој, исто така, пропушти да ја спомне декларацијата што Србите побарале од неговиот заменик командант, мајор Франкен, да ја потпише на 17 јули. Во неа се наведуваше дека “евакуацијата” на муслиманите била спроведена во согласност со “меѓународниот закон за хуманитарно згрижување”. Франкен додаде уше една реченица: “во случаи кога конвоите беа придружувани од силите на ОН” и ја потпиша.

Уништувањето на видео касетата на која беа прикажани деветте тела најдени во близина на еден поток и воздушните контролори исто така не беше спомнато. Холанѓаните се плашеа дека ако Србите дојдат до видео касетата би можеле да им наштетат на воздушните контролори кои даваа упатства за нападите на НАТО. Ни збор не беше речен за 239-мината муслимани принудени да заминат од холандската база или за списоците во кои беа наведени нивните имиња. Мајор Франкен, кој вети дека списокот ќе му го покаже на светот, тој ден им го предаде на официјални лица на ОН во Загреб. Претпоставувајќи дека е премногу доцна нешто да се направи за овие луѓе, персоналот на ОН обезбеди МК на Црвениот крст да има копија, а потоа на ниту еден новинар не кажа за неговото постоење.[13]

Баталјонот најпосле се врати во Холандија на 24 јули и беше пречекан со херојски почести. Министерот за одбрана им одобри да војниците отсуство од еден месец. На мировниците им беше речено да не разговараат со медиумите во врска со тоа што виделе пред испрашувањето закажано за почетокот на септември.

Откако Холанѓаните заминаа, ловот продолжи во шумите околу Сребреница. Стотици мажи се уште беа живи. Локалните српски воени единици секојдневно патролираа за да ги најдат. Една од мотивациите беше стравот дека муслиманите ќе напаѓаат и убиваат српски цивили; друга беше одмаздата. Скоро сите заробени муслимани беа погубени. [14]

Три дена по Лондонската конференција на која беа игнорирани, бранителите на Жепа се уште цврсто и се спротивставуваа на војската на генерал Младиќ. Но Жанвие, разбеснет што босанските војници ги презеле позициите на ОН и држат како заложници украински мировници се спротивстави на идејата за користење воздушна сила во одбрана на Жепа. Пред да замине на дводневно отсуство, во писмото до генерал Смит испратено на 14 јули, Жанвие соопшти дека “CAS не доаѓа предвид” затоа што во Жепа не може да се испрати копнено засилување. Во писмото, исто така, се бара Смит да “предложи можен тек на акција” во Горажде и се вели дека “со опцијата за итно повлекување на непотребните сили би се избегнала ситуација каква што имаше во Сребреница и во Жепа”. [15] На една средба, адмирал Литон Смит го праша Жанвие што би требало НАТО да направи за да и помогне на Жепа. Жанвие одговори “не можам ништо да направам” затоа што “за да ја освојам Жепа би требало да се пробијам низ српска територија, а не сум подготвен за борба”. [16] Повторно, изгледаше дека Жанвие прави се што може за да го оствари својот мајски предлог за повлекување од Сребреница, Жепа и Горажде, предлог што Советот за безбедност на ОН го отфрли.

На 24 јули, специјалниот пратеник на ОН за човекови права, поранешниот полски премиер Тадуш Мазовецки, ја заврши едно-неделната истрага за падот на Сребреница. Мозовецки изјави дека 7.000 од вкупно 40.000 жители на Сребреница “се исчезнати”. Тој побара од западните лидери да не дозволат истата судбина да ги снајде и петнаесетте илјади жители на Жепа.

Од шумите се појавија уште преживеани. Иследници на ОН ги испрашуваа средновечните мажи и тинејџерите кои ја преживеале втората масовна егзекуција на 14 јули. Еден иследник му го пренесе сведочењето на еден постар маж на американскиот амбасадор во Хрватска Питер Гелбрејт, во Загреб. Гелбрејт испрати строго доверлив документ директно до државниот сектретар Кристофер на 25 јули, користејќи ја приказната на преживеаниот како аргумент дека голем број од луѓето заробени од Србите во Сребреница биле масакрирани. Амбасадорот побара од Кристофер да ги спаси луѓето во Жепа од иста ваква судбина.

“Лондонската декларација имплицитно ја исклучува Жепа”, напиша Гелбрејт. “Поради големиот број известувања за извршени злосторства во Сребреница и можноста од голем масакр таму, барам повторно да се разгледа прашањето за воздушни напади за да и се помогне на Жепа”. Откако детално ја опиша приказната на преживеаниот, Гелбрејт продолжи: “Повторно, не е предоцна да се спречи слична трагедија во Жепа. Бранителите на Жепа се уште храбро опстојуваат. Несомнено, тие ја знаат судбината што ги очекува. Не смеат да бидат изневерени”. [17] Документот на Гелбрејт не доведе до промена на американската политика за одбрана само на Горажде, но Кристофер сепак му нареди на помошникот државен секретар Џон Шетак да отпатува во Тузла и да разговара со преживеаните од Сребреница.

Истиот ден, Меѓународниот трибунал за воени злосторства за поранешна Југославија го обвини генерал Младиќ, претседателот на босанските Срби Радован Караџиќ и 22 други босански Срби и Срби од Хрватска за извршување злосторства против човештвото во текот на војната. Судот, што го воспостави Советот за безбедност на ОН во 1993 година, со силна поддршка од САД, беше првиот од ваков вид по судењата за воени злосторства во Нирнберг и за Далечниот Исток по Втората светска војна.

Трибуналот, практично, имаше врзани раце. Немаше ингеренции да уапси обвинети воени злосторници и се потпираше на добрата волја на земјите за соработка и предавање на обвинетите. Со други зборови, се очекуваше од босанските Срби во Сребреница доброволно да ги предадат Караџиќ, Младиќ и други обвинети воени злосторници.

Трибуналот, исто така, страдаше и од сериозни финансиски проблеми. Кога американскиот Конгрес, предводен од републиканците, одби да ги плати долговите на ОН во вредност од 1,1 милијарда долари, генералниот секретар Бутрос Бутрос Гали ги намали финансиските сретства што стоеја на располагање. Понекогаш, беше ограничен дури и бројот на летови на иследниците за воени злосторства до Босна.

Трибуналот тогаш се уште привлекуваше таленти со голем углед. САД испраќаа иследници на ФБИ и на Министерството за правда во судот. Британија, Франција и други европски земји исто така испраќаа свои врвни иследници до хашкото тело. Беа избрани 11 судии од 11 различни земји, а почитуваниот јужноафрикански правник Ричард Голдстон стана главен обвинител.

За разлика од Нирнберг, не можеа да се водат судски постапки во отсуство на обвинетиот, а судот не можеше да одреди смртна казна. Но, оние кои се застапуваа за неговото постоење го сметаа за најважното сретство со кое воените злосторници би биле изведени пред правдата и сретство за запирање на кругот одмазди што го опседна Балканот. Приврзаниците на Хашкиот трибунал сметаа дека ако се покаже успешен и ако се создаде сличен трибунал за гонење на воените злосторници во Руанда, Меѓународниот суд во Хаг би можел да стане првиот постојан трибунал за воени злосторства.

Денот кога беше обвинет, Младиќ го исмеа трибуналот преземајќи контрола врз уште една безбедносна зона на ОН. Цивилните власти на Жепа најпосле се предадоа. Контролата врз градот ја презедоа српски војници; двајца цивилни преговарачи на ОН исто така успеаја да стигнат таму. Но, воениот командант на Жепа, харизматичниот Авдо Палиќ, ги следеше наредбите од Сараево и одби да се потчини на договорот за предавање. Се појави јаз меѓу цивилните и воените лидери на градот. И покрај противењето на Палиќ, цивилните лидери се беа сретнале со командантот на босанските Срби, генерал Младиќ, претходната недела. По средбата, босанската српска телевизија го покажа Младиќ како крева тегови во близина на линијата на фронтот.

Следниот ден, 26 јули, илјадници муслимански цивили и војници се уште се криеја во стрмните ридови околу Жепа. Младиќ зеде мегафон и почна да вика: “Јас сум Ратко Младиќ! Јас сум Ратко Младиќ!” Неговиот глас одекнуваше низ долината. “Предадете се! Нема да бидете повредени!” [18] До крајот на денот 2.500 од вкупно 15.000 жители на Жепа беа качени на автобус за Тишча и оставени на границата. Србите дозволија на секој автобус да се качи по еден набљудувач на ОН. Не се правеа обиди старите мажи да се одвојат од нивните семејства.

Обвинението на Меѓународниот суд за воени злосторства наизглед не ја разниша самодовербата на Младиќ. Според еден од муслиманите, српскиот командант рекол: “Ниту Алах, ниту Обединетите нации, ништо не може да ви помогне. Јас сум вашиот Бог”. [19]

Во Вашингтон, внатрешната политика го зголеми притисокот врз претседателот Клинтон. Мерката што ја застапуваше лидерот на мнозинството во Сенатот и претседателски кандидат Боб Дол, која бараше да се укине ембаргото на оружје, помина во Сенатот со 69 гласа “за” и 29 “против”. Гласањето во Сенатот претставуваше директно отфрлање на политиката на Белата куќа кон Босна. Клинтон вети дека ќе стави вето на оваа мерка, но Дол овојпат очигледно ги имаше гласовите за понижувачкото неприфаќање. Бидејќи се ближеа летните одмори, гласовите “против” беа дадени дури на почетокот од септември. Со одобрението на Клинтон, почнаа жестоки напори за спроведување на новата дипломатска иницијатива изнесена во Лејковата стратегија за “крај на играта” (endgame).

На 27 јули, командантот на Жепа Авдо Палиќ се сретна со генерал Младиќ и две официјални лица на ОН за да преговара за предавање и повлекување на неговите приближно 3.000 војници. Иако Србите го презираа, Палиќ доброволно се појави на разговори без безбедносни гаранции. По средбата, муслиманскиот лидер го одведоа двајца телохранители на Младиќ, додека претставниците на ОН стоеја во близина. Следното утро, кога претставниците на ОН го прашаа Младиќ каде е Палиќ, генералот одговори, “Го убив”.

Кога преговарачите на ОН се вратија во областа на 29 јули, поголем дел од воените единици на босанските Срби што ги видоа во градот веќе не беа таму, иако трите илјади мажи на Жепа не се предадоа. Иако обично сигурен во себе, Младиќ овој пат изгледаше исфрлен од рамнотежа.

Босанскиот српски генерал беше изманевриран. Илјадници српски војници од целата земја извршија опсада на Сребреница и напад на Жепа, оставајќи ги српските позиции на спротивната страна од Босна - западниот фронт - релативно слаби. Што е најважно, моќната хрватска војска изврши жестоки напади додека Младиќ спроведуваше опсада на Жепа. При класичен бочен напад со кој Книн, самопрогласената престолнина на српските националисти во Хрватска, беше скоро опколен, хрватските сили навлегоа во Босна и се упатија кон Бихаќ. До 29 јули, Гламоќ и Босанско Грахово, стратешки и традиционално српски градови, паднаа, а 10.000 спрски цивили избегаа кон Бања Лука, најголемиот српски град во Босна. Беа освоени повеќе од 80 километри од српската територија.

Хрватските сили сега беа источно, јужно и западно од Книн, на далечина од само 30 километри од Бихаќ и можеа да го нападнат делот од Хрватска што се уште се наоѓаше во српски раце од три страни. Западните аналитичари укажуваа на тоа дека хрватскиот напад ја следи класичната стратегија на НАТО, а не стратегијата на Варшавскиот пакт, што ја користеа офицери на поранешната ЈНА. Хрватите учеа од пензионирани американски генерали, кои ги советуваа.

Два дена подоцна, Србите претрпеа удар што го почувствуваа неколку недели подоцна. На 1 август, американскиот помошник државен секретар Џон Шетак, поттикнат од документот на амбасадорот Галбрејт, ги заврши дводневните интервјуа со преживеаните од Сребреница и од Жепа..

Кога Шетак се врати во Вашингтон, Стејт департментот повторно побара од ЦИА да почне со скенирање сателитски снимки од регионот на Сребреница. Американскиот амбасадор во ОН Медлин Олбрајт и американскиот амбасадор во Сараево Џон Мензијес претходно ги пренесоа информациите од босанските власти за наводната масовна егзекуција на фудбалскиот стадион во Братунац извршена две недели пред тоа, на 13 јули. Но, ЦИА соопшти дека нема снимки со кои би се поткрепиле тие тврдења. На 17 јули Специјалните босански сили на ЦИА во доверлив дневен извештај напишаа дека бројните сведоштва на бегалците “обезбедуваат детали што изгледаат веродостојни”, но додадоа дека “ни недостигаат меродавни, детални податоци за да ја поткрепиме оваа информација” (за масовна егзекуција). Вооружен со изјавите што ги слушна Шетак, еден аналитичар почна ново истражување на 2 август. Два града беа во фокусот - Нова Касаба и Каракај.

Во текот на следните два дена, заврши евакуацијата на жени, деца и старци од Жепа, но трите илјади мажи беа останаа заглавени. Околу 800 мажи решија да ја минат реката Дрина и да се предадат во соседна Србија. Останатите 2.000 почнаа опасен 80 километри долг пат кон централна Босна, што ја контролираа муслиманите.

Меѓу нив беа и неколку десетици мажи од Сребреница кои се откажале од патување до централна Босна кога стигнале до автопатот во близина на Касаба, преполн со Срби. Се вратиле до Сребреница заради храна, а потоа заминале за Жепа, надевајќи се дека тоа е безбедно место. Еден од нив беше Хакија Хусејновиќ, преживеаниот од складиштето. Тој сметаше дека е премногу опасно да се премине асфалниот пат во Нова Касаба. Оној кој беше со него, уште еден преживеан, Рамиз, инсистираше. Хусејновиќ се врати во Сребреница, а потоа патуваше по познатиот пат до Жепа. Веруваше дека ОН ја бранат безбедносната зона, но уште еднаш беше горко разочаран. Не знаеше дека Рамиз - единствениот, освен него, преживеан од маскрот во складиштето - загина во заседа на другата страна од асфалтот. Хусејновиќ беше единствениот остнат сведок.

На 3 август се прошири војна низ Хрватска. Почна долгоочекуваната офанзива на Хрватската војска. Во неочекуван развој на настаните, Хрватите за само четири дена ја презедоа контролата врз скоро сите 600 квадратни километри од територијата што српските националисти ја имаа освоено во 1991 и 1992 година. Жестоко навлегувајќи во регионите од кои Хрватите беа брутално протерани во 1992 година, тие се одмаздуваа, палејќи ги куќите и убивајќи српски цивили.

Српското упориште Книн падна на 5 август, а на 6 август, по три-годишна опсада, беше ослободена и муслиманската енклава Бихаќ. Србите не даваа голем отпор. Во соседна Босна се повлекоа 120.000 Срби од Хрватска, што претставуваше најголемата поединечна бегалска криза во војната. Повторно обучената и повторно вооружена Хрватска војска ги направи српските националистички сили во Босна и во Хрватска да изгледаат како тигари од хартија. Српскиот претседател Слободан Милошевиќ, кој ги поттикнуваше Србите во Хрватска да се кренат и да прогласат своја држава во 1991 година, сега не направи ништо за да им помогне. Југословенската економија беше уништена со санкциите на ОН, па Милошевиќ се сосредоточи на соработка со западот со цел да ја заврши војната, да ги укине економските санкции на ОН и да установи своја база на моќ во Србија.

Европски и ОН официјални лица остро ја критикуваа офанзивата, истакнувајќи дека е можно дипломатско решение, но американската критика кон Хрватска беше нема. Падот на хрватските Срби помогна да се создаде рамнотежа на моќ во регионот, а со ослободувањето на Бихаќ се елиминираше уште една енклава. “Ендгејм” концептот на Ентони Лејк за мировен договор заснован на поедноставни граници и на исклучување на енклавите се остваруваше.

На 8 август, специјалниот претставник на ОН Јасуши Акуши и францускиот командант Жанвие се сретнаа со српскиот претседател Слободан Милошевиќ во Белград. Средбата се фокусираше на улогата на ОН во единственото преостанато парче од Хрватска што го држеа српските националисти - источна Славонија - територија богата со нафта, што се граничеше со Србија на Милошевиќ. Српските националисти стравуваа од конечна хрватска офанзива со која би се презела територијата.

Кон крајот на состанокот, Акаши го изнесе ветувањето што Младиќ го даде на средбата на 15 јули, кое потоа и писмено го потврди на 17 јули, со кое на МК на Црвениот крст му се дозволува пристап до затвореници од Сребреница. “Договорот не беше спроведен”, рече Акаши. “Многу прашања што се однесуваат на исчезнатите останаа отворени. Младиќ треба да дозволи пристап до нив”.

“Тој мора да ги исполни своите ветувања”, одговори српскиот претседател, чиј опсежен државно-безбедносен апарат веројатно добро знаеше дека затворениците се веќе мртви. “Ќе направам се што можам за тој да ги исполни своите ветувања”.

Милошевиќ тогаш побара од ОН да помогнат во тоа оние 800 муслимани мажи од Жепа кои ја минаа Дрина и влегоа во Србија да бидат снабдени со основни продукти за живот. [20] Со нив добро се постапува, ги уверуваше Милошевиќ Акаши и Жанвие. Вистината беше дека затворените муслимани беа тепани и ретко им се даваше храна.

По средбата, групата се повлече во една шумска вила во околина на Белград, каде што Милошевиќ често носеше високи функционери што ја посетуваа Југославија. Ручаа на терасата со поглед кон шумата и Милошевиќ инсистираше сите да се напијат чашка од традиционалната Шљивовача. На масата седнаа Милошевиќ, Акаши, Жанвие и нивните помошници.

“Се гледаат ли мечки и срни од овде каде што стоиме?” праша Акаши.

“Да, понекогаш“, одговори Милошевиќ. “Но во близина вилата не се лови. Мора да се оддалечите еден или два километри”.

“Безбедна зона за животните”, се пошегува Акаши. Целата маса прсна во смеење.

Следниот ден, 9 август, Клинтон ја финализираше дипломатската иницијатива на Лејк и советникот за национална безбедност замина на европска турнеа, во посета на седум земји. Лејк требаше да ја претстави, а не да ја предложи, иницијативата. Клинтон ќе дејствуваше со или без европска поддршка.

Следниот ден иницијативата доби значајно засилување. Кабинетот на Клинтон претстави драматични докази за масовни погубувања по падот на Сребреница. Аналитичарот на ЦИА целата ноќ на 2 август остана буден, испитувајќи ги американските сателитски фотографии од областа околу Нова Касаба. Пронајде нешто што наликуваше на масовна гробница. На една шпионска снимка се гледаа неколку стотици затвореници собрани на фудбалското игралиште во Нова Касаба. Неколку дена подоцна, затворениците ги немаше, а во близина се појавија сомнителни свежи откоси. За доказот беше известен “National Intelligence Daily” на 4 август и Олбрајт лобираше тој да биде објавен. Таа го обелодени доказот на затворена седница на Советот за безбедност на ОН на 10 август. Фотографиите имаа две намени. Со моќен доказ за злосторствата на Србите в раце, Американците се надеваа дека ќе ги убедат Европјаните, се уште скептични за тоа дека едната страна е полоша од другата, дека Србите треба да се бомбардираат.

Во Европа, иницијативата на Лејк наиде на различни одгласи. На Европјаните им беше драго што Клинтон почна нова дипломатска иницијатива, но се спротивставија на претешките мерки предвидени со планот - бомбардирање на Србите ако не соработуваат и укинување на ембаргото за оружје.

На 14 август, помошникот државен секретар Ричард Холбрук настапи на местото на Лејк. Холбрук имаше углед на дрзок дипломат, но истовремено се сметаше и за единствениот преговарач што би можел да излезе на крај со српските, хрватските и муслиманските лидери, кои исфрустрираа толку многу претходни пратеници.

На Холбрук му се даде невообичаено голем простор и слобода во преговорите и тој брзо стави на маса едно од централните начела на предлогот на Лејк. Според предложените мапи на договорот, Босна требаше да се подели на муслиманско-хрватска федерација со контрола врз 51 процент од територијата и босанска српска целина, што би зафаќала 49 проценти. Предложените граници беа релативно едноставни и не постоеја енклави. Горажде, единствената преостаната енклава во источна Босна требаше да се замени за српските предградија на Сараево. Холбрук рече дека по падот на Сребреница и на Жепа неморално е да се побара од 65.000 жители на Горажде да го напуштат градот. Мапите подоцна беа модифицирани и предлогот за размена на Горажде отпадна.

Првиот поход на Холбрук заврши трагично на 19 август. Откако ги посети Белград и Загреб, еден француски транспортер замина по тесниот, валкан пат што водеше до Сараево преку планината Игман, што се наоѓаше под контрола на ОН. Тројца клучни членови на преговарачкиот тим на Холбрук загинаа: Роберт Фрашур, дипломат од кариера кој беше специјален претставник на Клинтон за Босна и го подготви теренот за Холбрук, д-р Џозеф Крузел од Специјалните балкански сили на Пентагон и полковник Нелсон Дру од Советот за национална безбедност на Лејк. Групата на Холбрук беше принудена да влезе со автомобил во градот бидејќи генерал Младиќ одби да ја гарантира безбедноста на нивниот авион ако слета на тогаш затворениот сараевски аеродром. Младиќ изјави дека не може да вети дека муслиманите нема да пукаат во авионот.

Белата куќа драматично ја сфати цената на Војната во Босна.

По закопите, Холбрук почна постојано да патува на линија Сараево-Белград-Загреб.

Во Холандија, Сребреница брзо прераснуваше во национален скандал. Снимките на американскиот шпионски сателит ги потврди сомневањата за масовни егзекуции. Имаше некакви интервјуа со холандски мировници кои велеа дека виделе десетици тела во Нова Касаба и сведочеа за масовно погубување во Поточари. Други извори велеа дека Холанѓаните не ги поднесувале муслиманските војници од енклавата.

Холандското Министерство за одбрана тогаш откри дека филмот со фотографии од девет мртви муслимани најдени во близина на еден поток бил “случајно” уништен во лабораторија за развивање фотографии. Разгневени членови на холандскиот парламент го обвинија Министерството за одбрана за прикривање докази.

Продолжија да протекуваат срамни информации. Беше откриена изјавата што ја потпиша холандскиот заменик командант, мајор Роберт Франкен, во која се велеше дека евакуациите спроведени со помош на Холанѓаните били извршени во согласност со меѓународните закони. Беше откриен и список од 239 мажи избркани од холандската база. [21] На првата прес-конференција одржана по обелоденување на приказната за списокот, министерот за одбрана Јорис Ворхов демантираше постоење на каков било список. Еден подоцна, Ворхов призна дека имало список, но рече дека постарите офицери во Холандската војска не го информирале за неговото постоење.

Најпосле, во септември почна испрашување на холандски војници. Беа минати повеќе од шест недели, а мировниците и нивните претпоставени во Министерството за одбрана не алармираа за злосторствата и доказите за масовни погубувања чии сведоци беа Холанѓаните. Молчењето на Холанѓаните откако заминаа од енклавата беше исто толку недолично колку и нивното однесување за време на српската офанзива.

На 30 октомври, холандското Министерство за одбрана го објави својот конечен извештај од испрашувањето. Испрашувањето, закажано на 4 октомври, се покажа како вежба за поматување на фактите. Голем дел од она што го видоа Холанѓаните беше во извештајот, но она што се случи беше во голема мера искривено и извртено. Низ целиот извештај се забележуваа референци на тоа како командантите на УНПРОФОР ги одбивале барањата за воздушна поддршка. Се чинеше најпрво дека алузиите се однесуваат на генерал Жанвие, но всушност се однесуваа на врховниот командант на УНПРОФОР, холандскиот генерал Николај, кој ги одби првите две барања.

Што се однесува до принудувањето на наредник Мулдер да оди во “лов на муслимани”, тоа беше вака набележано: “На двајца холандски војници им беше наредено да одат и да седнат одозгора. Им се даде оружје и совет да пукаат, заради своја безбедност, во секој босански војник што ќе го видат. По извесно време, холандските војници се вратија без да испукаат ниту еден куршум и без да видат ниту еден босански војник”. Сите фатени муслимани се нарекуваа “војници”.

Извештајот ги ослободи од вина Холанѓаните и ги обвини командантите на ОН, кои се двоумеа да употребат воздушна сила на НАТО. Министерот за одбрана Ворхов изјави дека само јавна обврска на меѓународната заедница за спроведување масовни воздушни напади ќе можеше да ја спаси Сребреница. Вината за падот на енклавата, рече Ворхов, лежи во големиот број земји што одбија да ги испратат на помош потребните 30.000 војници во одбрана на безбедносните зони, кога беа создадени во 1993 година.

Но контроверзата одбиваше да биде заборавена. Подоцна се појави драма во Холандија во која холандските мировници во Сребреница беа претставени како кукавици и како расисти кон муслиманите. Другите единици во Холандскта војска го критикуваа 13. Воздушен мобилен баталјон, единицата што служеше во Сребреница дека им наштетил на угледот.

Разгневени од искуството во Босна и од третманот по враќањето во Холандија, некои од оние што служеа во Сребреница ја напуштија Холандската војска. Многумина од Холанѓаните го споредуваа своето искуство со она на американските војници, кои беа испратени во Виетнам. Бевме испратени во невозможна мисија, велеа, а потоа не обвинија за нејзиниот неуспех.

 

Гласините дека Сараево намерно ја жртвувало Сребреница толку се интензивираа што станаа кампањско прашање на изборите во септемви 1996 година. На 2 август 1996, командантот на Босанската армија, генерал Расим Делиќ, во говор пред босанскиот парламент, објави дека на Насер му било наредено да се врати во Сребреница откако хелихоптерот со Рамиз Беќировиќ беше погоден на 7 мај. Но, Насер рекол дека ќе се врати во Сребреница само со оклопен хелихоптер. Тогаш, еден владин весник го критикуваше крајбрежниот ресторант што Насер го отвори во Тузла, означувајќи го како доказ за неговите шверцерски активности.

Во едно интервју, Насер вели дека и тој ќе бил во хелихоптерот со Рамиз Беќировиќ, што беше погоден на 7 мај, но генерал Делиќ побарал да остане во централна Босна се додека не се уреди една пратка оружје за Сребреница. Откако хелихоптерот беше погоден, босанските пилоти одбиваа да летаат до Сребреница и до Жепа. [28] Насер и неговите 15 офицери се спротивставија на одењето пеш до Сребреница затоа што во минатото Србите добиваа информации од свои шпиони дека има такви групи и од каде точно тие минуваат и беа фаќани во заседи. Еден од петнаесетмината офицери кои се повлекоа со Насер потврди дека на групата и било наредено да се врати во Сребреница, но не ја исполниле наредбата.

Истовремено, Според Зулфо Турсуновиќ, еден од командантите на бригадата, цивилните лидери на Сребреница и воените команданти испратиле тајна порака до Сараево во средината на мај, во која се велело дека Насер и петнаесетмината офицери не треба да се принудуваат да се вратат во енклавата. Премногу е опасно, велеа тие; Насер и официерите треба да се вратат само ако им е обезбеден хелихоптер. Во мај, како што се чинеше, голем број официјални лица - меѓу кои и самите лидери на Сребреница - не знаеја за тековниот српски напад.

Во јуни, потезите на Сараево станаа уште посомнителни. Или беше донесена одлука да се жртвува Сребреница или Владата е виновна за игнорирање на опасноста што му се закануваше на градот. Еден месец пред српскиот напад, високи босански воени офицери во Тузла почнаа да предупредуваат некои претставници на ОН дека Србите се подготвуваат да ја освојат Сребреница. [29]Истовремено, штабот на Босанската армија им нареди на луѓето во Сребреница да го спроведат најсилниот напад до тогаш од безбедносната зона за да помогнат во офанзивата за ослободување на Сараево. Беше јасно дека овој напад ќе ги провоцира Србите.

Според официјални лица блиски на владејачката Партија за демократска акција, босанското раководство беше целосно фокусирано на тековната офанзива од 15 јуни со која требаше да се ослободи Сараево и во која беа вклучени 20.000 војници од целата земја. Во текот на целата војна, Сараево беше во центарот на националното и меѓународното внимание.

Генерал Делиќ одби да даде интервју за оваа книга, но во јавни говори и во интервјуа за босанскиот печат рече дека е сигурен дека бранителите на Сребреница, со оружјето што тајно им се носеше во енклавата со хелихоптер, можат да се бранат од српски напад барем 30 дена. Тој, исто така, очекуваше ОН да ја бранат безбедносната зона како што ветија и рече дека бил изненаден што Сребреница паднала толку брзо. [30]

Но Насер Ориќ останува на својот став дека енклавата била намерно жртвувана. Тој тврди дека бил ослободен од должност на 29 мај. [31] Тогаш, кога градот беше на работ од пропаст, му било наредено повторно да се врати во Сребреница кога командантите во Сараево знаеле дека тоа е невозможно. Вели дека побарал писмена наредба да се врати во градот, но бил повикан назад и му било речено да не се обидува да се врати по копнен пат. Во последен миг бил направен обид да се најде пилот за да ги однесе него и неговите офицери во Сребреница, но ова никогаш не се остварило. До падот на Сребреница, веќе му било јасно оти ОН и официјални лица во Сараево ја жртвувале. Според Насер, неговите напори за време на нападот да го земе Вториот корпус во Тузла и да изврши голема офанзива во централна Босна за да го намали притисокот врз Сребреница биле оневозможени.

Но, високи офицери од Вториот корпус велат во интервјуа дека направиле се што можеле за да и помогнат на Сребреница. Нивните најдобри трупи и опрема биле ангажирани во офанзивата околу Сараево и не можела да се изведе голема операција. Жителите на Сребреница сметаат дека непружањето помош од страна на Вториот корпус е доказ дека биле жртвувани.

Идејата за размената на Сребреница и Жепа за српските предградија на Сараево беше предложена неколку пати во текот на војната. Летото 1993 година, босанската Влада го праша претставникот на Сребреница во Сараево, Мурат Ефендиќ, дали народот во Сребреница би го прифатил тоа. Насер Ориќ и лидерите на Сребреница одбија. Есента 1993 година, ОН овозможи тајни преговори меѓу муслиманите во босанската Влада и Србите на аердромот што беше под контрола на ОН да разговараат за размена на Среберница и Жепа за предградијата на Сараево.

Според потпретседателот на босанските Срби, Никола Кољевиќ, раководството на босанските Срби го поддрило предлогот, но не можеле да ги натераат Србите од предградијата да се согласат на тоа. Поранешниот командант на Босанската армија Сефер Халиловиќ и еден поранешен висок претставник на владејачката партија рекоа дека лидерите во босанската Влада, исто така, го поддржале таквиот договор, но не можеле да ги убедат граѓаните на Сребреница да се согласат на тоа - босанскиот потпретседател го демантираше ова обвинение. Но Халиловиќ и поранешниот претставник на владејачката партија се убедени дека САД или Европа постигнале таен договор, според кој Сребреница и Жепа требало да бидат предадени на Србија, а за возврат Босна требало да ги добие предградијата на Сараево, но договорот не се остварил бидејќи генерал Младиќ убил толку многу луѓе. [32]

Ричард Холбрук и други американски и европски официјални лица остро демантираат дека правеле какви било тајни договори. Ниту пак има некои конкретни докази за тајни средби меѓу Срби и муслимани. Што е најважно, неуспешната офанзива на Босанската армија во средината на јуни да ги заземае предградијата околу Сараево не може да се објасни со теоријата на заговор за размена на територии. Ако муслиманската Влада требало да ги добие предградијата според наводниот договор, тогаш офанзивата требаше да успее. Нелогично беше по неуспехот на офанзивата за освојување на предградијата, босанската Влада сепак да ја предаде Сребреница на Србите.

Некои воени офицери на ОН ја обвинуваат босанската Влада дека ја жртвувала Сребреница за да се здобие со меѓународно сочувство и сожаление. Меѓутоа, откажувањето од една толку вредна зделка без сигурност дека за неа ќе се компензира не е многу логична помисла. Со оглед на долготрајниот углед на пасивност на Западот, немаше гаранција дека падот на една безбедносна зона ќе резултира со значајни промени во мисијата на ОН.

Уште еден можен мотив за повлекувањето е политичкиот. Ориќ повеќепати ги спречуваше обидите на владејачката Партија на демократска акција да преземе контрола врз општинските власти во Сребреница. Можно е централната влада да планирала да го замени со командант лојален на партијата како што тоа се случи во други делови од земјата во текот на војната. Официјални лица на Босанската армија, исто така, се жалеа од корумпираноста на Ориќ и изјавија дека слабо ја организирал одбраната на градот.

Офицер кој се повлече со Насер претстави верзија на настаните што се чини најверодостојна. Насер и неговите офицери не добиле нови наредби откако ги отфрлиле првичните наредби во мај да се вратат во Сребреница по копнен пат. Борците во Сребреница не им верувале ниту на офицерите во Вториот корпус од Тузла ниту на оние од штабот на Босанската војска во Сараево. Не им простиле за тоа што не успеале да ја ослободат енклавата во јануари 1993 година. Наредбите за повторно влегување, сметале тие, се дел од заговор да се убие Насер.

Претпоставувајќи дека ОН ќе ја брани енклавата, Насер и неговите не сториле сериозни напори за да се вратат таму. Имало разговори во последен момент за евентуално враќање по копнен пат или организирање лет со хелихоптер, но кога Сребреница веќе падна, офицерите таму, како и сите други, беа вчудоневидени што ОН не ги одбраниле со воздушни напади на НАТО, вели офицерот.

Ако се прифати дека Насер Ориќ и неговите офицери едноставно биле заглавени поради несреќните околности или некомпетентноста во централна Босна по уривањето на хелихоптерот на 7 мај, одговорноста тогаш паѓа на специјалниот пратеник на ОН Јасуши Акаши и францускиот генерал Бернард Жанвие, виновни за неуспехот на ОН да ја заштити безбедносната зона.

* * *

 

 

Сомневањата дека Жанвие постигнал договор со генерал Ратко Младиќ на тајната средба што ја одржале за време на заложничката криза на 4 јуни 1995 година, се повеќе се интензивираа откако беше откриена средбата некаде три недели подоцна. Според некои теоретски размисли, Жанвие ги одбил барањата за воздушни напади од Сребреница затоа што тајно го уверил Младиќ дека нема да има натамошни напади, а за возврат побарал да се ослободат 350-мината, главно француски, мировници.

По средбата од 4 јуни следеа сомнителна низа настани. Два дена подоцна, францускиот генерал Бертран д Лапресл беше испратен директно од Париз да се сретне тајно со босанските Срби во Пале. Денот по средбата со Лапресл, Србите ослободија 111 заложници.

На 9 јуни, Јасуши Акаши одржа состанок со Жанвие и со генерал Руперт Смит во хрватскиот град Сплит. Во дебатата што се сосредоточи на клучното прашање за мисијата на ОН - одржување мир наспроти спроведување мир, Смит го изрази својот став дека на Србите треба да им се спротивстави со сила; предвиде дека тие набрзо ќе се обидат да создадат криза со тоа што ќе ги напаѓаат источните енклави или ќе го отсечат Сараево за да ја завршат војната. “Сигурен сум дека Србите сакаат војната да заврши оваа година и ќе ги преземат сите ризици за да го остварат ова. Се додека остануваат на сила економските санкции на Дрина”, рече Смит, мислејќи притоа на наводното спречување да дотек на оружје за босанските Срби од страна на Србија, “ризикуваат секојдневно ослабнување во споредба со својот непријател”.

Жанвие воопшто не се согласи, велејќи дека е “неопходно да се дозволи политичкиот процес” да почне и да не им се спротивставува на Србите. Предвидуваше дека Србите нема да нападнат “освен ако не бидат провокацирани”. “На Србите им се потребни две работи - меѓународно признавање и олеснување на блокадата на Дрина”, рече Жанвие. “Не верувам дека сакаат да предизвикаат екстремна криза. Напротив, сакаат да го модификуваат своето однесување, да бидат добри соговорници”. [33] По состанокот, Акаши кажа дека ОН строго ќе се врати на “принципите на одржување мир” и дека нема да употребува сила ниту да застанува на ниту една страна во конфликтот.

Четири дена подоцна, на 13 јуни, босанските Срби ослободија уште 28 заложници, а нивниот карактеристичен министер за надворешни работи, Алекса Буха, изјави дека спрскиот претседател Милошевиќ добил гаранции дека нема да има натамошни воздушни напади. “Веруваме дека меѓународната заедница ќе го одржи своето ветување кон претседателот Милошевиќ дека нема да има натамошно бомбардирање”, рече Буха. Акаши демантираше дека бил направен каков било договор. [34]

На 17 јуни, Акаши се сретна со Милошевиќ во Белград. Српскиот претседател рече дека Ширак му кажал оти Клинтон се согласил да не спроведува воздушни напади без одобрување од Париз. На 18 јуни, останатите 26 заложници на ОН беа ослободени, а на 92 мировници во опколените пунктови за собирање оружје им беше дозволено да се повлечат кон Сараево. Во исто време, ОН ослободи четворица босански српски војници заробени кога француските мировници ја презедоа контролата на мостот Врбање во Сараево на 27 мај. Никола Кољевиќ, заменик лидер на босанските Срби, изјави дека на Србите им биле исполнети ветувањата што ги барале. “Добивме уверување дека нема да има повеќе воздушни напади”, рече Кољевиќ. “Повеќе нема да има непријателски акции против Србите”.

Три дена подоцна, два босанско-српски авиони Супер галеб полетаа од воздушната база во Бања Лука, прекршувајќи ги наредбите за забрана на летови над Босна. Командантот на јужното крило на НАТО, адмирал Смит, гледајќи го летот како тест на волјата на Западот, побара од Жанвие дозвола да се извршат воздушни напади на воздушната база. Жанвие рамнодушно одби, велејќи дека воздушните напади само ќе доведат до нова конфронтација. [35]

На 30 јуни, висок француски воен офицер јавно го критикуваше повикот на Смит за воздушни напади. “Не е во право кога бара воздушни напади врз воздушната база во Бања Лука. Тоа би не доведело до војна со Србите”.

Тајната средба што Жанвие ја имаше на 4 јуни ја обелодени Роџер Коен одЊујорк Тајмс на 23 јуни. ОН и француски официјални лица демантираа дека бил постигнат каков било договор, но гласините продолжуваа. Шефот на мировниот оддел на ОН Кофи Анан испрати телеграма до Акаши, прашувајќи за изјавите на босанските Срби кои велат дека добиле гаранции дека нема повеќе да има воздушни напади. “Знаете добро дека не сме издале такви инструкции”, напиша Анан во телеграмата од 15 јуни.

Најсилниот доказ дојде на 29 мај 1996 година, цела година по заложничката криза. Истрагата на Рој Гатман од Њуздеј и Кебл Брус од телевизија Ројтерспокажа дека Жанвие постигнал договор со Младиќ и, како резултат на тоа, го блокирал барањето за воздушни напади. Тие цитираа близок соработник на Жанвие како вели, “Ние бевме иницијаторите... Жанвие ја предложи средбата, Жанвие го предложи договорот”. Соработникот рече дека Жанвие не добил инструкции од ОН во Њујорк или од француската Влада да зборува со Србите, но се чувствувал под притисок да ја заврши кризата. Жанвие своеволно решил тајно да се сретне со Младиќ. “Навистина сметаше дека го прави најдоброто што може. Беше под притисок”, му рече соработникот на Гатман. “Да, беше доволно наивен да му верува на Младиќ, но што друго можеше да направи?”

Но, кога подоцна авторот повторно разговараше со соработникот, кој не сакаше да биде именуван, соработникот се повлече. Рече дека приказната е точна во однос на редоследот на настани, но се спротивстави на терминот “договор”. Веројатно под голем притисок да не зборува по документарецот на Њуздеј и телевизија Ројтерс, тој демантираше дека била постигната каква била согласност во однос на воздушни напади.

За жал, соработникот не присуствувал на тајната средба. Присутните - Жанвие, преведувач и двајца воени помошници - одбиваат да дадат интервју. Во извештајот што Жанвие го изнесе на средбата со ОН, а што не беше поднесен се додека Анан не испрати телеграма до Загреб во врска со гаранциите за кои се јавија гласини, не се споменува договор, но се вели дека Младиќ подготвувал своја изјава: “1. Војската на Република Српска нема повеќе да користи сила за да им се заканува на животите и безбедноста на членови на УНПРОФОР. 2. УНПРОФОР се обврзува дека нема повеќе да користи сила што води до употреба на воздушни напади против цели и територија на Република Србпска. 3. Потпишувањето на овој договор ќе доведе до ослободување на сите воени затвореници”. Според извештајот, Младиќ побарал од Жанвие да го однесе документот во Загреб заради “итна ратификација”.

Без потврда од соработникот на Жанвие, нема дефинитивен доказ за договор. Француската влада демантира дека Ширак или кој било друг висок функциониер му дал гаранции на Милошевиќ или на босанските Срби дека нема да има натамошни воздушни напади. Генерал д Лапресл и еден негов соработник, кои присуствувале на тајниот состанок од 6 јуни во Пале, во одделни интервјуа изјавија дека само вршеле притисок Србите да ги ослободат заложниците и не преговарале. Генералниот секретар на ОН Бутрос Бутрос-Гали одби да даде интервју, но Акаши рече дека тој лично никогаш не се согласил на договор, ниту тоа го сторил Жанвие.

Холандскиот министер за одбрана Јорис Ворхов, генерал Тон Колстрен, шеф на ОН мисијата во Загреб, генерал Сес Николај, шеф на ОН мисијата во Сараево и полковник Харм Де Јонге, шефот на воени операции во Загреб немаа причини да го поштедат Жанвие по дебаклот што го доживеаја нивните сонародници. Сите тие во интервјуа рекоа дека не веруваат оти Жанвие склучил договор со Младиќ. Францускиот генерал, велат тие, но најлош случај е виновен дека донел погрешна одлука што се однесува до спроведување воздушни напади. Командантот на јужното крило на НАТО адмирал Лејтон Смит, застапник на воздушни напади, во едно интервју рече дека го прашал Жанвие по падот на Сребреница дали е направен договор.

“Тој рече не, апслолутно не”, изјави Смит, “и јас му верувам”.

Тајните состаноци сами по себе не беа вообичаени и се случуваа во текот на војната. Генерал Руперт Смит, чии соработници велеа дека бил против преговори со Србите околу заложниците, имал таен телефонски разговор со генерал Ратко Младиќ на 28 мај во кој српскиот генерал му рекол “да се напие сретство за смирување”, и го отфрлил барањето на Смит заложниците да се ослободат, одбивајќи ја понудата од Смит да се сретнат. [36]

Никола Кољевиќ, кој изјави дека бил против земањето заложници, во едно интервју рече дека не се сеќава дека добил какви било гаранции ниту од ОН ниту од Франција дека нема да има натамошни воздушни напади. Само се сеќава дека Милошевиќ вршел голем притисок на босанските Срби да ги ослободат заложниците преку честите посети на злогласниот шеф на полицијата на Милошевиќ, Јовица Станишиќ, на Пале.

Постигнувањето договор со Србите не се усогласува со внимателно градениот јавен имиџ на Ширак, барем во однос на неговиот пристап кон војната во Босна. Се шпекулираше дека Ширак, поранешен офицер на коњаница, им бил гневен на Ланксад и на Жанвие кога ги видел понижените француски мировници како се предаваат со бели знамиња. Ги критикуваше за “кукавичност и невнимателност” и, според гласините, им наредил да возвраќаат кога ќе бидат нападнати. Ширак (чиј прекар беше “Булдожерот”) беше познат по својата грубост, и американски функционери велеа дека неговото даоѓање на власт претставува голема промена на француската политика кон Босан. Ширак јавно му предложи на британскиот премиер Џон Мејџор формирање на Сили за брза реакција со 12.000 војници и јавно предложи, дури и да беше тоа блефирање, повторно да се заземе Сребреница со сила.

Додека Митеран ги сметаше Србите за француски сојузници од Втората светска војна, Ширак очигледно ги отпиша како такви. На средба на ЕУ на 9 јуни, петок, Ширак само што заврши уште еден телефнски разговор со српскиот претседател Милошевиќ, кога грчкиот премиер Андреас Папандреу почна да ги брани Србите, изјавувајќи дека се чувствувале загрозени поради брзото муслиманско ширење во повеќе држави само си ја бранеле својата православна вера. Според сведоците, Ширак го прекинал: “Не ми зборувај за некаква си религиска војна”, рекол Ширак бесно. “Ова се луѓе без никаква вера, без никакво чувство за закон; тие се терористи”.

Еден западен дипломат со големо искуство и во Париз и во поранешна Југославија имаше две реални претпоставки. Жанвие можеби не ја почувствувал смената на ставовите со новата администрација и на своја ракал постигнал договор со Младиќ или имал тајни инструкции од Париз да постигне договор за ослободување на заложниците, смета дипломатот, за да го реши итниот проблем со ослободување, а не станувало збор за некој долгорочен француски заговор да се жртвуваат енклавите смислен само три недели по доаѓањето на Ширак на власт.

Дали вистината ја кажуваат Французите, ОН или Србите тешко е да се знае. Од различни причини, ниту една од страните не би сакала таквиот договор - доколку навистина постоел - да се открие.

Можно е зборовите на Ширак по телефон кога разговарал со Милошевиќ или “традиционално миротворните” изјави на Акаши Србите да ги интерпрепирале како гаранции. Мжно е договор да постигнале, всушност, француски дипломати во Белград. Доказите, досега, не можат ништо да потврдат.

Но тврдењето на Милошевиќ дека Ширак му рекол оти нема да се спротведат возудшни напади без француско одобрување не е гаранција дека нема да ги има. Милошевиќ, очаен да му се додвори на Западот и да ги ослободи заложниците, можеби ги лажел босанските Срби дека добил вербални гаранции дека нема да има воздушни напади. Одговорот на заложничката криза можеби едноставно била најновата од серијата грчевити краткорочни реакции на Западот на уште една криза во Босна.

Намерно или ненамерно, јавното прекинување на воздушните напади од 29 мај веднаш штом беа земени заложниците им упати порака на босанските Срби дека можат да ги сопрат нападите на НАТО ако им се закануваат на мировниците. Имало или немало договор, заложничката криза ја засили пораката што САД, Франција, Британија и ОН во текот на целата војна им ја повторуваа на босанските Срби: Западот нема волја да ви се спротивстави.

Двајцата поединци кои се најодговорни за неспроведувањето поинтензивни воздушни напади на НАТО се Јасуши Акаши и Бернар Жанвие. Акаши се согласи на неколку подолги интервјуа за оваа книга. Жанвие, кој ретко зборуваше за печатот пред падот на Сребреница и никогаш не разговарал јавно на оваа тема, одби да даде интервју за оваа книга и ги одби сите барања за интервјуа од медиумите. Серијата изјави и предлози што Жанвие ги имаше претходно дадено, за време на и по падот на Сребреница предизвикаа шпекулации дека тој намерно дозволил безбедносната зона да падне.

Во неговото обраќање пред Советот за безбедност на 24 мај 1995 година, Жанвие ги советуваше ОН да се повлечат од безбедносната зона, за која рече дека босанската власт ја злоупотребува и ја користи за да врши напади. За време на дебатата со генерал Смит во Сплит од 9 јуни, тој повторно зборуваше за повлекување.

“За Србите најприфатливо би било да ги напуштиме енклавите”, рече Жанвие. “Тоа е најреалниот пристап и има смисла од воена гледна точка, но невозможно е меѓународната заедница да прифати... Се додека постојат енклавите ние во извесна мера ќе бидеме неутрализирани. Во Њујорк реков дека безбедносните зони треба да ги бранат Босанци. Доволно се силни за тоа. Ова воопшто не беше добро примено”.

Но, изјавите на Жанвие и неуспехот да се одобри воздушна поддршка за Сребреница може да се објаснат како успех на Жанвие, а не одлука да се жртвува Сребреница. Освен воздушната поддршка што ја одобри на денот кога Сребреница падна, ги блокираше сите други барања за воздушни напади што му беа упатени. Акаши и Жанвие постојано го повторуваа ставот дека воздушните напади на НАТО се груби, опасни и, општо земено, неефикасни сретства што ги разгневуваат босанските Срби и го ризикуваат животот на мировниците. Новите, рестриктивни инструкции што Жанвие ги даде на 29 мај 1995 година за употребата на воздушна НАТО сила беа одраз на ова верување. Поради тоа што беа дадени пет дена пред тајната средба на Жанвие со Младиќ, може да се претпостави дека немало таен договор за воздушните напади - постоела само неподготвеност на Акаши и Жанвие да ги искористат.

И двајцата тврдеа дека српските националисти во Босна и во Хрватска се жестоки и опасни. За време на една средба Акаши гласно се прашуваше дали и Србите имаат своја “Масада” – алудирајќи на градот-тврдина чии еврејски жители се самоубиле за да не им се предадат на Римјаните.

Западни дипломати се жалат дека овие двајца создале слика на Србите дека тие се непобедливи и нерационални - оваа слика ја градеа и самите српски националисти за време на средбите. Непобедливиот “српски дух” не може да се бомбардира за да стане послушен. “Српскиот воин” ќе се повлече во брдата и ќе води бескрајна герилска војна. Сите страни се сметаа за подеднакво лоши. Кон соработниците во Загреб кои се сметаа за наклонети на Босна се гледаше со скептичност. Генерал Руперт Смит, како што често велеше Жанвие, се наоѓаше во босанско-муслиманскиот свет во Сараево и затоа не можеше војната да ја види од соодветна перспектива.

Според соработници на Жанвие и на Акаши, шеесет и три годишниот Акаши доминирал во односите меѓу двајцата мажи и имал големо влијание врз начинот на кој Жанвие гледал на конфликтот. Триесет и три годишен ветеран на ОН, Акаши беше ревносен застапник на традиционалното миротворство. Секоја идеја за бранење на едната страна или користење сила против една од страните претставуваше анатема за интелигентниот, но и едностран јапонски дипломат без голема смисла за хумор. Еден соработник отиде дури дотаму што го нарече “мирко”.

Не се чувствуваше удобно со свеста за огромната деструктивна сила што ја држеше во раце контролирајќи напади на НАТО. Акаши имаше дури и список од 18 точки насловен “Критериуми на СРСГ за употреба на воздушна поддршка на Обединетите нации”. Меѓу прашањата беа вклучени и следниве: “Како ќе влијае употребата на воздушна сила врз угледот на ОН?” и “Какво ќе биде влијанието на употребата на воздушна сила врз миротворните напори?” Точките на Акаши претставуваа купување време, избегнување на конфронтација и постојано поддржување на преговори без оглед колку е тешка ситуацијата.

Конзервативен и внимателен, Акаши беше чиста спротивност на наивниот но храбар поранешен командант на ОН Филип Моријон, кој ја спаси Сребреница во 1993 година. Агресивниот стил на препредниот британски командант на ОН во Босна, генерал Руперт Смит, претставуваше аномалија во внимателната, бавена култура на ОН. Генерал Смит го напушти Сараево два дена пред почетокот на нападот на Сребереница, а неговите соработници велат дека гласините оти го напуштил Сараево затоа што знаел дека Среберница ќе биде жртвувана не се точни. Највлијателниот застапник на теоријата дека Србите ќе нападнат летото 1995 година и треба да им се спротивстави со сила беше на одмор.

Од време на време, смелоста на Смит и на Моријон овозможи да извршат притисок или да ги засрамат западноевропските земји и да ги принудат да им дадат на ОН повеќе политичка поддршка и воени ресурси потребни за да се спроведе мисијата во Босна. Внимателноста на Акаши и на Жанвие, од друга страна, им овозможија на западните влади да го обвинат Акаши за неуспеход на невозможната мисија на ОН, симнувајќи ја одговорноста од самите земји кои немаа политичка волја да им се спротивстават на Србите.

Обраќањето на Жанвие пред Советот за безбедност на ОН на 24 мај може да се смета или за макијавелистичко или за резултат на погрешни толкувања. Тој згреши за проценката дека босанските сили во Сребреница и во четири други изолирани енклави се доволно силни да се бранат. Но, беше во право кога рече дека изолираните мировници во енклавите се заложници со кои Србите можат да извлекуваат работи по своја корист од Западот.

Два месеца подоцна, генерал Руперт Смит ги извади британските сили од Горажде на крајот од август и оваа стратегија се покажа успешна. Им овозможи на авионите на НАТО да стрелаат во српски цели две недели без страв дека ќе бидат земени заложници од ОН. Разликата се состоеше во тоа што Смит сметаше дека Србите ја злоупотребуваат својата воена надмоќ и мораше да им се спротивстави. Жанвие, од друга страна, сметаше дека муслиманите ги злоупотребуваат безбедносните зони за да ги вовлечат војниците на ОН да се борат место нив.

Според високи цивилни претставници на ОН, Жанвие се сметаше за најмалку компетентниот од четворицата команданти на ОН кои служеа во поранешна Југославија. [37]

Клучен елемент во размислувањата на Жанвие беше верувањето дека може да се договара со босанските Срби. Жанвие можеби го одби важното барање за воздушни напади ноќта пред градот да падне затоа што искрено му веруваше на ветувањето на генерал Толимир дека српските напади престанале. Според соработниците, Жанвие и веруваше на српската пропаганда и на поплаките на Младиќ за муслиманските провокации. На средбата на 9 јуни во Сплит, Жанвие истакнуваше дека Србите повеќе нема да им се спротивставуваат на ОН ако ОН ги третира со почит.

Еден близок соработник на Жанвие и Јасуши Акаши рекоа дека немале јасни инструкции ниту од Париз ниту од Њујорк за време на нападот на Сребреница. Акаши рече дека Париз неколку пати вршел притисок врз Жанвие - вклучувајќи ја и заложничката криза - но Среберница не била една од нив. Во интервјуто за Гатман, соработникот изјави дека проблемот со Среберница бил тоа што не биле издавани доволно инструкции. Ситуацијата ја опиша како “хаотична”. “Кога се случи Среберница бевме вознемирени поради тоа што не добивавме одлуки и наредби”, рече соработникот. “Жанвие беше оставен сам на себе”.

Акаши изјави дека Жанвие бил “во агонија” за тоа дали да употреби воздушна поддршка во Среберница во текот на последните денови од нападот. Жанвие му рекол дека не може да разбере зошто Србите би ја нападнале безбедносната зона, нешто за што Жанвие исто така се прашуваше за време на размислувањата дали да се користи воздушна сила ноќта пред да падне Сребреница. Следејќи ја истата логика како и аналитичарите на ЦИА, Акаши изјави дека Жанвие сметал оти босанските Срби нема да ризикуваат да ја испровоцираат меѓународната заедница.

Жанвие, долгогодишен командант на пешадија, му велел на Акаши дека воздушните напади нема да ги сопрат трупите што напредуваат кон Среберница поради теренот. Повторувајќи ги размислувањата на Колин Пауел претходно во војната и консензусот меѓу француските команданти, Жанвие рече дека воздушните напади ќе бидат тотално неефикасни. Воената анализа на Жанвие за ефикасноста на воздушните напади едноставно беше погрешна.

Невообичаениот чекор да донесе одлука да ја жртвува безбедносната зона на ОН без дозвола од претпоставените не се вклопува во карактерот на Жанвие, белат и приврзаниците и противниците. “Овој човек требаше да продава печени костени на улиците на Париз”, изјави поранешен претставник на УНПРОФОР. “А не да донесува такви одлуки”.

Без оглед дали Жанвие бил циничен или доаѓал до погрешни заклучоци, тој е поодговорен од кој било друг за падот на Сребреница. Ограничувањата на употреба на воздушна сила за кои активно се залагаше и одлуката да не одобри напади понеделникот 10 јули, доведоа до катастрофални последици. Тој не ги презеде “сите неопходни сретства, вклучувајќи и употреба на сила” за да ги спречи нападите на безбедносната зона како што налагаше Резолуцијата 836. Постојано лобираше и презеде акции за олеснување на повлекувањето на ОН од источните енклави. Какви биле неговите мотивации или инструкции нема да се знае се додека самиот не ги објасни своите постапки, доброволно или под принуда.

Прврзаниците и противниците на Жанвие се согласуваат за едно нешто: тој беше генерал кој ги почитуваше правилата и кој верно исполнуваше наредби. Ако на Жанвие му беше речено да ја спаси или да ја жртвува Сребреница, тоа и ќе го стореше. Но, ако постоел меѓународен заговор против Среберница, со него би морале да се согласат босанската Влада, Клинтоновата администрација и новиот кабинет на францускиот претседател Жак Ширак. Според овој заговор, Босанците би требало да ја неутрализираат одбраната на енклавата со тоа што ќе го повлечат Насер Ориќ, Жанвие би требало да ги блокира барањата за воздушни напади на функционери од ОН кои не би биле запознаени со заговорот, а администрацијата на Клинтон би требало да ги сокрие разузнавачките информации за позициите на босанските Срби околу енклавата.

Постоеја големи сомневања за тоа дека американски разузнавачи знаеја за нападот на Среберница и последователните егзекуции. Според теоријата, ЦИА знаела за нападите што се подготвуале и знаела дека градот ќе падне. Соединетите Држави тогаш отстрана го гледале падот на Среберница и една енклава што не се вклопуваше во стратегијата за крајот на играта на Ентони Лејк беше елиминирана. Сателитските снимки на масовни гробници, според теоријата, би биле затаени до последното погубување за да се избегне срамот, а од САД би било побарано да го сопрат убивањето.

Меѓутоа, високи официјални лица во Советот за национална безбедност, Стејт департментот, Пентагон и ЦИА демантираат дека намерно или тактички ја жртвувале Сребреница. САД ја потценија сериозноста на она што се случуваше во Сребреница, велат тие, поради неуспехот на ЦИА точно да ги процени српските намери. Како ОН така и ЦИА веруваше дека Србите немаат намера да ја освојат безбедносната зона. Неделата 9 јули, српскиот напад беше “најверојатно беше изведен за да ги казни босанските власти за офанзивата во Сараево и сретство за да се предизвика прекин на огнот”, се вели во еден од извештите на ЦИА. Понеделникот 10 јули, денот пред да падне градот, ваквите проценки останаа несменети. ЦИА веруваше дека Србите нема да го нападнат градот, во голема мера затоа што не сакале да се справуваат со десетиците илјади жители во него.

Официјални лица задолжени за мониторинг на Босна за потребите на ЦИА, Пентагон и на Советот за национална безбедност велат дека се до денот кога Сребреница падна не верувале дека генерал Младиќ ќе се осмели да заземе безбедносна зона и да го провоцира Западот.

Проценките на разузнавачите на ОН во Загреб се согласуваа со, а можеби и влијаеја врз, проценките на ЦИА во Вашингтон. Но, на официјални лица на ОН им недостасуваа значајни информации. Разузнавачите на ОН знаеја малку за длабоката желба меѓу босанските Срби да му се одмаздат на Насер Ориќ. По своја вина, имаа минимално искуство во Босна и знаеја многу малку за историјата на Сребреница. За да не предизвикаат двоумење кај земјите испраќачи на мировници, ОН ги ротираа повеќето мировници во поранешна Југославија на шест месеци.

Дупките во командниот синџир на ОН избиваа на видело. Официјални лица во Загреб не добиваа извештаи за минофрлачите, тенковите, хаубиците и трупите кои холандските војници ги виделе на источната линија на фронтот, на патот кон Братунац на 8 и 9 јули. [38] Клучните извештаи некако се загубиле во лавиринтот на ОН, што се протегаше од Холанѓаните во Сребреница, преку Североисточниот сектор на ОН во Тузла, босанско-херцеговската команда во Сараево потчинета на ОН до седиштето на ОН во Загреб.

Дезораганизацијата беше дел од еден многу поголем проблем. Разузнавачите операции претставуваа анатема за традиционалниот ОН концепт за сочувување на мирот. ОН се гордееја со целосно “транспарентните” операции, што значи дека на сите вклучени страни им беа познати сите активности на ОН. Спроведувањето на какви било тајни разузнавачки операции беше забрането. Примарните извори на информации за ОН беа воените набљудувачи - офицери што се возеа наоколу низ поранешна Југославија во бели џипови на кои беше испишан знакот “Military Observer” (“воен набљудувач”). Нивниот пристап до одредени зони беше забранет кога тоа им одговараше на хрватските, српските или муслиманските сили.

ОН имаа лош глас и поради тоа што од нив “протекуваа” информации. НАТО и националните разузнавачки агенции, особено американските, старвуваа да им даваат информации на ОН, плашејќи се дека набргу ќе се дознаат и дека тајните извори и методи ќе се обелоденат. Американски офицери се наоѓаа на водечките места во разузнавачките единици на ОН во Загреб и во Сараево затоа што имаа пристап до чувствутелните информации на американски инфорамации и можеа да ги контролираат. Понекогаш се одржуваа приватни, неформални средби меѓу американски и ОН официјални лица од други НАТО земји - како Франција, Британија или Холандија - каде што се разговараше за доверливи информации. Но, во поголеми групни средби на кои учествуваа офицери и од други земји, како Русија, инфорамциите не се споменуваа или намерно не се дообјаснуваа.

Најмоќната форма на американска шпионажа во Босна беа сателитските снимки. Американски сателити и шпиониски авиони сликаа територија од стотици километри додека минуваа над поранешна Југославија секои неколку дена, како што се соменваше капетан Гроен во Сребреница. Пролетта 1995 година, САД исто така почнаа да испраќаат Воздушни возила без човечки екипаж со опрема со висока технологија - вклучувајќи и камери - над Босна. Но, според официјални лица на Пентагон, системот не бил оперативен на почетокот од јули.

Агенти велат дека американските шпионски авиони и сателити не гледаат се. Кога српски проектил го собори авионот на американскиот пилот Скот Огрејди на 2 јуни, НАТО и Пентагон беа вчудоневидени. Босанските Срби расклопија проектил од типот САМ-6 во северна Босна и тајно го пренесоа со камион до нова локација сто и шеесет километри подалеку. Американските разузнавачи го забележале системот дента пред Огрејди да биде соборен, но информацијата не стигна до командантот на Огрејди. Огрејди не знаел дека во околината имало проектили. Србите прво ја истрелале ракетата, а потоа го вклучиле радарот што ја наведува до целта, така што Огрејди немал скоро никакво предупредување дека е лоциран.

Потоа беа воведени строги нови правила за летови над Босна. Едно од нив беше тоа што авионите на НАТО требаше да летаат со придружба што може да ги залаже САМ проектилите и да ги избегнува, кога е тоа можно, областите каде што има САМ. Еден од местата каде беа забележани САМ беше во близина на Хан Пјесак, југозападно од Сребреница. Командантот на НАТО за југоисточна Европа адмирал Смит изјави дека во извидничките мисии би требало да се вклучат авиони за водење војна, но тоа е сепак можно да се изведе. Смит рече дека не добил барање ниту од холадската војска ниту од ОН за сателитските снимки што капетан Гроен толку очајно ги бараше во Сребреница.

Но, заменик командантот во Сребреница, мајор Роберт Франкен, изјави дека од своите претпоставени во Мисијата на ОН во Сараево, два пати во јуни и третпат во јули (само два дена пред нападот на 6 јули), барал ОН и НАТО да и достават на Холандија разузнавачки податоци за натрупување српски сили во областа. Откако претставник на УНХЦР, кој ја посетил Сребреница на 4 јули, видел како артилериски единици се движат кон Братунац, Франкен сакал да ги види сателитските снимки од регионот. Франкен вели дека му рекле оти нападот на ОП Ехо од 3 јуни бил локална акција, и немало индикации за голем напад; и дека летањето во кругот на САМ околу Сребреница, вклучувајќи и едно активно место во Сасе, само седум километри оддалечено од енклавата, не се смета за ризично.

“Некој мора да видел што се случувало”, вели Франкен. “Тврдењето дека не виделе е гомнарска глупост”.

На денот на падот на градот, фотографиите од разузнавачките служби достапни на ОН покажуваат потенцијален напад од само четири српски тенкови стационирани на југот од енклавата. Веројатно посматрајќи го конфликтот од гледна точка на НАТО - а не на Босна - агентите на ОН заклучија дека Србите немаат доволно опрема за да ја заземат енклавата. Американски сателити и шпионски авиони веројатно требаше да ја забележат артилеријата, тенковите и минофрлачите во источниот дел од енклавата и минофрлачот во Братунац. Според разузнавачи во Вашингтон и во Загреб, нивната искрена проценка беше дека, и покрај српското засилување, нелогично би било Србите да ризикуваат да го испровоцираат Западот со заземање на целата безбедносна зона.

ОН, САД и НАТО ги игнорираа предупредувањата за намерита на Србите. Во меморандум од март 1995 година, шефот на разузнавачката единица на ОН во Сараево предвиде дека Србите ќе се обидат да направат офанзива низ источна Босна тоа лето и да ги заземат сите три енклави. Секој ден, според анализите, босанските муслимани шверцуваа се повеќе оружје во земјата и нивната армија стануваше подобро вооружена и организирана. Помалубројните босански Срби сфатија дека времето работи против нив. Анализите предвидуваа дека Србите ќе спроведат конечна офанзива летото 1995 година, ќе се обидат да ги заземат безбедносните зони и ќе се залагаат за мир од посилните позиции на есен.

Четири месеци подоцна, проценката - една од неколкуте што ги направи ОН - и други предупредувања испратени во мај и во јуни беа игнорирани. Непосредно пред нападот на Сребреница, шпионскиот аналитичар на ОН кој го напиша извештајот доброволно отиде на одмор.

Немаше конкретни докази ниту дека САД ги криеле сателитските снимки од места за кои се претпоставуваше дека се масовни гробници. Аналитичарите што учествуваа во барање на гробниците велат дека почнале со долготрајниот процес на истражување на стотиците илјади расположливи фотографии од регионот на Сребреница дури откако стигнал гласот за Нова Касаба. Медлин Олбрајт јавно ги дистрибуира сликите веднаш штом дојде до нив, како што и самата рече во едно интервју.

Американски дипломати демантираат дека спровеле какви било тајни договори во врска со енклавата. Специјалниот американски пратеник Роберт Фрешр имаше разговори со сите три страни за време на летото 1995 година, но Ричард Холбрук и други американски претставници велат дека разговорите се фокусирале на укинување на економските санкции на ОН кон Србија, а не на размена на енклавата.

Нема многу изгледи дека постоел голем, однапред испланиран меѓународен заговор да се жртвува Сребреница. Не е веројатно дека муслиманските и српските лидери, по тригодишни безмилосни борби, би им верувале на своите непријатели и би склучиле договор со нив. Не постојат големи шанси дека францускиот претседател, инаугуриран на 17 мај, можел да испланира заговор или би дал одобрување за веќе постоечки заговор по само два месеца на претседателската функција. Ниту е веројатно дека администрацијата на Клинтон, сосредоточена на изборите 1996 година, би ја сметала војната во Босна за доволно големо политичко прашање за да ризикува да биде фатена како планира и спроведува подмолен план што би ги загрозил животите на 450 холандски војници и 40.000 босански муслимани.

Франција и САД би морале да се согласат да не го известат својот најблизок сојузник - Британија - за план што би имал дестабилизирачко влијание во земја каде беа стационирани 4.000 британски мировници. Ако Британците би биле информирани, тогаш трите земји, толку остро поделени во текот на претходните три години околу тоа што треба да се направи во поранешна Југославија, би требало чудесно да се согласат на ризичен заговор за да стават крај на непредвидливата војна. Два фактора - недоволно големата важност на Босна за да се направи политички ризичен заговор и неможноста западните земји да се согласат што да сторат таму - најубедливо зборуваат против постоење на план со предумисла.

Најголемата веројатност е тоа дека Сребреница беше премолчено жртвувана. Западот, босанската Влада, Акаши и Жанвие дозволија настаните да си се одвиваат по својот тек и проблематичната енклава беше елиминирана. Невозможно е да се докаже што клучните официјални лица, како Жанвие или командантот на Босанската армија Делиќ, мислеле во тоа време. ОН, американски, европски и босански официјални лица остро демантираа дека премолчено го жртвувале градот. “Не сме толку цинични”, рече Акаши.

 

Во крајна линија, најголемата вина и најсуштинските прашања лежат кај човекот кој ги нареди егзекуциите. Падот на Сребреница во голема мера ќе останеше заборавен да беше толку крвав.

Ноќта во четвртокот 13 јули 1995 година, босанско-српскиот лидер Радован Караџиќ и босанско-српскиот генерал Ракто Младиќ држеа илјадници животи во свои раце. Меѓу 1.000 и 2.000 муслимански затвореници беа збутани во складишта и во автобуси околу Братунац таа ноќ. На српските војници, освен на оние околу складиштето во Кравица, им беа дадени јасни наредби да ги соберат затворениците, но не и да ги убијат. Причината што ги натера двајцата лидери да донесат таква одлука е едноставна, а истовремено и несфатлива.

И двајцата изгледа беа поведени од класичен, длабок расизам што лежи во срцето на нивниот национализам. Муслиманските затвореници околу Братунац таа ноќ беа суштества што премногу брзо “се котеа”. Затворениците беа и можност за Младиќ и за Караџиќ да влезат во историјата.

За нив, падот на Сребреница беше дел од вековната битка на српскиот народ против исламот и Турците. Беше шанса да се одмазди смртта на Србите убиени во регионот на Сребреница во текот на Втората светска војна и шанса да се збришат неколку илјади војници со кои Армијата на босанските Срби, на која и недостигаа мажи, ќе требаше повторно да се соочи ако беа разменети како затвореници.

Една од првите изјави на Младиќ кога влезе во Сребреница - неговото ветување дека ќе им се одмазди на “Турците” за убиствата на Србите во оваа област во 1804 година за време на “Дахијското востание” - зборува самата за себе. Таткото на Младиќ, кој се бореше со партизаните на Тито, беше убиен од страна на хрватските фашисти - усташи, сојузници на германските нацисти, за време на Втората светска војна. Тогаш Младиќ имал само две години. Името на генералот доаѓа од српско-хрватскиот збор рат, односно војна. Ратко буквало значи “воинствен”. Таткото на Караџиќ преживеа масовно погубување што го спроведоа партизаните на Тито за време на Втората светска војна. Караџиќ, психолог кој живееше и работеше во Сараево, подоцна рече дека чувствувал оти никогаш не бил прифатен во мултиетничкиот град. Национализмот му го донесе успехот што претходно во животот му недостасуваше. [39]

Годините на неодредена и несигурно спроведувана политика на САД и на Европа кон Босна ја поттикнаа вистинската и замислената моќ на Младиќ и на Караџиќ. Во текот на последните три години, Радован Караџиќ ги надмудри и изманеврира најсофистицираните, според него, дипломати на светот. Караџиќ никогаш не ги почитуваше мировните планови.

Младиќ, воен командант со предност од 400 спрема 50 тенкови во однос на својот непријател, два пати ја сопре најмоќната воена сила на Земјата - НАТО - со заробување 350 ОН мировници во мај 1995 година и 55 холандски мировници во јули. Младиќ се наоѓаше на врвот од својата воена сила по падот на Сребреница. Неговото непобедливо верување во сопствената сила беше во зенитот.

Караџиќ и Младиќ ја издадоа наредбата за лов на луѓе и за масовно погубување на жители на Сребреница затоа што така сакаа, тоа го можеа и затоа што беа сигурни дека никогаш не ќе мораат да одговараат за тоа. Во крајна линија, изгледа дека беа во право.

Звучи утешно ако речеме дека егзекуциите беа стратешка грешка; дека масовните погубувања што ги нареди Младиќ за да ја освои Сребреница го свртеа вниманието на неговата војска и и овозможија на Хрватската армија да напредува на другата страна од земјата. Но, босанските Срби се уште ја имаат контролата врз 49 проценти од Босна. И Караџиќ и Младиќ ја избегнаа одговорноста за најголемиот масакр во Европа од Втората светска војна.

Американската, француската и британската политика во Босна имаше двојно негативен исход. Српските националисти научија дека етничкото чистење може да успее; муслиманите научија дека нивните животи не се важни. Голем број преживеани сметаат дека ако Сребреница беше христијански град опколен од муслимани што го напаѓаат, Западот ќе реагираше.

Повеќето муслимани од Сребреница не бараат сите Срби да бидат казнети за она што се случи, туку само нивните лидери. Велат дека се подготвени повторно да живеат со Срби. Оние кои го оправдуваат спроведувањето процеси за судење за воени злосторници велат дека казнувањето е многу значајно затоа што ги ослободува муслиманите од желбата за одмазда и создава слика дека поединци - а не цела етничка група - е виновна за она што се случи. Подеднакво важен е потенцијалниот ефект на Трибуналот врз Србите. Со обелоденување на она што се случи, велат тие, Србите ќе бидат принудени да се соочат со она што нивното раководство сакаше да го сочува во тајност.

Најважно од се, непристрасен, интензивно спроведен процес за воените злосторства овозможува еден вид историски запис за тоа што се случило - нешто што беше очајно потребно во поранешна Југосалвија. Ако не се напише точната историја, Сребреница ќе биде осудена да им се придружи на илјадниците вистински и замислени злосторства кои националистичките лидери ќе ги злоупотребуваат за следните пет или педесет години, распалувајќи повторно крвопролевање. За време на падот на Сребреница можеби се родил млад Ратко Младиќ. Овој пат, некој муслиман ќе расте со приказните за злосторствата врз неговиот народ.

Најлошо е она што се случува во моментов. Судот беше создаден делумно од политички причини - за да се покаже решителноста на Западот во Босна. Судот и сега не функционира стопроцентно заради политички причини - неволноста на Западот да ги уапси осомничените воени злосторници стравувајќи од жртви. Резултатот е мртвороден процес против воени злосторници. Србите, Хрватите и муслиманите ги отфлаат доказите под изговор дека се политички и ги сметаат осомничените воени злосторници за демони или жртви, во зависност, се разбира, од нивната религија.

Се додека обвинувањата против воените злосторници останат нефункционални, во Босна може да се јави нов жесток муслимански национализам. Ако избие уште некоја војна, западните лидери може се откажат од мешање под изговор дека станува збор за “исконска етничка омраза” на Балканот. Но тие делумно ќе бидат виновни за неа. Кругот одмазди - поттикнат и од американската и од европската политика - сега наоѓа плодна почва во Босна.

Предговор

to the top

Фусноти

to the top

ПРЕДГОВОР

[1] Во 1987 година, Слободан Милошевиќ дојде на власт во Србија. Во април 1990 година, словенечкиот националист Милан Кучан ги порази комунистите и беше избран за претседател на Словенија. Следниот месец, хрватскиот националист Фрањо Туѓман беше избран за претседател на Хрватска. Во 1990 година, муслиманските, српските и хрватските националистички партии ги поразија комунистите во Босна.

[2] Laura Silber and Allan Little, The Death of Yugoslavia (London: Penguin Books/BBC Books, 1995-96), p. 72.

[3] Оваа легенда ја раскажа Несиб Манѓиќ, директор на средното училиште во Сребреница за време на војната. Други жители ја потврдија. Историјата на Сребреница е од Манѓиќ и Ноел Малколм: Nesib Mandzic and Noel Malcolm, Bosnia: A Short History (New York: New York University Press, 1994-96), pp. 2, 6-8 , 53-55.

[4] Селата во околината на Сребреница и посиромашните домаќинства имаа понизок животен стандард.

[5] На 6 мај, 1993 година, Советот за безбедност ја донесе Резолуцијата 824 и ги прогласи Сараево, Тузла, Бихаќ, Горажде и Жепа исто така за безбедносни зони. На 4 јуни истата година, Советот за безбедност ја донесе Резолуцијата 836, со која формално се прошири мандатот на мисијата на ОН во безбедносните зони. Беше цитирано Поглавје седум од Повелбата на ОН, со кое се овозможува ‘спроведување мир’ и беше авторизирана употреба на сила. За проблематичната природа на Резолуцијата 836 ќе зборувам подоцна.

ШТО СЕ СЛУЧУВАШЕ ПО ПАДОТ

[6] Претседателот продолжи со зборовите: “Во најлоша можна ситуација сме. Европејците можат да донесат засилување, но повеќе сакаат да се жалат.” Тој го опиша предлогот на Ширак и рече дека не бил доволно обмислен, но го поздрави новиот став. Од: Bob Woodward, The Choice (New York: Simon & Schuster, 1996), pp. 261-62.

[7] Според Вудворд, Гор алудирал на американските воздушни шпионски фотографии, на кои биле прикажани местата околу Сребреница за кои се сомневаше дека се масовни гробници, но високо официјално лице, во интервју направено во јануари 1996 година, рече дека тоа не се случило. Некои официјални лица од Обединетите нации се сомневаат дека администрацијата можеби имала фотографии на кои се гледало извршување на масовни егзекуции, но чекале егзекуциите да завршат за да ги објават фотографиите. Администрацијата постојано повторуваше дека аналитичарите на ЦИА не почнале да ги истражуваат илјадниците слики од регионот на Сребреница пред да добијат информации од преживеаните кои му ги опишале настаните во Нова Касаба на заменикот државен секретар Џон Шетак меѓу 30 јули и 1 август. Холандските мировници виделе како се копаат гробници на 14 и 15 јули. Средбата во овалната канцеларија се одржа четири до пет дена подоцна. За тоа дали САД намерно ги криеле доказите за масовните егзекуции ќе зборувам подоцна, во епилогот.

[8] Србите кои го напаѓаа Бихаќ се бореа заедно со муслиманите лојални на Фикрет Абдиќ, муслимански бизнисмен, кој беше избран за член на ротирачкото претседателство на Босна, и се побуни против владата во Сараево кога босанскиот претседател Алија Изетбеговиќ не му го предаде местото, како што беше во планот.

[9] Додека и други луѓе тврдеа дека преживеале масовни егзекуции или дека виделе голем број тела, тројцата преживеани од Грбавќи изгледа се првите вистински преживеани од масовна егзекуција. Набргу следеа и други. Никој не успеа да го лоцира босанскиот новинар, кој прв ја објави приказната, а кој претходно работел за Радио Зворник - програма што најверојатно ја воделе муслиманите избркани од Зворник од страна на Србите во 1993 година. Александра Сиглмаер од Тајм е првата западна новинарка што разговарала со Смаил Хоџиќ. Хурем Сулиќ не можеше да се сети кој е првиот новинар со кого разговарал.

[10] Американски официјални лица сметаа дека масовните воздушни напади би можеле да ги сопрат Србите во Горажде, но беше премногу доцна за да се спаси Жепа.

[11] Roy Gutman, “Dutch Reveal Horrors of Mission Impossible”, New York Newsday, July 24, 1995, p. A7.

[12] Поручник Винсент Егберс и војникот Марк Клавер рекоа дека изјавата за Кареманс ја напишал холандски офицер од Министерството за одбрана. Кареманс одби да даде интервју.

[13] Интервјуа со мајор Роберт Франкен и претставникот на ОН, кои го добија списокот, јануари 1997 година.

[14] Српски војник, интервјуиран од авторот во областа на Нова Касаба на 12 август, 1995 година, рече: “Само зборуваме со нив и ги убиваме”.

[15] Авторот успеа да си обезбеди копија од документот на ОН.

[16] Интервју со адмирал Лејтон Смит, јануари 1997 година.

[17] Авторот успеа да обезбеди копија од документот на Гелбрејт.

[18] Според официјален претставник на ОН вклучен во преговорите за Жепа, интервјуиран во јуни 1996 година, но кој сакаше да остане анонимен.

[19] John Pomfret, “Serbs Drive Thousands from Zepa Enlave”, The Washington Post, 27 јули, 1995.

[20] Не се знае одговорот на Акаши на барањето на Милошевиќ.

[21] Според оваа приказна, списокот воопшто не бил предаден на ОН од страна на мајор Франкен. Ова не е точно. Мајор Франкен го предаде списокот на ОН во Загреб на 23 јули.

[22] НАТО даде ист ваков ултиматум две години пред тоа, во февруари 1994 година, но непочитувањата поминаа неказнето.

[23] Холбрук изјави дека обвиненијата оти тој ги измислил разузнавачките информации не се точни.

[24] Ме ставија на црн список откако ја посетив гробницата во Нова Касаба, го сменив датумот на српската прес картичката со изминат датум и влегов во српска територија без дозвола.

[25] Доказите што авторот ги пронајде на гробницата беа отстранети.

[26] Mike O’Connor, “7 Dead Bosnians Alive”, The New York Times, 27 мај, 1995, стр. 2

[27] Авторот и уште еден новинар ја истражуваа областа околу Каменица во април 1996 година. Бидејќи локалните Срби беа непријателски расположени кон странски новинари, можеше да се спроведе само ограничено истражување.

ЕПИЛОГ

[28] Во неколку интервјуа во септември 1996 година, Насер Ориќ и еден офицер од Сребреница, кој сакаше да остане анонимен, потврдија дека босанските пилоти одбиле да летаат до Жепа. Еден босански новинар, кому му верувам, имал разговори со пилоти на хелихоптери, кои му потврдиле дека одбиле да летаат во енклавата затоа што сметале дека е многу опасно.

[29] Од интервју со висок офицер во Вториот корпус, со седиште во Тузла, во март 1996 година. Хасан Муратовиќ, министерот за односи од босанската влада, за време на седницата на босанското собрание одржана на 2 август 1996 година, се жалеше дека ОН ги игнорирале предупредувањата за напад, и го обвини Жанвие дека го жртвувал градот. Не спомна дека владата ги повлече главните бранители на градот.

[30] Изјавите на Делиќ се од 2 август, 1996 година, од говорот пред босанското собрание во Зеница.

[31] Ориќ нема покажано копија од наредбата. Вели дека копија од наредбата била прикажана на документарец на Би-би-си. Она што беше прикажано е копија од наредба Насер да замине од енклавата, а не наредба да замине од должност.

[32] Ниту едно официјално лице не пронајде докази за таков договор.

[33] Авторот успеа да го обезбеди интерниот документ на ОН во кој се опишува средбата.

[34] Roger Cohen, “Serbs Free More UN Captives”, The New York Times, 13 јуни, 1995 година.

[35] John Pomfret, “UN Rejects NATO Request to Bomb Serb Airfield After No-Fly Violations”, The Washington Post, 22 јуни, 1995.

[36] Интерен документ на ОН, “Телефонски разговор, генерал Смит / генерал Младиќ: 28 мај 95”.

[37] Генерал Рејмонд Германос, шеф на Францускиот воен кабинет, во едно интервју во јули 1996 година, изјави дека за падот на Сребреница не треба да се обвинува Жанвие; проблемот, според него, бил што Холанѓаните не се бореле и не ги бранеле позициите. Тој, исто така, изјави дека тие биле дрогирани, очигледна алузија на легалноста на марихуаната во Холандија.

[38] Направив интервјуа со неколку членови на разузнавачките единици на ОН во Загреб и во Сараево. Полковник Харм де Јонг, холандскиот офицер кој беше шеф на операциите на ОН во Загреб, рече дека не знаел за извештаите се додека не се вратил во Холандија по падот на Сребреница. Во одделни интервјуа, други двајца офицери на ОН кои служеа во Загреб потврдија дека информациите никогаш не биле добиени.

[39] Bruce W. Nelan, “Seeds of Evil”, Time, 29 јули, 1996, стр. 56-58; и Stacy Sullivan, “To His Hometown, Serb Karadzic Is a Hero Who Made Good”, The Washington Post, 21 август, 1996.